БИТ ФЕСТ, со уште еден посебен настан, посветен на чалгијата, потврдува дека, визуелниот идентитет на фестивалот соодветствува со културата, историјата и музичкото богатство на градот.
Долгогодишната чалгиска традиција, која во Битола зазема истакнато место уште од крајот на минатиот век, оваа година добива своја посветена манифестација.
Оригиналните песни, инструменти и препознатливиот звук, кои за Битола и битолските боеми значеле многу и денес оставаат силен печат во секојдневието на градот. Оваа година чалгијата на посебен начин ќе ја заживее Битола, а посебно Старата битолска чаршија.
Во организација на Културно-информативниот центар (КИЦ), а во рамките на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ, од 14 до 16 август ќе се одржат „Битолски Чалгиски Денови“ – првиот фестивал во градот посветен само на оваа специфична музичка форма.
Чалгиската музика во Битола потекнува од богатата градска музичка традиција, којашто со векови комуницирала со големите светски музички центри.
Влијанијата од Истанбул, Солун, Дамаск, како и од Виена и Париз, го обликувале она што денес го знаеме како чалгиски звук. Слично на модата од тоа време и музиката се делела на „Ала Турка“ и „Ала Франга“.
За Битола и битолските боеми, оваа музика со нејзините оригинални песни и инструменти значела премногу, што е потврдено и од бројните преданија и легендарни музички имиња кои оставиле неизбришлив траг во културното наследство на градот.
Овогодишното прво издание на фестивалот „Битолски Чалгиски Денови“ го претставува идејниот концепт кој означува патување низ времето, инспирирано токму од боемскиот живот и музичката традиција кои со децении претставуваат препознатлив дел од идентитетот на Битола.
Целта на овој настан, кој е во организација на Културно-информативниот центар е да се оживее автентичната атмосфера и духот на Старата чаршија.
Реконструкција на некогашниот амбиент
Во текот на фестивалот, Старата битолска чаршија ќе се претвори во вистинска, жива сцена на старото битолско боемство. Вечерната програма ќе биде резервирана за концертни настапи на главната сцена, додека во текот на денот, во чаршијата ќе се движат седум пајтони со мали чалгиски состави. Десетина чалгиски оркестри ќе настапуваат на повеќе локации, исполнувајќи го просторот со автентични звуци.
Свеченото отворање ќе биде означено со впечатливо дефиле што ќе тргне од Офицерскиот дом (КИЦ) и ќе се движи кон чаршијата. Во дефилето ќе учествуваат седум пајтони со музичари и околу сто статисти облечени во староградски носии, создавајќи впечатлива реконструкција на некогашниот градски амбиент. Како дел од фестивалската понуда, во централниот дел на чаршијата, кај Монмартарот, ќе биде поставен угостителски простор со неколку традиционални кафеани.
Промоција на новиот албум „Песни од Офицерски“
Музичкиот врв на фестивалот се очекува да биде на 15 август, кога публиката ќе има можност да го проследи концертот на Оливер Јосифовски и неговите пријатели. На овој настан ќе биде официјално промовиран новиот албум „Песни од Офицерски“, дело кое директно ја продолжува оваа музичка традиција. Претходниот ден, на 14 август, на главната сцена ќе настапи Битолскиот чалгиски оркестар.
Завршницата на фестивалот ќе се одржи на 16 август, кога во утринските часови, на Тумбе Кафе, ќе се одржи последниот концерт „На кафе со чалгиите“, со што ќе биде заокружено ова уникатно културно искуство.
Првиот фестивал „Битолски Чалгиски Денови“ претставува значајна можност за вреднување и промоција на ова музичко богатство, со директна организација на Културно-информативниот центар, укажувајќи на посветеноста на локалните институции кон зачувувањето и промоцијата на културното наследство во рамките на Битолско културно лето.
























