Со свечена церемонија, силни пораки за значењето на уметноста и емотивно потсетување на шестдецениската традиција, синоќа во Прилеп беше отворен јубилејниот 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Во преполното гледалиште на Центарот за култура „Марко Цепенков“, а во директен пренос на МТВ1, публиката беше сведок на достоинствена вечер посветена на паметењето, културното наследство и улогата на театарот во современото општество.
Во рамки на отворањето беше прикажан и документарен филм посветен на шест децении од постоењето на фестивалот, во кој бројни театарски уметници и културни работници говореа за неговото значење и за трајниот белег што го оставил во македонската култура.
Покровителката на фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во своето обраќање истакна дека Прилеп низ годините бил дом на бројни истакнати актери, режисери, драматурзи и сценски творци, чии дела продолжуваат да живеат и по спуштањето на завесата.
„Од античката аристотеловска катарза со која се соочува човештвото денеска, преку шекспировото драмско огледало, до чернодринскиот фестивал, театарот останува ретко место каде што човекот доброволно, вклучувајќи ме и мене, се соочува со вистината. Во трагедијата ја чувствуваме тежината на изборот, во комедијата се чудиме и се смееме на сопствените слабости, во драмата ги препознаваме човечките премрежиња, а во гротеската се соочуваме со нашите парадокси“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека фестивалот „Војдан Чернодрински“ претставува симбол на творечка енергија, уметничка храброст и постојана потрага по нови сценски дострели.
„Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може“, порача претседателката.
По нејзиното обраќање, Сиљановска-Давкова официјално го прогласи за отворен јубилејниот 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој и оваа година ќе го претвори Прилеп во центар на македонската театарска уметност, собирајќи ги најдобрите претстави, актери и театарски творци од земјава.
Во наредните денови љубителите на театарот ќе имаат можност да проследат богата фестивалска програма, која ќе понуди врвни сценски остварувања и ќе го потврди значењето на фестивалот како една од најважните културни манифестации во Македонија.
























