дома блог страница 763

Витаминка генерален спонзор на првиот прирачник за машко здравје „Фокусирај се на себе, за себе“.

Потребата од овој прирачник се јави поради недостигот од информации на темата машко здравје, но и недоволната општествена ангажираност по овие прашања.

Промоцијата на прирачникот се одвиваше во киното “Мис Стон” во организација на “Здружениеto за унапредување на здравјето Филип Лукароски”. Во овој прирачник се говори за здравјето на мажите, а идејата е да се подобри нивното здравје со подигнување на свеста за рано препознавање на симптомите на одредени заболувања.

Една од главните цели на прирачникот е мажите да го постават сопственото здравје како највисок приоритет во животот.
Препознавањето и спречувањето на машките здравствени проблеми е повеќе од само грижа на мажите, туку е и важно семејно прашање. Само здрав маж е способен да ги исполни своите семејни и општествени улоги.

Пораката која се пренесува преку прирачникот е “Секој ден е нова можност да станете посилни, да живеете поздраво и да бидете
најдобрата верзија од вас. Работете на вашиот начин на размислување секој ден, на вашите здрави мисли. Ова е најдобриот начин да го промовирате вашето здравје. Започнете денес.”

Поддршката за овој прирачник е само уште еден начин на кој што Витаминка како компанија ја покажува својата грижа и посветеност на здравјето и добросостојбата на своите вработени, но и на сите граѓани и испраќа порака за свесноста за сопственото здравје како највисок приоритет во животот.

Во недела традиционален планинарски марш “Козјак 97”

ПСД “Козјак” Прилеп им соопштува на своите членови и други љубители на планинарството дека на ден 9.6.2024 год. го организира традиционалниот планинарски марш “Козјак ’97”.

Тргнување од с. Плетвар во 7:30 часот.

Пријавување во петок од 18-19 часот лично во клубот.

ЗА ПРВИТЕ 28 ПРИЈАВЕНИ-ПОДАРОК МАИЦА.

Водач на маршот: Стеван Сарваноски

Тажна вест: Ненадејно почина познатиот битолски адвокат

Вчера на 4 јуни 2024 година, во 16 часот, ненадејно почина Адвокат Драги Пажик од Битола.

Роден е 02.10.1959 г. во Битола, каде го завршил основното и средното образование. Дипломирал на правниот факултет во Битола. По завршувањето на Правниот факултет, својата професионална кариера ја започнува во тогашниот Окружен суд Битола, во 1996 год., најпрво како приправник, а потоа и како Стручен соработник во истиот суд, по што правната кариера ја продолжува како стручен соработник во Апелационен суд Битола каде работел на граѓанска и кривична материја. Истовремено студира и Магистерски студии по кривично право во Крагуевац СФРЈ.

Правосудниот испит го полага во 1987 г.

На 06.05. 1993 г. се регистрира како член на Адвокатската комора на РМ и ја основа Адвокатската канцеларија Драги Пажик.

Изгради успешна и реномирана адвокатска кариера во Битола и во цела Македонија а застапуваше и во соседните земји од поранешна Југославија. Драги Пажик неодамна прослави 30 години непрекинато вршење на адвокатската дејност и истата ја обавуваше совесно, стручно и професионално.

Во неговата канцеларија низ текот на годините, биле вработени повеќе адвокати кои подоцна се осамостоиле и изградиле успшена кариера.

Опелото и погребот ќе се извршат на ден 6 јуни 2024 год., во 12 часот, во Храмот “Св. Димитрија“ и Буковските гробишта во Битола. Посмртните останки на покојниот ќе бидат изложени во капелата на храмот Св. Димитрија на ден 06.06.2024 год., од 10:00 часот до 12:00 часот.

Кривична за прилепчанец за демнење и загрозување на сигурноста

СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Ј. од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „демнење“ и „загрозување на сигурноста“.

Пријавениот одреден период следел, вознемирувал и упатувал закани кон женско лице и нејзините родители – информираат од СВР Битола.

(ВИДЕО) Најдобрите потези од последниот танц на капитенот Велески

Со победа над втората екипа на Еурофарм Пелистер, ракометарите на РК Прилеп го обезбедија првото место во плеј-аут разигрувањето, а со тоа го осигураа опстанокот и идната сезона во ракометната Супер лига.

