Joваноски го откажа, Јовчески го враќа проектот на Ристески (ВИДЕО)

Современ кружен тек „Табана“ над коритото од Градската река, пробивање и инфраструктурна реализација на улицата „Победа“, средување на влезот Прилеп – Македонски Брод и поставување фотоволтаци на сите објекти кои се во сопственост на општина Прилеп, а тоа се училиштата, се четирите капатални проекти кои општина Прилеп има намера да ги реализира со издавањето на обврзници во вредност од пет милиони евра. На оваа тема беше организирана и јавна расправа со цел добивање зелено светло и од самите граѓани.

„Со првите три проекти, тоа се чисто инфраструктурни проекти кои го означуваат развојот на Прилеп. Со фотоволтаичните панели – производство на електрична енергија и искористување на обновливите извори на енергија“, – рече Бранко Нешкоски од Секторот за ПУП при ЛС Прилеп.

Обврзницата ќе се издава за период од 7 години, со годишна камата од 4,75 до 5 посто, или од 237 – 240 илјади евра камата на пет милиони задолжување. Првите шест години ќе се плаќала само каматата, а додека во седмата година, со последната рата од каматата ќе се исплател и вкупниот износ на обврзницата.

Првиот од предвидените три проекти, кружниот тек на мостот “Табана”, беше еден од еден од поголемите капитални проекти кој го планираше уште локалната власт предводена од екс градоначалникот Марјан Ристески.

Проектот требаше да придонесе за да се зголеми безбедноста, проточноста и ефикасноста во сообраќајот, а беше откажан од општината и градоначалникот Илија Јованоски.

Ристески во 2017 година истакна дека средствата за овој проект биле обезбедени од Светската банка, а проектот требаше да биде со рок на реализација 2018-2019 година.

Проектот тогаш предвидуваше:

-реконструкција на дел од улицата “11-ти Октомври”, на потегот од кружниот тек Солидност до фурната Плетварец

-кружен тек со проширување на мостот Табана, со цел комплетно да се растерети сообраќајот во овој дел од градот.

-предвидени беа 4 ленти со зелен појас во средината, со ново енергетско ефикасно осветлување, нови тротоарни површини и велосипедски патеки




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.