дома блог страница 832

Докторка во Германија доби отказ, ја напуштила работата 28 минути порано

Германија се споменува како ветена земја за здравствените работници од Балканот, но како функционира здравствениот систем таму покажува и случајот со докторката што доби отказ откога нејзините колеги пријавиле дека ја напуштила болницата во Хамбург 28 минути порано по 24-часовна должност, а таму работела 23 години.

Франциска Шлосер ја тужеше болницата и доби 400.000 евра отштета.

-Не можам да дозволам обвинението да стои така. Не направив ништо лошо. Сега доаѓаат и ја конструираат оваа измама со работното време. Апсурдно е, вели 54-годишната жена.

Докторката била поддржана и од Marburger Bund (MB), најголемото германско лекарско здружение.

Шефот на болницата, Филип Ветенгел, изјавил дека немаат намера да се борат против докторката.

-Рекоа дека си заминала порано. Изјавата на сведокот беше веродостојна. Но, не знам што точно се случи и сакам да завршиме со ова, рекол Ветенгел на судот во Хамбург.

Судот смета дека обвинувањата против докторката се неосновани. Сепак, по 23 години поминати во болница, деловниот однос меѓу неа и болницата заврши. Обвинението е повлечено, а Франциска Шлосер доби испратнина, пишува магазинот „Феникс“.

Мицкоски: Компетентни и неизвалкани кадри во техничката влада, нивна задача е да ја обезбедат волјата на народот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Топ Тема“ на Телма ги соопшти имињата на техничките министри и заменици кои ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, потенцирајќи дека тоа се компетентни и неизвалкани кадри чија задача ќе биде да ја обезбедат волјата на народот.

Пред извесно време добив овластување од ИК и ЦК на партијата да предложам имиња кои ќе бидат дел од оваа техничка влада, и врз основа на тоа на состанок на ИК тој предлог ќе го презентирам, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека технички министер за внатрешни работи ќе биде адвокатот Панче Тошковски, моментално ја води партиската комисија за правни работи, бил член на конгреси, дел министерство за транспорт и врски, моментално работи во адвокатска канцеларија.

-Ценам дека со оние други именувања во МВР може да се состави добар тим да се обезбеди изборниот процес да се одвива како што очекуваме ние и граѓаните, изјави Мицкоски.

Мицкоски додаде дека технички министер за труд и социјала ќе биде Ѓоко Велковски, кој долго време работи во тоа министерство.

Добро ја познава работата и структурата, едно време беше и секретар на Град Скопје, сега е дел од општина Гази Баба. Ценам дека како долгогодишен професионалец може да даде додадена вредност во овие 100 дена да обезбеди да имаме добро водење на министерството и да влијае да биде спречен поткупот кој знаете пред новогодишните празници на големо беше најавуван од страна на владата, рече Мицкоски.

Тој посочи дека технички заменик министер за финансии ќе биде Елена Петрова, која доаѓа од Управата за јавни приходи.

Таму работи повеќе од 25 години, исклучителна биографија, многу обуки во Светска банка, ММФ, станува збор за професионалец и може да допринесе за здрав конкурентен тим во тоа министерство, изјави Мицкоски.

Мицкоски истакна дека технички заменик во министерството за администрација информатичко општество ќе биде Стефан Андоновски, меѓународен секретар во ВМРО-ДПМНЕ.

Долги години дел од УМС, дел од ИК, близок соработник, имаме големи планови во делот на дигитализацијата на Македонија веднаш по изборите како идна влада. Ценам дека и тој ќе биде разликата која ќе ја видат граѓаните во овие 100 дена, изјави Мицкоски.

За технички заменик министер во МЗШВ, Мицкоски посочи дека ќе биде Цветан Трипуновски.

Беше и во претходната техничка влада, ја води и партиската комисија, човек кој ги поминал сите структури и имам доверба дека може да се справи со предизвикот, изјави Мицкоски.

Денеска е Св. маченица Татјана: Како Христијанка била затворена и мачена

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 12 јануари.

Денеска е Св. маченица Татјана.

Света Татјана потекнувала од видно римско семејство. Татко и три пати бил префект на Рим.

Уште од младоста била длабоко проникната од Христовата вера, а подоцна била посветена за ѓакониса.

Како Христијанка била забележана од римските власти, затворена и мачена. После измачувањата била фрлена на лавовите, но овие се умилкувале околу неа како во времето кога животните живееја во мир со Адама. Најпосле и ја отсекле главата. Света Татјана пострада за Христа во третиот век.

