Концерт на „Културно Уметнички Работници“ во Прилеп

Иницијативата за независна култура „500 денари рекет“ ќе се претстави со уште еден настан пред прилепската публика, овој пат концерт на скопската група „Културно Уметнички Работници“.

Концертот ќе се одржи на 09 мај 2026г. во просториите на Урбаната заедница „Варошко маало“ (Општествениот дом „Спиро Забрчанец“) со почеток во 21.00ч.

Сите заинтересирани кои сакаат да го проследат концертот, влезници ќе можат да си купат непосредно пред почетокот на концертот (на врата) по цена од 250 денари.

Повелете на концерт и поддржете ја независната културна сцена со вашето присуство.

ПС. Листата на иницијатори „500 денари рекет“ е отворена за сите граѓани на Република Македонија и секој од вас може да биде дел од неа… задоволството нема цена.

Групата „Културно Уметнички Работници“ постои од март 1999 година. Формирањето на овој состав е резултат на големото дружење во Кафе барот „Браво“ помеѓу членовите на групите „Тотално Опуштање“, „No Name Nation“, „Бомбашки Процес“, „Жолтица на Бродот Баунти“ и „Рок Агресори“. Имено членовите на овие групи преку алкохолна интеракција решија да се состават во една дива орда и со здружени сили да се борат за ширење на рок културата.

Групата има одржано голем број на самостојни концерти и има свирено на сите позначајни фестивали во Македонија и регионот. Меѓу најзначајните настапи се вбројуваат оние на Exit Festivalot, Alarma Punk Jazz фестивалот во Софија, Гитаријадата во Зајечар, Pivo Lend Фестивалот во Скопје, фестивалот Таксират итн. До сега „Работниците“ бината ја делеле со бендови како: Kud Idijoti, Let 3, Rambo Amadeus, Zabranjeno Pusenje, Elektricni Orgazam, Darko Rundek… итн.

Културно Уметнички Работници:
Мирослав Тодоровски – вокал
Трајче Митрески – вокал, гитара
Марјан Китановски – вокал, гитара, усна хармоника
Божо Вучиниќ – вокал, гитара
Владимир Стојчевски – бас гитара
Данко Хаџи Илиев – тапани

Ве очекуваме на 09-ти Мај да го одбележиме Денот на победата над фашизмот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.