дома блог страница 61

Во Прилеп отворен нов Центар за услуги – граѓаните на едно место ќе можат да ги добијат сите потребни документи

Прилеп доби нов Центар за услуги, кој е резултат на соработката помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Општина Прилеп, а неговата цел е да им овозможи на граѓаните побрз и полесен пристап до електронските и административните услуги.

Новиот Центар кој е сместен во Даночното одделение на општина Прилеп, денеска го посети министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Андоновски истакна дека со отворањето на Центарот е исполнето ветувањето што го дал при неговата претходна посета на Прилеп, кога најавил отворање канцеларија преку која институционалните услуги ќе им бидат поблиску на граѓаните.

Во Центарот, граѓаните од Прилеп и околните населени места ќе можат на едно место да добијат информации, стручна поддршка и помош при користењето на електронските услуги што се достапни преку Националниот портал за услуги, односно преку еден шалтер да ги извадат сите документи и услуги кои ги нуди порталот www.uslugi.gov.mk.

„Нашата цел е граѓаните да не одат од институција до институција, туку услугите да ги добиваат побрзо, полесно и поблиску до местото во кое живеат“, истакна министерот Андоновски.

Тој додаде дека Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со отворање вакви Центри за услуги и во други градови низ државата, со цел електронските и административните услуги да станат подостапни за сите граѓани и компании.

Со отворањето на Центарот за услуги во Прилеп, се очекува значително да се олесни пристапот до дигиталните јавни услуги и да се намали потребата граѓаните да посетуваат повеќе институции за остварување на своите права и услуги.

ВМРО-ДПМНЕ: Едноцифрените рејтинзи и стравот од изборен дебакл, се причина за блокирањето на Изборниот законик од СДС, Левица и ДУИ

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение остро ги обвини СДСМ, Левица и ДУИ дека намерно го блокираат носењето на новиот Изборен законик, оценувајќи дека главната причина е нивниот пад на рејтингот и стравот од изборен пораз.

Од партијата потсетуваат дека Изборниот законик е дел од Реформската агенда и дека неговата подготовка со месеци се одвивала во работна група, каде што, како што велат, бил граден широк политички консензус.

„Наместо да придонесат за донесување на законот, опозициските партии избрале да го блокираат процесот“, се наведува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Левица одбила да го поддржи договорот, СДСМ поднела околу 10.000 амандмани со образложение дека електронското гласање на дијаспората е недемократско, додека ДУИ барала сите одлуки во Државната изборна комисија да се носат со консензус, а не со мнозинство како досега.

Од владејачката партија оценуваат дека заедничкиот именител кај трите опозициски партии е стравот од изборен неуспех, поради што уште сега создаваат алиби за евентуален изборен дебакл.

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја потврди својата подготвеност да го прифати секој разумен предлог од опозицијата, доколку во него биде вклучено решение кое ќе го олесни остварувањето на избирачкото право на македонската дијаспора.

„Ваквото однесување на опозицијата покажува дека партиските интереси се ставени пред интересите на иселениците и пред реформските процеси“, се заклучува во соопштението.

Скандал во Германија: Речиси една третина од генерацијата не успеа да ја заврши средношколската матура

Церемонијата на дипломирање во средното училиште „Роберт Шток“ во Хаген, Германија, се претвори во жестока критика кон училиштето откако матурантка во својот говор ги критикуваше наставниците и образовниот систем за невообичаено големиот број ученици кои не ги положиле испитите во средно училиште.

Снимката од нејзиниот говор брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции, додека надлежната училишна канцеларија објави дека темелно ќе ги истражи причините за екстремно високата стапка на неуспех, пишува Феникс.

Од вкупно 52 матуранти, 17 не го положиле завршниот испит, додека еден ученик не ги исполнил ниту условите за полагање на матура. Официјалната стапка на неуспех е околу 33 проценти, што значи дека речиси еден од тројца ученици не го завршил своето образование со полагање на матура.

