дома блог страница 51

Родени 3.684 деца во второто тримесечје од годинава

Во второто тримесечје од 2026 година, во споредба со истиот период од 2025 година, бројот на живородените деца изнесува 3.684 и е намален за 3,0 % – покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Бројот на умрените лица во второто тримесечје од 2026 година бележи намалување од 0,6 % во споредба со истото тримесечје од 2025 година и изнесува 4.689 лица, а од нив 10 се умрени доенчиња.

Природниот прираст е негативен и изнесува -1.005, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Во ова тримесечје од годината се склучени 2.732 брака и нивниот број е намален за 2,2 % во споредба со истиот период од 2025 година, а регистрирани се и 406 разведени брака.

Кривична за прилепчанец кој со дрво претепал сограѓанин

-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против И.Р. (26) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 27.07.2026 кај место викано „Темелите“ во населбата „Три багреми“ во Прилеп, по претходна расправија, пријавениот физички го нападнал С.М., употребувајќи дрвен предмет и нанесувајќи му тешка телесна повреда, информираат од МВР.

Битолчанец возел “ќор пијан” низ Прилеп

-На 26.08.2026 во 18:17 часот полициски службеници од ОВР Прилеп на ул. „Александар Македонски” во Прилеп го лишија од слобода К.В.(60) од Битола. При контрола во сообраќајот полициските службеници сопреле возило „форд” со битолски регистарски ознаки, управувано од К.В., при што било констатирано дека го управувал возилото под дејство на алкохол, односно измерени му биле 2,17 промили алкохол во крвта. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок, информираат од МВР.

Кавадарци повторно станува центар на Македонија: Пристигнува Тиквешки Гроздобер 2026!

Кавадарци повторно се подготвува за својот најголем празник и фестивалот Тиквешки Гроздобер 2026. Децениска традиција која од година во година расте, се развива и денес претставува еден од најголемите и најпосетените фестивалски настани во Македонија.

Програмата за годинашното издание,кое ќе се одржи викендот на 04-ти, 05-ти и -6-ти септември, беше официјално претставена на денешната прес-конференција од страна на Организаторот, Претседателот на Советот на Општина Кавадарци, д-р Стојанчо Рамов, а заедно со дел од артиститеи учесниците – Илчо Нечовски од Дупер, DJ Александар Галоски и Кирил Димитров – Урошев(RPM Classics).

Од традиционална манифестација посветена на грозјето, виното и Тиквешијата, во изминатата деценија Тиквешки Гроздобер израсна во голем современ фестивал кој секоја година привлекува огромен број посетители од цела Македонија и регионот.И оваа година Кавадарци ќе понуди богата и разновидна програма за сите генерации, со музички настапи, традиционални содржини, култура, забава и препознатливата атмосфера по која Гроздоберот е познат.Посебен акцент и годинава е ставен на македонските артисти и домашната музичка сцена, со што фестивалот продолжува да биде голема платформа за промоција и поддршка на македонската музика, култура и творештво.

Но, Тиквешки Гроздобер одамна е повеќе од музичка програма.Тоа е фестивал со најдолга традиција, силен локален идентитет и препознатливост на национално ниво. Настан кој ја слави Тиквешијата, лозарството и винарството, но истовремено создава современа фестивалска приказна која секоја година го претвора Кавадарци во центар на случувањата во Македонија.

Со посетеноста и програмската понуда во последните години, Гроздоберот го потврдува своето место меѓу најголемите македонски фестивали, а Кавадарци уште еднаш покажува дека традицијата може да се зачува и истовремено да се развива во модерен настан со публика за сите генерации.

Тиквешки Гроздобер 2026 и традицијата продолжува… Кавадарци повторно станува фестивалски центар на Македонија!

Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Животинска фарма“

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во тек се пробите за новата претстава „Животинска фарма“ според Орвел, што ја режира режисерот Чендрим Ријани. „Животинска фарма“ е сатирична алегорија напишана од Џорџ Орвел во 1945 година. Претстaвата сe реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам и е дел од годишната програма на театарот „Војдан Чернодрински“ за 2026 година.

Режисерот Чендрим Ријани вели дека „Животинска фарма“ е еден од најдраматизираните романи во светот.

