дома блог страница 72

Чупетрески: „Подготвен сум бесплатно да помогнам за Прилеп, еве ви конкретни предлози за подобар град“

Стопанственикот и независен кандидат за градоначалник на Прилеп на минатогодишните локални избори, Борче Чупетрески, преку објава на социјалните мрежи упати низа критики, предлози и идеи до локалната власт во Прилеп. Во статусот, Чупетрески посочува дека е подготвен бесплатно да ги сподели своите проекти, решенија и бизнис-предлози, кои, според него, би придонеле за подобар развој на градот.

Во продолжение, интегрално ви го пренесуваме неговиот Фејсбук статус:

„Не можам повеќе да молчам. Молчењето е оправдување.

Кога поднесов кандидатура за градоначалник на Прилеп, потпишав и изјава дека ќе работам без плата. Но, поради „Х“ причини не победив, а и не очекував да победам. Сепак, сè што сакав бесплатно да направам за Прилеп, подготвен сум да го споделам со актуелната политичка власт и поединци, само за доброто на Прилеп. Проекти, идеи, решенија, солуции, планови и слично – за сè сум ви на располагање. ПОВЕЛЕТЕ!

Знам дека никогаш нема да ме повикате и да се „понижите“ да прашате, па затоа решив самостојно, по сопствена иницијатива и по барање на граѓани кои во разговор потенцираат проблеми и бараат спас или решение за истите, јавно да ги давам моите предлози.

ИЗЛЕЗЕТЕ НА ТЕРЕН МЕЃУ НАРОДОТ

Ве заборавија како изгледате. Глас ви нема никаде, а слика уште помалку. Излезете и слушнете го народот што ве гласаше, оти три години брзо ќе поминат. Пак ќе го лажете и пак ќе се лижете кај истиот народ.

КУПЕТЕ ОПРЕМА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ГРАДОТ

Ако не можете, продадете дел од уделите на фирмата на приватни лица и компании кои професионално ќе управуваат со нив, а вие ќе земате профит од работењето (Закон за јавно-приватно партнерство). Вака само плаќате за покривање на загубите што ги прават неспособните партиски кадри.

КУПЕТЕ МАШИНА ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ НА АСФАЛТ

Со истата машина можете 95% од постојниот асфалт да го рециклирате, термички да го обработите и да го збогатите со мала количина битумен, а потоа истиот да го вратите на сите тротоарски површини во Прилеп. Народот оди пешки и гледа сè. Тогаш коментира за вашиот успех или неуспех.

РЕШЕТЕ ГО ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ СО ЕФИКАСЕН СИСТЕМ ЗА КОНТРОЛА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕВОЗ

Прилеп нема локален сообраќаен инспектор. Немате пари за плата за него? Оставете го да прошета низ Прилеп и законски ќе си обезбеди плата за два ваши мандати. Доколку се спроведува законот и сообраќајните регулативи, само по основ на данок ќе ја обезбеди платата, плус рата за минимум еден до два нови градски автобуси. За ова можам елаборат и бизнис план да ви направам – БЕСПЛАТНО.

ВРАТЕТЕ ГО МЕРМЕРОТ ИЛИ ЗГОЛЕМЕТЕ ЈА ДАНОЧНАТА СТАПКА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА МИНЕРАЛИ И РУДНИ БОГАТСТВА, КАКО ШТО Е СЕКАДЕ ВО СВЕТОТ

Ќе ти го дадам моето ако ми дадеш 1/3 од профитот.“ Ова е светски услов во мирнодопски околности. Доколку бевме поробени од надворешен непријател, истиот ќе можеше да експлоатира сè што имаме. Но и тогаш сигурно ќе ни фрлеа по некоја коска да грицнеме. Во нашиот случај, ние добиваме само 0,3% од профитот или народски кажано – „ИЧ“!

Ако го направите ова, ќе имате пари за да го направите Прилеп Лас Вегас, како што го викаме кога влегуваме од Плетвар.

Абе, не го даваме нашето без пари и крај! Ова ни е од Бога дадено за нас! Наредни предлози и точки – само по ваше барање.“

Фатен на дело крадец во Прилеп, украденото е вратено на сопственикот, следува пријава

-На 17.05.2026 во 12:15 часот на ул.„Александар Македонски“ во Прилеп, во круг на браварска работилница, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода В.Ј.(26) од Прилеп. Тој бил затекнат при извршување на кражба од објектот. Украденото било вратено на сопственикот, а по документирање на настанот против него ќе следува соодветна пријава, информираат од МВР.

