дома блог страница 886

Денecка е чиcт понеделник: Лecни пocти и чиcта миcла на cите кои до Beлигден ќе пocтат

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. На овој ден се чисти куќата, децата и возрасните се бањаат, шишаат и бричат. Особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.

За време на велигденските пости покрај вообичаените конзумирања храна од растително потекло, житарици, зеленчук и овошје, постојат и одредени карактеристични продукти што се подготвуваат само во одредени денови за време на постите.

Првата сабота после прочка е празникот Тодорова сабота- Тодорица, а саботата пред Велигден е Лазарова сабота, а во неделата се Цветници. Празникот Благовештение кој секогаш е на 7 април.

За празниците Благовец и Цветници дозволена била употреба на посни меса во кои спаѓаат рибата и полжавите. Рибата печена или пржена на масло, или подготвена со ориз или, пак, со запржен кромид и суви црни сливи, била скоро задолжително подготвувана во овие денови. Полжавите се печеле или се вареле како готвено јадење со зеленчук.

Сепак велигденскиот пост не значи само одрекување од храна. Важен е и духовниот пост. Верниците во деновите на постот треба да се воздржат од лоши мисли и дела, и да се обидат да најдат духовен мир, без што постот нема смисол.

Oва се наградените маски на карневалот “Прочка 2024” во Прилеп: ГРАН ПРИ наградата за најмалите! (ФОТО)

Наградени маски на 22-то издание на карневалот “Прочка”:

Прво место ООУ “Рампо Левката”, за маската “Весела дружина на водното царство”.

Второ место “ООУ Добре Јованоски”, за маската “Мајкл Џексон”

Трето место ООУ “Круме Волнароски” од населеното место Тополчани, за маската “Вечна Македонија”‘

Гран при награда за дечињата од Детските градинки “Наша Иднина”, за маската “Тутуноберачите”

Поединечна маска која освои ПРВО место – Мила Спиркоска од ООУ “Климент Охридски”, за маската “Мистик”

Започна асфалтирањето на локалниот пат Врбоец-Свето Митрани-Кривогаштани

Започна асфалтирањето на локалниот пат кој ги поврзува населените места Врбоец, Свето Митрани и Кривогаштани.

-Им благодарам најмногу на моите сограѓани кои имаа верба, трпение, но и ми даваа поддршка цел изминат период за да денес сите заедно испишиме уште една историја за нашите населени места, за нашето Крушево. Сугестиите и барањата од нашите сограѓани за нас се предизвик, работа и остарливост. Денес реализираме реални остварливи капитални проекти во интерес на нашите сограѓани после неколку децении или поточно после 43 години – напиша на ФБ, градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.

(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Ниту поројниот дожд не ги попишмани учесниците: Се одржа 22-то по ред издание на карневалот “Прочка” во Прилеп

Над 500 маски, поединечни и групни, од Прилеп и од други градови низ Македонија, се претставија на денешното централно дефиле од 22-то издание на Карневалот Прочка 2024.

Покрај дефилето имаше и куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, кои се карактеристични за овој празник, а ниту поројниот дожд во еден момент не ги спречи учесниците да ги претстават своите креации пред бројната публика.

Пред присутните свој поздравен говор имаше и градоначалникот Јовчески, кој порача:

“Со својата автентичност и културно богатство карневалот „Прочка“ не случајно е дел и од најголемата карневалска асоцијација, Меѓународната конвенција на европските карневалски градови на која неколкупати сме биле и домаќини.

Симболот на прилепскиот карневал „Прочка“ е маската „Прилепски мечкари“ која е традиционална автентична маска, вон конкуренција и преставува нематеријално културно наследство на Република Македонија. Таа е нашата гордост и затоа во оваа прилика сакам да им честитам за освоените награди на Здружението, што ги добиваат ширум светот , претставувајќи ја македонската култура и афирмирајќи го нашиот град.
Драги Прилепчани и добронамерници, денеска е голем и убав празник!

Празник кога се бркаат злите духови од домовите на луѓето. Тоа е празник, кога прошка се бара од родителите, роднините, пријателите, за направените грешки во текот на годината. Да се прости е највисоката, најубавата форма на љубов а за возврат ќе добиете мир и радост во душата.

Грешки правиме сите но проштевањето е една од најголемите човечки особини. Затоа проштевајте ми, ако јас сум згрешил према вас! Таков е денот – така останала вековната традиција!

Денешните маски верувам дека ќе ги избркаат сите зли духови од нашиот град, ќе не насмеат, ќе ни ја вратат среќата и сигурен сум дека ќе имаме прекрасен и успешен карневалски ден, со многу спомени, фотографии, смеа и радост”.

Карневалските случувања се завршуваат во понеделник со традиционален заеднички ручек на здружението Прилепски Мечкари во Манастир Св. Ѓоргија.

29-годишна девојка со тешки повреди донесена во прилепската болница, откако во незе удрил автомобил на ул. “Прилепски бранители”

На 16.03.2024 во 10.30 часот било пријавено дека во Прилеп на ул.„Прилепски бранители“ патничко возило „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Г.Ј.(56) од Прилеп, удрило во Б.К.(29) од с.Дреновци-прилепско.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Б.К., констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Прилеп – информираат од СВР Битола.

