дома блог страница 60

Бронза што сјае како злато: Младиот математички гениј Дарјан Мирчевски донесе огромна радост за Македонија (ВИДЕО)

Младиот македонски математички талент Дарјан Мирчевски постигна голем успех на меѓународната сцена, освојувајќи бронзен медал на Јуниорската балканска математичка олимпијада 2026, која деновиве се одржа во Романија.

Како дел од македонската репрезентација, Дарјан го претставуваше нашето знаме на едно од најзначајните математички натпреварувања за млади ученици. Неговиот бронзен медал е резултат на огромна посветеност, упорна работа, безброј решени задачи и силна желба за успех.

Овој медал има особена тежина бидејќи натпреварувањето одамна ги надминува балканските рамки. Годинава, во конкуренција на 22 држави, покрај балканските земји, учествуваа и натпреварувачи од математички силни држави како Франција, Ирска, Ерменија, Азербејџан, Казахстан, Малезија и други земји.

Во таква силна конкуренција, успехот на Дарјан е уште поголем и претставува вистинска гордост за Македонија.

Зад овој резултат стојат и неговите ментори, наставници и сите кои биле дел од неговиот пат кон олимпијадата. Посебна благодарност беше упатена до менторите од Збир-едукативниот центар, поранешните македонски олимпијци Стефан, Филип и Лука, како и до СММ и водачите на македонската екипа на ЈБМО 2026, Петар и Никола.

Поддршка на Дарјан му дале и управата и наставниците од ОУ „Вера Циривири Трена“, кои му овозможиле соодветни услови за подготовка и настап на ова престижно натпреварување.

Дарјан Мирчевски е пример дека талентот, кога е надграден со труд, дисциплина и поддршка, може да донесе резултати со кои се гордее целата држава.

Браво за Дарјан — младиот математички генијалец кој ја стави Македонија на мапата на големите ученички успеси.

Прилеп: 80-годишен дедо на велосипед заврши со тешки повреди откако се судри со мопед

-На 18.06.2026 во ОВР Прилеп е пријавено дека на крстосница од ул„Прилепски Бранители“ и ул„Тризла“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед „томос“ со прилепски регистарски ознаки, управуван од Г.У.(33) од Прилеп и велосипед управуван од 80-годишниот А.К. од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Општа болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп, информираат од МВР.

„ТАВ МАКЕДОНИЈА“ стана спонзор на младинскиот фудбал на ФК Пелистер (ФОТО)

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на АДП-групацијата стана спонзор на младинскиот фудбал на ФК Пелистер од Битола.

Поддршката има за цел подобрување на квалитетот, конкурентноста и меѓународното искуство на младите фудбалери и младинскиот фудбал преку организирање контролни натпревари и учество на домашни и меѓународни турнири во подготвителниот зимски период и натпреварувачката полусезона 2026.

„Инвестицијата во младите е клучна за нашето општество, за спортска Битола, за иднината на младите, за нивниот развој во силни личности. Поддршката ќе има улога во обезбедување подобри услови за спортски развој на младите, јакнење на нивниот натпреварувачки дух, тимска работа и спортска дисциплина. Уште еднаш сакам да се заблагодарам на компанијата ТАВ Македонија која уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност, развој на заедницата и поддршка на традиционалниот национален спортски тим“, рече Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.
Генералниот директор на ТАВ Македонија рече дека особено го радува тоа што од денеска логото на ТАВ Аеродроми ќе биде присутно на ракавот на новиот дрес на ФК Пелистер, како симбол на нашата поддршка за развојот на младите фудбалери, нивните амбиции и нивниот пат кон идните успеси.

„Со ова спонзорство придонесуваме не само за развојот на идните професионални фудбалери, туку и за здравјето и благосостојбата на повеќе од 400 деца кои активно тренираат во младинските категории на ФК Пелистер.

Исто така, сакам да ви се заблагодарам за дресот кој што ми го подаривте, кој секогаш ќе ме потсетува на почетокот на нашето партнерство и за мене претставува симбол на доверба, припадност и заедничка амбиција за успех“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Марјан Секуловски, координатор на ПМФШ на Пелистер изрази благодарност за спонзорството.