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден во Прилеп е роден Тоше Проески

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера.

Ова се кадрите на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе влезат во техничката Влада

ВМРО-ДПМНЕ ги утврди кандидатите за две министерски и три дополнителни заменички позиции во техничката влада која треба да спроведе фер и демократски избори закажани за 24 април и 8 мај.

Според нивните биографи станува збор за исклучително професионални кадри, со интегритет и долгогодишно искуство, експерти во својата област.

На чело на Министерството за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, долгогодишен познат адвокат.

Тошковски е магистер по кривично право и криминологија на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје. Има положено правосуден и адвокатски испит, а во моментот е адвокат во граѓански, имотно-правни, трговски, кривични и управни спорови пред домашни и меѓународни судови.

Тошковски има долгогодишно работно искуство во државните институции. Во период од 2008 до 2011 година работел како советник во Министерството за транспорт и врски, акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во сопственост на Република Македонија, а членувал во неколку комисии и работни тела. Во моментов, Панче Тошковски е претседател на републичката правна комисија на ВМРО-ДПМНЕ.

За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена сосема ново решение кое е на професионална основа. Тоа е Елена Петрова, дипломиран економист со над 25 годишно работно искуство во Управата за јавни приходи.

Петрова 7 години била управник во Дирекцијата за јавни приходи – за големи даночни обврзници, а претходно била раководител на даночното одделение во Свети Николе, раководител на оддел во секторот за оперативна политика и едукација, како и раководите во сектор за утврдување и наплата на даноци во Генералната дирекција.

Според биографијата, Петрова има и осум години работно искуство во приватниот сектор, а во моментот е заменик претседател на Работното тело за имплементација на Даночен информациски систем во УЈП, а членувала и во неколку Управни одбори на проекти со МФ, МТСП, УЈП, ФПИОМ, ФЗОМ и АВРМ. Петрова се има стекнато и со бројни лиценци и сертификати, како обуки и соработки со Светска Банка, ММФ, ЦЕФ и останати меѓународни организации.

Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика.

Велковски долги години работел во Министерството за труд и социјална политика како раководител на одделение за внатрешна ревизија, соработник во Секторот за финансиски прашања, бил и посебен советник во кабинетот на дополнителниот заменик за прашања поврзани со хумана популациона политика во 2016 година, како и кабинетски службеник во областа на трудовото право и правата од законот за работни односи во МТСП во 2020 година за тогашната техничка влада, а претходно работно искуство има и како локален економски консултант во Институтот за белодробни заболувања туберкулоза – Државна болница Скопје, бил внатрешен ревизор – соработник во Град Скопје, секретар на Град Скопје од 2021 година до 2023 година,

Велковски се има стекнато со бројни сертификати, а во моментот е раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот на општина Гази Баба и советник во советот на Чаир.

Цветан Трипуновски е предложен за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. По струка е дипломиран земјоделски инженер.

Трипуновски и во претходната техничка влада беше на позицијата дополнителен заменик министер. До сега има работено во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен советник, а претходно од 2015та до 2017та година ја извршувал и функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006та до 2008та година беше прв човек на државната фитосанитарна лабораторија.

Трипуновски од 2008та година до 2012та година беше пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија. Трипуновски во 2017 година бил член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а во моментот е претседател на републичката комисија за земјоделство на партијата.

За нов дополнителен заменик министер за информатичко општество ќе биде предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје.

Андоновски е докторанд на Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје и магистер по меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД. Пред политичкиот ангажман, пет години работи во бизнис секторот во Македонија и е консултант на меѓународни донаторски проекти во областа на дигиталниот маркетинг, комуникации и медиуми. Има напишано трудови и колумни во домашни и меѓународни списанија, фокусирајќи се на меѓународна медијација и преговори, како и на уставни реформи во постконфликтни системи.

Ова се петте кадровски решенија на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат дел од техничката влада. Седницата за избор на новиот состав треба да одржи на 28 јануари, а техничката влада ќе трае се до спроведување на парламентарните и претседателски избори закажани за 24 април и 8 мај.

Вучиќ: Просечната плата во Србија идната година ќе надмине 1.000 евра

Просечната плата во Србија ќе надмине 1.000 евра за година и два месеци, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Очекувам дека нивото на месечната плата во Србија во март ќе биде околу 840 евра, а можеби и 845 евра, во декември ќе биде околу 955 евра. Следната година ќе надмине 1.050 евра. Верувам дека за година и два месеци ќе ја надминеме оваа волшебна бројка од 1.000 евра просечна плата“, рече Вучиќ при посетата на ремонтот под Мостарската клучка во Белград.

