дома блог страница 994

ДОНИРАЈ НАРОДНА НОСИЈА! Помогнете го КУД “Мирче Ацев” Прилеп

Kултурно уметничкото друштво “Мирче Ацев” од Прилеп, ги повикува сите граѓани кои сакаат, своите народни носии да ги донираат во друштвото.

Донациите можат да се предадат во Домот “Спиро Забрчанец”, секој понеделник, среда, петок и сабота, од 19-21часот.

Помогнете го нашиот прилепски и македонски амбасадор!

Лавров сепак доаѓа во Скопје? Неговата делегација ќе брои 85 членови

Владата на денешната седница преку надополнета одлука, им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година, соопшти МНР.

На денешната Владина седница е донесено дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со која Република Македонија е целосно или 100 отсто усогласена.

Како што наведуваат од МНР, дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции како што е ОБСЕ се предвидени исклучоци за предметните рестрикции.

Руски медиуми пред неколку дена пренесоа дека Русија побарала од Македонија, која претседава со ОБСЕ оваа година, да издаде визи за нејзината делегација за министерскиот состанок од 30 ноември до 1 декември. Русија, според руските медиуми, бара визи за 85 членови на руската делегација за учество на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.

И воздухот што го дишат некои е зијан: Испокршена дел од оградата на новата градинка во Прилеп (ФОТО)

-Новата детска градинка уште недозавршена и за која во моментов се разменуваат бројни меѓусебни отровни стрели за тоа кој што (не)направил за да биде конечно ставена во функција, оти нели, насушно е потребна, станала мета и на ВАНДАЛИ – стои во објавата на новинарката Каролина Дурло, која објави и фотографии од вандалскиот чин.

Имено, непознати несовесни граѓани испокршиле дел од оградата и го исфрлиле во дворот од градинката. Па се поставува прашањето, заслужуваме ли ние воопшто нешто ново и убаво?

Радувај се Македонијо! Имаш светски шампион! Бобан Илиевски по европската освои и светска круна!

Македонскиот кикбоксер, Бобан Илиевски, се закити со златниот медал на Светското првенство (СП) во Португалија, откако во денешното финале во категоријата до 86 килограми го победи Нурбек Уришбоев од Узбекистан со убедливи 3-0.

Ова е голем успех на нашиот најдобар кикибоксер во моментов, како логичен след на настаните по европската титула освоена минатата година.

На ова првенство учествуваат 1429 натпреварувачи од 77 држави.

Вест која ќе ја израдува цела Македонија: 60-годишна жена за прв пат стана мајка! На свет донесе здраво машко дете!

На речиси 60 години, вчера во Клиниката “Д-р Органџиски” се породи пациентка на д-р Стојан Органџиски, по успешно спроведена ин витро процедура!

-Историски ден и за нашиот тим. Здраво машко бебе дојде денес на свет со тежина од 3200 грама, зачнато кај нас, со следена бременост во нашата болница!

Оваа родилка е една од највозрасните пациентки на овие простори, која на речиси 60 – годишна возраст, ја донесе својата прва рожба.

Станува збор за највозрасната жена што успешно има доносено и родено здраво дете на нашиве простори. Силната желба за бебе и нашите професионалци во целиот процес беа идеален спој, за и оваа семејна сторија да успее:

,,Бременоста ја постигнавме во нашата болница, по успешно спроведена ин витро постапка со донирани јајце клетки. Пред ин витро процедурата на пациентката и имам извршено хистероскопска операција со ресекција на септум – преграда во матката. Повеќе години пред лекувањето пациентката немаше менструални циклуси.

Целиот процес на лекување и самата ин витро постапка бараат многу знаење, посветеност и љубов кон самата професија. Целата бременост беше следена во нашата Болница и целокупната бременост протече сосема нормално”, истакнува за овој несекојдневен успех доктор Стојан Органџиски, директор на Болница ,,Д-р Органџиски” и гинеколог што истрајно и со силно знаење ја водеше бременоста на оваа среќна мајка.

Поради тоа што пациентката не живее во Македонија, се породи денес во Софија. Штип за неа значи многу. Во нашата Болница е зачнат ембрионот на нејзиното здраво бебенце, благодарение на професионалната умешност на доктор Стојан Органџиски во спроведувањето на ваквите успешни ин витро процедури.

