Нов историски чекор за прилепското здравство: Со донација од Витаминка, за прв пат изведена современа лапароскопска операција на ингвинална хернија во прилепската болница (ФОТО)

Општата болница со проширена дејност – Прилеп испиша нова страница во развојот на современата хирургија. За првпат во установата успешно беше изведена лапароскопска операција на ингвинална хернија со TAPP техника – современа минимално инвазивна метода која на пациентите им овозможува значително помала постоперативна болка, пократок болнички престој и многу побрзо закрепнување.

Со воведувањето на оваа хируршка метода, пациентите од Прилеп и целиот регион повеќе нема да имаат потреба да се упатуваат во други медицински центри за ваков вид интервенција, туку ќе можат да добијат современ третман во својата матична болница.

Иницијативата за воведување на TAPP техниката ја покрена д-р Златко Јаков, кој ја воспостави соработката со „Витаминка“ – Прилеп и го предводеше процесот на имплементација на методата во Хируршкото одделение. Успешната операција беше реализирана благодарение на заедничкиот ангажман на целиот оперативен тим – хирурзи, анестезиолози, операциони сестри и останатиот медицински персонал.

Современите лапароскопски инструменти беа обезбедени преку донација од „Витаминка“ – Прилеп, додека директорот на болницата, д-р Кире Јоноски, обезбеди потрошен материјал и ги создаде неопходните услови техниката веднаш да стане достапна за пациентите.

Оваа прва успешно реализирана интервенција претставува значаен исчекор за прилепското здравство и потврда дека Општата болница со проширена дејност – Прилеп продолжува да ги следи современите светски медицински практики, овозможувајќи поквалитетна, побезбедна и подостапна здравствена заштита за граѓаните.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.