дома блог страница 966

Јанчев на ФБ: “Господ е на страната на правдата, ова е победа за нас против ФФМ и корумпираните судии” (ВИДЕО)

Драматичен натпревар вчера одиграа Тиквеш и Гостивар во Кавадарци, во најелитното фудбалско друштво кај нас, ако воопшто може да се нарече “елитно”…

Главниот судија на овој натпревар при водство на Гостивар од 0:1, најпрво досуди непостоечки пенал, кој гостите го искористија и стигнаа до убедливи 0:2 во тој период од натпреварот. Во тој момент на теренот влезе и градоначалникот на општината Митко Јанчев, кој беше видно револтиран од ваквите судиски одлуки.

Но, и покрај ваквиот однос на судиите, кои патем му исклучија двајца играчи на Тиквеш, кавадарчани успеаја да израмнат на 2-2 и да освојат бод.

После натпреварот на социјалните мрежи се јави и градоначалникот Јанчев, кој споделувајќи видео од спорниот пенал, напиша:

-После целиот “циркус” на фудбалскиот терен, сепак Господ е на страната на правдата. Иако имаше 2 исклучени играчи, ГФК Тиквеш 1930 го израмни резулатот на 2-2. Со ваквото однесување на ФФМ, кое е срамно и жално за македонскиот фудбал, се оди само во стечај. Иако резулатот е нерешен, ова за нас е победа против ФФМ и корумпираните судии. Напред момци!

Драма на концертот на Калиопи во Белград: Починала жена, настапот веднаш прекинат!

Калиопи мораше да го прекине концертот кој требаше да се одржи во салата МТС во Белград.

Како што пишува српски „Курир“, на непознатата жена на возраст од околу 70 години ненадејно и се слошило, а присутните сведочат дека морале веднаш да го напуштат просторот.

Српските медиуми известуваат дека жената починала, а итната помош не можела да помогне дури ни со реанимација.

Според српските медиуми, брзата помош не можела да ја спаси и реанимира жената која изгубила свест, па починала во преполната сала. Калиопи била уплакана и цело време и била покрај ќерката на починатата жена. Според медиумите, жената со својата ќерка и пријателка допатувале од Македонија во Србија за да бидат дел од концертот на македонската дива.

Македонска гордост: ФИА му ја додели европската титула на Иџе

Светската автомобилистичка федерација ги додели наградите за најуспешните возачи во своите категории во ридско-брзински патеки, а сосема очекувано, главен фокус за македонската јавност беше признанието за Игор Стефановски.

Иџе се врати на трките кои му донесоа светска слава и на кои се прослави како двократен европски шампион, па после неколкугодишна пауза, повторно се закити со истиот примат.

Македонскиот автомобилист ја освои европската титула со своето Хјудани во „Групата 3“ во ридско-брзинските патеки, а тоа му донесе посебна важност на церемонијата која ја одржа ФИА.

Наградите се доделија во португалскиот град Брага, а оттаму пристигна и фотографијата на популарниот Иџе со новата европска титула.

Стефановски оствари седум победи на десетте трки кои се возеа во европскиот шампионат изминатата сезона, што доволно говори каква доминантна претстава гледавме од најдобриот македонски возач.

Фатен измамник од Кривогаштани – се барал да лежи и казна затвор и притвор

Денеска (04.11.2023) во 16.30 часот на ул.”Охридска” во Битола, Оперативен тим Потраги го лиши од слобода Д.Р.(65) од Кривогаштани. Тој се барал по 2 централни потерници врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје, за издржување мерка притвор во врска со кривични дела по чл.394 и чл.279 од Кривичниот законик, како и согласно наредба од Основен кривичен суд Прилеп, каде бил осуден на казна затвор во времетраење од 2 години, во врска со чл.252 од Кривичниот законик.

Лицето е предадено во СВР Битола за понатамошна постапка, по што ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа.

Јовчески: Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе помогне во остварување на многу проекти за подобрување на животот на прилепчани

„Денеска имавме можност како што најави претседателот на Советот на Општина да посетиме повеќе места каде што навистина досега и догледно ќе бидат сработени и изведени нашите проекти кои што ги имавме за време на изборите, но и со годишната развојна програма ветено. Се она што остана несработено од претходната власт ние во интерес на граѓаните сакам да направиме многу, многу повеќе и многу подобро“, истакна градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески на денешната средба со граѓани во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Јовчески додаде дека ќе бидат асфалтирани повеќе од 60 улици, односно 80.000 квадратни метри. Тоа на Прилеп е неминовно потребно за сигурен и безбеден сообраќај.