12 медали за прилепските џудисти од “СЕИШИН” од Меѓународниот Турнир „Скопје Опен 2026“

На Меѓународниот Турнир „Скопје Опен 2026“ за деца, помлади пионери и кадети, во организација на џудо клубовите Ипон и Карпош Џудо Мастер од Скопје, учество зедоа околу 230 натпреварувачи од 26 клубови од 6 држави: Македонија, Албанија, Молдавија, Косово, Србија и Грција.

ЏК Сеишин Прилеп настапи во сите возрасни категории и оствари одличен резултат освојувајќи вкупно 12 медали 8 златни, 2 сребрени и 2 бронзени медали.

Со овие резултати ЏК Сеишин Прилеп беше прогласен за најуспешен клуб, односно севкупен победник на овој силен меѓународен турнир (освојувајќи пехар), уште еднаш потврдувајќи го квалитетот и посветената работа на клубот.

Резултати поединечно:

Кадети:

Дила Пупаловиќ – 1 место
Теодора Илиоска – 1 место
Тамара Илиоска – 2 место

Помлади пионери:

Елдина Пупаловиќ – 1 место
Бисера Јовеска – 1 место
Матеја Николоска – 1 место

Деца:

Бисера Цветкоска – 1 место
Иван Јошески – 1 место
Стефани Ристеска – 1 место
Христијан Бунески – 2 место
Владан Стрезоски – 3 место
Марко Андрејевски – 3 место

-Нашиот клуб е горд и на натпреварувачите кои овојпат не успеаја да освојат медал, но со своите борби покажаа борбеност, дисциплина и вистински спортски дух, придонесувајќи за овој голем успех. Посебни честитки и до нашите тренери Мартин Ристески и највозрасниот тренер на турнирот Киро Здравески, кои предводеа голем број наши членови и имаат голема заслуга за постигнатиот успех – стои во соопштението од ЏК СЕИШИН.

Прилеп ќе биде домаќин на светски куп во прецизно слетување со параглајдинг!

Од 21 до 24 мај 2026 година, спортскиот аеродром во Мало Коњари ќе стане центар на светскиот параглајдинг, каде ќе се одржи еден од трите Светски купови во дисциплината прецизно слетување.

Настанот е во организација на ПК „Скај Рајдерс“ – Прилеп, а се очекува учество на околу 70 врвни натпреварувачи од 21 држава ширум светот. Меѓу пријавените се и актуелни светски и европски шампиони, што дополнително го потврдува значењето и квалитетот на натпреварот.

Првиот ден, 21 мај, е предвиден за тренинг активности, додека официјалните натпреварувачки рунди ќе се реализираат на 22, 23 и 24 мај. Организаторите планираат одржување на максимум 12 рунди, во зависност од временските услови.

Одржувањето на ваков престижен спортски настан претставува големо признание за Прилеп и Македонија, но и значајна можност за промоција на државата како атрактивна светска параглајдинг дестинација.

Со ова, Прилеп уште еднаш се позиционира на мапата на големите меѓународни спортски случувања.

Women in Tech Macedonia со бесплатни обуки за вештачка интелигенција за девојки и жени низ цела Македонија

Women in Tech Macedonia со нова серија обуки ги зајакнува жените со вештини за вештачка интелигенција и благосостојба низ Македонија

AI4HerWellbeing е еднодневна работилница која ги поврзува вештачката интелигенција, гешталт-терапијата и арт-терапијата, а се одржува во пет општини оваа пролет и лето.

Отворена е регистрацијата за AI4HerWellbeing, серија бесплатни обуки наменети за девојки и жени на возраст од 22 до 55 години. Обуките имаат за цел да го поддржат личниот развој и благосостојбата на учесничките, преку комбинирање на практична примена на вештачката интелигенција со терапевтски пристапи од гешталт и арт-терапијата.

Овие обуки имаат за цел да ги опремат учесничките со алатки кои можат веднаш да ги применат во секојдневниот живот и на работното место, со цел поголема јасност, фокус и личен раст.

Распоред на обуки

20 мај 2026, 12:00–16:00ч – Општина Кавадарци

21 мај 2026, 14:00–18:00ч – Општина Кочани

2 јуни 2026, 11:00–15:00ч – Општина Битола

16 јуни 2026 – Општина Куманово

18 јуни 2026, 12:00–16:00ч – Општина Пехчево

Точните локации за секоја општина ќе бидат објавени дополнително.

Обуките ги водат два посветени експерти – М-р Моника Ризовска Таневска, Претседател на Women in Tech Macedonia, основач на AI Collective Скопје, говорник и тренер за AI модернизација, основач и извршен директор на Davleo Consulting и М-р Цветанка Штерјова Бурзевска, Лиценциран психолог, ЕАГТ гешталт психотерапевт и арт-терапевт.

