дома блог страница 895

Историско достигнување на Македонски Железници! Возот до Велес наместо 20 ќе почне да вози со 50км на час

Наместо со 20 километри на час, која беше максималната дозволена брзина на движење на возовите на пругата Велес-Скопје, отсега возовите на оваа делница ќе сообраќаат со „неверојатни“ 50 километри на час, бидејќи, како што соопшти МЖ Инфраструктура, завршена е санацијата на пругата.

„Сектор ЗОП Скопје во изминатиот период работеше на замена на дрвени колосечни прагови и шини на делот меѓу станиците Рајко Жинзифов и Велес. Замената е завршена и брзината од 20 км/час е зголемена на 50 км/час“, соопштија од МЖ Инфраструктура.

Исто така, во изминатиот период се работело на замена на дрвени прагови во станицата Кадина Река на втор колосек, кој досега беше затворен за сообраќај.

Колосекот е пуштен за сообраќај, со што се овозможува вкрстување на возови и зголемување на протокот на железничкиот сообраќај

ГЕСТ ЗА ПОЧИТ! Човек не треба да заборави кој го донел на прав пат, ниту кога е градоначалник (ФОТО) –

Секој човек остава трага во нашиот живот. Но, некои луѓе не само што оставаат трага, туку ни се водилка, затоа што дале бројни совети и цели генерации насочувале и подготвувале за идните фази во животот – напиша на ФБ штипскиот градоначалник Иван Јорданов, кој вчера на 8-ми Март со мало внимание ја посети својата класна раководителка.

-Денешниот ден го посветив на жената која на многу генерации помогна да го изберат вистинскиот правец, од аспект на морални и хумани вредности, да ги изберат позитивни човечки особини и со работа да го слават успехот. Среќен празник на мојата класна наставничка, Грозданка Мешинкова! Среќен празник на сите жени, кои оставаат белег со своето постоење – напиша Јорданов, а за гестот доби илјадници пофалби од граѓани од цела Македонија.

Прилепската фаланга пред портите на Куманово: Ќе успее ли РК Прилеп да триумфира на тешкото гостување?

Ракометарите на РК Прилеп денеска со почеток од 17часот, го играат петтиот натпревар од плеј-аут разигрувањето на ракометната Супер лига.

Избраниците на тренерот Боби Мојсов се наоѓаат пред првиот посериозен предизвик, а тоа е гостувањето во Куманово, каде на прилепчани ќе им бидат потребни бодови за останување на првото место на плеј-аут табелата, а со тоа борба до крајот за сигурен опстанок во лигата.

Освен службено добиениот триумф против дисквалификуваниот РК Аеродром, прилепчани досега беа сигурни и против Мулти Есенс, Голден Арт и Скопје, но до крајот има уште 9 натпревари.

Куманово од друга страна триумфираше над Вардар Неготино, Скопје и Голден Арт, а забележа пораз од втората екипа на Еурофарм Пелистер.

Останува да видиме како и дали капитенот на РК Прилеп, Филип Велески, ќе успее да ги мотивира момците, за нови бодови на тешкото гостување.

Чистачка во конзулатот на Бугарија во Битола, правела интервјуа за бугарски пасош – открива бугарски пратеник

Чистачката во бугарскиот конзулат во Битола Весна Котевска спроведувала интервјуа со кандидати за бугарско државјанство, а поради тоа многу барања биле одбиени, откри бугарскиот пратеник Ангел Георгиев од партијата Преродба – oбјави “ДЕНЕШЕН.МК”.

Тврдењето на пратеникот било повод случајот да го испита вицепремиерката Марија Габриел, пишува Њуз.бг. Георгиев за случајот постави пратеничко прашање во бугарскиот парламентдо Габриел.

Министерката, која истовремено е и вицепремиерка, му одговори дека имало системски пропусти во бугарскиот конзулат во Битола, и дека чистачката веќе нема пристап до архивата и конзулската служба. Но, таа негираше дека чистачката вршела интервјуа за бугарско државјанство.

-Ваквите пропусти се недозволиви, кажа Габриел.

Таа додаде дека 2.719 досиеја се вратени на докомплетирање во конзулатот во Битола поради сериозни нарушување во процесот за добивање бугарско државјанство.

Вицепремиерката Габриел побарала увид во дејноста на конзуларната служба и рекла дека хигиеничарката повеќе нема пристап до архивата и до конзуларното претставништво.

– Немаше докази дека таа правела интервјуа за бугарско државјанство. Сепак, откриените прекршувања се недозволиви, изјавила Габриел.

Победа ја пречекува Беласица: Ќе успеат ли црвено-белите да го постигнат првиот гол?

Денеска, со почеток од 14часот, на градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп, Победа ја дочекува Беласица, дерби кое своевремено носеше илјадници на трибините.

Но ситуацијата е сега многу поразлична. Победа грчевито се бори да избори опстанок во Втората лига, а ништо подобар не е ниту струмичкиот тим, кој се наоѓа четири места погоре на табелата.

Црвено-белите од Прилеп во пролетниот дел од сезоната забележаа два порази и две ремија и немаат постигнато ниту еден гол.

Ердоган најави повлекување од политиката: Локалните избори ќе бидат мои последни

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган синоќа најави повлекување од политичкиот живот.

