дома блог страница 855

Известување од прилепските црковни храмови за престојната Задушница

Во храмовите Св. Кирил и Методиј (Параклис) и во Света Петка во нас. Точила во петок (08.03) и сабота (09.03) ќе се пеат помени за покој на душите на починатите во периодот од 7:30 до 9:30 часот и попладне од 16:00 до 17:00 часот.

Во петок (08.03) и сабота (09.03) на Новите градски гробишта помените ќе се пеат со почеток во 12:00 часот, а на Старите градски гробишта со почеток во 13:00 часот.

Бог да ги прости починатите и да им дарува Царство Небесно.

Тргнал на “печалба” рано-рано: Прилепчанец ограбил продавница во 6 часот наутро

На 04.03.2024 во 07.15 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека околу 05.50 часот во продажен објект во Прилеп, едно лице искористило згодна прилика и одзело пари од дневен промет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од СВР Битола.

Драма синоќа во Битола: Полицијата го запирала, а тој со автомобилот влегол во подземна гаража и се заклучил

Синоќа околу 23.35 часот на ул.„Васко Карангелевски“ полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола дале знак за запирање на возило „тојота рав 4“, кое го управувал пријавениот, но возилото продолжило со движење.

Полициските службеници со службено возило го следеле и откако влегле во подземна гаража од станбена зграда, Д.И. ја затворил вратата и не сакал да ја отвори – информираат од СВР Битола.

(Фото галерија) Со богата програма ООУ “Страшо Пинџур” денеска го одбележа својот патрон празник и 69 години од своето постоење

Со полагање свежо цвеќе пред спомен бистата пред училиштето и пригодна програма, одбележан патрониот празник на ООУ “Страшо Пинџур” во населеното место Мало Коњари.

ООУ „Страшо Пинџур“ во населено место Мало Коњари денеска одбележува 109 години од раѓањето на својот патрон, како и 69 години од постоењето на училиштето.

За патрониот празник учениците подготвија богата културна програма на која преку рецитали, драмски изведби, танци … го претставија живот и делото на народниот херој, Страшо Пинџур.

Нов претседателски кандидат денеска почна да собира 10.000 потписи

Гоце Ристов вчера до ДИК ја доставил својата иницијатива за собирање на потписи. Тој е 14тиот кандидат кој ќе се обиде да стигне до бројката од 10.000. На последниот пресек, заклучно со вчерашниот ден може да се види дека тој нема собрано ниту еден потпис.

„Денес, до Државната Изборна комисија е доставена Иницијатива за собирање на потписи за кандидатура за Претседател на Република Северна Македонија, од страна на Гоце Ристов.

Потписите ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата.“ – објави вчера ДИК

Во претседателската трка веќе влегоа 7 кандидати.
Прв до 10.000 стигна Бујар Османи по што следеше Таравари, Димитриевски, Ванковска, Јакимовски, Силјановска и Пендаровски.
Кандидатите кои стигнаа до 10.000 веќе не организираат собирање на потписи па нивните бројки денеска се речи си идентични како и оние вчера.

Николоски во Брисел на средби со Вархеи и Суперти

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во функција на известител определен од Парламентарното Собрание на Советот на Европа за Босна и Херцеговина денес e во работна посета на Брисел во институции на Европската Унија, со цел да разговараат за напредокот на Босна и Херцеговина, но и за можностите за напредок на Западен Балкан како целина.

Николоски заедно со неговиот колега Немет најпрво ќе се сретнат со Оливер Вархеи – Комесар за проширување на Европската Унија и Валентина Суперти – Директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Унија. На средбите е предвидено да се разговара за напредокот во исполнувањето на обврските на Босна и Херцеговина, како и за можностите за побрза интеграција на регионот во Европската Унија. Покрај овие средби предвидени се и други состаноци со претставници на Европската Комисија. Главен предизвик и за Босна и Херцеговина и за регионот е борбата со организираниот криминал и корупцијата и сериозната борба со корупцијата е главен предуслов за напредокот кон Европската Унија.

Работната посета на овие институции во Брисел уште еднаш ја потврдува заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за интеграција на целиот регион во ЕУ и е потврда за бројните пријателства кои ВМРО-ДПМНЕ ги има во рамки на Европската Унија, Советот на Европа и Европската Народна Партија како најсилна партија во Европа.

Николоски е првиот македонски пратеник избран за известител на Мониторинг комисијата во Советот на Европа за било која држава во Европа.

7. по ред Џез фактори фестивал во Битола

Годинешното 7.по ред издание на Џез Фактори Фестивал Битола, ќе се одржи од 03-ти до 06-ти Април со настапот на повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство во Народниот театар и Центарот за култура Битола.

„Низ годините, се трудиме со организирање на фестивалот да го збогатиме културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите“, изјави директорот и основач на Џез Фактори Фестивал професорот Сашо Поповски.
Фестивалот ќе биде отворен со промоцијата на книгите “Радио“ и “Неправилен ритам“ на авторот Љупчо Јолевски.

