дома блог страница 793

Николоски во Брисел на средби со Вархеи и Суперти

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во функција на известител определен од Парламентарното Собрание на Советот на Европа за Босна и Херцеговина денес e во работна посета на Брисел во институции на Европската Унија, со цел да разговараат за напредокот на Босна и Херцеговина, но и за можностите за напредок на Западен Балкан како целина.

Николоски заедно со неговиот колега Немет најпрво ќе се сретнат со Оливер Вархеи – Комесар за проширување на Европската Унија и Валентина Суперти – Директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Унија. На средбите е предвидено да се разговара за напредокот во исполнувањето на обврските на Босна и Херцеговина, како и за можностите за побрза интеграција на регионот во Европската Унија. Покрај овие средби предвидени се и други состаноци со претставници на Европската Комисија. Главен предизвик и за Босна и Херцеговина и за регионот е борбата со организираниот криминал и корупцијата и сериозната борба со корупцијата е главен предуслов за напредокот кон Европската Унија.

Работната посета на овие институции во Брисел уште еднаш ја потврдува заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за интеграција на целиот регион во ЕУ и е потврда за бројните пријателства кои ВМРО-ДПМНЕ ги има во рамки на Европската Унија, Советот на Европа и Европската Народна Партија како најсилна партија во Европа.

Николоски е првиот македонски пратеник избран за известител на Мониторинг комисијата во Советот на Европа за било која држава во Европа.

7. по ред Џез фактори фестивал во Битола

Годинешното 7.по ред издание на Џез Фактори Фестивал Битола, ќе се одржи од 03-ти до 06-ти Април со настапот на повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство во Народниот театар и Центарот за култура Битола.

„Низ годините, се трудиме со организирање на фестивалот да го збогатиме културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите“, изјави директорот и основач на Џез Фактори Фестивал професорот Сашо Поповски.
Фестивалот ќе биде отворен со промоцијата на книгите “Радио“ и “Неправилен ритам“ на авторот Љупчо Јолевски.

Следниот ден е резервиран за настапот на Јулиа Сиедл Трио од (Австрија) и Николас Гардел Трио од (Франција) на сцена на Народен Театар од 20ч, а програмата продолжува со настапот на Максимовски Јунајтед во Порта Џез од 22ч.

На 5 Април концерти ќе одржат Гоце Мицанов Трио (Македонија) и UNLEASHED COOPERATION од (Полска). Во Паб Бурбон Стрит преку поддршка на локалната културна сцена во Битола, програмата продолжува со диџеј сетот на Иле The Hair.

Последниот ден е резервиран за работилницата за изработка на гитари на Ивица Јорданов, настапот на Сара Ташкоска Квартет во Камарите, годишната конференција на Асоцијацијата на Џез фестивали во Битолскиот театар, а вечерта фестивалот ќе биде затворен со концертите на Сакис Пападимитриу од (Грција) и Ossa Квартет од (Србија).
Последниот ден во Камарите ќе биде и доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2023 во соработка со Општина Битола.

Фестивалот се организира под патронажа на Општина Битола и партнерство со НУ Народен Театар Битола, а со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола, како и Францускиот Институт од Скопје, Амбасадата на Полска, Амабасадата на Австрија и Генералниот Конзулат на Грција во Битола.

Во изминатите години на фестивалот настапија врвни уметници од Македонија и странство меѓу кои: Баба Сиссоко (Мали), Баптист Хербин (Франција), Ермано Панта (Шпанија), Теодосиј Спасов – (Бугарија), Васил Хаџиманов – (Србија), Куарем Квартет (Франција), Наташа Роџерс (Франција), Хјуман Тач (Грција), Фишерманс Оркестар (Швајцарија), Ликвид Карпет (Словенија), Фанфара Статион (Италија), Арменд Џафери (Косово), АЈС Квартет (Албанија), Славен Љујич (Црна Гора), Милан Пертовиќ (Србија), Тони Китановски, Џијан Емин, Гоце Мицанов, и др.

Годишно фестивалот реализира 9 концерти и 5 пратечки настани на сцената на Народен Театар Битола, како и локалните клубови и културни сцени со посетеност од над 2000 посетители.