„Во мое лично име, како и во име на сите членови на Прва македонска фудбалска школа на ФК Пелистер, ви изразувам голема благодарност за вашето спонзорство. Вашиот чин ја покажува општествената одговорност на вашата компанија, како и вашата љубов кон фудбалот како спорт, особено кон развојот на младинскиот фудбал.

Младинскиот фудбал е срцето на секој професионален фудбалски клуб и ова ваше спонзорство ќе биде искористено за развој и унапредување на младинските категории на ПМФШ на ФК Пелистер“, посочи Секуловски.

Со оваа соработка, ТАВ Македонија ја потврдува својата посветеност кон општествената одговорност, овој пат со поддршка на над 400 деца и младинци, кои се дел од младинскиот фудбал на ФК Пелистер и кои ја претставуваат иднината на овој македонски фудбалски клуб.

Кривична за двајца од општински фудбалски сојуз

СВР Струмица – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово поднесе кривична пријава против К.С.(66) и М.Г.(54), двајцата од Валандово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама во службата“ и „фалсификување службена исправа“. Првопријавениот, како претседател и второпријавениот, како секретар на Општински фудбалски сојуз Валандово, во периодот од 2021 до 2025 година во повеќе наврати регистрирале повеќе фудбалски клубови за натпреварување во општинската фудбалска лига Валандово без исполнетост на минималниот број на играчи согласно правилникот на Фудбалската федерација на Македонија.

На тој начин придонеле да се зголеми и бројот на делегати во Собранието на ФФМ на кои им била извршена незаконска исплата на надомест по разни основи, при што за себе и други лица прибавиле противправна имотна корист во износ од околу 1.350.000 денари. Тие креирале и записници за одиграни натпревари во кои внесувале невистинити и неточни податоци за лица како учесници во фудбалските натпревари, а кои воопшто не се одиграле.

Уживајте викендов, од понеделник нова промена на времето

Во текот на викендот времето ќе биде претежно сончево и топло, со мала локална облачност во претпладневните часови. Попладне се очекуваат услови за краткотрајна локална нестабилност, соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Температурите ќе бидат летни, со вредности кои ќе се движат во висок интервал, при што максималните дневни температури во делови од земјата ќе достигнуваат од околу 29 до 38 степени Целзиусови.

Од почетокот на работната седмица во попладневните часови ќе има услови за развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.

Изложбата „Фузија“ од Христијан Томан, вечерва во Центарот за култура “Марко Цепенков” во Прилеп

На 19 јуни 2026/петок/ од 18.30 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Фузија“ од Христијан Томан. На изложбата, поддржана од Министерството за култура и труизам, авторот ќе се претстави со триесетина дела – дигитални илустрации како и цртежи во помал формат, сите дела во а4 и а3 формат.

-Во мојот визуелен израз се стремам кон дигитална синтеза на книжевните класици, традиционалната илустрација и текстуралната едноставност на графиката. Инспириран сум од безвремената литература и симболи, сакам да ги реинтерпретирам овие приказни преку различни стилови и сопоставувања, инкорпорирајќи ги тактилните квалитети на графиката со ликовни вредности. Дигиталниот медиум ми е цел да ги обедини овие елементи, нудејќи им на гледачите подруга перспектива на познатите наративи, премостувајќи го минатото и сегашноста и поканувајќи ги да ја истражат визуелната сложувалка – вели Томан.

Христијан Томан, во Струга, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во
Скопје, отсек графика со насока графички дизајн. Работел како едукатор за визуелни уметности и дизајн. Се занимава со графички дизајн, илустрација. Еден од основачите на здружението ИНКА. Работел како сценограф на СВП, и како продуцент на фестивалот. Од 2018 година работи како соработник за визуелни уметности во НУЦК „Браќа Миладиновци“ Струга.

БЕДНИЦИ синоќа ги испокорнале садниците во центарот на Прилеп – МВР на потег!