Проектот е кофинансиран од Европската Унија, во рамките на мрежата Младински Хаб на Западен Балкан и Турција, и се реализира во тесна соработка со општините домаќини.

Пријавување:

Девојки и жени на возраст од 22 до 55 години кои се заинтересирани за учество можат да се пријават на:https://forms.gle/QtRXnG2xbWHbJpXn6

Women in Tech Macedonia со оваа серија обуки свесно избира децентрализиран пристап, носејќи ги дигиталните знаења директно, во Кавадарци, Кочани, Битола, Куманово и Пехчево. 

Со овие дисперзирани обуки за Вештачка Интелигенција сакаме да придонесеме кон рамномерен дигитален развој на ниво на цела земја и да покажеме дека процесот на дигитализација не треба да биде привилегија на одредени средини, туку право достапно за секоја жена, каде и да живее.” – истакна Моника Ризовска Таневска, претседател на организацијата.

“Ѓорчепетровци” oдлични на Државниот натпревар по биологија

Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп успешно го претставија своето училиште на Државниот натпревар по биологија за средно образование, кој се одржа на 9 мај 2026 година, при што освоија значајни награди, пофалници и признанија за учество.

🔹 Прва година:
🏅 Ангела Наумоска – трета награда
🏅 Сара Петреска – трета награда
👏 Илина Китаноска – учество
👩‍🏫 Ментор: Татјана Шабаноска

🔹 Трета година:
🏅 Давид Стојановски – втора награда
🏅 Сергеј Димоски – трета награда
👏 Викторија Анѓелеска – учество
👏 Марио Кочоски – учество
👩‍🏫 Ментор: Жаклина Мирческа Нешкоска

🏅 Јована Пејовска – трета награда
🏅 Ивана Ангелеска – трета награда
📜 Марија Истинџиоска – пофалница
👩‍🏫 Ментор: Соње Николоска

🔹 Четврта година:
🏅 Даниел Главчев – трета награда
📜 Меланија Јованоска – пофалница
👏 Марија Котева – учество
👩‍🏫 Ментор: Татјана Шабаноска

Овие резултати се доказ за трудот, посветеноста и знаењето на учениците, како и за несебичната поддршка и работа на нивните ментори.

Честитки до сите ученици и професори за постигнатите успеси! Ви посакуваме уште многу награди, достигнувања и успеси во иднина!

Ја славиме светата великомаченичка Ирина

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 5 мај.

Светата великомаченичка Ирина

Живееше во апостолските времиња на Балканот во некој град Магедон, каде што татко и Ликиниј беше малечок цар. Некои мислат дека таа е Словенка. Родена како незнабожка од родители незнабожци, Пенелопа (така и беше името пред да се крсти) на христијанската вера се поучи од нејзиниот учител Апелијан. Св. Тимотеј, учителот на апостол Павле, ја крсти заедно со уште неколку дворјанки и ги донесе да ги прочита Посланијата на Светиот апостол Павле.

Кога се одрече од мажачка го разгневи татко и и тој сакаше да ја мачи, ама таа на чудесен начин го обрати во христијанство. Освен татко и на маки ја подложуваа уште четворица други цареви, но Бог секогаш ја спасуваше преку ангели. Царот Седекија ја закопа до глава во ендек исполнет со отровни змии и скорпии. Но Божји ангел ги умртви отровните гадови и ја сочува Светата девица неповредена. Тогаш овој цар се обиде да ја истружи со бичкија, но бичкијата се одбиваше од нејзиното тело како од камен.

По ова ја врза за тркало под воденица и пушти вода за да ја убие. Водата не сакаше да тече, а стоеше – и девицата остана жива и здрава. Царот Савах, синот на Седекија, ја поткова со клинци, натовари врз неа вреќа со песок и ја впрегна, па нареди да ја водат како добиче далеку надвор од градот. „Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“, говореше Светата маченичка впрегната трчајќи по своите мачители.

Но Божји ангел ја затресе земјата и земјата се отвори, па ги проголта нејзините мачители. Откако ги преживеа сите маки, со што обрати во христијанство огромно мноштво незнабожци, Ирина премина во градот Калипол и во него ја проповедаше верата во Христа. Тамошниот цар Нумеријан сакаше да ја убие и ја фрлаше во три усвитени метални вола едно по друго. Но девицата беше спасена и остана жива. Мнозина видоа и поверуваа. Епархот Ваводин ја одведе во градот Константин, каде што намисли да ја убие ставајќи ја врз усвитени решетки.

