Ротаракт клубот од Прилеп денес реализираше значајна хуманитарна донација, предавајќи електромагнетен стимулатор на Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Прилеп. Станува збор за современ апарат кој ќе се користи во третманите на штитениците, со цел подобрување на мускулната стимулација, физичкиот развој и нивното секојдневно функционирање.
Претседателот на Ротаракт клуб Прилеп, Емил Батаклиев, истакна дека донацијата е обезбедена со средствата собрани од хуманитарната манифестација „Трка со срце“, која се одржа на 14 јуни.
„На 14.06. организиравме хуманитарен маратон наречен „Трка со срце“ и средствата кои беа собрани од самиот маратон беа наменети за купување електромагнетен стимулатор од неколку илјади евра за Дневниот центар во Прилеп. Може да кажеме дека сме многу задоволни, успешно ја завршивме мисијата и еве денес дојдовме да го предадеме. Стручните лица ќе одржат обука и ќе почнат да го користат. „Медио стим“ е електромагнетен стимулатор кој се користи за стимулирање на мускулите кај децата со посебни потреби, за да можат подобро да функционираат и да се развиваат“, рече Батаклиев.

