„Орвел е прекрасен автор и мислам дека во овој момент текстот е погоден да се постави во театарот. Тоа е еден концепт што се надградува над „Животинска фарма“ и многу му личи на театарот „Војдан Чернодрински“. Освен она што има внатре во делото, тука е моментот во кој се наоѓа театарот, без театар, се надградува и се вградува во концептот на „Животинска фарма“. Прилепскиот театар има добра актерска екипа. Актерите реално работеле претходно со вакви експерименти. Има можност да се посвети внимание на актерите кои се многу добри за да извадиме претстава што ќе произлегува од самите нив. Ова е моментот да се направи овој концепт во прилепскиот театар каде што сите актери ќе дадат свој придонес” – посочува режисерот , при тоа истакнувајќи дека ќе биде камерна претстава.

Во претставата ќе играат сите актери од ансамблот: Игор Трпчески, Марија Спиркоска Илијеска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Јасмина М. Станкоска, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески. Драматург е Лидија М. Ѓорѓиевска, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Марија Папучевска, а за музиката е задолжен Томе Темелкоски. Премиерата ќе биде во октомври.

ИЏЕ ВО СЛОВЕНИЈА ЈА ОТВОРА НОВАТА ТРКАЧКА ЕРА

Овој викенд во Илирска Бистрица – Словенија, Игор Стефановски – Иџе го има својот прв официјален настап со новиот болид, отворајќи ново поглавје во својата европска тркачка приказна. Иако Иџе претходно го тестираше болидот, Илирска Бистрица е неговото вистинско „огнено крштевање“ во живо, лице в лице со европската елита.

На претпоследниот викенд во рамките од Европскиот шампионат на ридски патеки во Словенија, ќе се случи првото сериозно мерење на новиот болид. Игор Стефановски – Иџе на оваа трка настапува во најпрестижната и најбрзата категорија на Европскиот шампионат -Категорија 2, категоријата на болиди и прототипи, која ги обединува најбрзите машини на ридските патеки.

Ова е историска сезона за него бидејќи по трите европски титули во Категорија 1 со затворени автомобили, Иџе направи огромен чекор напред. Тој сега вози ултрамоќен, специјално конструиран прототип Nova Proto NP01, често нарекуван и Норма, чија технологија е блиска до болидите од Формула.

„Словенија ќе биде мојот најнов предизвик. Ќе се тркам со мојот нов болид. Сакам да ги почувствувам неговите перформанси. Затоа и одлучив да тркам вo Илирска Бистрица. Патеката e интересна, важи за една од најпрепознатливите и можам слободно да кажам дека ми лежи. Словенците со години докажуваат дека се одлични организатори, што трките ги прави особено интересни и за публиката и за натпреварувачите. Голема е бројката на пријавени учесници во сите категории, смета Стефановски кој не ја крие возбудата и адреналинот дека прави историски чекор. Влегувањето во нова категорија, ќе бара и сосема поинаков стил на возење, огромна физичка подготвеност и максимална концентрација, вели Стефановски, кој не ја крие возбудата пред првиот голем тест со новата машина.

Трката се вози на познатата патека Илирска Бистрица – Шембије, која е со должина од 5.010 метри и важи за исклучително брза. И годинава листата на учесници е импозантна, пријавени се 242 натпреварувачи.

Нови столчиња и фудбалски топки за стадионот „Езеро“ во Крушево

Фудбалскиот клуб „Питу Гули“ од Крушево доби значајна донација од Фудбалската федерација на Македонија, со која се подобруваат условите на стадионот „Езеро“.

Станува збор за донација на столчиња за трибините, како и фудбалски топки, наменети за потребите на клубот и најмладите категории кои тренираат на стадионот.

Од ФК „Питу Гули“ упатија благодарност до претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, како и до заменик-претседателот на ФФМ и претседател на Општинскиот фудбалски сојуз Прилеп, Марјан Стојковски – Манта, за поддршката и придонесот кон развојот на фудбалот во Крушево.

Од клубот посочуваат дека ваквата поддршка е од особено значење за подобрување на условите за игра и тренинг, особено за најмладите љубители на фудбалот.

