Модерен трговски центар „Мега шопинг парк” на површина од над 20 илјади квадратни метри е пуштен во употреба денеска во Гевгелија, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов, генералниот директор на трговскиот центар, Сотирис Јанакудакис, како и владини и општински претставници, и претставници од компанијата инвеститор „А ПЛУС 1″.
Новиот трговски центар, според најавите, отвора простор за познати и веќе присутни светски и домашни брендови, како и имиња кои првпат ќе влезат на македонскиот пазар, а инвестицијата се очекува да даде поттик за нови вработувања во Општина Гевгелија.
– За мене е чест и задоволство што сум на отворањето на овој шопинг центар кој што е не само додадена вредност за економијата тука во Гевгелија, туку очекувам да прерасне во едно место кое што ќе го посетуваат сите оние кои што ќе транзитираат низ Македонија бидејќи навистина содржините кои што ги нуди се импресивни, а се уште не е и целосно пуштен во употреба. Од неформалните разговори со сопствениците дознав дека дополнително ќе се отвораат нови продажни места, така што на Коридорот 10 кај нас во Македонија ова ќе претставува едно преубаво место каде што ќе можат сите оние туристи и патници кои транзитираат низ нашата земја, да застанат и одморат, како и да пазаруваат, рече премиерот Мицкоски.
Тој изрази благодарност до градоначалникот Сарамандов за поддршката која во текот на целата инвестиција ја овозможил за инвеститорот, како и до инвеститорот којшто одлучил да вложува во Гевгелија.
– За нас да се биде добар претприемач, да се биде човек којшто развива бизнис во Македонија е повеќе од патриотски чин. Силна држава значи дека и вашиот бизнис повеќе ќе вреди, а колку повеќе вреди вашиот бизнис и колку е тој поголем, толку државата станува посилна. Тоа е една двонасочна улица. Така што на сите страни јас би сакал да ја искористам оваа прилика да им честитам, изјави Мицкоски.



























