дома блог страница 782

Гимназијалците преблагодарни за донацијата на “ВИК МАКЕДОНИЈА” – Сега “ГЕНТЕРМ” е на потег!

Koмпанијата “WIK Македонија”, како општествено одговорна компанија, постојано дава свој придонес во подобрување на условите за работа во образовниот процес во Прилеп, како на учениците, така и на наставниот кадар.

Денеска претставници од компанијата ја посетија прилепската гимназија “Мирче Ацев”, каде донираа различни наставни помагала, кои секако ќе бидат од огромна помош за ова средно училиште.

-Ви благодариме Вик Македонија за вашата донација. Ви благодариме што вложувате во подобрувањето на условите за работа во образованието. Влогот во образованието е влог во иднината на младите – напиша директорката на гимназијата Весна Михаиловска.

Секоја чест! Ученици од ООУ “Кочо Рацин” со поддршка од компанијата “Тила” ќе засадат 2.000 дрвца

„Тила“, единствениот македонски бренд за деца, овој пат во една малку поразлична добротворна акција, поттикната од добрата и јасна цел на едно деветгодишно дете да помогне на природата со пошумување на дрвја.

Оваа акција се одвива на опожарениот дел на планината Селечка, во близина на манастирот Св. Димитрија во с. Селце. со вкупен број на 2.000 садници кои ги обезбеди ОOУ „Кочо Рацин“ и компанијата „Тила“ од Прилеп, а ќе бидат насадени од страна на сите дечиња од IV до IX одделение.

– Кога се децата во прашање, ние имаме слух за нивните потреби, се разбира во рамките на нашите можности. Досега сме помогнале со разни донации на гардероба од нашиот бренд, но овој пат наидовме на нешто сосема поразлично. Искрено и од сѐ срце ја поддржуваме оваа идеја за да испратиме убава порака до сите дечиња, па и до нас возрасните, за тоа колку малку треба за да се направи едно добро дело – вели управителот на „Тила“, Ивана Зајкоска.

Помошта за реализација на оваа искрена идеја на едно дете не запира тука. Јавното претпријатие „Македонски шуми“ од Прилеп го подготви теренот за ова пошумување, додека компанијата „Дам Дам градина“ од Прилеп е тука за да ги едуцира и води децата низ процесот на пошумување и за нашето влијание врз природата.Превозот на учениците до локацијата го обезбеди ПУП Општина Прилеп.

Деветгодишното дете ја предложило оваа идеја пред своите соученици од IVа одделение во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп за време на изборот на претседател на класот. Предизвик, а воедно и цел, на ова дете било да направи нешто што би било добро за сите дечиња, со што ја добило довербата на неговите соученици.

Со цел да се реализира оваа добра мисла, „Тила“, како општествено одговорна компанија чиј свет е исто така детскиот свет и нивните потреби, ќе ги поддржи најмладите, заедно со одделенскиот наставник Анета Станкоска и директорката на училиштето – Јулијана Тренкоска.

– Оваа поддршка на едно училиште во воспитно-образовниот процес на децата е исклучителна и од големо значење и само на овој начин ќе успееме заедно во создавањето на совесни и одговорни млади личности – вели Ивана Зајкоска.

„Тила“ е детски бренд за облека со сопствено производство и дизајн во Прилеп. Ние сме единствена компанија во Македонија што целокупниот процес од идеја, дизајн, набавка, производство и продажба на детска колекција, го реализира сама. Компанијата во моментот брои вкупно 22 вработени и успеа да ги задржи најголем дел од своите вработени по невидената загуба која ја доживеа во пожарот на 21.04.2023 година.
Двете сестри, Ивана и Наташа, ја создаваат „Тила“ во 2009 година и го преземаат семејниот бизнис, кој долги години се занимаваше со производство на ексклузивни дизајнерски детски брендови од светската мода.

Учејќи од најдобрите, преку личното работно искуство, двете сестри оставаат свој печат на модниот пазар во Македонија.Нивната единствена цел им е да го создаваат најдоброто за децата, слушајќи ги истовремено потребите на мајките и децата.
Колекциите на „Тила“ се создадени според модните трендови во светот, ставајќи најголем акцент на квалитетот на производството, како и на изборот на материјали.

Низ годините, „Тила“ се труди да биде општествено одговорна компанија, со единствена цел да помага на децата. Во рамките на своите можности, има донирано од својот асортиман на неколку институции и семејства меѓу кои се: општата болница во Прилеп (гинеколошко одделение), ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, ОУ. „Пецо Даскалот“ с. Долнени, „Детска амбасада за сите деца во светот“ од Прилеп, здружението „Порака“ од Прилеп итн.

