дома блог страница 73

Прилеп, утре возилата ги переме во Автоперална “Ѕвончар”, целиот приход оди за нашиот Виктор

Во борбата на нашиот сограѓанин Виктор Николоски, кој повторно се соочува со тешка животна битка и му е потребна помош за итно лекување, секоја поддршка е важна.

Како дел од хуманата акција за Виктор, Самоуслужната автоперална Ѕвончар направи прекрасен гест – утре, недела 28.06.2026, целиот приход од перењето на возила ќе биде дониран за помош на Виктор.

Почитувани прилепчани, покажете ја вашата хуманост на дело. Наместо вашето возило да го перете друг ден, направете го тоа утре и заедно да дадеме придонес во борбата на еден млад сопруг, татко и наш сограѓанин.

Исперете го автомобилот. Подадете рака. Подарете надеж.

Да покажеме уште еднаш дека Прилеп има големо срце!

Младиот прилепчанец кој во хуманост ја обедини цела Македонија, одново има потреба од сите нас, туморот се врати!

Во јануари 2025 година, Прилеп и цела Македонија се обединија за младиот Виктор Николоски – 26-годишен сопруг и татко на тогаш четиримесечно бебе, кој преку ноќ ја доби најтешката животна дијагноза – тумор на главата.

Благодарение на хуманоста на многу луѓе, средствата за операцијата беа обезбедени, а Виктор замина на лекување во Турција. Тој ја помина операцијата, хемотерапиите и сите тешки моменти кои следуваа, борејќи се со една единствена желба – да остане покрај своето семејство и да го гледа растењето на своето дете.

Но, година и пол подоцна, животот повторно му зададе тежок удар…

Туморот се врати. Овој пат е поагресивен и Виктор повторно мора да се бори за највредното – својот живот.

Неговата сопруга во емотивен апел напиша:

„ИТНО МОЈОТ ВИКТОР ПОВТОРНО СЕ БОРИ ЗА ЖИВОТ! ИМА НОВ ТУМОР!

Три зборови кои повторно ни го срушија целиот свет. Има нов, многу поагресивен тумор на мозочното стебло.

Откако преживеа операции и хемотерапии и не се предаде кога најмногу болеше, мојот 27-годишен сопруг сега повторно е фрлен во битка на живот и смрт.

Кога ќе го погледнам нашето детенце од година и пол, кое штотуку почна да ги кажува првите зборови, срцето ми се крши од страв дека ќе остане без татко и нема да го запамети.

Во среда Виктор мора итно да биде опериран во Турција, но досегашната борба ни ја исцрпи последната сила и сите средства. Немаме со што да го платиме неговиот единствен спас.

Потоа следуваат нови терапии, нови испитувања и уште една неизвесна борба.

Како мајка која се бори нејзиното дете да не расте без татко, ве молам помогнете му на Виктор. Дајте му повторно шанса за живот.“

Сега повторно му треба нашата поддршка.

🙏 Секоја донација, без разлика на износот, е огромна помош.🙏 Доколку не сте во можност да донирате, ве молиме споделете го апелот – можеби токму вашето споделување ќе стигне до некој кој може да помогне.

Да не дозволиме Виктор оваа битка да ја води сам. Да му помогнеме повторно да се избори и да се врати кај своето семејство.

ДОНИРАЈТЕ КОЈ КОЛКУ МОЖЕ ЗА ДА СТИГНЕМЕ ДО ПОТРЕБНАТА СУМА НА ЛИНКОТ ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Koнцерт на дуото Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова Митуш, во понеделник во Прилеп

На 29 јуни/понеделник/ 2026 од 20.00 ч. во фоајето од ЦК “Марко Цепенков” ќе се одржи концерт на дуото
Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова Митуш, во класата на проф.Нина Костова на ФМУ Скопје.

На програмата се дела од Рахмањинов и Гершвин!

