Прилепчанецот Димитар Иваноски најдобар на меѓународниот фестивал „Tryavna Music Cup“ во Бугарија (ВИДЕО)

Уште еден голем меѓународен успех за младиот талент од Прилеп, Димитар Иваноски, кој со својот извонреден настап го освои првото место на Интернационалниот фестивал „Tryavna Music Cup“, што се одржа во бугарскиот град Трјавна.

Во силна конкуренција од над 400 натпреварувачи од целиот регион, Иваноски беше прогласен за најдобар во својата категорија, освојувајќи ја првата награда и достојно претставувајќи ги Македонија и Прилеп. Покрај признанието, тој доби и големи пофалби од директорот и жирито на фестивалот.

Димитар веќе шест години активно се занимава со пеење, а исто толку време посетува часови по соло пеење кај Денис Димоски, член на Македонската опера и балет и учесник на Детската Евровизија.

Во својата досегашна кариера има настапувано на повеќе од десетина меѓународни натпревари, зад себе има две авторски песни, како и освоени три први места, покрај бројните втори и трети награди на фестивали и натпревари.

На 29 мај беше единствениот претставник од Македонија на педесеттиот јубилеен фестивал за детски песни „Мајска песма“ во Ниш, еден од најстарите детски фестивали на овие простори. Таму настапи во живо со својата најнова авторска песна „Нов почеток“, придружуван од камерен оркестар составен од 30 членови и детски хор од 50 членови, освојувајќи ги симпатиите на публиката, жирито и организаторите.

Иваноски бележи успеси и на домашната сцена. На последниот државен натпревар по пеење, како претставник на своето училиште „Блаже Конески“, го освои првото место.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.