Непознати нецивилизирани поединци синоќа ги испокорнале садниците на булеварот “Гоце Делчев” во Прилеп. Зошто?! Затоа што им се може, затоа што тоа ќе ја нахрани нивната празна душа, и нивната агонија која не’ труе сите во ова општество….

Од ЈКП Комуналец преку објава на социјалните мрежи велат дека локацијата била бирана намерно, на дел од булеварот каде што нема камери од локалните дуќани, но ако нема тука, има погоре и подолу, па МВР лесно може да ги открие хулиганите.

ОДГОВОРНОСТ ВЕДНАШ! ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ И ДРАКОНСКИ КАЗНИ! За ваквите нема место меѓу нас!

Донесен законот, Битола добива медицински факултет

Собранието на пленарната седница одржана на 11 јуни 2026 година едногласно го усвои Законот за основање Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Со донесувањето на законот, досегашната Висока медицинска школа во Битола официјално прераснува во Факултет за медицински науки и здравство, со што УКЛО добива нова факултетска единица и отвора ново поглавје во развојот на медицинското и здравственото образование во земјава.

Од Универзитетот оценуваат дека ова е историски исчекор за развојот на сестринската и акушерската професија, бидејќи по повеќедецениски напори медицинските сестри и акушерките добиваат можност за целосен академски и научен развој во рамките на сопствените професионални области.

Новиот факултет ќе реализира четиригодишни академски студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар, како и тригодишни стручни студии за медицинска сестра/техничар, акушерка, медицинско-лабораториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер. Запишувањето на првата генерација студенти на академските студии е предвидено за академската 2027/2028 година.

Од УКЛО упатија благодарност до министерката за образование и наука Весна Јаневска за поддршката во процесот, како и до пратениците кои едногласно го поддржаа законското решение.

Воедно, од Универзитетот посочуваат дека успехот е резултат на долгогодишната визија и работа на ректорот проф. д-р Игор Неделковски, Ректорскиот колегиум и работната група за подготовка на проектот за основање на факултетот, предводена од проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска.

Традицијата на високо образование за медицински сестри во Битола започнала уште во 1988 година. Речиси четири децении подоцна, таа традиција прераснува во факултет кој ќе создава нови генерации здравствени професионалци, истражувачи и академски кадар, со значаен придонес за развојот на здравствениот систем и општеството.

Со основањето на Факултетот за медицински науки и здравство, Битола дополнително ја зацврстува својата позиција како еден од најзначајните универзитетски и образовни центри во државата.

СРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: A.Б. ОД ЖЕЛИНО ОСВОИ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН 7.140.125 ДЕНАРИ

Најновиот добитник на СУПЕР МИЛИОНЕР е А.Б. од Желино. Тој освои џекпот вреден 7.140.125 денари.

Најпосакуваната ВЛТ добивка е освоена на видеолотариските терминали кај деловниот соработник Гаминг Професионал Казино СТАР на 10.06.2026 година во Желино.

Среќната игра е 20 Супер хот. Тимот на Видеолотарија Касинос Австрија му честита на добитникот.

Во периодот од 08.06.2026 до 14.06.2026 година, Видеолотарија Касинос Австрија исплати вкупно 17.941.991 денари кон играчите на ВЛТ терминалите низ Македонија, и тоа:

• 1 СУПЕР МИЛИОНЕР џекпот добивка, исплатени 7.140.125 денари

• 6 МИЛИОНЕР џекпот добивки, со вкупно исплатени 9.290.616 денари

• МИНИ џекпот добивки, преку кои играчите заедно освоија 1.511.250 денари

Во пресрет на најголемиот фудбалски спектакл, Светското првенство во фудбал, Видеолотарија Касинос Австрија за играчите на ВЛТ подготви уште повеќе возбуда, адреналин и можности за големи добивки. Фудбалот отсекогаш бил игра на соништа, неизвесност и големи победи. Токму затоа, Видеолотарија ја спојува магијата на најважниот фудбалски настан со препознатливата ВЛТ забава и возбудата од можноста за освојување џекпот добивки.