Во говорот што траеше околу пет минути, матурантката рече дека таков резултат не може да се припише само на способностите и напорите на студентите. Таа истакна дека многу од оние што не го положиле матурскиот испит во претходните години имале добри оценки и дека нивните планови за продолжување на образованието сега се загрозени.

Таа особено ја критикуваше организацијата на часовите, тврдејќи дека наставниците често се менуваат и дека учениците не добиваат квалитетна настава по математика две години. Таа, исто така, изјави дека некои професори не ги следеле промените во наставната програма и продолжиле да користат стари материјали и покрај променетите барања за завршните испити.

Иако таа рече дека го разбира проблемот со недостатокот на наставен кадар, таа исто така изнесе сериозно тврдење дека училиштето е составено од „целосно некомпетентни наставници“ кои, според неа, давале и „педофилски изјави“.

Таа не го објасни ниту поткрепи ова обвинување понатаму за време на својот говор. На крајот од својот говор, таа употреби сурова пцовка за да ги нарече оние што ги сметаше за одговорни за големиот број ученици кои не го положиле средното образование. Според снимките од церемонијата, дел од публиката ги поздрави нејзините зборови со гласен аплауз и одобрување.

Училишната администрација во Шверин потврди дека оваа година во гимназијата „Роберт Шток“ евидентирано е зголемен број ученици кои не го положиле матурскиот испит и најави дека причините моментално се анализираат детално.

Не пропуштајте ја најромантичната музичка вечер ова лето – Балканскиот шармер Жељко Самарџиќ ќе одржи концерт за паметење на Хераклеа

Постојат гласови што не стареат и песни што со години ги будат најубавите емоции. Токму таков е Жељко Самарџиќ, еден од најромантичните и најомилените пејачи на Балканот, човек чија харизма, препознатлив вокал и безвременски хитови, кои со децении ги полнат концертните сали и ги освојуваат срцата на публиката.

На 7 август, љубителите на убавата музика ќе имаат ретка можност да уживаат во неговите најголеми хитови под отворено небо, на магичниот антички локалитет Хераклеа, кој ќе биде совршена сцена за вечер исполнета со емоции, романтика и незаборавни музички моменти.

Продажбата на влезниците е во тек во ТА Бран – Прилеп, Димпо и Brothers Tobacco – Битола, како и онлајн по промотивна цена од 1.200 денари (до денеска 10.07).

Влезници онлајн можат да се купат на: https://kupikarta.com/event-details.nspx?eventid=5753

Информации и резервации на тел.бр.: 076/942-600

Не ја пропуштајте можноста да бидете дел од една од најубавите музички вечери ова лето и заедно со Жељко Самарџиќ да ги запеете безвременските хитови кои оставија трага кај генерации љубители на добрата музика.

Над 11,4 милиони денари инвестиција за реконструкција на три краци од улицата „Даме Груев“ во битолската населба „Мал Париз“

Во тек е асфалтирањето на три краци од улицата „Даме Груев“ во битолската населба „Мал Париз“, со што значително ќе се подобрат условите за живот и секојдневното функционирање на жителите од овој дел на градот.

Станува збор за реконструкција на улици во вкупна должина од 410 метри, а вредноста на асфалтирањето на коловозот изнесува 5.196.720 денари.

На оваа локација претходно беше изведена нова мешовита – фекална и атмосферска – канализациска мрежа со приклучоци, во вредност од 4.325.218 денари, како и нова водоводна мрежа со приклучоци, вредна 1.885.289 денари. Овие активности се дел од поширокиот проект за комплетно инфраструктурно уредување на овој дел од населбата.

Вкупната вредност на инвестицијата за реконструкција на трите краци од улицата „Даме Груев“ изнесува 11.407.227 денари.

Со реализацијата на проектот, жителите на „Мал Париз“ добиваат современа комунална инфраструктура и нов асфалтен коловоз, што ќе овозможи побезбедно, поквалитетно и поудобно секојдневно движење, како и подобри услови за живот во оваа битолска населба.

Викенд временска прогноза: Искористете ја саботата – Во недела лош пресврт со времето

Денешниот ден ќе биде претежно сончев, проследен со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Утринските температури ќе се движат од 11 до 20 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 28 и 34 степени.