Следниот ден е резервиран за настапот на Јулиа Сиедл Трио од (Австрија) и Николас Гардел Трио од (Франција) на сцена на Народен Театар од 20ч, а програмата продолжува со настапот на Максимовски Јунајтед во Порта Џез од 22ч.

На 5 Април концерти ќе одржат Гоце Мицанов Трио (Македонија) и UNLEASHED COOPERATION од (Полска). Во Паб Бурбон Стрит преку поддршка на локалната културна сцена во Битола, програмата продолжува со диџеј сетот на Иле The Hair.

Последниот ден е резервиран за работилницата за изработка на гитари на Ивица Јорданов, настапот на Сара Ташкоска Квартет во Камарите, годишната конференција на Асоцијацијата на Џез фестивали во Битолскиот театар, а вечерта фестивалот ќе биде затворен со концертите на Сакис Пападимитриу од (Грција) и Ossa Квартет од (Србија).
Последниот ден во Камарите ќе биде и доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2023 во соработка со Општина Битола.

Фестивалот се организира под патронажа на Општина Битола и партнерство со НУ Народен Театар Битола, а со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола, како и Францускиот Институт од Скопје, Амбасадата на Полска, Амабасадата на Австрија и Генералниот Конзулат на Грција во Битола.

Во изминатите години на фестивалот настапија врвни уметници од Македонија и странство меѓу кои: Баба Сиссоко (Мали), Баптист Хербин (Франција), Ермано Панта (Шпанија), Теодосиј Спасов – (Бугарија), Васил Хаџиманов – (Србија), Куарем Квартет (Франција), Наташа Роџерс (Франција), Хјуман Тач (Грција), Фишерманс Оркестар (Швајцарија), Ликвид Карпет (Словенија), Фанфара Статион (Италија), Арменд Џафери (Косово), АЈС Квартет (Албанија), Славен Љујич (Црна Гора), Милан Пертовиќ (Србија), Тони Китановски, Џијан Емин, Гоце Мицанов, и др.

Годишно фестивалот реализира 9 концерти и 5 пратечки настани на сцената на Народен Театар Битола, како и локалните клубови и културни сцени со посетеност од над 2000 посетители.

Посветеноста, беспрекорната организација и реализација на Џез Фабрика Фестивал ја препозна и Европската Асоцијација на Фестивали ЕФФЕ и за периодот 2019 – 2024г. на фестивалот му го додели нивниот амблем за “Remarkable Arts Festival”.

Џез Фабрика Фестивал во 2020г. е избран од страна на МОСТ – Унгарија во друштво на 10 фестивали од Европа и 9 фестивали од Балканот за учество во програмата за соработка и асоцијација.

Од 2022г. фестивалот е дел и од асоцијацијата на џез фестивали – Скопје во партнерство со: Равне џез фестивал (Словенија), Трансилванија џез фестивал (Романија), Кикинда џез фестивал (Србија) и Модоарс фестивал (Македонија).

Од 2021 Џез Фабрика Фестивал Битола е дел од проектот Франција – Балкан Џез Мрежа во партнерство со џез фестивалите од Франција: Дижон, Шамбери и Рона-Алпи, како и Балканските џез фестивали: Нишвил, Подгорица и Тирана.

Влезниците освен на билетарата на Народниот театар Битола, може да се набават и онлајн преку веб страната на Џез фактори фестивалот како и преку страната на Битолскиот театар за што дополнително ќе информираме.

За годинешниот плакат на фестивалот се погрижи Даниел Ѓурчиновски.

Пациент паднал од болнички кревет и два часа викал по доктор и сестра, а на крајот се јавил на 112

Пациент што бил хоспитализиран во болницата во Велес неодамна свртел на единствениот телефонски број за итни случаи 112 за да побара помош откако претходно паднал од болничкиот кревет, но никој од вработените во болницата не дошол да му помогне. Случајот го сподели првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, во поткастот на СДК.мк, додавајќи дека иако бизарен и чуден се завршил успешно.

„Нашите оператори најпрво мислеле дека станува збор за некое недоразбирање оти како е можно лице кое е згрижено во болница да бара помош? Но, навистина било така. Лицето било примено во болницата, но во текот на ноќта паднало од кревет и барало помош од сестра и доктор. Никој не доаѓал два часа. Успеал да дојде до мобилниот телефон и се јавил кај нас. Имал шипки во рацете и ‘рбетот“, вели Ангелов.

Кога операторите во Центарот за управување со кризи го пренасочиле повикот до Брзата помош и оттаму биле збунети оти требало да интервенираат во болница. Било исконтактирано и обезбедувањето на болницата, но тие немале соодветен клуч и не можеле да влезат во собата каде што бил сместен пациентот.

„Настанала вистинска драма која траела 40 минути додека влегла Брзата помош. Нашите мислеле дека пациентот починал оти одредено време го немало на линија, а тој го исклучил телефонот за да ја зачува батеријата. На крај овој бизарен случај се заврши успешно, Брзата помош спаси пациент кој падна од кревет во велешката болница“, додава директорот на ЦУК.

Единствениот број за итни случаи 112 беше пуштен во функција пред три години, во февруари 2021 година.