За време на шампионатот, Видеолотарија Касинос Австрија обезбеди зголемен вкупен фонд за ВЛТ џекпот добивки во текот на сите фудбалски денoви. Кампањата „Секој ден нов милионер“ ќе донесе дополнителна возбуда за играчите, со нови шанси за големи добивки секој ден.

Вечерва на Камена бина – Koнцерт на Crossroad Blues Band, стартува годинешното издание на “Од 0 до Културa”

Општина Прилеп продолжува со реализирање на проектот “Од 0 до Културa”, со цел елементарно музичко и културно описменување на граѓаните на Општина Прилеп, како и презентација на млади музичари од општината и Република Македонија за нивна промоција.

Годинава концертите започннуваат со настап на легендарните прилепски блузери – Crossroad Blues Band Reloaded, кои ве покануваат на едно посебно музичко патување на Камената Бина во Прилеп.

Концертот „Жените во блузот“ е посветен на најголемите женски имиња кои оставиле неизбришлива трага во историјата на блуз музиката. Вокалистките, Александра и Викторија, ќе изведат безвременски светски блуз класици од легендарни уметници, носејќи ја на сцената силата, емоцијата и страста што го дефинираат овој музички жанр.Ве очекува вечер исполнета со врвна музика, искрени емоции и незаборавна блуз атмосфера…

Koнцертот на Crossroad Blues Band започнува во 21:00 часот.

CROSSROAD B.B. е музичка формација од Прилеп, основана кон крајот на минатиот век, или поточно во 1997 година, од двајца љубители на блуз музиката, Александар Дворчанец-Сале и Бранко Нешкоски-Бане.

Од локална атракција, низ годините CROSSROAD B.B. прерасна во сериозен бенд кој бескомпромисно работи повеќе од дваесет години во својот роден град, во речиси сите градови и места во Македонија, а од 2004 до 2018 година настапува на речиси сите престижни фестивали и места во регионот (претежно на Балканот) каде што се цени и се свири блуз музиката.

Сите изминати километри и бројните настапи му дадоа на бендот многу искуство за настапи во живо, но и многу самодоверба бидејќи наидоа и се запознаа со многу блуз музичари од регионот, создавајќи трајни пријателства кои траат до ден-денес. Оваа приказна беше грубо прекината од ненадејната смрт на Сале, фронтменот на бендот во ноември 2018 година. Со неговото заминување, бендот изгуби многу, но и блузот во Македонија и регионот воопшто.

Во периодот од 1997 до 2018 година, CROSSROAD B.B. снимија три студиски албуми, од кои два беа оригинални со кои го промовираа блузот кирилица (блуз песни на македонски јазик) со наслови ..Тутун блуз .. и …Градско дете .. и еден албум со аранжмани на блуз песни што самите автори ги заборавиле, со наслов. Сè уште живеејќи го блузот. Важно е да се спомене дека Сале беше автор на речиси сите текстови од оригиналната музика, кои не беа само текстови, туку вистински приказни од неговиот живот.

Сегашната формација на бендот е следнава:

Давид Нешкоски – вокал и гитара
Бранко Нешкоски – гитара
Зоран Настески – тапани
Љупчо Шилоски – бас
Александра Трајческа – Вокал
Викторија Георгиоска – Вокал

Бендот во последните неколку години настапува и снима нов материјал како што се видео запис за песната Mustang Sally, нова авторска песна и видео запис за песната Дојди си Дома.

Најновото дело на бендот е аудио и видео записот на целосно новата песна со име “Мораше Баш Сега” . Со оваа нова песна бендот се претставува во блуз светло со модерен призвук и моќни женски вокали кои нема да ве остават рамнодушни. Последното дело е и најбрзо растечката песна на Crossroad со преку 100.000 прегледи на социјалните мрежи во првиот медец од објавата.

Бидете трпеливи и ќе ги видите во живо на 18. јуни на плоштадот “Александрија” во Прилеп.