Но тоа не и наштети на Света Ирина, а мнозина ги приведе кон верата на Вистината. Најпосле Ирина дојде во градот Месемвриј, каде што царот Савориј ја уби, но Бог ја оживеа. А кога го видоа тоа, царот и многубројниот народ поверуваа. И така со своите страдања Света Ирина приведе во Христовата вера околу сто илјади незнабожци. Најпосле самата легна во гроб и му нареди на Апелијан да го затвори гробот. Кога по четири дена го отворија, нејзе ја немаше внатре. Бог ја прослави занавек девицата и маченичката Ирина, која с ? жртвуваше и с ? претрпе за да Го прослави Него меѓу луѓето со сите сили што и ги подари.

Навремено сервисирање за пријатно и безбедно летно возење – Авто Контрол со препорака до возачите

Со летните температури, исправната авто клима станува неопходност за секое возило. Од станицата за технички преглед Авто Контрол апелираат граѓаните навреме да ја проверат и сервисираат климата во своите автомобили, со цел побезбедно и попријатно возење во текот на топлите денови.

Авто Контрол нуди проверка, поправка и полнење на авто клима системи, со што се обезбедува подобро и поефикасно ладење во возилото. Од компанијата посочуваат дека редовното сервисирање не само што придонесува за поголема удобност, туку и за подобра функционалност на самиот систем.

Со повеќе од 12 години искуство, Авто Контрол важи за еден од лидерите на пазарот во Прилеп и регионот, препознатлив по професионалниот пристап и квалитетната услуга.

Компанијата континуирано инвестира во современа опрема и стручен кадар, секогаш ставајќи ги потребите и безбедноста на клиентите на прво место. Од Авто Контрол порачуваат дека и ова лето остануваат сигурен партнер на возачите и секогаш достапни за своите клиенти.

Битолчанка преживеала хорор – Ја удрил со возило, па излегол и физички ја нападнал

-На 16.05.2026 во 20:40 часот во СВР Битола И.Д.(42) од Битола пријави дека на крстосницата на ул.„Партизанска” со ул.„Никола Тесла” во Битола, била удрена од возило, при што се здобила со повреди, а потоа возачот излегол од возилото и физички ја нападнал, по што го напуштил местото на настанот.

Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни мерки за расчистување на случајот, при што е констатирано дека се работи за патничко возило „шкода” со битолски регистарски ознаки, управувано од Т.М. од Битола.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот – информираат од МВР.

Николоски: Во Виница градиме улици, водоводи, канализациони системи, градски пазар, улично осветлување, продолжуваме со поддршка на општините

Владата останува силен партнер на општините. Во Виница инвестираме во бројни инфраструктурни проекти во патишта и улици, водоводни системи и други проекти за да го подобриме животот на граѓаните, истакна министерот за транспорт Александар Николоски денеска од Виница.

Тој заедно со претседателот на владата, Христијан Мицкоски и градоначалникот на Виница, Митко Костадинов, извршија увид во инфраструктурни проекти што се реализираат со поддршка на Владата и во соработка со општината.

-Навистина ми е драго што сме на почеток на еден ваков убав настан на отворање на пазарот нешто што беше долгогодишно ветување. Мислам дека ова е најдобар доказ дека општината предводена од градоначалникот Митко Костадинов ги реализира работите кои што ги ветува, а со поддршката од Владата и од премиерот Христијан Мицкоски ќе продолжиме во следниот период уште поголеми работи да се реализират. Се работи за една исклучително активна општина, општина која што не е најголема во државата, но по активност се брои со најголемите општини во државата и сакам да честитам на градоначалникот за таа работа. Покрај отворањето на пазарот и реконструкцијата на главната улица во село Градец, во тек е реконструкција на општински локален пат од Блатец до Детлово, понатаму завршена е реконструкција на Ванчо Прке во Виница, завршена е реконструкција на кровот од административната зграда на општината, завршено е осветлувањето на просторот на Градскиот парк и пред стадионот во Виница. Во тек е реконструкција на улици во село Блатец, завршена е реконструкција на дел од улица 4 во село Јакимово, завршена е реконструкција на улици Раде Кратовче, Кочо Рацин, Пролетерска, Ѓорче Петров, Блок 18 итн. Паралелно со тоа, заедно со Светска банка завршивме со реконструкција на улицата Страшо Пинџур, завршена е изградбата на улица во село Црн камен, во тек е изградба на улица во село Јакимово и завршена е промена на улично осветлување во должина од околу 15 км на сите улици. Ова се проекти на кои што навистина може да позавидат и поголеми општини. Ќе продолжиме во следниот период, во координација со премиерот Христијан Мицкоски и со министрите во Владата да помагаме на општината и на градоначалникот и ќе имаме многу убави вести во периодот кој што следи, изјави министерот Николоски.