Посветеноста, беспрекорната организација и реализација на Џез Фабрика Фестивал ја препозна и Европската Асоцијација на Фестивали ЕФФЕ и за периодот 2019 – 2024г. на фестивалот му го додели нивниот амблем за “Remarkable Arts Festival”.

Џез Фабрика Фестивал во 2020г. е избран од страна на МОСТ – Унгарија во друштво на 10 фестивали од Европа и 9 фестивали од Балканот за учество во програмата за соработка и асоцијација.

Од 2022г. фестивалот е дел и од асоцијацијата на џез фестивали – Скопје во партнерство со: Равне џез фестивал (Словенија), Трансилванија џез фестивал (Романија), Кикинда џез фестивал (Србија) и Модоарс фестивал (Македонија).

Од 2021 Џез Фабрика Фестивал Битола е дел од проектот Франција – Балкан Џез Мрежа во партнерство со џез фестивалите од Франција: Дижон, Шамбери и Рона-Алпи, како и Балканските џез фестивали: Нишвил, Подгорица и Тирана.

Влезниците освен на билетарата на Народниот театар Битола, може да се набават и онлајн преку веб страната на Џез фактори фестивалот како и преку страната на Битолскиот театар за што дополнително ќе информираме.

За годинешниот плакат на фестивалот се погрижи Даниел Ѓурчиновски.

Пациент паднал од болнички кревет и два часа викал по доктор и сестра, а на крајот се јавил на 112

Пациент што бил хоспитализиран во болницата во Велес неодамна свртел на единствениот телефонски број за итни случаи 112 за да побара помош откако претходно паднал од болничкиот кревет, но никој од вработените во болницата не дошол да му помогне. Случајот го сподели првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, во поткастот на СДК.мк, додавајќи дека иако бизарен и чуден се завршил успешно.

„Нашите оператори најпрво мислеле дека станува збор за некое недоразбирање оти како е можно лице кое е згрижено во болница да бара помош? Но, навистина било така. Лицето било примено во болницата, но во текот на ноќта паднало од кревет и барало помош од сестра и доктор. Никој не доаѓал два часа. Успеал да дојде до мобилниот телефон и се јавил кај нас. Имал шипки во рацете и ‘рбетот“, вели Ангелов.

Кога операторите во Центарот за управување со кризи го пренасочиле повикот до Брзата помош и оттаму биле збунети оти требало да интервенираат во болница. Било исконтактирано и обезбедувањето на болницата, но тие немале соодветен клуч и не можеле да влезат во собата каде што бил сместен пациентот.

„Настанала вистинска драма која траела 40 минути додека влегла Брзата помош. Нашите мислеле дека пациентот починал оти одредено време го немало на линија, а тој го исклучил телефонот за да ја зачува батеријата. На крај овој бизарен случај се заврши успешно, Брзата помош спаси пациент кој падна од кревет во велешката болница“, додава директорот на ЦУК.

Единствениот број за итни случаи 112 беше пуштен во функција пред три години, во февруари 2021 година.

Толку млада, а веќе со огромно актерско искуство зад себе: Интервју со талентираната актерка од Прилеп, Сара Спиркоска

Со исклучок на некои проблесоци, повеќе на независната, а помалку на институционалната сцена, сè уште се бавиме со еден, би го нарекла ‘заборавен’ театар. Со години стоиме во место, а тоа сметам дека се должи на недоволната циркулација, односно постојано креирање во еден ист круг на луѓе. Особено од ова се засегнати вработените во институција. Тешко е да се инспирираш од некој со кој прагот на видикот ви е ист долги години. Истите актери, истите режисери, повторување на извикани имиња на драмски текстови кои напати се поставувани од истиот режисер по втор пат. Веќе свикнати едни на други, нема простор за изненадување. Ни фали циркулација – вели актерката Сара Спиркоска. Таа ја доби наградата за најдобар млад актер на фестивалот за улогата во претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски во 2022 година, на 56. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, многу брзо по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Спиркоска игра хонорарно на сцената на Прилепскиот театар од средношколски денови. Таа дава свој влог и во независни проекти на продукцијата „Атриум“ од Скопје, а реализира и работилници за надградување во различни уметнички форми преку Еразмус-проекти. Своето филмско искуство го започнува со режисерот Милчо Манчевски за филмот ,,Врба” во улогата на Велика и филмот ,,Te dua, жими мене” во режија на Марјан Гавриловски, во улогата на Кала. Со неа поразговаравме за тоа каде ги гледа промените за да стигнеме до подобар театар.

