дома блог страница 67

Македонската песна и фолклор одекнаа во Крушево – иселеници од Австралија приредија незаборавна вечер (Фото галерија)

Градскиот плоштад во Крушево синоќа беше исполнет со звуците на македонската песна, ората и богатата фолклорна традиција, благодарение на концертот на македонските културно-уметнички друштва од Австралија – МКУД „Светлост“ од Мелбурн и МКУД „Македонски бисери“ од Волонгонг.

Бројните посетители имаа можност да уживаат во автентични македонски народни песни и игри, кои членовите на двете друштва со голема љубов и посветеност ги негуваат и ги пренесуваат низ генерациите, иако живеат илјадници километри далеку од својата татковина.

Гостите од Австралија беа пречекани со топло добредојде, а беше истакнато дека нивната посветеност кон зачувувањето на македонскиот јазик, култура и традиција претставува вистински пример за силната поврзаност на иселениците со Македонија.

Концертот донесе прекрасна атмосфера во Крушево, исполнета со емоции, аплаузи и заедничко славење на македонскиот фолклор, уште еднаш потврдувајќи дека традицијата не познава граници и дека љубовта кон татковината живее и далеку од неа.

Девојките од ООУ “Гоце Делчев” Прилеп државни шампионки во мал фудбал – ќе патуваат на Балканско првенство во Сплит (ФОТО)

Голем успех за прилепското ООУ „Гоце Делчев“ – ученичките од училиштето го освоија првото место на државното финале во мал фудбал, кое се одржа на 30 јуни во Скопје, во рамки на Плазма Спортските игри на младите.

Со оваа победа, младите фудбалерки се закитија со титулата државни шампионки, а воедно обезбедија пласман на Балканското првенство, кое ќе се одржи од 17 до 22 август во Сплит, Хрватска, каде ќе ја претставуваат Македонија.

Шампионската екипа ја сочинуваат Ања, Елена, Ангелина, Лина, Јана, Клара, Ана Марија, Мелани и Лана. Со голема борбеност, дисциплина и тимски дух тие успеаја да стигнат до највисокото место на победничкиот пиедестал, испишувајќи нова страница во спортската историја на училиштето.

Значајна улога во овој успех има наставникот и ментор Игор Чадамов, чија посветеност, професионална работа и поддршка кон учениците беа препознаени како важен фактор во создавањето на шампионскиот тим.

Покрај златниот медал во мал фудбал, ООУ „Гоце Делчев“ оствари уште два значајни резултати на државното финале. Тимот предводен од наставникот Мартин Митрески го освои второто место во одбојка на песок, додека екипата предводена од наставникот Влатко Тошески се закити со третото место во народна игра.

Од училиштето упатија честитки до сите ученици и наставници кои беа дел од овие успеси, истакнувајќи дека постигнатите резултати се доказ дека трудот, посветеноста и заедничката работа носат врвни достигнувања.

На 13 јули закажана собраниската седница за избор на новите министри

Предлогот за разрешување и избор на нови членови на Владата е пристигнат во Собранието, а седницата е закажена за в понеделник на 13 јули, информираат од собраниската прес-служба.

На дневен ред на 112. седница на Собранието се три точки – предлог за разрешување членови на Владата, предлог за разрешување на заменици на министри во Владата и предлог за избор на членови на Владата.

Пред пратениците ќе се најде предлогот за разрешување на Игор Филков од функцијата министер кој раководи со Министерството за правда, а на негово место се предлага избор на Јетон Шасивари.

На местото на Иван Стоилковиќ, за министер кој ќе раководи со Министерството за односи меѓу заедниците се предлага Агон Ферати.

Стоилковиќ, пак се предлага за министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа, на местото на Златко Перински.

За министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на местото на Цветан Трипуновски се предлага Борче Серафимовски.

Сашо Клековски, е предложен за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, на местото на Азир Алиу.

За министер кој ќе раководи со Министерството за социјална политика, демографија и млади, на местото на Фатмир Лимани, се предлага досегашниот заменик министер Ѓоко Велковски.

Како министер кој ќе раководи со Министерството за култура и туризам на местото на Зоран Љутков, се предлага досегашниот заменик министер Седат Сулејмани.

На месотото на Шабан Салиу, како министер без ресор, се предлага Ерџан Демир.

Ристески ги претстави мерките од оперативниот план за вработување на Владата и во Битола (ФОТО)

Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески денеска во посета на Агенцијата за вработување во Битола, каде беше презентиран оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги
на пазарот на трудот за 2026 година.

На презентацијата беше присутен и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.

Со Оперативниот план за 2026 година посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработените како и на корисниците на гарантирана минимална помош.

Оперативниот план за 2026 година тежи 2.422.000.000 денари, односно 39,3 милиони евра, а ќе бидат опфатени вкупно 10.352 лица.

Се работи за три повици во рамки на мерката-поддршка за самовработување за која се предвидени 1.377.303.780 денари или 22,3 милиони евра.