Во Скопје се очекува сончево време со мала облачност и слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе изнесува околу 15 степени, а максималната ќе достигне до 34 степени.

Прогнозата на УХМР за сабота најавува сончево и топло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец.

Во недела се очекува дестабилизација на времето, со локална појава на пороен дожд, грмежи и умерен до засилен ветер, кој ќе дува претежно од северозапад. Од понеделник повторно следува период на претежно стабилно, суво и топло време, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Мицкоски и Ристески во работна посета на фабриката на “КРОМБЕРГ И ШУБЕРТ” во индустриската зона Жабени (Фото галерија)

Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска, за време на работната посеета на Битола, ги посетија и производствените погони на фабриката Кромберг и Шуберт, лоцирани во Индустриската зона Жабени.

Во рамки на посетата, делегацијата ги обиколи производствените капацитети. Премиерот Мицкоски имаше можност од прва рака да се запознае со производствените процеси на компанијата, оперативните стандарди и важната улога што вработените ја имаат во секојдневното работење на фабриката.

Освен со менаџерскиот тим, Мицкоски, директно разговараше со вработени вклучени во производствениот процес. Разговорите беше фокусиран на индустриските приоритети, вработувањето, условите за работа, развојот на техничкиот кадар, можностите за стручно напредување и слично. На посетата присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски

За време на средбата беше истакнато дека фабриката во Битола продолжува да работи успешно. Овој напредок уште еднаш ја потврдува важноста на фабриката Кромберг и Шуберт во Битола како составен дел од глобалната производствена мрежа на Кромберг и Шуберт, и како значаен фактор за македонската економија, извоз и пазар на труд.

Кукуноска добитничка на регионалното признание „Women Entrepreneurs of the Year 2026 – Western Balkans“

Членот на Управниот одбор на ССКМ, Марија Кукуноска, добитничка на регионалното признание „Women Entrepreneurs of the Year 2026 – Western Balkans“.

М-р Марија Кукуноска, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) и извршен директор на Premium Safety Solution, е добитничка на престижното регионално признание „Green Woman Entrepreneur 2026“, доделено во рамки на иницијативата „Women Entrepreneurs of the Year 2026 – Western Balkans“, организирана од Советот за регионална соработка (RCC).

Признанијата беа врачени минатата недела на свечена церемонија во Сараево, Босна и Херцеговина, при што беа одликувани жени претприемачи кои со својата работа придонесуваат за иновациите, одржливиот развој, креативната индустрија, дигиталната трансформација и економскиот напредок на земјите од Западен Балкан.

Годинава признанијата беа доделени во шест категории, а добитничките беа избрани од речиси 180 кандидатки од земјите од регионот. Настанот се одржа во пресрет на Форумот за родова еднаквост во рамки на Берлинскиот процес и обедини претставници на институциите, бизнис-заедницата и меѓународните организации.

М-р Кукуноска го доби признанието во категоријата „Green Woman Entrepreneur“, како признание за нејзиниот придонес во развојот на одржливи и одговорни деловни практики преку компанијата Premium Safety Solution, со особен фокус на безбедноста, превенцијата и управувањето со ризици.

По повод признанието, Кукуноска истакна дека оваа награда претставува силна потврда дека безбедноста, превенцијата и одговорното управување со ризици се суштински столбови на одржливиот развој.

„Особено сум горда што ова признание го добив во категоријата Green Woman Entrepreneur, бидејќи испраќа јасна порака дека вложувањето во безбедност не само што ги штити луѓето и компаниите, туку директно придонесува за зачувување на животната средина и за создавање поодржлива иднина за следните генерации“, истакна Кукуноска.

Иницијативата „Women Entrepreneurs of the Year – Western Balkans“ е воспоставена во 2022 година со цел да ги промовира успешните претприемачки приказни на жени кои создаваат нови работни места, поттикнуваат иновации и придонесуваат за одржлив економски развој во земјите од Западен Балкан.