1. Што треба да се промени во театарот?

Театарот бара свежина и нови перспективи, а младата сила е таа која може да го донесе тоа. Од моето искуство со работа и со млади режисери на независната театарска сцена, како и во институционален театар, забележувам дека независната сцена предничи во многу аспекти: во менаџирањето, иновативноста, храброста за преземање на ризик. Независните театарски трупи се осмелуваат да експериментираат и да си создаваат предизвици. Но, институцијата како да не го препознава потенцијалот, или можеби го препознава но премногу е зафатена со математика, пресметки и тактизирања за да даде прилика на оние кои што се издвојуваат и заслужуваат. Често управата на театрите нема никаква поврзаност со самата професија или нема никакво искуство со менаџирање, па го разбирам моментот дека е малку тешко да се држи фронтот на едно квалитетно ниво. Сепак, не треба да се дозволи личните интереси да кородираат во нешто толку чисто како што е уметноста.

2. Како за вас треба да изгледа еден современ театарски фестивал?

Театарскиот фестивал ќе биде современ онолку колку што е современ театарскиот репертоар. Не можеме да имаме современ фестивал ако немаме современ театар. Можеби не треба по секоја цена сите театри да го имаат правото на учество. Селекторот, како и комисијата која одлучува да награди треба да постави, но и самата да задоволи повисоки критериуми. Тоа ќе биде еден стимул за да се прифати предизвикот да се обидеме да се приближиме до нив, што пак ќе доведе до некакво поместување.

3. Што му фали на современиот македонски театар?

Циркулација. За да се покрене во живот. Со исклучок на некои проблесоци, повеќе на независната а помалку на институционалната сцена, сè уште се бавиме со еден, би го нарекла ‘заборавен’ театар. Со години стоиме во место, а тоа сметам дека се должи на недоволна циркулација, односно постојано креирање во еден ист круг на луѓе. Особено од ова се засегнати вработените во институција. Тешко е да се инспирираш од некој со кој прагот на видикот ви е ист долги години. Истите актери, истите режисери, повторување на извикани имиња на драмски текстови кои напати се поставувани од истиот режисер по втор пат. Веќе свикнати едни на други, нема простор за изненадување.

Востановениот репертоар и модел на институционалните театри можеби треба да се скрши и да се земат за пример вонинстуционални театарски трупи кои нудат алтернативен пристап и свежа идеја. Немањето финансиска стабилност, алтернативецот го поттикна на истражување, креативно и иновативно раскршување на формата на текстовите, поставувајќи ги во експериментален нетеатарски простор. Му помогна да ги скрши правилата, моделот на работа. Можеби тоа треба да го направат и институциите.

За да фатиме чекор со светските театри ќе треба повеќе, но еве еден предлог за почеток: Група на актери од еден, ќе направат размена со група на актери од друг театар. Ќе работат во другата институција на проект за истата плата. Театрите во Скопје имаат простор за повеќе циркулација затоа што ги има повеќе, а на истиот принцип, со мала инвестиција, може да функционираат и театрите на помалите градови кои се поблиску еден до друг. За ваквата соработка меѓу институциите треба само волја. Овој принцип на размена и мешање на театарските анамбли не само што ќе ја разгори желбата за работа на актерите, туку и ќе отвори нови можности за креативност, иновации и восприемливост на нови идеи и стилови.

Институциите да не ги заборават младите, а државата уметниците. Уметноста е скапа работа и бара инвестиција. Особено современиот театар кон кој стремиме.

Извор: mtf.com.mk

Oграбена обложувалница во Прилеп

На 04.03.2024 во 04:12 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во спортска обложувалница на ул. “Маршал Тито” во Прилеп, едно лице со закана кон вработениот одзело пари.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од ОВР Прилеп.