Натпреварот беше последен за капитенот Филип Велески, кој одлучи да стави крај на својата кариера, а ова можеби беше и еден од најдобрите натпревари во неговата кариера.

Велески како и секогаш покажа цврстина во одбрана, беше одличен во напад, асистираше, беше присутен на секој дел од теренот. Постигна и три погодоци, можеби и клучни во триумфот од 31:24.

Погледнете ги неговите најдобри потези на последниот танц во дресот на РК Прилеп:

Прилепската пијанистка, 17-годишната Анастасија Петреска, ќе настапи со Македонската филхармонија

Познатата прилепчанка, пијанистката Анастасија Петреска, е една од двете пијанистки од Македонија која беше избрана да настапи на концертот „Младите доаѓаат“, кој оркестарот на Македонската Филхармонија го организира со вклучување на најдобрите ученици од средните музички училишта.

Анастасија Петреска, која веќе и е позната на прилепската и македонската јавност, е ученик во трета година во Државното музичко училиште – Битола во класата на докажаниот професор д-р Татјана Божиновска.

Концертот ќе се одржи на 6 јуни во концертната сала на Македонската Филхармонија со почеток во 20:00 часот а под диригентската палка на маестро Ангел Спироски.

Прилеп во времето на ПРЕРОДБАТА: Маестрален едукативен проект изработен од историчарите при СОУ “Ѓорче Петров” (ВИДЕО)

Младите Историчари од СОУ “Ѓорче Петров ” – Прилеп, деновиве завршија еден доста креативен и обемен проект за Прилеп во времето на Преродбата, кој го крунисаа со видео изработено во вид на историска туристичка разгледница, која со сигурност кај многумина ќе остави впечаток.

За потенцирање е и тоа дека песната во видеото е лична творба на учениците.

Уживајте во ова прекрасно авторско дело во продолжение:

ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ТЕМПЕРАТУРИ БЛИЗУ 40 СТЕПЕНИ: УХМР со прогноза за следните денови, еве кога ќе биде најтопло

Во следните денови ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, а во попладневните часови ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе биде до 38 степени, соопшти УХМР.

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Попладне ќе има услови за ретка појава на пороен дожд и грмежи. УВ-индексот ќе изнесува 7.

Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе изнесува 16, а максималната 31 степен.

Најтопло ќе биде в понеделник, со максимална температура од 30 до 38 степени. УВ-индексот ќе изнесува 8.

AJДЕ ПРИЛЕП! Нашата Билјана е пред пласман во полуфинале, наше е да гласаме!

Последната четвртфинална емисија во мега популарното шоу “Никогаш не е доцна”, помина со многу добра музика, прекрасни емоции и големи изненадувања. Жирито никогаш немало потешка задача да одлучи кои кандидати ќе продолжат директно во полуфиналето.

Билјана Марковиќ, Саша Милошевиќ Маре и Кики Лесендриќ на крајот одлучија натпреварувањето да го продолжат Сабина Касумовиќ, Славиша Стојановиќ и Оливер Костиќ, додека за пласман во полуфиналето преку гласање одново се бори нашата прилепчанка Билјана Зероска.

Билјана на последната емисија се претстави со песната “Таjно моја” од Тоше Проески и предизвика лавина на емоции. Публиката и жирито останаа без здив, додека спомените за нашата музичка икона се враќаа преку впечатливиот настап на нашата прилепчанка.

Настапот на Билјана слушнете го ТУКА

Гласањето трае до денеска на полноќ, па затоа сите со глас да дадеме поддршка за нашата Билјана: ГЛАСАЈТЕ ТУКА

Утре премиера на претставата “БУРА” во прилепскиот театар “Војдан Чернодрински”

На 5 јуни 2024 /среда/ од 20.00 ч. во театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе биде изведена претставата „Бура“ од В. Шекспир, во режија на Џон Блондел.

Претставата е дел од годишната програма на театарот за 2024 година поддржана од Министерството за култура.

