дома блог страница 68

Нормализиран сообраќајот на Ленишки мост кај Прилеп

-Ве известуваме дека на 21.05.2026 (четврток) се воспоставува нормален режим на сообраќај поради завршување на санацијата на горниот строј на Ленишки мост на км 47+900 на државен пат А1, Плетвар-Прилеп – информираат од АМСМ.

Сообраќајот на Ленишки мост се одвиваше со помош на светлосна сигинализација, а санацијата започна на 20.04.

Поетот Филип Димкоски oд Прилеп на државна смотра на читањето во Србија

Поетот за деца и за возрасни Филип Димкоски, викендов ќе настапи на Државната смотра на читањето со меѓународно учество „Читателчиња“ („Читалиќи“) во Алексинац, соседна Србија.

Во рамки на манифестацијата Димкоски како единствен автор од Македонија, ќе земе учество во средбите со деца, заедно со еминетни книжевни имиња од државата домаќин и од регионот како што се Јасминка Петровиќ, Дејан Алексиќ, Виолета Јовиќ, Власта Н. Цениќ, Гордана Тимотијевиќ, Шимо Ешиќ и др.

Поетот Филип Димкоски, не е ново име на книжевната сцена во Србија. Две негови книги се објавени на српски јазик меѓу кои и книгата за деца „Заедно да растеме“ наградена со плакетата „Сима Цуциќ“ од Банатскиот културен центар во Ново Милошево. Тој е застапен во повеќе зборници и антологии во Србија, учествувал на повеќе телевизиски емисии, а свои книжевни промоции имал на Меѓународниот саем на книгата во Белград, како и на Книжевниот салон во Нови Сад. Гостувал, во Ниш, Врбас, Суботица, Дољевац, Златибор и одржал голем број работилници со деца. Се залага за промоција на македонскиот јазик во Србија, но и на српскиот јазик во Македонија, одржувајќи средби и работилници со деца кои ги изучуваат овие јазици без разлика дали станува збор за мајчин или немајчин јазик. На „Читателчиња“, тој настапува вторпат.

– Оваа смотра опстојува токму заради децата и заради желбата да се негува, но и да се шири љубовта кон читањето. Во годината кога се навршуваат десет години од мојата интензивна книжевна соработка со Србија, чест ми е што повторно настапувам на оваа манифестација и се радувам што повторно ќе се сретнам со многу деца, но и со драги колеги. Како две држави кои историски се поврзани, неопходно е да се негуваат добрите културни врски меѓу Македонија и Србија-рече Димкоски.

Богатата програма опфаќа тестирања за учениците во врска со прочитаните книги, претставување на креативни штандови и работилници за деца со писатели и глумци.

Во рамки на програмата ќе биде релзиран и симпозиум на тема „Од читање до алгоритми-меѓу дигиталното огледало и културниот корен“ на кој од Македонија учество како предавачи ќе земат Гордана Ѓорѓиевска-Неделковски, виш библиотекар при Универзитетската библиотека „ Св. Климент Охридски“, Љупка Стојменова, училиштен библиотекар од ОУ „Никола Карев“ од Кочани, и Коце Стојменов, библиотекар од локалната библиотека „Искра“ од Кочани.

РК Прилеп – РК Пролет 62 утре во “РИЧКО”! Mожност за прослава на деветтата победа во низа и најaва за плеј-оф следната сезона

Ракометарите на Прилеп утре (22.05.) со почеток од 19:30 часот, во спортската сала во СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, го играат натпреварот од деветтото коло во плеј-аут разигурувањето во Супер лигата, и последен натпревар на домашен терен сезонава.

Во Прилеп гостува екипата на Пролет, шанса прилепчани да ја продолжат победничката серија и да ја запишат деветтата победа од исто толку одиграни натпревари во плеј-аутот.

Да ги поддржиме нашите момци со полна трибина, и заедно да посакаме тим кој ќе обезбеди европски натпревари следната сезона.

Светски познатиот професор по потекло од Кривогаштани, му подари вреден историски документ на поглаварот на МПЦ-ОА

На 20.5.2026 година, во својот Кабинет, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, оствари средба со проректор на Европската христијанска академија од Летонија професор Георги Гоце Дуртаноски од Рига.