„Воено можеме да се пофалиме дека нашите проекти што до Нова година треба да бидат и започнати, што со гордост ќе се гордееме, што за првпат го објавувам е спортска сала во основното училиште „Блаже Конески“, најави градоначалникот на Прилеп.

Тој посочи дека во најскоро време ќе има и катна гаража.

„Во иднина ќе продолжиме и да субвенционираме и да помагаме. Ќе креираме и други проекти во интерес за подобро живеење на граѓаните“, рече Јовчески.

Тој нагласи дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе помогне во остварување на многу проекти за подобрување на животот на прилепчани.

Мицкоски: “Инвестициите во образовниот процес во Прилеп продолжуваат”

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес беше во посета на Прилеп. Како дел од агендата Мицкоски го посети и ООУ “Климент Охридски”:

– Само изминатите 2 години во сите основни и средни училишта во Прилеп, локалната самоуправа предводена од градоначалникот Борче има инвестирано над 50 милиони денари за реконструкција на образовните институции.

Основното општинско училиште “Климент Охридски” е едно од најмодерните и најопремените. Новите вложувања во школскиот двор, како и реконструкција во внатрешноста на училиштето уште повеќе ќе го подобрат образовниот процес за сите ученици. Важно е да вложуваме во образованието. Важно е да имаме современи училишта, пишува на фејсбук страната на Мицкоски.

И тоа може да се случи: Се судрија двајца велосипедисти во Прилеп – едниот завршил со тешки телесни повреди

На 03.11.2023 во 15.10 часот било пријавено дека во Прилеп, на крстосницата од ул.„Кораб“ со ул.„Лазар Заменхов“ се случила сообраќајна несреќа меѓу два велосипеда, управувани од С.У.(25) и од Б.С.(49), двајцата од Прилеп.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил С.У., констатирани во Општата болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Прилеп – информираат од ОВР Прилеп.

Мицкоски: 34 милиони евра за 4 години за Прилеп за инфраструктурни проекти

Денеска сме во Прилеп како дел од теренската акција „Важно е, од тебе зависат промените“. Продолжуваме насекаде низ Македонија, заедно сме со потпретседателот Николоски, со градоначалникот, со пратениците, со претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, со советниците, со луѓето, со поддржувачите, со активистите,изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски..

-Денеска во Прилеп ќе разговараме за она што е важно за прилепчани, а што треба да биде дел од идната програма на ВМРО-ДПМНЕ за следните парламентарни избори бидејќи за неколку месеци од денеска почнува и официјалната кампања за следните парламентарни избори. Ние имаме би рекол студиозен и многу темелен пристап, во оваа предкампања, во оваа теренска акција сакаме со граѓаните или групи на граѓани да разговараме и директно од теренот да слушнеме што е она што е за нив важно, а што би требало да биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, кои се очекувањата од идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Па, да видиме, да ги анализираме, да направиме јасна методологија што е тоа што ќе го исполниме, што е тоа што едноставно поради објективни причини не може да се реализира, што е тоа кое што во фази ќе се реализира. Многу сме внимателни и сакаме да влеземе во кампања во која што тоа што ќе биде кажано и ќе биде испорачано. Не сакаме да ветуваме чуда, ние не сме чудотворци, а и чудата не се возможни. Сакаме тоа што ќе го ветиме да биде и реализирано бидејќи во минатото сме свесни дека се давани големи ветувања, се креваат очекувањата, а потоа кога политичарите нема да го испорачаат ветеното следат големи разочарувања. И тоа е лош пример, и затоа сега имаме таков темелен и студиозен пристап.

Можам да кажам дека проектот кој што овде во Прилеп значеше реконструкција и ревилитализација на голем број на улици во општина Прилеп заедно со уште неколку други проекти кои што во минатото сме ги комуницирале полека но сигурно се привршуваат. Навистина тоа кое што беше кажано се реализира, очекувам така да продолжи и во периодот кој што следи иако сум свесен за сите би рекол предизвици со кои што се соочува Општината. Онаа состојба која што беше наследена. А, од друга страна и односот на Владата на СДСМ и ДУИ кон општините каде што имаме градоначалници од редот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Но, тоа е лошата вест.