За успехот и за вложените знаења и енергија, заслужен е и целиот негов тим, на кој му упатува безусловна благодарност, а посебно на д-р Верица Органџиска и на главниот ембриолог во ин витро лабораторијата на Болницата, Емилија Миовска. Среќа е да се подарат среќа и бебешки плач во уште еден дом! Успех е да се оствари најголемата желба на секоја жена – да се биде мајка – велат од клиниката.

Во недела Победа против Ајакс во Прилеп

Во рамките на седмото коло од Втората футсал лига, екипата на Победа го дочекува Ајакс од Штип. Црвено-белите досега забележаа три триумфи, еден нерешен резултат и два порази, а за натпреварот против штипјани најавуваат нов полн плен.

Натпреварот се игра во недела (26.11.) во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, со почеток од 19:30часот.

Да ги бодриме црвено-белите и да се радуваме на нов триумф!

Момироски: Во “Тајфата” прилепска Цакио е аут, го јаде Микио, кој пак е многу нервозен

Во најновата колумна за порталот на “РАДИО ПЕЛА”, новинарот Зоран Момироски меѓудругото се осврна и посетата на премиерот Ковачевски во Прилеп. Интересно беше тоа дека во кадарот отсуствуваше претседателот на ОО СДСМ Прилеп, Зоран Пачешкоски, а за ова Момироски пишува:

-,,ТАЈФАВА“ НЕКАКО МИ БЕШЕ ПУСТА И НЕ КОМПЛЕТНА БЕЗ ЦАКИО. ГО НЕМА ПРВИОТ ЧОВЕК НА ПАРТИЈАТА А ЛИДЕРОТ ДОШОЛ НА ГОСТИ ВО ПРИЛЕП?!? И ТОА НЕ Е ПРОБЛЕМ. ПРОБЛЕМ Е ШТО НЕДОСТИГАШЕ ,,ХАРИЗАМТИЧНОСТА“ НА ДИРЕКТОРОТ НА ТУТУНСКИОТ КОМБИНАТ ЗОРАН ПАЧЕШКОСКИ. ОВОЈ МИЛЕ ОПТОВАРЕН СО ВТОРИОТ ПРАТЕНИЧКИ МАНДАТ ПОКАЖУВА И ДОЗА НА НЕРВОЗА. НЕРВОЗЕН И НЕЗАДОВОЛЕН Е МИКИО И ОД ГЕНЕРАЛНАТА ПРЕДИЗБОРНА СТРАТЕГИЈА ОД ЦАКИО. АМА НЕРВОЗЕН И ОД МОЖНИОТ РЕЗУЛТАТОТ ВО ОПШТИНАВА. СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА КАЈ ЧОВЕКОТ ДЕКА НЕШТО ПОДСВЕСНО ГО ,,ЈАДЕ“. ДАЛИ Е ТОА – ЌЕ БИДЕ МЕЃУ ПРВИТЕ ДЕСЕТ, ВО ЧЕТВРТАТА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА?!? ИЛИ, ИМА УШТЕ НЕШТО, САМО ТОЈ СИ ЗНАЕ. АМА ВО СПОРЕДБА СО НЕГО, ЦАКИО ГЕНИШ ГЕНИШ, ПАК ИМАЛ МНОГУ ПОВАЖНА РАБОТА. БИЛ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ. ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ГОДИНАШНИОВ ОТКУП, РАЗГОВАРАЛЕ СО ТУТУНОПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ И БАРАЛЕ РЕШЕНИЕ. КОЛКУ Е НАЈДЕН ЗАЕДНИЧКИ ЈАЗИК И ПО ОВА КЛУЧНО ПРАШАЊЕ ЌЕ ПОКАЖЕ ПРЕТСТОЈНИОТ ОТКУП НА ТУТУНОТ ИСТО КАКО ШТО ЌЕ ПОКАЖИ ВРЕМЕТО ПРЕД И ПО ИЗБОРИТЕ. ОТИ ГОДИНАВА НЕМА 26 МИЛИОНИ КИЛОГРАМИ ТУКУ САМО 14 МИЛИОНИ КИЛОГРАМИ.

