“the delicate state of mind..”

„БЕГСТВО“ (2011) – Маринко Шлакески
(извадок)

ВОЈНИКОТ: Што правиме тогаш?
ПОРУЧНИКОТ: Знаеш што правиме.
ВОЈНИКОТ: Не знам. Кажи ми ти.
ПОРУЧНИКОТ: Држиме позиција.

ВОЈНИКОТ: Пак од почеток… Стануваш патетичен со таа твоја приказна за некаква лојалност кон нешто… кон некого, кој не сака ни да праша дали имаш храна, вода… па ни дали имаш чисти гаќи ако сакаш! (шета наоколу) Завршуваш школо, стануваш човек, среќаваш некого… тераш некоја своја среќа… по твое. Таа слика што ти ја покажав… ете тоа беше мојата позиција стари! И она малку среќа што ја барам и на која имам право! А ти ми дробиш тука некаква демагогија во која ни ти самиот не се снаоѓаш баш добро… Доаѓаат ноќе, ме собираат, „не им се чекало да фателе подобра позиција“. Старата се буди, прашува: Што е ова, кај те водат? Да не си направил нешто лошо… Спиј, и велам, нема ништо лошо. Ќе се вратам. Плаче… липа… Што да и кажам… што ќе разбере… А ние овде држиме позиција. Која позиција ја држиме ние? Да ти ја ебам јас тебе таа твоја позиција да ти ја ебам. Две недели гниеме овде како пцовисани кучиња. За каква позиција ми зборуваш ти!

ПОРУЧНИКОТ: Престани да мрчиш. Држиме стратешка позиција. Ова е стратешка позиција и затоа Министерството нè постави.

ВОЈНИКОТ: Министерството. Кое Министерство човеку, која стратешка позиција? Ти уште ли веруваш во тие гомнарии?

ПОРУЧНИКОТ: Еве сега точно ќе ти кажам! (вади од џебот парче хартија, чита) „Се повикува тој и тој задолжително да се јави…“ и најдолу стои: Министерство за подобро општество.. Ете кое Министерство! Мене ми е доверена задача да ја држам оваа точка по секоја цена и јас сум должен да го правам тоа. Тоа се вика посветеност, тоа се вика лојалност, ти надуена празна тикво! Сега разбра?!

ВОЈНИКОТ: (се доближува до него, му се внесува в лице) Надуена празна тиква? Ти мене ме нарекуваш надуена празна тиква? Бидејќи гнијам во оваа дупка заради твојата посветеност и лојалност? Заради тоа ли? Сите сте исти пичка ви материн, сите! Оди лево, не прашувај зошто, оди десно не прашувај зошто! Таква ли лојалност вам ви треба?Министерство за подобро општество… Да ти го ебам јас тебе таквото Министерство… А можеби нам ни треба Министерство за нормално општество пред тоа, а? Точно. Нам ни треба Министерство за нормално општество! И од кого тоа се браниме ние? И со кого тоа всушност војуваме ние… (покажува кон другата страна) Со вакви како нив? Кој има таму…кои се тие? А можеби и тие истото се прашуваат! Ќе каже ли некој зошто нè собраа и зошто нè оставија овде? (испукува неколку рафали во тој правец) Ајде пукајте пичка ви материн! Пукајте! Да се пресметаме и да завршиме еднаш со оваа будалаштина!

(се слуша пукање и од спротивната страна, двајцата брзо се засолнуваат зад ровот)..




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.