дома блог страница 799

Величенствен настан! Во скопско Драчево осветен 63-метарскиот крст – Дванаесетти по височина во светот, а втор во Македонија (Фото галерија)

Во организација на Светскиот македонски конгрес и Општина Кисела Вода, вчера на ден Цветници, точно напладне, беше осветен Македонскиот крст во центарот на населбата Драчево, кој е лоциран во Паркот на бранителите. Македонскиот крст, кој е висок 63,5 метри, беше осветен од неговото блаженство, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, со свештеници од Скопската епархија.

На осветувањето присуствуваше и неговото високопреосвештенство, бискуп скопски и струмичко-скопски епарх, г. Киро Стојанов, како и претставници од Светскиот македонски конгрес и од Општина Кисела Вода, на чело со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

– Од денес погледот кон небото нема да е ист. Од денес- над нас, тука во Драчево стои еден моќен симбол на верата, надежта и љубовта. Крстот е икона на верата, симбол на возвишеноста на човекот пред бескрајната моќ на небото. Во неговите контури е собрано целото значење на христијанството, каде се преплетуваат симболиката на жртвата, спасението и вечната љубов кон Бога! Осветувањето на овој Македонски Крст е чин на почитта кон минатото, вера во иднината и мост кој не спојува сите нас. Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие. Силно верувам дека Бог нè осветлува и нè води, потсетувајќи нè дека секој наш чекор, секој наш обид да градиме нешто во Негово име, е благословен и благодетен. И затоа ова е богатството и заветот што го оставаме за следните генерации-истакна во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски.

Додаде дека очекува овој Крст да биде светилиште за сите, мирно место за размислување и молитва, новото збиралиште и центар на Кисела Вода, а можеби и на цело Скопје, од каде ќе одекнува заедништвото, сплотеноста, и љубовта. Тој им се заблагодари на Светскиот Македонски Конгрес, на МПЦ И Г.Г. Стефан, и на секој поединец, на секоја компанија, на сите кои дадоа свој придонес за изградбата на Македонскиот крст.

default

– Посебно ми е драго што неговото осветување се случува денес, кога го славиме празникот Цветници, во предвечерјето на најголемиот ден за христијаните-Велигден. Празникот кој ја слави победата на животот над смртта и кој на највисок пиедестал ја издигнува верата. Денешниот ден е силен одек за времињата што доаѓаат, за промените што веќе започнаа да се случувaат, за новите историски моменти кои допрва ќе ги испишуваме во историјата на нашата Македонија. Со Божји благослов продолжуваме напред со проекти, со дела кои ќе бидат нашиот потпис и влог во иднината што ја оставаме на следните поколенија-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Изградбата на Македонскиот крст во центарот на Драчево, во “Паркот на бранителите”, започна на 16 април 2022 година. Неговото осветување денес е најголемата молитва пред Господа за победата на животот над смртта, за спасение на човештвото, на Македонците по род и државјанство, и на државата Македонија, истакна Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.

-Македонскиот Крст во Драчево е дванаесетти во светот, а втор во Македонија. Висок е 63,5 метри, широк 4 метри, со распон на краците 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е 12,5 метри, на три нивоа, темелната плоча е со дебелина од 1 метар. Во Македонскиот Крст во Драчево е вградена челична конструкција од 80 тона, премачкана со алкална жолта боја. На крстот е изведена светлечка инсталација со енергетска самоодржливост, што ќе претставува вистинска атракција во овој дел од градот Скопје и општината Кисела Вода. Вечерва ќе не огрее неговата светлина. Крстот претставува симбол на мирот и љубовта наспроти омразата и војната и затоа, радоста е заемна и благодатна за сите граѓани на државата Македонија, за сите Македонци по род и државјанство. За многаја лета Крстот, кој денес се освети, за многаја лета Драчево и општината Кисела Вода, за многаја лета Скопје метрополата и државата Македонија! Нека овој свет крст биде светилник на верата во Бога и на љубовта за татковината Македонија! Нека Господ Бог не’ благослови сите нас, нека Господ Бог ја благослови Македонија-истакна Тодор Петров, кој потоа, како инвеститор на објектот им додели плакети и благодарници на сите кои ја помогнаа изградбата на ова свeто здание.

default

Настанот беше дополнет со богата музичка програма од познати македонски музичари- Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски како и мешаниот камерен хор ,,Свети Климент Охридски” и дечињата од КУД “Китка”.