За топол дом и среќни празници – Донација на Mozzart во мал групен дом за деца од ранливи категории

Хуманите акции на компанијата Mozzart не престануваат во текот на целата година, а помошта стигнува секогаш онаму каде е најпотребна.

Во пресрет на зимата и ниските температури, донацијата од лидерот во приредување игри на среќа го реши проблемот со греење во мал групен дом, каде се згрижени деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение.

„Голема благодарност од срце до компанијата Mozzart, што допринесе со оваа донација да се подобрат условите во малиот групен дом кој згрижува деца од ранлива категорија. Со помошта која ја добивме, децата ќе имаат топол дом, а добрите услови за живот на секое дете во светот е од непроценливо значење. Се надеваме дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму “, изјави Виолета Масевска Палиќ, В.Д директор на ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје

Згрижените деца ќе имаат топол дом каде ќе ја поминат зимата и престојните празници.

„ Секоја нова донација, помошта која ја даваме, среќните и задоволни лица кои ги гледаме, за нас е само мотивација плус во иднина да направиме уште многу вакви добри дела. Решавањето на проблемот со греење е од големо значење за установата, како и за децата кои престојуваат во малиот групен дом, а нам ни преставува вистинско задоволство што успеавме да помогнеме” , изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.

Долг е списокот на вакви и слични акции кои до сега ги има реализирано лидерот во приредување игри на среќа. Дел од нив се донациите во дневниот центар за деца со посебни потреби во Крушево, здружението 4U, здружението за помош и поддршка на лица со МС,националната мрежа против насилство на жени и семејно насилство и многу други.

Ќе победи ли конечно во сабота РК Прилеп

Во рамките од 12-то коло во ракометната Супер лига, ракометарите на РК Прилеп утре, со почеток од 18:30ч., во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, го пречекуваат Мулти Есенс, екипа која исто како и Прилеп е на самото дно од табелата.

Во одиграното досега ги дели само еден бод. Прилепчани имаат 2 победи и еден нерешен резултат, а Мулти Есенс само две победи.

И РК Прилеп и гостите од Скопје ќе играат плеј-аут, но за прилепчани победата утре е повеќе од потребна.

Фаворизираната на почетокот од сезоната екипа на тренерот Боби Мојсов и капитенот Филип Велески, најавуваше борба за излез на европска сцена, но веќе е сигурно дека ракометните вљубеници во градот под Марковите Кули, ќе гледаат уште една мачна епизода, за опстанок во највисокиот ранг на натпреварување.

Интервју со еден од словенечките работодавачи кои на 28 ноември доаѓаат во Прилеп

Сакаме странските работници кои одлучуваат да работат во Словенија да бидат добро информирани за нивните права и должности, вели амбасадорот на Словенија во Македонија, Грегор Прескер, во пресрет на настанот „Живот и работа во Словенија“ што ќе се одржи од 27-29 ноември во три града во земјава.

Настанот „Живот и работа во Словенија“ ќе се одржува од 10 до 17 часот во Скопје (27.11.2023), Прилеп (28.11.2023) и во Битола (29.11.2023). На овие настани ќе се претстават истакнати словенечки работодавачи од различни индустрии, пред сè, во областа на здравството, грижата за стари лица, транспортната и преработувачката индустрија.

Во продолжение интервју со г-ѓа Татјана Тушар, која е дел од менаџментот на „Сплошна Болница Јесенице“ (Општа болница Јесенице), Словенија, разговараме за актуелните состојби во јавниот здравствен систем, за потребата од медицински персонал и условите за работа на странци во здравствениот сектор на Словенија.

Госпоѓо Тушар, колку години работите во Општата болница во Јесенице? Како ги оценувате актуелните состојби во словенечкиот здравствен систем?

Вработенa сум во Општата болница Јесенице од 1990 година, главно во одделот за човечки ресурси, а од 2016 година како раководител на секторот за организација и персонал. Во сите овие години имаше периоди на недостаток од одредени кадри, но никогаш до тој степен за да недостатокот од одредена професија доведе до затворени позиции во некои оддели. Во изминатото лето фокусот беше ставен пред сè на вработување на здравствени кадри. Сегашната состојба е сериозна, тешка и бара голем труд, посветеност, доследност и решителност од сите вработени, за да можеме да обезбедиме непречена грижа за пациентите.