Искра Атанасова – Митуш од Охрид. Нејзиното основно музичко образование го завршува во ОМУ “Методи Патче” во Охрид во класата на проф. М-р Даниел Чуркоски. Своето музичко образование го продолжува на повисок степен во средното музичко училиште “Илија Николовски – Луј” во Скопје, во класата на проф. Д-р Нина Костова. Во тој период таа редовно посетува мастеркласи кај реномираниот руски педагог, проф. Људмила Романова. Дипломира со cum laude во 2025 год. на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Д-р Нина Костова.

Одржува солистички концерти во Скопје, Охрид и концерт во Рим, како дел од фестивалот “Concerti del Tempietto”. Настапува како солист со разни оркестри и диригенти – со камерниот оркестар Magical String Orchestra, под водство на диригентот Емин Џијан, како дел од проектот “Нашите деца свират Бах”; два пати настапува со Македонската филхармонија, под диригентската палка на Маестро Борјан Цанев и Маестро Сашо Татарчевски; настапува како солист со Академскиот оркестар на Mузичката академија “Панчо Владигеров” во Софија, под диригентската палка на Маестра Ана Спасовска, истиот концерт го повторуваат во Скопје. Овој концерт го означи отварањето на фестивалот “Скопско лето” 2025 годин.Учествува на концертот на млади уметници во склоп нал 48 издание на фестивалот “Денови на македонска музика”.Освојува бројни награди на меѓународни натпревари.

Активно учествува на мастеркласи и семинари меѓу кои и семинарот по пијано под раководство на проф. Људмила Романова (Русија), мастерклас по пијано на проф. Томаш Марут (Полска) и мастерклас на Маестро Симон Трпчевски (Северна Македонија). Неколку години гради искуство како наставник по пијано и соработува како корепетитор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Моментално е студент на мастер студии по музичка интерпретација на пијано на ФМУ Скопје во класата на проф. Д-р Нина Костова.

Михаил Јагуриноски е млад пијанист и музичар од Прилеп. Своето основно музичко образование го завршува во ООМУ Ордан Михајлоски – Оцка во класата на проф. Игор Николоски и подоцна во класата на проф. Денис Најдоски. Својата наобразба ја продолжува во средното Државно музичко што училиште во Битола, во класата на проф. Д-р Јана Четелева – Белевска, а од 2023 година е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на вонр. проф. м-р Дино Имери. Михаил има одржано солистички концерти и полурецитали во Прилеп, Битола и Скопје, а меѓународно во Ниш, Србија.

Има настапувано со оркестри, меѓу кои настапи како солист со оркестарот на Македонската Филхармонија како дел од настанот “Звукот на идната генерација”, под диригентска палка на маестро Сашо Татарчевски, со оркестарот при Fame’s Institute како дел од настанот “Од класика до кино” под диригентска палка на маестро Ерик Хансен и со Симфонискиот оркестар при ФМУ како дел од оркестарот под диригентска палка на маестро Борјан Цанев.

Покрај солистичката дејност, Михаил има одржано неколку концерти во камерни ансамбли, меѓу кои камерни концерти со пијанистите Михаил Димовски во Прилеп и со Искра Атанасова – Митуш во Ниш, Србија. Има освоено бројни награди на државни и меѓународни натпревари.Неговата наобразба ја надоградува посетувајќи бројни семинари кај реномирани професори, меѓу кои: Александар ⁰Сердар, Симон Трпчески, Томаш Марут, Рустам Рахмедов, Катарина Крпан, Олга Здоренко, Милица Јелача Јовановиќ , Марија Ѓошевска, Дино Имери, Јана Четелева – Белевска, Кристина Светиева и други. Покрај изведбите на класична музика, Михаил работи како наставник по пијано и има искуство како студиски музичар и автор на песни.

Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова – Митуш соработуваат како камерно дуо од 2025 година. Меѓу нивните позначајни настапи се издвојува камерниот концерт во Ниш, Србија. Како камерно дуо се во класа на проф. Д-р Нина Костова на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Заеднички гранични премини и заеднички гранични контроли меѓу Македонија и Албанија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за внатрешни работи на Република Албанија Бесфорт Љамалари денеска во Пешкопеја, Албанија потпишаа Договор за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заеднички гранични контроли меѓу двете држави.