Македонскиот крст во Драчево е дванаесетти по височина во светот, а втор во Македонија.

Широк е четири метри, со распон на краците од 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е висок 12,5 метри и е на три нивоа, а темелната плоча е со дебелина од еден метар. Во Македонскиот крст е вградена челична конструкција од 80 тони, премачкана со алкална жолта боја. На крстот е изведена светлечка инсталација со енергетска самоодржливост, што ќе претставува вистинска атракција во овој дел од Градот Скопје и Општина Кисела Вода. Поставен е на 12 шипа со длабочина од 12 метри и дебелина од 80 сантиметри, плус четири централни шипа со длабочина од 16 метри и дебелина од еден метар. Во крстот се вградени 720 тони бетон и 32 тони армирано железо, најголемиот дел под земја, поради статиката на крстот.

Учениците од денеска се на пролетен распуст, а еве како ќе се одработат неработните денови поради изборите

Учениците од основните и средните училишта од денеска заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

– Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН кое, по реакции во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести во саботи.

Детско дружење, игра, забава и музика на Могила – падна и ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ пинг-понг дуел (ФОТО)

Во Паркот на револуцијата денеска во Прилеп, денеска на Цветници се одржа голем забавен хепенинг, насловен како “Пролетта не’ мами, на Могила не’ кани”.

Голем број дечиња го искористија топлото време и играа различни игри, се забавуваа на музичка програма, цртаа, спортуваа, а во активноситете се приклучија и двајца градоначалници, поранешниот Марјан Ристески и актуелниот Борче Јовчески, кои одиграа и меѓусебен пинг-понг дуел.

-Навистина е задоволство да се гледаат парковите исполнети. Посебно вака денес, во овој убав пролетен ден, во кој што организиравме уште еден Хепенинг исполнет со многу забава и многу активности за сите генерации. Денес е голем празник, Цветници, сакам да им го честитам именденот на сите кои што слават. Сакам да истакнам дека и во иднина ќе продолжиме со организација на вакви настани, на различни локации во нашиот град, со цел да понудиме анимација, вклученост и забава за сите наши сограѓани – порача Јовчески на ФБ.

Бидете внимателни во центарот на Прилеп, може да ви падне малтер на глава (ФОТО)

До нашата редакција пристигнаа фотографии од загрижени граѓани, кои забележале поголем одрон на малтер од тераса на зграда во строгиот центар на Прилеп.

Нашите читатели апелираат граѓаните да бидат внимателни кога поминуваат по ова шеталиште.

Се работи за постар станбен објект, на кои итно му е потребна санација.

Приведени тројца прилепчани за нарушување на јавниот ред и мир – се степале пред угостителски објект

Денеска (28.04.2024) во 01.30 часот полициски службеници од ОВР Прилеп ги привеле О.П(34), Д.Т.(41) и Ф.С.(28) сите од Прилеп, затоа што пред угостителски објект во Прилеп го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок – информираат од ОВР Прилеп.

Целосна доминација и директен пласман во следен круг на убавата Мелиса од Лажани: Од нејзиниот моќен глас без зборови остана целото жири на “Ѕвездите на Гранд” (ВИДЕО)

Две Македонки настапија во дуел во „Ѕвездите на Гранд“ и го украдоа шоуто со своите моќни интерпретации.

Станува збор за скопјанката Андријана Петрушовска (23) и Мелиса Зијадиќ (18) од прилепско Лажани.

18-годишната Мелиса ги задоволи и високите критериуми на Драган Стојковиќ Босанац, а од коментарот на Марија Шерифовиќ, беше јасно дека младата девојка од прилепско ќе продолжи понатаму во шоуто.