Многу претстави и гостувања во новата театарска сезона на Битолскиот театар

Со богат и разновиден репертоар, Народен театар Битола ја отвора новата театарска сезона во септември. Публиката ја очекуваат претстави што екипата на Народен театар Битола ги создаде со љубов, претстави што веќе бројните посетители ги познаваат и сакаат, но и нови сценски приказни кои допрва ќе ги откриваме заедно.
Септември носи многу театар, многу приказни и многу причини повторно да се сретнеме во Битолски театар. Оваа сезона повторно ја создаваат за нивната верна публика, без која театарот не постои. На сцената нè очекуваат „Едмонд“, „Госпоѓа Бовари“, „Странецот“, „Унна“ – гостување на Ѕвездара театар од Белград,Србија, „Ричард III“, „Пламенка“, „Пинокио“, „Жиголо“, „На отворено море“, „Кориолан“ и „Секстет“.

Септември во НУ Народен театар Битола носи нови средби, големи приказни, врвна актерска игра и претстави како и гостувања што остануваат долго по последниот аплауз. Па така на 10 септември во Битола гостува „Ѕвездара театар“ од Белград со претставата „Унна“,а на 11 септември „Едмонд“ ќе биде изведена во рамките на ФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица. На 18. септември „Пинокио“ гостува во ТФД „Силјан Штркот“ во Прилеп, а на 25 септември е предвидено гостување со „Кориолан“ на „Magical Nights in Bitrint“ во Саранда, Албанија.

Нека започне новата театарска приказна. Ве очекуваме во Народен театар Битола.

Билетите можете да ги набавите онлајн, на следниот линк:👇
https://narodenteatarbitola.com/buy-tickets-repertoire/
Репертоар:

„ЕДМОНД“
Дејвид Мемет
Режија: Оливер Мицевски

3 септември, 20:00 ч.
4 септември, 20:00 ч.

11 септември, 19:30 ч. – ФКТ „Ристо Шишков“, Струмица

„ГОСПОЃА БОВАРИ“
Густав Флобер
Режија: Дејан Пројковски
7 септември, 20:00 ч.
9 септември, 20:00 ч.

 „СТРАНЕЦОТ“
Адаптација и режија: Дамјан Читкушев
10 септември, 18:00 ч.

„РИЧАРД III“
Вилијам Шекспир
Режија: Мартин Мирчевски
12 септември, 20:00 ч.

„ПЛАМЕНКА„

Петре Димовски

Режија: Софија Ристевска Петрушева

14 септември, 20:00 ч.

21 септември, 20:00 ч.

 

„ПИНОКИО“

Карло Колоди

Режија: Деан Дамјановски

15 септември, 11:00 ч.

16 септември, 11:00 ч.

18 септември, 12:00 ч.ТФД.„Силјан Штркот“ Прилеп

 

„ЖИГОЛО“

Игор Кузмановски

Режија: Благој Мицевски

17 септември, 20:00 ч.


„НА ОТВОРЕНО МОРЕ“

Славомир Мрожек

Режија: Благој Мицевски

22 септември, 20:00 ч.

„СЕКСТЕТ“

Марк Камолети

Режија: Марјан Георгиевски

29 септември, 20:00 ч.

30 септември, 20:00 ч.

ГРОЗНО! Прилепчанец повеќепати извршил обљуба врз својата малолетна поќерка

-СВР Битола поднесе кривична пријава против З.С.(48) од Прилеп поради постоење oснови на сомнение за сторено кривично дело “силување на дете кое не наполнило 15 години”.

Пријавениот, во повеќе наврати во август 2026 година извршил обљуба врз неговата поќерка, информираат од СВР Битола.

Ново работно време на продавницата од Витаминка

Фабричката продавница на „Витаминка“ на улица „Леце Котески“ бр. 23 во Прилеп од 1 септември ќе работи со ново работно време.

Продавницата, која се наоѓа пред фабриката и во која потрошувачите можат да ги пронајдат сите производи на „Витаминка“, од понеделник до петок ќе биде отворена од 08:00 до 19:00 часот, додека во сабота ќе работи од 08:00 до 13:00 часот.

Во недела и за време на празници продавницата нема да работи.

Од компанијата ги информираат потрошувачите за промената и им се заблагодаруваат за довербата.