Совршено подредено! Ѕирнете како изледа новата и најголема досега продавница за пијалоци во Прилеп (ВИДЕО)

Изминатиот викенд во Прилеп со работа започна најголемата продавница за пијалоци.

Лоцирана во дуќанот на домот “Спиро Забрчанец” Liquor Store Prilep , ќе биде прва премиум дестинација за секаков тип на пијалоци во Прилеп.

Конечно градот под Марковите Кули ќе добие еден современ продажен салон за пијалоци, каде на едно место може да се најде се’ и сешто и за сечиј вкус.

За што точно се работи и каков се избор на пијалоци е достапен за купувачите, погледнете накратко во видеото во продолжение:

Тошковски на маса со Ченто и Пешов: Вистината е на нивна страна, борбата за правда не смее да запре

„Борбата за правда не смее да запре, се додека не се постигне конечната слобода. На тој пат овие луѓе не се сами и секогаш ќе ја имаат мојата поддршка, затоа што вистината е на нивна страна. Сигурен сум дека пред нас е почетокот на едно ново време, време на правда и слобода за сите неправедно осудени“, вели Тошковски.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, се сретна со Митко Пешов и Јане Ченто, осудени за „27 април“ кои издржуваат висока затворска казна. Тошковски го афирмираше познатиот став, дека двајцата ја имаат неговата поддршка.

„Борбата за правда не смее да запре, се додека не се постигне конечната слобода. На тој пат овие луѓе не се сами и секогаш ќе ја имаат мојата поддршка, затоа што вистината е на нивна страна. Сигурен сум дека пред нас е почетокот на едно ново време, време на правда и слобода за сите неправедно осудени“, вели Тошковски.

Јане Ченто во неколкунаврати досега побара фер судење, а да го гонат за дело кое што го сторил, а не за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тој посочува дека ќе дојде ден кога ќе се открие цела хајка која се водела против него, како и местенките од судските процеси.

Истовремено, судот во Стразбур пресуди на страна на Пешов. Тој бил незаконски држен во притвор.

На Таче му ја затвориле вратата во Рим?!

Доживеал ли непријатност лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски во Рим каде што пред два дена бил поканет на собир на Партијата на Европските социјалисти, а сепак не му било дозволено да влезе на собирот – прашува порталот “ПЛУС ИНФО”.

Како што објави влијателниот медиум Политико, Ковачевски, иако бил повикан, не успеал веднаш да влезе на собирот на европските социјалисти во Рим.

Новинарите на Политико дури и пренесуваат што точно Ковачевски им рекол на организаторите на настанот:

„Јас кога канам луѓе ги канам да влезат, а не да останат на улица”, изјавил наводно Ковачевски откако бил одбиен да влезе на собирот на елитата на Европските социјалисти, пренесе Политика.

На крајот, сепак, очигледно недоразбирањето било решено и Ковачевски се обратил на панел-сесијата „Решенија за подобар квалитет на живот“. Тој се сретнал и со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, со шпанскиот премиер Педро Санчез, како и со германскиот канцелар Олаф Шолц.

По завршување на конгресот Ковачевски изјави:

– Денеска учествував на Изборниот конгрес на ПЕС, насловен како ‘Европа што ја сакаме, социјална, демократска и одржлива’, на којшто беше усвоен Манифестот на Партијата на европски социјалисти за претстојните избори и како заеднички кандидат на партијата кој ќе го води европското социјалистичко семејство на европските избори во 2024 година се избра еврокомесарот за работни места и социјални права, Николас Шмит – изјави Ковачевски.

Сличен регионален состанок со Партијата на европски социјалисти (ПЕС) се одржа и на 10 февруари годинава во седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Скопје.

Aтракција во “Ист Гејт”: Tркачкото Порше на Вуков ексклузивно претставено пред македонската публика (ФОТО)

– СН Осигурителен брокер АД Битола и СН Мото центарот во Скопје, како дел од СН Групацијата, во улога на генерални спонзори обезбедија поддршка за учеството на Вуков на годинашниот Порше Супер Куп.

Македонската публика доби ексклузивна можност одблиску да го погледне тркачкото возило на македонскиот автомобилист Ристо Вуков. Возилото, Порше 992 GT3 CUP, со кое Вуков ќе се натпреварува во новата сезона на Порше Супер Купот, кој традиционално се вози со Формула 1, беше изложено во East Gate Mall во Скопје.