На средбата, професорот Дуртаноски му подари на Архиепископот реконструирана копија од Привилегијата дадена на Македонците од Светиот римски цар Леополд Први Хабзбуршки во 1690 година – стои во краткото соопштение на официјалната веб страна на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Чонески ја продолжува крушевската еснафска преродба – Нов огромен проект кој ќе значи многу за највисокиот град на Балканот

Крушево започнува со реализација на значаен инфраструктурен проект за развој на спортскиот и авантуристичкиот туризам – изградба на две нови полетувалишта за параглајдинг, со што дополнително ќе се зацврсти позицијата на градот како една од најпрепознатливите параглајдинг дестинации во светот.

Проектот предвидува проширување на Центарот за параглајдинг со две современо уредени полетувалишта. Првото ќе зафаќа 1.018,21 метри квадратни со висококвалитетна вештачка трева, како и дополнителни 993,79 метри квадратни површина со природна трева. Второто полетувалиште ќе биде со површина од 989,87 метри квадратни со вештачка трева и уште 510,02 метри квадратни зелена површина уредена со природна трева.

Со реализацијата на проектот, вкупната површина на терените за полетување со вештачка трева ќе достигне 2.008,08 метри квадратни, додека зелените површини со природна трева ќе изнесуваат 1.503,81 метри квадратни.

Од локалната самоуправа посочуваат дека инвестицијата ќе овозможи значително подобрување на инфраструктурата за параглајдерство, подобри услови за организација на меѓународни натпревари и спортски настани, како и двојно зголемување на капацитетот на Центарот за параглајдинг.

Новите полетувалишта ќе придонесат и за поголема безбедност на пилотите преку намалување на ризиците од нерамен и необработен терен, а ќе обезбедат и побезбедно полетување за слободните параглајдеристи за време на официјални натпревари.

Во рамки на проектот ќе бидат уредени и над 1.500 метри квадратни зелени површини со природна трева, што ќе овозможи подобри услови за подготовка и распоредување на параглајдерската опрема, полесно движење на пилотите, намалување на можноста за оштетување на крилата и јажињата, како и подобра дренажа и помалку калливи површини по врнежи.

Градоначалникот Нико Чонески истакна дека општината продолжува со инвестиции во проекти кои го развиваат Крушево, ја зголемуваат туристичката атрактивност и отвораат нови можности за спорт, туризам и локален економски развој.

Полицијата запре “БМВ” кај вештачкото езеро – уапсени двајца прилепчани

-На 20.05.2026 во 16:40 часот во близина на вештачкото езеро во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода Ж.К.(39) и Б.Т.(41), двајцата од Прилеп. При извршен преглед во патничко возило „бмв”со прилепски регистарски ознаки, во кое двајцата се превезувале, била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок, информираат од МВР..

Во Битола одбележан 21. Мај – Светскиот ден на културната разновидност (Фото галерија)

Во декември 2002 година, Генералното собрание на ОН го прогласи 21 мај за Светски ден на културната различност. Овој ден ја нагласува клучната улога на меѓукултурниот дијалог за постигнување мир и одржлив развој и е посветен на вреднување на културните разлики меѓу луѓето и земјите ширум светот.

Општината денеска организираше настан на кој се обрати градоначалникот на Битола Тони Коњановски, а беше присутен и претседателот на Советот Бојан Бојкоски.

Општина Битола доследно по втор пат го одбележа овој ден, со цел да се зголеми разбирањето за тоа колку е вредна културната различност. Тоа е исто така средство за промовирање на четирите цели на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и промоција на различноста на културните изрази усвоена на 20 октомври 2005 година:

– Поддршка и промоција на одржливи системи на владеење за културата;
– Да се постигне избалансиран проток на културни добра и услуги и да се
зголеми мобилноста на уметниците и културните професионалци;
– Интегрирање на културата во рамки за одржлив развој и
– Промовирање на човековите права и фундаментални слободи.