Добрата вест е дека за неколку месеци од денеска ќе имаме Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Влада која што на целата територија на Македонија во сите општини, без разлика дали градоначалникот е од редот на ВМРО-ДПМНЕ или не е од редот на ВМРО-ДПМНЕ, сакаме насекаде да инвестираме. И минатиот пат кога бев во Прилеп кажав, но сакам и сега да повторам дека повеќе од 250 милиони евра годишно ќе бидат реалоцирани од централниот буџет кон општините. Во Прилеп овде во еден четиригодишен мандат ќе бидат инвестирани до 34 милиони евра помеѓу 8 и 8,5 милиони евра годишно. Што ценам дека е бројка која што навистина ќе допре до секој граѓанин во Прилеп. Ние не можеме сите проблеми да ги решиме, но очекувам, дека со оваа инвестиција во еден четиригодишен мандат на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ голем дел од потребите на прилепчани ќе бидат решени.

Така што уште еднашка сакам да ги поздравам прилепчани и да ги поканам денеска да ни се придружат за време на теренските активности, да слушнеме што е тоа што е за нив важно и истото тоа да биде дел од идната програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, заклучи Мицкоски.

“Педалирање со шампионите” – Утре во Прилеп одличен вело настан! Пријавете се тука!

На 05. Ноември – недела во ВК & Сервис „Илинден“, со поддршка на Маркови Точакџии и ВелоЧе организира несекојдневен велосипедски настан со име „Педалирање со шампионите“.

Настанот е со цел да се заокружи успешната сезона на прилепските велосипедисти кои и оваа година покажаа дека се на врвот со освојување на 2 шампионски титули.

Повикот за учество е до сите заинтересирани професионалци и рекреативци кои сакаат добра дружба, да се приклучат на настанот кој во недела во 11 часот стартува од пред камена бина.

Должина на рута: 55км.

Патека: Камена бина – Прилеп – Кривогаштани – Пашино Руфци (манастир Св. Ѓорѓија, обезбедено освежување и закуска) – Кадино Село – Беровци – Прилеп.

Технички препораки: Ќе се вози во отворен режим на сообраќај, секој вози на сопствена одговорност, препорачливо е да нема групирање на пат (максимум двајца паралелно), да се држи доволно растојание помеѓу учесниците, нема да има возило за сервис.

Пријавување: Бесплатно и пожелно на https://www.facebook.com/events/982411459726304?ref=newsfeed&locale=mk_MK

Фаст сектор: За оние кои сакаат да пробаат како е на брз тренинг, ќе има и брз сектор (детали пред старт)

Хуманитарен карактер: Во соработка со Асоцијацијата за Цистична Фиброза ќе биде поставена „Кутија за донации“, секој во својата рамка на можности, за да му помогнеме во борбата да се набави лекот.

  1. Ве очекуваме во што поголем број !!!

Николоски: Приоритет на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде справување со корупцијата и криминалот

-Не можам да се согласам со една теза што се сака да се протне, а тоа е дека сите сме исти. Не сме сите исти. Нас измените на КЗ не најдоа затечени и не знаевме дека таква работа ќе се случи, а очигледно некои други добро знаеле, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ што се емитува на телевизија 24.

Николоски посочи дека измените на Казнениот закон не ги изненади само СДСМ и ДУИ.

-Почнаа да паѓаат дела или има преквалификација на дела, како на пример случаите со поранешните генерални секретари на Владата, Мухамед Зекири и Драги Рашковски, а има и неказнивост веќе за некои предмети, на пример првиот состав на Владата на Зоран Заев. Има застареност на потенцијални казнени дела и некои застаруваат како она на поранешниот директор на директорот на ЕЛЕМ, Васко Ковачевски кој бараше 250 илјади евра мито за тој случај не може да одговара, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ објасни дека тоа што го стори СДСМ, а и ДУИ да има неказнивост на сторени кривични дела никому не му паднало на памет дека е можно.

-Ни на крај памет не ни падна дека на власта ќе и текне да носи закон што значи неказнивост. Ова не е случајна работа, каде една страна на брза лента ги пуштија измените, а од друга страна ја кочат експертската комисија предводена од експерти која треба да подготви нов казнен законик. И тука е јасно дека им е потребно да остане еден ваков закон определен период во кој ќе важи овој казнен законик и да се завршат работите. Или да остане овој актуелниот КЗ да се заврши тоа што треба да се заврши, а потоа да се донесе нов нормален казнен законик“, рече Николоски.

Николоски заклучи дека приоритет на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде владеење на правото. Тој посочи како ќе се справи новата влада со неказнивоста.

-Според мене и според партијата тоа ќе биде приоритет број еден. Проблем број еден е корупцијата и криминалот. Нема институција каде нема некорумпирани од најниско до највисоко ниво и никој не одговара, поради неказнивоста цвета криминалот и корупцијата, кажа Николоски.