Нема крај: Уште еден прилепчанец фатен со бесправно сечени огревни дрва – овојпат на патот помеѓу селата Беловодица и Царевиќ

Фото/илустрација

На 14.03.2024 во 20.00 часот на пат за с.Беловодица – с.Царевиќ, полициски службеници од ОВР Прилеп при СВР Битола го лишиле од слобода В.С.(36) од Прилеп.

При контрола на патничко возило „даеву” со кумановски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени огревни дрва без документација.

Дрвата биле предадени на Шумска полиција, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава – информираат од СВР Битола.

Уапсен жител од прилепско Големо Коњари: Полицијата му пронајде пушка и куршуми, за кои се сомневаат дека потекнуваат од кривично дело

На 14.03.2024, полициски службеници од ОВР Прилеп го привеле Ч.С.(21) од с. Големо Коњари, прилепско.

При претрес во неговиот дом, извршен со наредба на Основен суд Прилеп, биле пронајдени и одземени воздушна пушка, повеќе куршуми и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.

По целосно документирање на настанот против него ќе следува соодветна пријава – информираат од СВР Битола.

Бојмацалиев: Вложени 45 милиони денари за реконструкција на станиците во Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и Кривогаштани

Денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев оствари работни средби со раководствата на СВР Битола и Одделенијата за внатрешни работи во Прилеп и Крушево во рамки на серијата посети што ги реализираме во сите сектори ширум земјава како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамки на работниот процес.

Од страна на раководството на СВР Битола Бојмацалиев беше брифиран за постигнатите резултати на оваа организациска единица, при што беше оцененат безбедносната состојба како поволна и без поголеми нарушувања на ЈРМ.

„Изминативе шест години на подрачјето на СВР Битола реконструирани пет објекти и тоа: СВР Битола, ОВР Прилеп, ОВР Ресен, ОВР Крушево и Полициско одделение Кривогаштани кои беа со децении запоставени. За сите посочени пет објекти издвоивме средства од Буџетот на МВР во износ од 45 милиони денари кои според сегашниот квалитативно видоизменет градежно-инфраструктурен облик целосно ги задоволуваат бараните критериуми за непречено функционирање на полициските служби во интерес на подобрување на услугите на граѓаните од овој регион”, рече Бојмацалиев, со уверување дека вработените од СВР Битола ќе продолжат со несмален интензитет во полициското работење, а со цел одржување на поволна безбедносна состојба и гарантирање на фер и демократски Изборен процес што ни претстои наредниов период.

За време на посетата на Крушево, Бојмацалиев оствари средба со градоначалникот Томе Христовски на којашто ја констатиравме одличната соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа, во насока на безбеден изборен процес. По средбата, Бојмацалиев го посети и вечното почивалиште на Тоше Проески каде што положи цвеќе во знак на почит на прерано загинатата музичка ѕвезда.

Tутунски-Комбинат Прилеп минатата година забележал профит од 2.7 милиони евра

Од финансиски приходи од своите вложувања, веројатно од фирма – ќерка, прилепскиот Тутунски комбинат оствари принос во вредност од 4 милиони евра и тие беа доволни да ја покријат загубата од 1,8 милиони евра од оперативното работење. И на крај што би рекле прилепчани „да остане фазла“ и профит од 2,7 милиони евра – oбјави порталот “ФАКТОР.МК”.

Најголемиот тутунски комбинат во земјава и единствен државно поседуван годинава ја заврши со добивка од 2,7 милиони евра. Станува збор за државниот Тутунски комбинат Прилеп кој беше прва од сите откупувачи која ја зголеми цената на суровиот тутун за 15 отсто.

Официјалните податоци на компанијата покажуваат дека не заработиле од производството и продажба на тутун туку биле во загуба од 1,8 милиони евра на крајот на 2023 година. Но затоа пак благодарение на финансиските приходи од 5 милиони евра оваа компанија успеала да прокнижи нето добивка од 2,7 милиони евра.

Минатата година прилепскиот Тутунски комбинат од продажба на тутун инкасирал 13,45 милиони евра и тоа е резултат на ниво на претходната 2022 година.

Целосниот текст прочитајте го на “ФАКТОР”

Oбичај кој живее со векови: На Прочка се амкаат јајца, израдувајте ги најмалите и не дозволyвajте овој обичaj да изyмpe

Старата слика потсетува за амкањето на празникот Поклади, кој се слави во февруари или март или седум недели пред Велигден.