Во одбележувањето на Светски ден на културната различност зедоа учество: КУД „Илинден“, АФ „Гоце Делчев“, ФА „Битола“, ЦЕНТИФ „Етно Илинден“, АФ „Плетенка“, Комуната на Власи, Здружение „Ромска ѕвезда“, Здружение за Македонско-Српско пријателство, Здружението на Ракотворци Битола, Македонско Турско здружение „Мустафа Ќемал Ататурк“ Битола, Здружение „Нентори 22“ Битола, Хрватски културен центар„Марко Марулиќ“, а настанот беше збогатен со две изложби фотрографии од стара Битола и фолклорни мотиви.

ОФИЦИЈАЛНО: Македонија се враќа на Евровизија

Македонија следната година ќе учествува на изборот за песна на „Евровизија“, потврди директорот на МРТ, Зоран Ристоски.

На Јавната седница на програмскиот совет на МРТ, на која присуствуваат претставници на еснафски здруженија, медиумски организации и релевантни институции, Ристоски сподели дека имал средби со претставници од Европскиот радиодифузен сојуз (ЕБУ) и дека со сигурност може да каже дека Македонија ќе испрати претставник на европскиот музички фестивал во 2027 година.

Тој посочи дека МРТ има поддршка од ЕБУ во промоција на културните вредности на Македонија и очекува МРТ да добие поповолен пакет за враќање на Евросонг.

Македонија последен пат настапи на „Евровизија“ во 2022 година, кога претставник беше Андреа Коевска со песната „Circles“, која беше избрана преку националниот избор за „Евросонг“. Највисокиот пласман за Македонија го освои Тамара Тодевска со „Proud“ во 2017 година, кога се пласираше на седмото место.

Витаминка дел од првиот специјализиран supply chain самит во Македонија

На 14 мај во Скопје се одржа Supply Chain Summit 2026 – првиот специјализиран самит во Македонија целосно посветен на синџирот на снабдување, логистиката, набавката и оперативната ефикасност, во организација на „Кликер маркетинг“ и магазинот InStore.

Настанот, кој се одржа во хотелот Александар Палас, обедини професионалци од логистички и транспортни компании, производствени компании, дистрибутери, трговски синџири и ИТ-секторот, отворајќи важни дискусии за иднината на supply chain индустријата и современите бизнис-предизвици.

Меѓу компаниите што активно учествуваа на самитот беше и Витаминка, а свој придонес како говорник даде Владимир Трпаноски, директор за продажба на домашен пазар во Витаминка, кој беше дел од панел-дискусијата посветена на едно од најактуелните прашања во индустријата – дали компаниите треба да ја outsource-ираат логистиката или да ја задржат во сопствени рамки.

Во рамки на дискусијата, панелистите се согласија дека не постои универзален модел, туку дека секоја компанија треба стратешки да процени кои процеси се клучни за директна контрола, а каде партнерствата можат да донесат поголема ефикасност и вредност.

Агендата на самитот опфати актуелни теми како AI и предиктивна анализа во supply chain, ERP/WMS/TMS дигитализација, автоматизација на складишта, оптимизација на дистрибутивни мрежи, управување со залихи, fleet management, одржливост и зелена логистика, како и управување со ризици и оперативна ефикасност.

Со своето учество на првиот Supply Chain Summit во Македонија, Витаминка уште еднаш ја потврди својата посветеност кон следење на современите трендови, унапредување на оперативната ефикасност и активно учество во развојот на индустријата.

Започнуваат градежните активности за поставување на пешачки семафори пред “Епинал” во Битола

На преминот на Широк сокак кај плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола започнаа активностите за поставување на пешачки семафори кои треба да го олеснат преминувањето на пешаците преку оваа сообраќајница, во периодот кога таа
не е затворена за сообраќај, а така е во текот на целата година, освен за летниот распуст на училиштата.

-Овој проект кој беше најавен конечно почнува да се реализира, а плоштадот кој се користи како паркинг простор ќе биде пешачка зона, односно нема да се паркираат возила. Исто така во план е поставување на пешачки семафори и на преминот кај Камен мост, за што дополнително ќе информираме, информираат од Општина Битола.