„Навивачите се душата на секој спорт, па и во автомобилизмот возачите „добиваат крилја“ кога ја имаат поддршката на публиката.“-изјави македонскиот пилот Вуков, кој ја гради својата кариера надвор од нашата земја, при што три години по ред настапуваше во Порше Карера Куп Италија и една година во Светскиот Porsche Mobil 1 Supercup.

За оваа сезона тој најави повторно настап во светскиот Порше Суперкуп, кое е највисока форма на овие трки со легендарните ГТ возила, а се организираат заедно со трките на Формула 1.

Како благодарност за поддршката од македонската публика, заинтересираните од 1 до 3 март имаа ретка можност одблиску да го видат најновиот тркачки модел на Porsche со 510 коњски сили.

На настанот кој привлече голем интерес својата понуда ја претставија и СН Осигурителен брокер АД Битола и СН Мото центарот во Скопје, кои како дел од СН Групацијата, во улога на генерални спонзори обезбедија поддршка за учеството на Вуков на годинашниот Порше Супер Куп.

„Многу ми значи поддршката од СН Групацијата, која ги препозна залагањата на целиот мој тим. Трките од Порше Суперкупот спаѓаат во категоријата на врвни натпревари на глобално ниво. Тие се возат заедно со Формула 1 веќе три децении, што јасно зборува за каков врвен натпревар се работи. Затоа за мене е чест и задоволство не само да се учестувам на еден ваков светски куп, туку и затоа што дома добивме огромна поддршка, вклучувајќи ја и таа од бизнис секторот.“-изјави Вуков.

„Горди сме што Вуков, кој на патеките на Формула возеше под логото на СН Групацијата, е првиот и досега единствен Македонец на Порше Супер купот. Голем предизвик е да се влезе во трка со најдобрите возачи од целиот свет. СН Групацијата ја препозна неговата посветеност и затоа чест ни е што обезбедивме поддршка за учеството на македонскиот тим на светски престижните трки. Големите предизвици заслужуваат голема поддршка.“– велат од СН Групацијата.

Инаку, Вуков минатите три сезони ги мина како возач во Порше Карера Купот на Италија, каде што се етаблираше како возач кој континуирано освојува поени. Годинава тој настапи во највисокото по ранг светско натпреварување од ГТ трките, Порше Суперкуп.

Вуков, зад себе го има искуството на двократен европски шампион во картинг и единствен тогашен претставник од Балканот на Светското првенство во оваа категорија (2008-2009). По одличните резултати, се префрлува во автомобилизмот, каде постигнува значајни успеси на домашната, како и на меѓународната сцена.

Тој е актуелен шампион на Македонија во класата Југо хибрид и првак во отвореното првенство на Србија во силна и бројна конкуренција. На крајот, неизбежно беше после сите овие резултати, во 2020 година, Рико да ја добие поканата од GDL Racing за да биде нивниот пилот во престижниот Порше Карера Куп Италија, каде настапуваше три години по ред. Последната сезона неговата кариера ја одбележа префрлањето во Порше Суперкупот, каде ќе продолжи да се натпреварува и во новата сезона.

АМД Прилепец нуди голема поволност за припадничките од понежниот пол во месецот на жената

Сервисот за технички преглед на АМД Прилепец од Прилеп нуди голема поволност за припадничките од понежниот пол, кои овој месец ќе се одлучат да ги регистрираат своите возила кај нив.

-Не само денот на жената 8ми Март, ние го славиме месецот Март како месец на жената. По тој повод ви нудиме одлична понуда за Вас жените, понуда на услуги која можете да ја искоростите до крајот на месецот. За сите жени кои ги регистрираат возилата во месецот на жената, добиваат гратис сервисна услуга во сервисот во АМД!
Најбрза и најквалитетна сервисна услуга за возила во градот
– информираат од АМД Прилепец.

Сите припаднички на понежниот пол ќе можат да искористат гратис услуга за промена на масло или филтри, замена на дискови, сијалички, гуми, како и бесплатна дијагностика.