Покрај простувањето за Прочка и посетата на младите кај повозрасните роднини за прошка, стариот адет сé помалку се пренесува од генерација на генерација и исчезнува низ татнежот на времето.

Амкањето варено, а нелупено јајце, врзано на конец и стап е обичај што се негувал со години, а децата се обидувале без помош на рацете да го фатат јајцето со усните кое се нишало од најстариот член во фамилијата.

Амкањето било следено со весели зацрвени лица на децата, кои вложувале напори, некогаш и илаџиски марифети, само да успеат да го стават јајцето во устата.

Зашто се верува дека оној кој ќе успее да го фати јајцето, ќе биде следен со многу среќа во пролетта што следи и целата година.

Старите прилепчани раскажуваат дека амкањето се правело на вечер, кога тесното семејство ќе се соберело по целодневните прошетки во сурати и маски по роднините и комшиите и по испраќањето на блиските од визитите за простување.

Нема кој не ги знае прилепските мечкари, но дали знаете зошто им се даваат пapи?

Тимот на најпознатата Фејсбук група “Патувања низ Македонијa” на одличен начин ја опишаа долгогодишната карневалска традиција во Прилеп и значењето на традиционалната маска Прилепски мечкари.

Текстот во продолжение е на Ангела Ризовска:

Прочка се празнува низ цела Македонија. Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Како дел од таа традиција е и заедничката вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата (На урка за предење волна се закачува конец и на него јајцето и на децата им се амка јајцето пред устињата за да го фатат), што претставува детска радост и добро расположение.

А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Во Прилеп кај нас, уште од рано сабајлето се преправаат дечињата кој во народни носии, кои во други интересни маски и одат кај своите баби и дедовци и роднини, со што бабите им даваат по едно бело јајце и паричка за среќа.

Карневалот во Прилеп е долгогодишна традиција низ прилепските улици, и е доста успешен и прилично посетен. Обично е организиран во неколку дена со најразлични интересни маски, претстави, а она што е најважно тие неколку дена е радоста на најмалите. Да не ги заборавиме и мечкарите без кои карневалот и самиот празник не би имал смисла.

Традиционална маска заштитен знак за Прилеп е мечкарската. Мечкарските маски се направени од пресни кожи кои се врзуваат од рано наутро на студено место.

Суратите се од црна чоја, вепарски заби, а се користат и препарирани животни. После завршувањето на карневалот, прилепчани им плаќаат на “мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот. Касапите пак наредниот ден се собираат на касапски посен грав за да си ги “измијат” гревовите што ги направиле на прочка.

Ви препорачувам да го посетите карневалот во Прилеп, да ја видите нашата традиција и да си поминете незаборавно со многу шеги и убава прилепска скара. Па, кај нас викаат: Простете ако сум ви згрешил/а, и вас нека ви е простено и од мене и од Бога! За многу години и нека трае вечно убавата традиција!

Ти замина, ама спаси најмалку четири животи: Битолчанецот Пеце е донорот кому јавноста му оддава почит!

Завчера беше направена мултиорганска трансплантација на органи во којашто еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива, информираа од Министерството за здравство.

Министерот Демири упати благодарност до семејството на донорот, чиј идентитет веќе се споделува на социјалните мрежи и кому му се оддава почит.

Како што објави битолскиот портал „Бабам Битола“, станува збор за Пеце Аврамовски, млад битолчанец, чие семејство со одлуката за донирање на неговите органи спасило повеќе животи.

И сестрата на Пеце, Елизабета Трајчевска, на социјалните мрежи се прости со него на емотивен начин, порачувајќи дека тој е херој.

– Ти замина, ама спаси други животи брате мој. Почивај во мир, објави таа.

Како што информираа претходно од Министерството за здравство, по добиената согласност во вторникот, завчера во раните утрински часови започнале трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива.

Демири упати јавна благодарност до семејството на донорот, кое повторно потсети на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот.

– Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку 4 животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас не прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје, истакна Демири.

Од 2020 година досега трансплантирани се 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива, вкупно 77 органи што живот значат.

(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Вредните раце на учениците од Прилеп изработија над 400 креативни маски: Со традиционалната изложба започна карневалот “Прочка 2024”

Со традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ денес започна карневалската магија која ќе кулминира в недела со централното дефиле за Прочка 2024.

Во ликовната галерија во Центарот за култура “Марко Цепенков”, беа изложени над 400 маски изработени од вештите раце на учениците од прилепските училишта заедно со нивните ментори и наставници, а најдобрите во секоја категорија беа наградени.

На настанот се обрати градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој ги додели наградите и признанијата за најдобрите маски, а гостин беше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.