дома блог страница 980

Tрагедија! 18-годишно девојче од Прилеп загина во сообраќајка кај с.Долнени – други двајца врсници завршија со повреди

На 28.08.2023 во 21.58 часот во СВР Битола било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод – Прилеп, на место викано „Циглана“ во с.Долнени, прилепско, патничко моторно возило „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од В.М.(18) од с.Пешталево, излетало од патот.

Од здобиените повреди на местото починала сопатничката М.С.(18) од Прилеп, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.

Со тешки телесни повреди се здобиле возачот В.М. и другата сопатничка Б.С.(18) од Прилеп, констатирани во болницата во Прилеп.

Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Прилеп.

Прекрасна слика од вчерашната празнична света литургија и причесна во храмот Параклис во Прилеп (Фото галерија)

Православите христијани вчера го празнуваа најголемиот празник посветен на Мајката Божја – Успение на Пресвета Богородица.

Верниците во Прилеп традиционално за овој ден ги исполнија до последно место четирите црковни храмови, каде присуствуваа на света литургија, а оние кои ги завршија постите примија света причесна.

Во продолжение една убава празнична слика од храмот Св. Кирил и Методиј – Параклис:

“Мајмуни” со реакција до управата на Победа: До кога нема да пуштате гостински навивачи на стадион?

Прилепска Победа релативно добро ја започна новата сезона во Втората фудбалска лига. Во првите три натпревари црвено-белите забележаа еден триумф, еден пораз, и еден нерешен резултат.

По трите бода во првото коло и високиот триумф над Тетекс со 5:1, победашите загубија на гостувањето кај Башкими со 2:1, а изминатиот викенд ремизираа 0:0 со Охрид на домашен терен.

Но, она што беше забележително е отсуството на гостински навивачи, и на натпреварот со Тетекс, и на последниот дуел со Охрид. На ова со реакција до управата се јавија од навивачката група “Мајмуни”, кои на ФБ напишаа:

“Едно јасно и гласно прашање… до кога место за навивачите нема да има?! После гостинската навивачка група од Тетово, сега беше вратена и групата од Охрид. Жално и тажно што се случува ова во оваа држава не знаеме зошто се случува ова, но сигурно е по наредба. Ние како група мислењето не го сменуваме, по било која цена, секој оној кој сака да гостува во Прилеп, вака или онака ќе биде сместен во делот за гости”, напишаа oд навивачката група.

10-годишно нашинче од Германија е најголем македонски промотор: Нејзините видеа за македонските убавини ги фасцинираат Германците (ВИДЕО)

Анастасија е родена во Скопје и на своја 3-годишна возраст таа со нејзините родители се преселиле и живеат во Хабург, Германија.

Девојчето е вистински промотор на Македонија и досега има повеќе видеа на својот јутјуб канал Mit Anastasija, a последното е посветено на винскиот музеј во Кавадарци.

Видеото е со превод и на германски јазик, па така голем број Германци ќе дознаат и ќе се запознаат со убавините на
Македонија.

Анастасија има 10 години и нејзината идеја е да промовира се’ што е македонско – традицијата, културата и сите природни убавини. Целта и’ е да ја претстави Македонија во најдобро можно светло за да можат што повеќе туристи од Германија и останатите европски земји да ја посетат.

Проследете го видеото во продолжение и запознајте се со оваа прекрасна знаменитост:

27-годишен прилепчанец нападнат пред Градската болница

На 27.08.2023 околу 17.15 часот во Полициска станица Прилеп е пријавено дека пред Градската болница Прилеп М.М.(27) од Прилеп бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од ОВР Прилеп.

Во четврток донесете ги децата во црква – Прилепските црковни храмови ќе служат молебен за благослов на новата школска година

Прилепските црковни храмови ги повикуваат учениците и нивните родители во четврток (31.08) од 7.30 до 8.00 часот, да присуствуваат на молебен канон за благослов на новата училишна година.