Тој наведе дека локалните избори во Турција што треба да се одржат на 31 март ќе бидат негови „последни“.

– Изборите на 31 март ќе ми бидат последни во согласност со законот. Нивниот резултат ќе биде пренесување на довербата на моите браќа кои ќе дојдат по мене, посочи Ердоган.

Ердоган политичката кариера ја почна како градоначалник на Истанбул во периодот од 1994 до 1998 година. Тој е основач на владејачката Партијата на правдата и развојот (АКП). Тој беше премиер на Турција од 2003 до стапувањето на претседателската функција во 2014 година.

Денеска е Задушница – спомен за oние кои повеќе не се помеѓу нас

Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.

Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.

Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.

На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Дамите беа воодушевени: Сообраќајната патрола на АМД Прилепец, ги почести прилепчанки со цвеќиња и специјални попусти за 8-ми Март (ФОТО)

Најстарата авто школа во Прилеп, АМД Прилепец, на одличен начин им го честиташе 8-ми Март, на сите припадничките од понежниот пол на кои наиде нивната сообраќајна патрола. Дамите ги почестија со цвет и специјални ваучери со попусти, гест кој наиде на огромно задоволство.

-На денот во кој го одбележуваме празникот на родова еднаквост, најстарата авто школа во градот на жените возачи им подарува пригоден поклон од асортиманот на своите услуги во станицата за технички преглед и авто сервисот. Кај нас жените возачи за своите возила можат да ја добијат најбрзата и најквалитетна сервисна услуга механика, електроника, дијагностика – велат од “АМД Прилепец”.

Инаку, сервисот за технички преглед при АМД Прилепец од Прилеп, нуди голема поволност за припадничките од понежниот пол, кои овој месец ќе се одлучат да ги регистрираат своите возила кај нив.

-Не само денот на жената 8ми Март, ние го славиме месецот Март како месец на жената. По тој повод ви нудиме одлична понуда за Вас жените, понуда на услуги која можете да ја искоростите до крајот на месецот. За сите жени кои ги регистрираат возилата во месецот на жената, добиваат гратис сервисна услуга во сервисот во АМД! Најбрза и најквалитетна сервисна услуга за возила во градот – информираат од АМД Прилепец.

Сите припаднички на понежниот пол ќе можат да искористат гратис услуга за промена на масло или филтри, замена на дискови, сијалички, гуми, како и бесплатна дијагностика.

Празнична честитка од СЗО за дамите: Дури и кога пијат помалку, алкохолот предизвикува повеќе здравствени проблеми кај жените, отколку кај мажите

Светската здравствена организација (СЗО) денеска ги повика националните влади во светот да го земат предвид полот кога развиваат политики за консумирање алкохол, предупредувајќи дека маркетингот во индустријата сè повеќе ги таргетира жените кои се соочуваат со поголеми здравствени ризици од мажите и од помалку алкохол.

Агенцијата на ОН со седиште во Женева соопшти дека има докази дека мажите, жените и малцинските групи се различно погодени од штетата поврзана со алкохолот и дека индустријата го прилагодила својот маркетинг за да таргетира различни полови. „Политиките за контрола на алкохолот во голема мера остануваат слепи за половите“, вели СЗО, повикувајќи ги владите да го земат предвид полот при дизајнирање контролни мерки.

Индустријата се повеќе користи родови пристапи за привлекување потрошувачи, истакнува СЗО, додавајќи дека е од клучно значење да се остане во чекор со овие променливи маркетинг тактики. По успехот во борбата против влијанието на другите производи, како што се цигарите, врз јавното здравје, СЗО сè повеќе го насочува вниманието кон решавање на прашањето за штетното дејство на алкохолот.

Светската здравствена организација ги нагласува студиите кои откриле дека индустријата сè повеќе ги таргетира жените – од пакувања до реклами кои ги нагласуваат аспектите на феминизмот или женското пријателство. Мажите се исто така цел на маркетинг кој ги нагласува традиционалните поими за мажественост и се изложени на поголем ризик од прекумерно пиење, развој на проблеми со алкохолот и вклучување во агресивно или ризично однесување, забележа СЗО. Но, жените претрпуваат поголема штета при пониски нивоа на консумирање алкохол.

ЛГБТК+ заедницата, исто така, се соочува со различни штети, често консумирајќи повеќе алкохол и има повеќе проблеми со зависност од хетеросексуалните луѓе, додека наследството на колонијализмот и економската маргинализација, исто така, ги ставија домородните народи во зголемен ризик, наведува СЗО.

Оваа организација посочува дека консумирањето алкохол е причински фактор за повеќе од 200 болести и повреди, меѓу кои и некои видови на рак, цироза на црниот дроб и кардиоваскуларни заболувања.

Важно известување за родителите кои имаат деца во градинките

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска ја доби одлуката од министерот за здравство, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани, или се нецелосно имунизирани со ДТП, информираат попладнево од Инспекторатот.

-Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник, 11 март, со издавање решение за забрана на прием на деца, кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ДТП, како и други наложени епидемиски мерки, појаснуваат од ДСЗИ.

Исто така, додаваат оттаму, ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДТП.

-Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје – Скопје, истакнуваат од Инспекторатот.