Изложба посветена на руското културно наследство во библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп

ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, во соработка со Амбасадата на Руската Федерација и Македонско-руското друштво од Прилеп, во петок, 31 јули, со почеток во 12:00 часот, ќе организира културен настан посветен на богатото руско културно и книжевно наследство.

Пред прилепската публика ќе бидат претставени две изложбени поставки, преку кои посетителите ќе имаат можност да се запознаат со значајни личности, институции и дела што оставиле траен белег во руската култура.

Првата изложба, насловена „Истакнати културни дејци и достигнувања на Русија“, преку фотографии го претставува богатото културно наследство на Русија. Посебно место во поставката зазема државниот академски „Бољшој театар“, еден од најпознатите симболи на руската култура и светски реномиран центар на оперската и балетската уметност, кој годинава одбележува 250 години постоење.

Во изложбата се вклучени и фотографии посветени на истакнатите руски научници и просветители Михаил Ломоносов и Владимир Даљ, чие творештво и придонес оставиле силен печат врз развојот на рускиот јазик, образованието и науката.

Посетителите ќе можат да се запознаат и со делото на Александар Афанасјев, еден од најзначајните собирачи на рускиот фолклор, благодарение на кого се зачувани бројни примери од руското народно творештво.

Втората изложбена поставка е посветена на руската книжевност и содржи дела од руски автори кои се дел од книжниот фонд на библиотеката „Борка Талески“. Во неа ќе бидат изложени и книгите што минатата година беа донирани од Амбасадата на Руската Федерација.

Од библиотеката посочуваат дека со организирањето на овој настан се продолжува долгогодишната успешна соработка со Амбасадата на Руската Федерација, со цел промоција на културата, литературата и меѓународната културна размена.

Настанот е отворен за сите љубители на културата, книжевноста и историјата кои сакаат поблиску да се запознаат со дел од богатото руско културно наследство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.