Има институции кои одлично си ја вршат работата: Прилепската болница за една година го преполови долгот и инвестираше околу 150 милиони денари во модернизација

Долгот е намален од над 200 на околу 97 милиони денари, реализирани се инвестиции во вредност од околу 150 милиони денари, вработени се 124 лица, а установата доби позитивен ревизорски извештај.

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп, која претставува најголема јавна здравствена установа во општината и една од најзначајните здравствени институции во Пелагонискиот регион, денес функционира со 713 вработени и обезбедува здравствени услуги за повеќе од 1.000 пациенти дневно. Со капацитет од околу 345 болнички кревети, болницата опслужува повеќе од 150.000 жители од Прилеп и околните општини.

Според извештајот на раководството, по преземањето на управувањето со установата на 8 август 2024 година била затекната исклучително тешка финансиска и организациска состојба. Болницата, како што се наведува, имала главен долг од над 200 милиони денари, блокирана сметка, голем број доспеани обврски и извршни постапки, без значајни инвестиции во медицинска опрема.

Во изминатата година, како што информира раководството, бил спроведен процес на финансиска консолидација преку воведување финансиска дисциплина, рационално управување со јавните средства и контрола на трошоците. Како резултат на тоа, главниот долг бил намален на околу 97 милиони денари, а истовремено биле намалени и расходите за гориво, сервисирање возила, медицински отпад, медицински гасови, авансни плаќања и други оперативни трошоци.

Паралелно со финансиската стабилизација, болницата реализирала инвестиции во медицинска опрема, апарати и модернизација во вредност од околу 110 милиони денари од сопствени средства. Дополнително, преку донации од компании, фондации и други општествено одговорни субјекти биле обезбедени повеќе од 40 милиони денари за нова медицинска опрема и болнички инвентар. Со тоа, вкупната вредност на инвестициите и донациите достигнала околу 150 милиони денари.

По финансиската консолидација, посебен акцент е ставен и на подобрувањето на условите за работа и престој во болницата. Раководството наведува дека со рационално користење на средствата биле набавени клима-уреди за болничките одделенија и службените простории, а истовремено биле подобрени условите за пациентите и медицинскиот персонал. Во извештајот се посочува и дека во анализираниот период болницата и Здравствениот дом континуирано биле снабдувани со греење, за разлика од претходните години кога, како што се наведува, имало прекини во текот на зимските месеци.

Во извештајот се посочува дека установата добила и позитивен ревизорски извештај, што, според раководството, претставува потврда за воспоставено законито, транспарентно и домаќинско работење.

Значителен акцент е ставен и на кадровското зајакнување на болницата. Во изминатиот период редовен работен однос добиле 124 лица, претежно доктори, медицински сестри и болничари, а дополнително биле преземени осум приватни специјализанти и шест доктори специјалисти од други здравствени установи.

Во извештајот се нагласува и дека болницата посветува особено внимание на стручното усовршување на кадарот. За новонабавената медицинска опрема се организираат обуки од овластени лица, додека докторите и медицинските сестри континуирано посетуваат едукативни програми, стручни обуки и специјализации со цел следење на современите медицински стандарди и унапредување на квалитетот на здравствените услуги.

Во делот на здравствените услуги, раководството истакнува дека во текот на изминатиот период бил воведен поголем број нови медицински процедури и лабораториски анализи, а значително бил зголемен и бројот на оперативни зафати. Според нив, токму проширувањето на обемот на работа и воведувањето современи хируршки техники придонеле за повисоки трошоци за лекови и медицински материјали, што, како што се наведува, претставува резултат на зголемената активност, а не на нерационално работење. Истовремено, обезбедени се континуирано греење во болницата и Здравствениот дом, подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал, како и континуирана едукација и стручно усовршување на здравствените работници.

Според раководството, зголемувањето на одредени расходи во текот на 2026 година е резултат на инфлацијата, повисоките цени на производите и услугите, како и проширувањето на здравствените услуги, а не на нерационално работење. Воедно се наведува дека зголемените приходи од партиципација и здравствени услуги се должат на подобрена финансиска контрола и поефикасна наплата на побарувањата.

Од болницата оценуваат дека резултатите постигнати во изминатата година претставуваат основа за понатамошен развој на установата, со фокус на модернизација, финансиска стабилност, подобрување на условите за работа и унапредување на квалитетот на здравствените услуги за пациентите.

Покрај инвестициите и финансиската стабилизација, од болницата потенцираат дека редовно се исплаќаат сите законски надоместоци кон вработените, меѓу кои јубилејни награди, отпремнини, надоместоци за одвоен живот и други права од работен однос. Воедно посочуваат дека, и покрај тоа што годишниот фонд за плати е зголемен за повеќе од 130 милиони денари поради новите вработувања и законските зголемувања на платите, финансиската стабилност на установата е задржана.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.