Интересот кај медицинските работници во Македонија за работа и живот во Словенија се зголемува во последните години. Што велат вашите информации – Колку на Словенија и е потребен ваков стручен кадар? Дали можеби веќе имате македонски лекари и друг медицински персонал токму кај вас?

Не можеме да коментираме за целата земја, но можеме за нашата болница. Во моментов, за непречено функционирање ни требаат најмалку 20 медицински техничари и 6 дипломирани медицински сестри. Ако сакаме да отвориме одделенија кои сè уште се затворени, ќе ни требаат најмалку 40 дополнителни медицински сестри со средно или дипломирани медицински сестри. Би ни биле потребни и доктори специјалисти, особено од областа на радиологијата, технички работници со завршен V или повисок степен и готвачи со IV степен. или V степен. Тешко е да се зборува за точни бројки, бидејќи персоналот е жива материја и овие бројки се менуваат секојдневно.

Од Македонија, во моментов имаме двајца вработени: еден медицински техничар и еден доктор на специјализација. Ние сме презадоволни од нив и цениме дека и самите со задоволство работат за нас.

Кои се условите за вработување на медицинскиот персонал на пример од Македонија и за нивно вклучување во Словенечкото општество? Дали работата како медицинско лице во Словенија вклучува континуирано професионално усовршување, обука, можности за напредување во кариерата?

 

За самостојно извршување на медицински услуги, лекарите мора: а) да имаат соодветно образование и обука – квалификација; б) да бидат запишани во регистарот на лекари;

в) да имаат лекарска лиценца – дозвола за самостојно вршење на медицински работи од одредена стручна област; г) познавање на словенечки јазик на ниво Ц1 усно и писмено на ниво Б2, според Заедничката европска јазична рамка.

За медицинските сестри со средно или високо образование, потребни се: а) евалуација на образованието во центарот ENIC-NARIC; б) признавање на професионална квалификација;

в) познавање на словенечки јазик на ниво Ц1 за дипломирани медицински сестри и за сестрите со средно, на ниво Б2 според Заедничката европска јазична рамка.

Сите тие мора да добијат дозвола за работа и престој во Словенија. Тие самите треба да договорат некои процедури, а во одредени случаи и ние им помагаме или ги водиме. Администрацијата се поврзува и со околната заедница за што полесно и побрзо да се реши станбеното прашање, да им се помогне за градинка и училиште. Во нашата болница секој вработен може да добие дополнителна едукација во својата област на стручност. Притоа, кофинансираме и образование за стекнување формално образование, образование со работа. Исто така, стипендираме млади луѓе од областа на здравството.

Колкави се платите на медицинскиот персонал во Словенија, во однос на тоа дали се доволни за добар живот?

 

Минималната плата на секој вработен во Словенија е 1.203,36 евра бруто-основа. Во нашата болница оваа плата ја добиваат работниците почетници од V тарифна група и работниците со пониско стручно образование или без образование. Почетниот опсег на плати за дипломираните студенти е различен, за медицинските сестри од 1.746,13 евра до 2.209,43 евра основна бруто-плата (без надоместоци за ноќна/смена работа, дежурства, работа за време на празници, викенди итн.), а лекарите специјалисти имаат опсег од 3.144,70 евра до 5.889,96 евра од основната плата (без надоместоци за ноќна/смена работа, дежурство, работа на празници, викенди итн). Платите во здравството се добри од гледна точка на животните трошоци, а некои и многу добри.

Дали сето ова значи дека заинтересираните македонски медицински лица имаат отворена покана за работа и живот во Словенија?

Да, секако, а од 27 до 29 ноември, понеделник, вторник и среда, сме во Скопје, Прилеп и Битола, каде во рамките на настаните „Живот и работа во Словенија“ ќе ги пречекаме сите што ќе дојдат на нашиот штанд. Ќе им ги дадеме сите информации за вработување во нашата Општа болница Јесенице, каде сме и кои сме. Можам да напоменам дека веќе сме во процедури за ангажирање на заинтересираните лица кои ги запознавме пред еден месец, на  настаните за вработување во Босна и Херцеговина.