Изминатата недела во Битола се реализираа повеќе значајни инфраструктурни активности, со фокус на подобрување на уличната мрежа и зголемување на бројот на паркинг места во градот.
Општина Битола продолжува со реализација на проекти насочени кон подобрување на сообраќајната инфраструктура, а само во изминатата недела беа реализирани активности на повеќе локации низ градот.
Во поранешната касарна е изграден нов паркинг простор на површина од 1.550 квадратни метри, со што се обезбедени 73 нови паркинг места. Вредноста на инвестицијата изнесува 6.256.014,18 денари.
Паралелно, се реализираше и проектот за реконструкција на улицата „Козара“, кој опфати асфалтирање на коловозот, како и реконструкција на водоводната и канализационата мрежа во должина од 230 метри. Вкупната вредност на инвестицијата е 4 милиони денари.
Дополнително, централното градско подрачје доби нов паркинг простор. Успешно е реализиран проектот за изградба на паркинг и уредување на просторот на улицата „Браќа Џаферови“. На површина од 1.100 квадратни метри обезбедени се 25 нови паркинг места, а вредноста на проектот изнесува 2.752.772 денари.
Интензивните активности продолжија и во близина на Здравствениот дом, каде покрај улицата „Козара“, се асфалтираа и улиците „11-ти Март“ и „Панде Николов“. Проектот опфаќа вкупна должина од 220 метри, а неговата вредност изнесува 6.073.392 денари.
Со реализацијата на овие проекти, во изминатиот период се вложуваат значителни средства во подобрување на условите за движење и паркирање во повеќе делови од Битола.
Инфраструктурните активности продолжуваат и понатаму. Од утре започнуваат градежните активности за изградба на уште еден нов паркинг простор во Битола, на локацијата позната како „Ат Пазар“, со што дополнително ќе се зголеми бројот на расположливи паркинг места во градот.
Од Општина Битола посочуваат дека посветено и со внимание се работи на подобрување на сообраќајната инфраструктура и создавање подобри услови за граѓаните.
Со новите паркинг простори, реконструираните улици и тековните инфраструктурни зафати, Битола продолжува со унапредување на градската инфраструктура и решавање на дел од сообраќајните предизвици со кои се соочуваат граѓаните.







