-Нашиот Спасител Христос рече: Оставете ги децата да доаѓаат при Мене. Нека Господ им го отвори умот за наука и воспитанание, зашто тие се иднината на нашите семејства, нашиот народ македонски и на целиот свет – стои во поканата од храмот Св. Благовештение.

Во храмот Св. Кирил и Методиј (Параклис) молебен ќе се отслужи од 07:00 ДО 08:00 ЧАСОТ.

Денес одлука за новите цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика денеска ќе донесе одлука за новите цени на горивата кои ќе стапат на сила од полноќ.

Согласно последната одлука на РКЕ, цената на дизелот се намали за еден денар. За еден денар поскапе бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, додека цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголеми за 1,5 денари,

Ова се актуелните цени на горивата:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 90,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 80,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 80,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 46,025 (денари/килограм)

Четата на Велески со лекција за битолчани – Еурофарм два на колена во натпреварот за трето место

РК Прилеп го освои третото место на Осмиот по ред меѓународен меморијален турнир “Миле Нешкоски”, кој изминатите 4 дена се одржуваше во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”.

Прилепчани до бронзата стигнаа преку триумф над втората екипа на Еурофарм Пелистер со 29:24 (15:14 на полувремето), а еден од најзаслужните поединци на теренот беше капитенот на РК Прилеп, искусниот Филип Велески.

Турнирот заврши со финалниот натпревар помеѓу српскиот клуб Дубочица и Мулти Есенс, натпревар кој гостите од соседна Србија го добија со убедливи 30:21.

Едно е сигурно. Овој турнир прераснува во една убава традиција кој заслужува уште поголема афирмација и поддршка, како од надлежните, така и од бизнис секторот.

Приведени уште двајца полициски службеници кои пукале со огнено оружје на семејната веселба во прилепско Дебреште – МВР објави и фотографија од оружјето

Полицијата приведе уште двајца полицајци и двајца војници за пукањето на свадба во Дебреште.

Надворешната канцеларија за криминалистички истраги при ОВР Прилеп ја прошири истрагата во врска со кривичното дело „предизвикување општа опасност” на семејна веселба во селото Дебреште.

Идентификувани се повеќе лица кои пукале со оружје на веселбата и за сите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Двајца од нив се полициски службеници: Н.И.(28) и Е.И.( 28) од ОВР Прилеп, а двајца се професионални војници Б.Х.(26) и И.Р.(23), додека останатите се жители од с.Дебреште и с.Саждево, крушевско.

Извршени се седум претреси, при што е одземено разновидно оружје кое е употребено за извршување на кривичното дело.

Во врска со овој настан вчера е приведен и командирот на ПО Ропотово Е.Р. и на истиот од страна на судија на претходна постапка одреден му е куќен притвор во траење од осум дена. За Е.Р., и за полициските службеници Н.И.(28) и Е.И.( 28) постапува Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, и ќе поведе дисциплинска постапка и поднесе соодветен поднесок до ОЈО.

Маркукуле ексклузивно дознава: Одреден притвор за началникот на ПО Ропотово кој пукал со калашников во Дебреште

По објавата на социјалните мрежи на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, дека началникот на ПО Ропотово со калашников пукал во прилепско Дебреште, МВР го лиши од слобода во тњкот на вчерашниот ден.

-Денеска (27.08.2023) од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп е лишен од слобода и задржан во ПС ОН Прилеп Е.Р. (30) од с.Дебреште, командир на ПО Ропотово, поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ односно поради основи на сомнение дека на 19.08.2023 на свадба кај негови роднини во семејна куќа во с.Дебреште пукал од огнено оружје.

ОВР Прилеп презема мерки за расчистување на случајот во координација со ОЈО Прилеп и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и по целосно расчистување на случајот, до ОЈО Прилеп ќе биде поднесен соодветен поднесок – стои во соопштението на МВР.

Маркукуле од свои извори дознава дека началникот бил изведен пред судија и по барање на јавен обвинител му е одреден притвор во траење од 8 дена.