МАКЕДОН, нашиот математички гениј освои се’ што можеше да се освои и го развиори македонското знаме во Бугарија (Фото)

Постојат успеси кои не се мерат само со медали, туку со гордоста што ја носат на една држава. Токму таков успех постигна младиот математички талент Македон Димитровски, кој на престижниот меѓународен турнир „Математика без граници“ во Несебар, Бугарија, беше еден од најуспешните натпреварувачи и ги освои највисоките признанија.

Во силна конкуренција на ученици од повеќе земји, Македон уште еднаш покажа дека талентот, знаењето и упорната работа немаат граници. Со своите извонредни резултати тој не само што ја претстави Македонија на најдобар можен начин, туку испиша нова страница во историјата на македонските математички успеси.

Неговиот биланс на натпреварот е навистина импресивен:

🏆 Златен медал на индивидуалниот натпревар „Математика без граници“
🏆 Прво место и освојувач на Купот
⭐ Признание Math Star of the Tournament – Математичка ѕвезда на турнирот
👑 Апсолутен победник на Купот на градоначалникот на Несебар
🥈 Сребрен медал на меѓународниот натпревар по алгебра „Ludovico Ferrari“
🥉 Бронзен екипен медал

Зад овие блескави резултати стои посветена работа, дисциплина, љубопитност и исклучителна љубов кон математиката. Македон е пример дека вистинскиот успех не доаѓа преку ноќ, туку е резултат на секојдневна посветеност и постојано надминување на сопствените граници.

Особено значајно е што токму ваквите млади луѓе се најдобрите амбасадори на Македонија. Со своето знаење, а не само со своите медали, тие покажуваат дека нашата земја има генерации кои можат рамноправно да се натпреваруваат и да победуваат на најпрестижните меѓународни натпревари.

Македон Димитровски уште еднаш потврди дека Македонија има математички гениј чие име допрва ќе се слуша. Неговиот успех е инспирација за сите млади кои веруваат дека со труд, знаење и истрајност можат да ги остварат и најголемите соништа.

Честитки за овој извонреден успех! Нека ова биде само уште еден чекор кон нови победи и уште поголеми достигнувања на меѓународната сцена.

Eдно чудо народ го пречека денеска Мицкоски во Битола – се гради ново училиште и се реализираат низа други проекти (ФОТО)

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети Битола, каде што во населбата Буковски Ливади се реализира проектот за изградба на ново подрачно училиште. Тој порача дека Владата останува целосно посветена на реализација на капитални проекти и подобрување на условите за живот на граѓаните.

„Продолжуваме и понатаму да бидеме посветени на испорачување на проекти. Тоа е еден од нашите врвни приоритети. За жал, во изминатите децении се направени многу пропусти и не можеме одеднаш да ги решиме сите, но работиме по приоритети, еден по еден, без да создаваме нови проблеми“, истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи дека секој што работи може и да направи грешка, но дека Владата ќе продолжи активно да ги решава проблемите на граѓаните.

„Сакам однапред да се извинам за понекоја грешка што ќе се направи во текот на работењето. Не греши само оној којшто ништо не работи. Ќе се трудиме таквите грешки да бидат сè помалку и навреме да ги исправаме“, рече тој.

Во своето обраќање, Мицкоски упати благодарност до градоначалникот, општинската администрација, советниците, пратениците и членовите на Владата кои, како што рече, работат на реализација на повеќе проекти за Битола.

Тој потенцираше дека Битола останува еден од главните приоритети на Владата и најави продолжување на инфраструктурните инвестиции во регионот.

„Забрзано се гради автопатот што ќе ги поврзе Битола и Прилеп, а сериозно се размислува и за реализација на експресно поврзување на Битола со граничниот премин Меџитлија. Со тоа значително ќе се подобри сообраќајната поврзаност и ќе се намалат гужвите во градот“, изјави премиерот.

Посетата беше реализирана на локацијата каде што е во тек изградбата на новото подрачно училиште во населбата Буковски Ливади, проект што треба да обезбеди подобри услови за образование на учениците од овој дел на Битола.