И годинава се истите 3 подкатегории и тоа:

– Мерка-Поддршка за самовработување (за лица над 29 години ) која се однесува на невработени лица да започнат сопствен бизнис, висината на финансиската поддршка изнесува 430.500 денари или 7.000 евра неповратни средства за започнување на бизнис. За оваа подмерка се предвидени средства за 660 лица.

– Со Поддршка за самовработување на млади невработени лица до 29 години висината на финансиската поддршка изнесува 10.000 евра неповратни средства за основање на бизнис. За оваа подмерка се предвидени средства за 883 лица.

– Со подмерката Поддршка за самовработување со здружување на корисници до две лица се дава поддршка да основаат бизнис, со што висината на финансиска поддршка изнесува од 14.000 до 20.000 евра при што 20.000 евра се однесува содружници кои се до 29 години. За оваа подмерка се предвидени средства за 500 лица, од кои 275 за лица под 29 години.

Во Битола има 200 апликации.

Крушево ќе биде домаќин на првиот саем „Крушево Отворени Денови – Krushevo Open Days“, во тек е повикот за учесници

Крушево на 18 и 19 јули ќе биде домаќин на првото издание на саемот „Крушево Отворени Денови – Krushevo Open Days“, настан посветен на промоцијата на туризмот, гастрономијата и креативните индустрии. Во пресрет на манифестацијата, организаторите упатија јавен повик до сите заинтересирани туристички работници, занаетчии, производители, угостители и претставници на креативните индустрии да се пријават и да станат дел од саемот.

Повикот за учество го сподели и градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, кој ги повика сите заинтересирани да ја искористат можноста за промоција на своите производи, услуги и идеи.

„На 18 и 19 јули, Градскиот парк во Крушево ќе биде место каде ќе ги промовираме нашите потенцијали во туризмот, гастрономијата и креативните индустрии. Верувам дека преку вакви настани создаваме нови можности за соработка, развој и промоција на Крушево. Ве очекуваме да бидете дел од оваа заедничка приказна“, порача Чонески.

Саемот ќе се одржи во Градскиот парк во Крушево, а котизацијата за учество изнесува 3.000 денари по штанд. Пријавувањето е отворено до 10 јули.

Организатор на манифестацијата е Здружението за афирмација на култура, екологија и рурален туризам „Културен МаниФест – Крушево“, со поддршка од Општина Крушево.

Целта на „Крушево Отворени Денови – Krushevo Open Days“ е да создаде простор за поврзување на локалните чинители, промоција на туристичката понуда и поттикнување на економскиот и културниот развој на градот преку претставување на неговите автентични вредности.

СЕКОЈА ЧЕСТ! Македонска фирма ќе исплати по 51.000 ден. за К-15 на своите вработени

Компанијата Стокомак соопшти дека и оваа година го зголемува годишниот регрес за своите вработени, кој ќе изнесува 51.000 денари за секој вработен, продолжувајќи ја политиката на инвестирање во своите човечки ресурси.

Од компанијата велат дека со ова сакаат да им се заблагодарат на сите вработени кои со својата посветеност, труд и професионалност секојдневно придонесуваат за успешното работење на Стокомак.

Покрај исплатата на регресот, компанијата и понатаму обезбедува низа дополнителни бенефиции за своите вработени. Меѓу нив се летен сет, верски бонус, пакет производи за верски празници, подарок по повод Денот на жената, пакет за новороденче, пакет со училишни производи, подарок за роденден, како и новогодишни пакетчиња за деца до 10-годишна возраст.

„Веруваме дека зад секој успех стојат луѓето. Затоа ќе продолжиме да инвестираме во нашите вработени и заедно да создаваме работна средина во која секој се чувствува ценет, мотивиран и горд што е дел од тимот на Стокомак“, порачуваат од компанијата.

Воедно, од Стокомак ги повикуваат сите заинтересирани кои сакаат да станат дел од нивниот тим да аплицираат за некоја од отворените работни позиции, истакнувајќи дека компанијата продолжува да гради работна средина во која трудот и посветеноста се препознаваат и се вреднуваат.

По успешната премиера, „Госпоѓа Бовари“ повторно пред публиката во Народниот театар Битола

Приказна за копнежите што не познаваат граници, за соништата што се судираат со реалноста и за цената на изборите што ги правиме. Ема Бовари нè води низ свет исполнет со страст, илузии и немир, во претстава што остава силен впечаток долго по последниот аплауз. На 4.јули, сабота, со почеток од 20 часот на Големата сцена на Народниот театар Битола, ќе биде изведена „Госпоѓа Бовари“, во режија на Дејан Пројковски.

„Госпоѓа Бовари“ носи со себе некои вечни теми и прашања. Мислам дека „Госпоѓа Бовари“ е некаков женски „Хамлет“. Тоа е женскиот поединец кој се спротивставува на системот, на општествените и моралните рамки што ги создаваме и кои се дел од сите нејзини проблеми, додека системот се обидува да ја вовлече да биде дел од тие лажни вредности.
Самата претстава зборува за слободата на личниот избор“, истакнува режисерот за претставата.