Со овој договор се воспоставува современа и функционална рамка за поефикасно управување со заедничката граница, со цел олеснување на движењето на луѓе и стоки, унапредување на безбедноста и намалување на времето на чекање на граничните премини.

Договорот предвидува формализирана институционална соработка, фазна имплементација преку протоколи приспособени на секоја локација, како и зајакнати механизми за координација и размена на информации меѓу надлежните служби.

Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека договорот претставува значаен чекор кон поефикасно, побезбедно и попредвидливо управување со границата, со директни придобивки за граѓаните, стопанството и институциите.

Тој нагласи дека заедничките гранични процедури не само што го олеснуваат протокот, туку и ја зајакнуваат способноста на двете држави за справување со прекуграничен криминал, трговија со луѓе и други безбедносни ризици, преку координирано постапување и размена на информации.

Посебно беше истакнато дека имплементацијата ќе се одвива постепено и контролирано, со цел секој заеднички граничен премин да биде целосно оперативно и правно подготвен пред стапување во примена.

Министерот Тошковски упати благодарност до експертските тимови, правните советници, полициските службеници и сите институции од двете земји кои учествуваа во подготовката на договорот, нагласувајќи дека нивната работа е клучна за постигнатиот резултат.

Потпишувањето на договорот на граничниот премин Блато претставува важна пресвртница во билатералната соработка меѓу Македонија и Албанија и потврда на заедничката заложба за модерно, ефикасно и безбедно управување со границите.

Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на Република Македонија кои не се дел од Шенген зоната, имајќи предвид дека истиот веќе успешно функционира со Србија и Косово.

58-годишен битолчанец е жртвата во синоќешната нecpeќа кај Плетвар, причината неофицијално е инфаркт

Битолчанец на возраст од 58 години е возачот кој вчера го загуби животот откако со камион излетал од патот Градско-Прилеп.

Од МВР информираат дека несреќата во полиција била пријавена во 17:50 часот.

-На магистралниот пат Градско- Прилеп, кај с.Ореовец, товарно возило „мерцедес” со приклучно возило, со битолски регистарски ознаки, управувано од С.А.(58) од Битола, излетало од патот. Во несреќата починал С.А., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Прилеп, велат од МВР.

По наредба на јавен обвинител, телото е предадено за обдукција, а увидот го извршила увидната екипа на СВР Битола.

Историја на Мундијалот: Држава со 500.000 жители се пласира во елиминациската фаза на Светското

Фото:Opta Analyst

Фудбалерите на Зеленортските Острови ја приредија една од најголемите сензации на Светското првенство 2026, откако како второпласирани во групата Х обезбедија место во нокаут-фазата. За оваа африканска селекција тоа е прв ваков успех во историјата.

Зеленортските Острови во Хјустон ремизираа без голови против Саудиска Арабија (0:0), а по поразот на Уругвај од Шпанија стигнаа до историскиот пласман.

Шпанија го освои првото место во групата со седум бодови, додека Зеленортските Острови завршија втори со три бода.

Во шеснаесетфиналето Шпанија ќе игра против второпласираната селекција од групата Ј – Австрија или Алжир, додека Зеленортските Острови ги очекува најтешкиот можен предизвик – актуелниот светски шампион Аргентина.

Самиот натпревар не понуди многу возбудувања, но африканската репрезентација покажа поголема желба за победа и создаде повеќе опасни ситуации пред противничкиот гол.

Семенјо се закани во првото полувреме, а најголемата шанса ја имаше Дуарте во вториот дел, кога излезе сам пред голманот на Саудиска Арабија, но не успеа да го совлада во ситуација еден на еден.

По последниот судиски свиреж, фудбалерите на Зеленортските Острови, предводени од искусниот голман Возиња, веднаш почнаа да ги следат случувањата од натпреварот во Гвадалахара. Кога стана јасно дека Уругвај е поразен од Шпанија, започна големото славје на дебитантот на Светските првенства.