Тој нагласи дека Србија ќе се обиде да ги заштити најсиромашните граѓани со зголемување на минималната плата и во исто време да не ги загрози инвеститорите кои би можеле да бараат поевтина работна сила на друго место.

„Тука не е најевтината работна сила, но е добра. Атмосферата е економски најповолна, а ние сме најбрзорастечката земја која ги има сите други позитивни квалитети, од географска местоположба до добри закони“, истакна Вучиќ.

Тој додаде дека кога просечната плата во Србија ќе достигне 1.000 евра, иселениците ќе почнат да се враќаат во земјата.

„Ги гледам нашите луѓе во Виена, каде што имам многу пријатели и познаници. Оние кои имаат пекари и ресторани се потешко плаќаат даноци – сите сметки се двојно или тројно зголемени. Ќе се бориме нашиот народ да се врати“, нагласи српскиот претседател.

НАГРАДИ ЗА 50 НАЈУСПЕШНИ ВРАБОТЕНИ НА SPORT LIFE

„Sport Life“ обложувалници, ја заокружија годината со резимирање на резултатите од работењето и воедно ги претставија своите највредни и најуспешни вработени во изминатата 2023 година. Вкупно 52-ца вработени од најразлични сектори, беа прогласени за најдобри и беа наградени со еднократен износ од 200 евра за својот успех и залагање во минатата година.

„Секоја година го прославуваме успехот и професионалното работење на своите вработени, и ги претставуваме нивните резултати. Нивните успеси ни даваат мотив за поставување нови и повисоки цели во работењето за следната година.“ – истакна менаџерот за Човечки ресурси на Sport Life – Александар Арсовски.

Најуспешните вработени се оценувани според резултатите во текот на изминатата година, во различни делови на работниот процес, и согласно однапред утврдени критериуми.

„Sport Life“ како водечка компанија во областа на игрите на среќа и спортски обложувалници, постојано вложува во развојот на вработените, преку обуки, тренинзи, стипендирање на студии, доделување редовни бонуси и награди како и можности за кариерно унапредување.

Во Африка вака се врши контрола пред стадионите: Редарите вршат “темелен” претрес, а којзнае, тајно оружје може да се крие секаде (ВИДЕО)

Aфриканскиот Куп на нации и оваа година донесе многу интересни дуели. Собирот на најдобрите африкански репрезентации се одржува во Брегот на Слоновата Коска, а стандардно проверката на стадионите во Африка е многу построга од било каде во светот.

Лица во воени униформи вршат навистина “темелен” претрес, а како изгледа тоа погледнете во продолжение:

Ученик од Прилеп го освои првото место на Државниот натпревар по македонски јазик

На Државниот натпревар по македонски јазик и литература за осмоодделенци, кој се одржа во Филолошкиот факултет “Блаже Конески”, ученикот Глигор Иваноски од 8-Г одделение во ООУ “Кочо Рацин” од Прилеп, го освои првото место.

Глигор освои 95 од можни 100 бода и донесе огромна радост за целиот колектив во училиштето.

Негов ментор беше наставничката Габриела Стојаноска-Станоеска.

Во изјава за “Нова Македонија”, Иваноски објаснува дека за него изучувањето на мајчиниот јазик претставува гордост и задоволство.

Честитки за Глигор и желби за уште поголеми успеси во иднина! Прилеп треба да се гордее со вакви деца!

Турскиот парламент го одобри приемот на Шведска во НАТО

Турскиот парламент го одобри предлог-законот за протоколот за пристапување на Шведска во НАТО, јави ТРТ.

По денешното гласање во турскиот парламент, Унгарија стана единствената членка на НАТО која сè уште не ја одобрила кандидатурата на Шведска за влез во Алијансата.

Предлог – законот е испратен до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на конечен потпис, што се очекува да се случи во наредните неколку дена.

Во октомври 2023 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го потпиша протоколот за пристапување на Шведска во НАТО и го достави до парламентот. Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година.

Турција го одобри членството на Финска во алијансата во март 2023 година, но рече дека чека Шведска да се придржува до трилатералниот меморандум од јуни 2022 година за да одговори на безбедносните грижи на Анкара.

Сите нови членки на НАТО мора да бидат одобрени од сите сегашни членки, вклучително и Турција, кој е членка на Алијансата повеќе од 70 години.