Госпоѓа Бовари во претставата го минува својот пат, каде што е растегната меѓу телото и душата, меѓу телото и страстите што ја влечат надолу, на земјата, во калта, и од друга страна, душата што се обидува да гледа кон небото, да го бара Бог и повисоката смисла на постоењето. Ликот на Ема Бовари го игра актерката Маја Андоновска Илијевски, а покрај неа во актерската екипа се и: Никола Стефанов, Иван Јерчиќ (Шарл), Огнен Дранговски (Родолф), Мартин Мирчевски (Лере), Сандра Грибовска Илиевска (Слугинка), Петар Мирчевски (Свештеник), Борче Ѓаковски (Исус Христос) и Ива Лазарова (Ќерката на Ема и Шарл). Авторскиот тим го сочинуваат: асистент на режија Андреј Цветановски, драматург Сашо Димовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, кореограф Олга Панго, композитор Горан Трајкоски, видео дизајнер Сергеј Светозарев, светло мајстор Игор Мицевски, тон мајстор Александар Димовски, видео оператор Владимир Переловски, инспициент Оливер Петровски и суфлер Гордана Михајловска.

Една од варијантите на плакатот е изработка на Михајло Димитриевски – Мичо. Има уште еден плакат, дело на Сергеј Светозарев, кој од септември, кога ќе се продолжи со настапи по фестивали ќе биде презентиран на прес-конференција.
Не пропуштајте ја репризата на најновата театарска продукција во режија на Дејан Пројковски, инспирирана од ремек-делото на Гистав Флобер.

Претставата е наменета за лица над 16 години!

Голем интерес, особено кај младите, за мерките за самовработување на Владата – Во Прилеп пристигнати 311 апликации

Интересот на прилепчани за владините мерки за самовработување и поддршка на претприемништвото и оваа година е на високо ниво. Заклучно со вчерашниот ден, во Агенцијата за вработување во Прилеп се поднесени 311 апликации, што претставува силен показател за желбата на граѓаните да започнат сопствен бизнис и да ги реализираат своите претприемачки идеи.

Ова го соопшти заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, кој заедно со директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, Даниела Димовска, го посети Центарот за вработување во Прилеп.

„И оваа година има голем интерес во Прилеп. До вчера се пристигнати 311 апликации. Ова е потврда дека нашите граѓани сакаат да работат, сакаат да имаат сопствен бизнис и имаат одлични и иновативни идеи“, истакна Ристески.

Владините мерки за самовработување имаат за цел да поттикнат отворање нови бизниси, развој на претприемништвото и создавање нови работни места, а бројот на поднесени апликации во Прилеп покажува дека интересот за овие можности останува значителен.

Прилепчани организираат за прв пат “ПИВО ФЕСТ” во Австралија

Македонската заедница во Австралија оваа недела ќе биде домаќин на уникатен гастрономски и забавен настан. За првпат ќе се одржи „Пиво и Скара Фест“, кој ќе ги обедини традиционалните македонски вкусови, музиката и спортот во спортскиот комплекс на Рокдејл Илинден.

Главни организатори на настанот се Прилепското социјално друштво „Методија Андонов – Ченто“ и Фудбалскиот клуб Рокдејл Илинден, кои најавуваат богата целодневна програма наменета за сите генерации.

Посетителите ќе можат да уживаат во настапи на музички групи, автентична прилепска скара, содржини и забава за најмладите, како и во добро познатите вкусови на Прилепско и Скопско пиво, кои ќе бидат дел од фестивалската атмосфера.

Фестивалот ќе заврши во спортски дух, со фудбалски натпревар помеѓу екипите на Рокдејл Илинден и Спиритс, со што ќе биде заокружен првиот „Пиво и Скара Фест“ во Австралија.

Организаторите ги покануваат сите Македонци, како и љубителите на добрата храна, ладното пиво и одличната забава, да бидат дел од овој историски прв фестивал, кој има амбиција да прерасне во традиција за македонската заедница во Австралија.

Без виза во 127 земји: Македонскиот пасош на 41-во место од 199 земји

На најновата листа на најмоќни пасоши во светот, според Henley Passport Index Q2, македонскиот пасош се најде на 41. место меѓу 199 земји опфатени во рангирањето.

Пасошот на Македонија е оценет врз основа на тоа што со него може без виза да се патува во 127 држави ширум светот. Индексот се базира на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), а клучниот критериум е бројот на земји достапни без виза за граѓаните на една држава.

На врвот на листата и оваа година се наоѓа Сингапур, чии граѓани можат без виза да патуваат во 192 земји.

Второто место го делат Јапонија, Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати, со пристап до 188 земји без виза. Шведска е на третото место со 187 земји.

Четвртата позиција ја делат Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка и Шпанија, чии граѓани можат да патуваат во 186 земји без виза.

На петтото место се Австрија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија со пристап до 185 земји без виза.

Во регионот, Словенија е на седмото место со 183 земји, Хрватска е на осмото место со 182 земји, додека Црна Гора е на 41. место со пристап до 127 држави без виза. Босна и Херцеговина е исто така на 41. место, но со 122 безвизно достапни земји. Србија е на 34 место.