2 ГОДИНИ ВЛАДА: Повеќе од ТРОЈНО помала инфлација, 6 автопати, ДВОЈНО намален дефицит, 6 ПАТИ помала инфлација на нафтените деривати и поголем реален раст на платите

Во текот на минатите две години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Македонија доживеја инфраструктурен бум со изградба на ШЕСТ АВТОПАТИ, повеќе од ТРОЈНО помала инфлација компарирано со претходниците, скоро ДВОЈНО намален буџетски дефицит во споредба со минатата Влада како и цели ШЕСТ ПАТИ помала инфлација на нафтените деривати среде нафртена криза. Тука е и ДУПЛО поголемиот реален раст на платите од минус 3% во времето на СДСМ, до плус 3% со актуелната власт.

Факти и КОНКРЕТНИ бројки за горекажаното даде претседателот на владата Христијан Мицкоски во интервјуто на Македонската радио телевизија по повод две години мандат.

-Што направивме ние. Ако вие ги анализирате параметрите економски сега, со тие од 2022 година. Во 2022 година реалниот раст на платите бил минус 2,9%, а сега е 3%, 6% во плус. Да одиме по други параметри, да речеме инфлација, во 2022 година 14,2%, сега е 4,5%. Било проекција 3,5%, се случи тоа што се случи, но не е 14,5%. Тогаш 2022 година се завршила со раст БДП од 2,8%, а сега растот е 3,1% во првиот квартал, очекувам до крај на годината 3,5%. Ова се параметри, ова се бројки кои вие не можете да ги игнорирате, нагласи премиерот.

Премиерот посочи дека во моментот има историска градба паралелно на 6 автопатишта во Македонија.

-Јас сум среќен што можам да кажам дека ние финансиски го затворивме Кичево Охрид конечно, благодарение на еден синдикат креиран од домашните банки, откако не оставија на цедило би рекол условно кинеските заемодаватели. Финансиски за оваа година го затворивме исто благодарение на домашните банки проектот коридор 8 и коридор 10д. Сега бараме на меѓународен пазар следна недела во вторник ЈПДП ќе бара од надворешни заемодаватели сума рамковна за до крајот на проектот со што до крај ќе ги обезбедиме парите.

-При крај сме со Букојчани-Кичево, тоа е практично спојот помеѓу проектот на Сино хидро и Бехтел и Енка. Завршена е процедурата, очекуваме и тој автопат да почне. Така што практично во еден момент ќе имаме 5 до 6 делници. Ќе ја имаме делницата Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, ќе ја имаме делницата Букојчани – Кичево, спојот меѓу автопатот на Синохидро и Бехтел и Енка, ќе се дозавршува автопатот Кичево – Охрид, почетна фаза Блаце – Скопје, во напредна фаза ќе биде Прилеп – Битола очекувам прва половина следна година да имаме десетина километри пуштено на делницата Прилеп – Битола. Тоа историски не се правело во Македонија, 6 делници автопатишта да се градат, дециден е Мицкоски.

Премиерот посочи дека и покрај тоа што оваа енергетска криза е полоша од претходните три, владата поуспешно работи од претходната и тоа го говорат фактите, односно во време на владите на СДСМ буџетскиот дефицит беше 5,3%, а сега со нафтената криза е 3,5%, додека платите беа во минус 3% реален раст, додека сега реалниот раст е 3%.

-Кога сме кај буџетскиот дефицит, зедов параметри и од претходната влада кои се многу важни затоа што кога зборувате за нешто, треба да зборувате со споредба, не може напамет. Кога ќе речат, оставете порано да видиме вие, добро, ама ние мора тоа да го споредиме со нешто, да видиме дали добро правиме или погрешно. Логично е да споредиме со нешто пред нас. Ако тоа го земете, во 2020 да не го сметаме буџетскиот дефицит кој е 8%, ковид период, но 2021 година 5,3% од БДП, во 2022 година е 4,4%, следната 4,6%, а ние лани бевме под 4%, оваа година ни беше целта 3,5%. Ова го зборувам поради една едноставна причина, оваа година да не беше кризата која се случи, и овие 3,5% на крај на годината ќе беа пониски, истакна премиерот Мицкоски.

