Николоски: Градиме нов автопат, за подобро поврзување со Косово и Црна Гора, ја градиме Македонија

Со поставување на камен темелник, денеска официјално започна изградбата на автопатот Скопје–Блаце, значаен инфраструктурен проект кој треба дополнително да го зајакне транспортното и економското поврзување на Македонија со Косово и со поширокиот регион.

На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, премиерот на Косово Албин Курти, претставници на државниот врв, како и претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Вицепремиерот Николоски истакна дека проектот ќе донесе дополнителен развој и посилно регионално поврзување, отворајќи нови можности за пристап до пристаништата Драч и Бар и дополнително зацврстувајќи ја позицијата на Македонија како транспортна раскрсница на Балканот.

“Навистина е убаво кога се почнуваат нови проекти и кога се гледа нешто што во следните неколку години ќе донесе дополнителен развој, едно силно поврзување на нашата држава со Косово и со Црна Гора, отворање кон најмалку две пристаништа – дополнително отворање кон пристаништето Драч и отворање кон пристаништето Бар – и уште повеќе зацврстување на Македонија како една раскрсница на Балканот”, рече Николоски.

Тој посочи дека реализацијата на ваквите капитални проекти е дел од јасната визија на Владата Македонија да ја искористи својата географска положба и да стане „срце на Балканот“.

„Кога оваа Влада беше формирана во 2024-тата година, јасната политика и визија на премиерот Мицкоски беше дека Македонија треба да стане раскрсница на Балканот, да ја искористиме нашата уникатна положба каде што два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10 – се пресекуваат, а на нив се надоградуваат и Коридорот 11 и Коридорот 6″, додаде вицепремиерот Николоски.

На крај, Николоски посочи дека приоритет на оваа Влада е напредок, соработка и економски развој на државата и на целиот регион, а со реализација на вакви проекти, се потврдува таквата заложба.

“​Денеска почнуваме таков проект којшто оди во таа насока и само со една таква јасна политика и јасна визија ова може да се случи. Затоа што секоја Влада има различни приоритети, приоритетот на оваа Влада е напредок, соработка, економски развој и на тој начин развој на државата и на целиот регион”, потенцираше заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.