Податоци за претставата:
БУРА
Вилијам Шекспир
Режија и адаптација: Џон Блондел
Сценографија, костими, светло и плакат: Благој Мицевски
Музика: Томе Темелкоски
Драматург: Лидија Митоска-Ѓорѓиевска

Играат:
ПРОСПЕРО, вистинскиот војвода од Милано……………………………………………………ИГОР ТРПЧЕСКИ
МИРАНДА, ќерка му………………………………………………………………………………….АНГЕЛА НАУМОСКА
АРИЕЛ, дух, ветроштина………………………………………………………………………….ДАНИЕЛА ИВАНОСКА
КАЛИБАН, роб на Просперо………………………………………………………………………..НАТАША АЧАНСКИ
АЛОНЗО, кралот на Неапол; ТРИНКУЛО, шут…………………………………………ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ
АНТОНИО, брат на Просперо; СТЕФАНО, служител………………………………..АЛЕКСАНДАР ТОДЕСКИ
ФЕРДИНАНД, син на Aлонзо; ГОНЗАЛО, советник………………………………..МИХАЈЛО МИЛЕНКОСКИ
СЕБАСТИЈАН, брат на Алонзо…………………………………………..КАТЕРИНА ЧАКМАКОСКА-КЛИНЧЕСКА
ЈУНОНА, дух во служба на Просперо………………………………………………………………….АНА МИТОСКА

Техничка екипа:
Инспициент – Елена Иваноска
Суфлер – Лилјана Батлеска
Светло мајстор – Ристе Гркоски
Сликар исполнител – Пеце Ристески
Реквизитер – Гоце Тодороски
Гардеробер – Снежана Ѓорѓиоска
Фризер-перикер – Даринка Богоеска
Декоратери – Сашо Смоквоски, Роберт Стојкоски, Владимир Владимироски, Јане Јанкулоски
В.д. директор – Јасмина Мицовска Станкоска

Текст

Бура (1611) обично се смета за последната драма на Шекспир. Имал удел и во следни соработки, но ова е неговото последно напишано дело. Во него, волшебникот Просперо – поранешен војвода од Милано, живее на пуст остров со својата млада ќерка Миранда, со робот Калибан и со духот-помошник Ариел. Кога неговиот брат, предавникот Антонио плови во близина на островот, Просперо предизвикува бура во која Антонио преживува бродолом заедно со Алонзо – кралот на Неапол, синот на Алонзо – Фердинанд, братот Себастијан, советникот Гонзало, шутот Тринкуло и служителот Стефано. Фердинанд, за кого мислат дека е мртов, ја запознава Миранда и се вљубува во неа. Антонио и Себастијан планираат да го убијат Алонзо, додека Тринкуло и Стефано се сретнуваат со Калибан, кој ја заговара смртта на Просперо. Ариел ги спречува сите заговори; Просперо го открива својот идентитет и им простува на својот брат и на Алонзо за нивното предавство. Просперо го пушта Ариел на слобода, а останатите – оставајќи го Калибан на островот – пловат кон Неапол.

„Не знам ниту една друга ваква драма што во себе ја содржи целата богата сложеност на животот. Ако имаме среќа да живееме доволно долго, преживуваме бури; се вљубуваме; изневеруваме или сме изневерени; вршиме или трпиме насилство – вербално, психичко или емоционално; претрпуваме загуба; се прашуваме што нѐ чека; се смееме со пријателите; се каеме за грешките и чекориме кон неизвесната иднина. Бурата го содржи сето ова и уште повеќе. Тоа е прекрасно. Претставата е филозофија на животот, барем Шекспир ја понудува како таква преку неговото алтер его – волшебникот Просперо. И обајцата се слика на другиот: уметници кои стареат и прават некаков ред во својот живот движејќи се низ своето последното поглавје. За Шекспир, преку волшебникот Просперо, тајната на животот е да се запамети, а потоа да се прости. Иако првичната намера на Просперо можеби била да се одмазди (тоа не е сосема јасно во текстот), тој наскоро открива дека мора да си прости себеси, а потоа да им прости на другите. Тоа е прекрасна драма, дива и трогателна, која иако е многу стара, истовремено е многу модерна. Како што вели големиот романски режисер Ливиу Чулеј, „Класиката е класика затоа што е модерна“. Неизмерно уживав во работата на оваа претстава, со овие прекрасни луѓе во Прилеп. Сите се надеваме дека ќе уживате.“

Џон Блондел