Претседателот на владата направи и споредба со економски параметри меѓу претходната и оваа Влада. По споредбата со номинален раст на плати, инфлацијата, споредбата со растот на БДП во годините 2022 и 2026, Мицкоски посочи и на параметар за инфлација на нафта и нафтени деривати, а податоците покажуваат дека во време на владата на СДСМ имаше шест пати поголема инфлација на нафтените деривати, од 32,3%, а сега е 5,8% и тоа во време на најголемата енергетска светска криза.

Ако гледаме други параметри, инфлација, нафта и нафтени деривати 2022 година била 32,3%. Од први до 5-ти месец 2026 била 5,8%. затоа што се донесоа навремени мерки и точни мерки. И сега ќе ви кажат „не сте донеле мерки“. Чекајте, инфлација нафтени деривати 32,3% во 2022 година. Ние мораме со нешто такво не мораме да се споредуваме, со реални бројки, не со измислени. А сега 5,8%. Скоро 6 пати подобро. Не еднаш, не два пати, шест пати. Па, простете господа во ред е да сте опозиција и да критикувате, ама бројките ве демантираат, посочи премиерот Мицкоски прашан за обвинувањата за буџетскиот дефицит и антикризните мерки.

Важно известување до граѓаните од прилепската Шумска полиција

Шумската полиција – Прилеп ги известува граѓаните дека, согласно согласноста дадена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од 01.07.2026 година до 31.08.2026 година се воведува целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште на територијата на Република Македонија, поради зголемена опасност од појава на шумски пожари.

За подрачјето со кое управува ЈП „Македонски шуми“ – Подружница „Црн Бор“ – Прилеп, движењето во шумите ќе биде дозволено исклучиво со писмено одобрение издадено од подружницата.

Согласно член 106 од Законот за шумите, за физички лица кои ќе бидат затекнати да се движат во шума или шумско земјиште спротивно на забраната, е предвидена глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.

-Апелираме до сите граѓани да ја почитуваат забраната и со одговорно однесување да придонесат за заштита на шумите и спречување на шумските пожари, стои во известувањето.

Кривична за градоначалник кој свесно не го полнел буџетот

СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.Н.(60) од село Волино, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Тој, во својство на градоначалник на општина Дебрца, свесно, со пропуштање на должен надзор и со несовесно постапување, односно без потпишан договор овозможил на неколку правни субјекти во деловна зграда сопственост на општината, на катастарска парцела во селото Волино, во периодот од 2017 до 2025 година, слободно да вршат трговска дејност, без обврска да плаќаат одреден паричен надомест во буџетот на општината. Пријавениот, тоа го направил иако знаел дека, според Статутот, управува со сопственоста на општината и е должен да презема мерки и да го обезбедува користењето на сопственоста во согласност со закон. На тој начин, пријавениот и предизвикал значителна материјална штета на општина Дебрца.

Забрана за движење во шумите од 1 јули, казни до 2.000 евра за прекршителите

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека од 1 јули до 31 август 2026 година ќе биде во сила целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште на територијата на државата, поради зголемената опасност од појава на шумски пожари.

Како што информира Министерството, одлуката е донесена согласно насоките на Владата и по барање на корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја. Согласноста е издадена врз основа на член 57, став 3 од Законот за шумите, со цел превенција и намалување на ризикот од пожари на отворен простор.

Во наведениот период, движењето низ шумите ќе биде дозволено исклучиво со претходно добиено писмено одобрение од надлежните подружници на ЈП „Национални шуми“ или од управите на националните паркови, во зависност од подрачјето.

Од Министерството потсетуваат дека за непочитување на забраната се предвидени високи парични казни. Согласно член 106 од Законот за шумите, физичките лица кои ќе бидат затекнати да се движат во шума или на шумско земјиште без дозвола ќе се соочат со глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.

Надлежните апелираат до граѓаните да ја почитуваат забраната и да придонесат кон заштитата на шумите и спречувањето на пожари во текот на летниот период.