По кратка пауза, љубителите на велосипедизмот повторно излегуваат на улиците на Прилеп. Иницијативата „ПрилепНаТочак“ денеска, 29 јули, организира ново издание на „Критична маса“, со кое испраќа јасна порака дека велосипедот заслужува свое место во градскиот сообраќај.
Собирот е закажан за 19:00 часот на плоштадот „Александрија“, од каде учесниците заеднички ќе возат низ прилепските улици, промовирајќи го велосипедот како здрав, еколошки и практичен начин на превоз.
Од иницијативата посочуваат дека секојдневно сме сведоци на сообраќаен метеж, загадување, зафатени тротоари и блокирани улици, поради што е потребно поголемо внимание кон алтернативните начини на движење и создавање подобри услови за велосипедистите.
Преку ова заедничко возење, организаторите сакаат да потсетат дека Прилеп може да биде град со помалку автомобили, почист воздух и побезбедни улици за сите учесници во сообраќајот.
„Критична маса“ е отворена за сите граѓани кои сакаат да бидат дел од позитивната иницијатива и да испратат порака дека велосипедот не е само рекреација, туку и секојдневно превозно средство кое заслужува соодветна инфраструктура и поголема почит во сообраќајот.
Сите што имаат велосипед се поканети да се приклучат и заедно да покажат дека „Време е за точак!“
