“Мелиса, лудило! Генерално добро пееш, меѓутоа ти укажав да бидеш поведра. Вечерва се’ ми се допадна и браво после осум кругови”, порача Шерифовиќ.

Коментарот на Босанац беше следен:

“Мелиса јас ќе те пофалам, а твојата менторка ќе ти каже каде имаш погрешено. Ти мене ми личиш како на приказната за лебедот, првиот и вториот круг беше преплашена, а сега доби крила и леташ злато мое, одличен трилер, одлична боја на гласот. Браво, ти си за мене чиста десетка”, рече Стојковиќ.

На крајот и Цеца, која е ментор на Мелиса, не го криеше задоволството што нејзината кандидатка помина директно во наредниот круг.

Настапот на Мелиса можете да го погледнете од 1:20:49, на видеото во продолжение:

На сред село кај “Роко Брзи”, низ песна со Славче Ристески, која ќе ве натера да го посетите едно од најубавите македонски села (ВИДЕО)

Живописното село Богомила, или некогашна општина Богомила, е дестинација која би му ја препорачале секому. Прекрасната природа, ридско-планинските селца во околината и реката Бабуна се рај и одмор за душата.

Во Богомила ќе ги најдете едни од најгостопримливите мештани, а неодминлива дестинација е продавницата на “РОКО БРЗИ” на сред село, каде најдобро ќе запознаете многумина од нив.

Имавме една убава прилика да се дружиме со чичко Славче Ристески, прекрасен човек кој потекнува од ова село, а дружбата ни помина со многу пеење, смеа и раскажување на многу анегдоти и случки од секојдневниот живот.

Впечаток ни остави неговата изведба на песната “На сред село едно дрво”, која ви ја пренесуваме во продолжение:

Нека оваа мелодија ве примами да ги посетите овие полни со љубов краишта на нашата преубава Македонија.

Браво Андреа, Прилеп се гордее со тебе! Пред една недела стана државен првак, а сега застана и рамо до рамо со најдобрите од цел Балкан (Фото галерија)

Македонската бодибилдинг и фитнес репрезентација денес се враќа по успешниот настап ма 33-тото Балканско првенство кое викендов се одржуваше во Темишвар, Романија.

Нашите репрезентативци освоија три златни медаљи, Георги Георгиевски, Петар Стојаноски и Ајремин Јусуфи, една сребрена, Дејан Димков и една бронзена, Томче Николовски.

Дел од македонската репрезентација беше и Андреа Аврамоска од Прилеп, која беше четвртопласирана. Во голема конкуренција од целиот Балкан, нашата Андреа, преку упорност и многу работа застана рамо до рамо со најдобрите.

Пред само една недела стана државен шампион во категоријата боди-фитнес, а сега и докажа дека сосема заслужено ја доби оваа титула.

Да и’ посакаме овој најнов успех да биде поттик и до година да ја видиме на самиот врв на Балканот и Европа.

Два турнири по ред, Тамара на врвот – медали и за Ангела, Анабела и Јована – Девојките од БК “7-ми Мај” Прилеп газат каде и да се појават

Вчера во Косово се одржа меѓународниот турнир “Хани Елези”, каде одново главниот збор го имаа прилепските борачки. Минатонеделната победничка во Качаник, Тамара Цветкоска, и на овој турнир освои прво место и беше избрана за најдобар странски борач.

Покрај Тамара, со медали во своите конкуренции се стекнаа и:

Ангела Трајкоска и Анабела Стојаноска, кои освоија втори места, а Јована Тодороска беше третопласирана.

Честитки за девојките и нивните тренери. Благодарение на нивните успеси, Прилеп е во самиот врв во борењето во Македонија.

Автомобил удри во пешак на улица “Партизанска” во Битола

На 27.04.2024 во 09.13 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Партизанска“ во Битола, патничко возило „лада“ со битолски регистарски ознаки, управувано од З.Р.(51) удрило во пешакот Ј.С.(73), двајцата од Битола.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничката болница Битола.

Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Битола – информриаат од СВР Битола.