Каравилоски: Врбјанска Чука – сведоштво за животот во Пелагонија пред 8.000 години (ФОТО)

Археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, едно од најзначајните неолитски наоѓалишта во Пелагонија, и годинава е предмет на археолошки истражувања, кои се одвиваат под раководство на д-р Гоце Наумов.

Локалитетот денес го посети градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, кој во разговор со археолошкиот тим се запозна со тековните истражувања, како и со досегашните научни сознанија за ова исклучително вредно археолошко наоѓалиште.

Истражувањата ги спроведува македонски и меѓународен мултидисциплинарен тим, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп. Благодарение на долгогодишната стручна и посветена работа, сознанијата за Врбјанска Чука се објавени во бројни научни трудови и презентирани на меѓународни конференции, со што локалитетот добива сè поголема афирмација и надвор од границите на нашата држава.

Врбјанска Чука сведочи за животот на првите земјоделски заедници на Балканот. Пред околу 8.000 години, на ова место постоела организирана неолитска населба чии жители се занимавале со земјоделство, сточарство, лов, риболов и различни занаети.

Досегашните археолошки истражувања откриваат остатоци од куќи, печки, огништа, амбари и платформи за обработка на житото, но и бројни керамички садови, фигурини, жртвеници и алатки. Пронајдените материјали овозможуваат подобро разбирање на секојдневието, исхраната и начинот на организација на заедниците кои ја населувале Пелагонија во далечното минато.

Градоначалникот Каравилоски упати благодарност до археолозите за нивната долгогодишна работа на истражување, документирање и зачувување на ова непроценливо културно наследство.

Од Општина Кривогаштани посочуваат дека и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат активностите поврзани со истражувањето, заштитата и промоцијата на Врбјанска Чука, со цел значењето на локалитетот да биде уште повеќе препознаено и тој да добие заслужено место во културната, образовната и туристичката понуда на општината.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.