Толку млада, а веќе со огромно актерско искуство зад себе: Интервју со талентираната актерка од Прилеп, Сара Спиркоска

Со исклучок на некои проблесоци, повеќе на независната, а помалку на институционалната сцена, сè уште се бавиме со еден, би го нарекла ‘заборавен’ театар. Со години стоиме во место, а тоа сметам дека се должи на недоволната циркулација, односно постојано креирање во еден ист круг на луѓе. Особено од ова се засегнати вработените во институција. Тешко е да се инспирираш од некој со кој прагот на видикот ви е ист долги години. Истите актери, истите режисери, повторување на извикани имиња на драмски текстови кои напати се поставувани од истиот режисер по втор пат. Веќе свикнати едни на други, нема простор за изненадување. Ни фали циркулација – вели актерката Сара Спиркоска. Таа ја доби наградата за најдобар млад актер на фестивалот за улогата во претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски во 2022 година, на 56. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, многу брзо по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Спиркоска игра хонорарно на сцената на Прилепскиот театар од средношколски денови. Таа дава свој влог и во независни проекти на продукцијата „Атриум“ од Скопје, а реализира и работилници за надградување во различни уметнички форми преку Еразмус-проекти. Своето филмско искуство го започнува со режисерот Милчо Манчевски за филмот ,,Врба” во улогата на Велика и филмот ,,Te dua, жими мене” во режија на Марјан Гавриловски, во улогата на Кала. Со неа поразговаравме за тоа каде ги гледа промените за да стигнеме до подобар театар.

1. Што треба да се промени во театарот?

Театарот бара свежина и нови перспективи, а младата сила е таа која може да го донесе тоа. Од моето искуство со работа и со млади режисери на независната театарска сцена, како и во институционален театар, забележувам дека независната сцена предничи во многу аспекти: во менаџирањето, иновативноста, храброста за преземање на ризик. Независните театарски трупи се осмелуваат да експериментираат и да си создаваат предизвици. Но, институцијата како да не го препознава потенцијалот, или можеби го препознава но премногу е зафатена со математика, пресметки и тактизирања за да даде прилика на оние кои што се издвојуваат и заслужуваат. Често управата на театрите нема никаква поврзаност со самата професија или нема никакво искуство со менаџирање, па го разбирам моментот дека е малку тешко да се држи фронтот на едно квалитетно ниво. Сепак, не треба да се дозволи личните интереси да кородираат во нешто толку чисто како што е уметноста.

2. Како за вас треба да изгледа еден современ театарски фестивал?

Театарскиот фестивал ќе биде современ онолку колку што е современ театарскиот репертоар. Не можеме да имаме современ фестивал ако немаме современ театар. Можеби не треба по секоја цена сите театри да го имаат правото на учество. Селекторот, како и комисијата која одлучува да награди треба да постави, но и самата да задоволи повисоки критериуми. Тоа ќе биде еден стимул за да се прифати предизвикот да се обидеме да се приближиме до нив, што пак ќе доведе до некакво поместување.

3. Што му фали на современиот македонски театар?

Циркулација. За да се покрене во живот. Со исклучок на некои проблесоци, повеќе на независната а помалку на институционалната сцена, сè уште се бавиме со еден, би го нарекла ‘заборавен’ театар. Со години стоиме во место, а тоа сметам дека се должи на недоволна циркулација, односно постојано креирање во еден ист круг на луѓе. Особено од ова се засегнати вработените во институција. Тешко е да се инспирираш од некој со кој прагот на видикот ви е ист долги години. Истите актери, истите режисери, повторување на извикани имиња на драмски текстови кои напати се поставувани од истиот режисер по втор пат. Веќе свикнати едни на други, нема простор за изненадување.

Востановениот репертоар и модел на институционалните театри можеби треба да се скрши и да се земат за пример вонинстуционални театарски трупи кои нудат алтернативен пристап и свежа идеја. Немањето финансиска стабилност, алтернативецот го поттикна на истражување, креативно и иновативно раскршување на формата на текстовите, поставувајќи ги во експериментален нетеатарски простор. Му помогна да ги скрши правилата, моделот на работа. Можеби тоа треба да го направат и институциите.

За да фатиме чекор со светските театри ќе треба повеќе, но еве еден предлог за почеток: Група на актери од еден, ќе направат размена со група на актери од друг театар. Ќе работат во другата институција на проект за истата плата. Театрите во Скопје имаат простор за повеќе циркулација затоа што ги има повеќе, а на истиот принцип, со мала инвестиција, може да функционираат и театрите на помалите градови кои се поблиску еден до друг. За ваквата соработка меѓу институциите треба само волја. Овој принцип на размена и мешање на театарските анамбли не само што ќе ја разгори желбата за работа на актерите, туку и ќе отвори нови можности за креативност, иновации и восприемливост на нови идеи и стилови.

Институциите да не ги заборават младите, а државата уметниците. Уметноста е скапа работа и бара инвестиција. Особено современиот театар кон кој стремиме.

Извор: mtf.com.mk

Oграбена обложувалница во Прилеп

На 04.03.2024 во 04:12 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во спортска обложувалница на ул. “Маршал Тито” во Прилеп, едно лице со закана кон вработениот одзело пари.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од ОВР Прилеп.