Секоја чест за прилепчанките од “Преродба”: За прв пат јавно пред прилепчани презентиран народниот обичај “АМКАЊЕ” (ВИДЕО)

Покрај простувањето за Прочка и посетата на младите кај повозрасните роднини за прошка, стариот адет сé помалку се пренесува од генерација на генерација и исчезнува низ татнежот на времето.

Амкањето варено, а нелупено јајце, врзано на конец и стап е обичај што се негувал со години, а децата се обидувале без помош на рацете да го фатат јајцето со усните кое се нишало од најстариот член во фамилијата.

Вчера во пресрет на “Прчка”, на Платото кај Градскиот Саат, жените од Здружението “Преродба”, за прв пат го презентираа овој народен обичај пред прилепчани.

Настанот беше изведен во автентичен амбиент, и предизвика големо внимание за минувачите и гостите. Погледнете го во продолжение видеото снимено од “Фан Продукција” на Зоран Пилоски:

Мицкоски: Човечки е да се прости, ама за тие што ја ограбија Македонија ќе има одговорност

Денес е Прочка, празник кој ја носи пораката за простување која е фундаментот на Христијанството и вербата во Бога.
Тоа е подвиг кој треба да ги победи човечките слабости, суетата, грешките кои неминовно се прават, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во тој контекст никогаш не ми е тешко да ја побарам прошката за работите кои можеле да бидат поинакви и подобри, од моите блиски, соработниците, од народот во кој цврсто верувам.

Човечки и исправно е да се побара прочка од оние кои му значат на човека. Но воедно за оние кои постојано грешат, за оние кои постојано, свесно и со години ја печелат својата индивидуална среќа, над колективната несреќа, кршејќи го законите, Уставот, ја злоупотребуваат власта, треба да знаат дека ќе има одговорност.

Со чисто срце и верба во Бога можеме да се избориме за посреќна, постабилна и просперитетна иднина“, напиша Мицкоски на ФБ.

Прилепчанка се заканувала дека ќе запали угостителски објект

Прилепчанка синоќа била лишена од слобода затоа што се заканувала дека ќе запали угостителски објект, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи.

– Околу 22 часот во ОВР Прилеп, прилепчанецот Т.К., на возраст од 61 година, пријавил дека околу 21.30 часот, во неговиот угостителски објект влегла К.И. и со шише наполнето со запалива течност, прскала по подот и се заканувала оти ќе го запали објектот, појаснуваат од МВР.

Во 22.10 часот, полициски службеници од ОВР Прилеп ја лишиле од слобода 32-годишната прилепчанка, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност” по член 288 од КЗ.

К.И. била приведена во полициска станица Прилеп. По документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска е Прочка: „Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него”

Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите … се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му
претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други, само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете кое гледајќи како богатите секој ден носат сукани јадења на фурната побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.

Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Според преданието на некој што умрел во текот на овие денови во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на Сирната недела да не се јаде месо.

Од обичаите што се изведуваат на Сирни понеделник интересно е канењето на ветерот да дојде преку летото кога е потребен за веење на житото. Имено тогаш се прави „топејнца“ и со кисело млеко или „маштејнца“ се носи на гумното, три пати се трча низ гумното со викање: „Ела ветре да јајме топејнца,/ в лето да дојш да вејме чејнца, / југу, југу, југу…“ Потоа храната се изедува до стежерот.

Од Сирни поклади, односно од Прочка не се јадат и млечни производи со што започнуват големите, долги седум недели, Велигденски пости, што траат до Велигден.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.

Во Велес, при проштевањето на жената се давало портокал, а на мажот лимон. Во овој град на овој празник се правеле сурати односно се маскирале и оделе по куќите во групи од по дванаесет души во кои имало: момче, невеста, дедо, ѓавол, доктор, благар итн. Благарот го собирал благото со кое биле дарувани по куќите.

Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.

Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид, во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн. Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода наезмо, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.

Во врска со овој празник се и карневалите што се одржуваат во Струмица и Прилеп. Празнувањата во Струмица се во врска со тримерските празнувања, кога се изведуваат богати обичаи за свршените. Обичаите со варењето на посен (бел) грав, со синиите, пеењето на еротски песни и играње на орото „Црна кокошка“, посетата на Цареви Кули и сл. отсекогаш го привлекувале вниманието на намерниците и случајните минувачи. Во карневалот, пак, што се одржува во овој град по повод овој празник очигледни се влијанија на големите светски карневали. Карневалот во Прилеп е впечатлив по автентичните маски од мечки кои ја продолжуваат вековната традиција на празнувањето на касапите од овој град.

Се’ за прилепските Мечкари: Одличен документарец на млад кинематограф од Прилеп (ВИДЕО)

Младиот фотограф и кинематограф Горан Попоски од Прилеп во неговиот документарен филм “Bear – Man”, на уникатен начин ги претставува сите интересни работи поврзани со маскирањето на касапскиот еснаф во Прилеп, кои за Прочка се преправаат во познатите прилепски Мечкари.

Погледнете во продолжение: