дома блог страница 470

Во “Цепенков” отворена изложбата „ЖИВИ АРТЕФАКТИ“ на уметникот и скулптор од Прилеп, Филип Јовески (ФОТО)

„ЖИВИ АРТЕФАКТИ“, е самостојната изложба на мултимедијалниот уметник и скулптор Филип Јовески,што синоќа беше отворена во Ликовната галетија на ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп.

Ликовниот јазик во творечкиот опус насловен „Живи артефакти” на мултимедијалниот уметник Филип Јовески се одликува со јасни геометриски и колоритни традиционални орнаменти.

– Преку употребата на аугментативната реалност, живите орнаменти дигитално се отелотворуваат во визуелни трајни ликовно-семиотички облици и симболи во материјалниот свет.

Модифицираните ликовни креации пулсираат во просторот, создавајќи комуникација меѓу реалниот и дигиталниот свет. Реконструираните колоритни орнаменти преку аугментативната реалност се трансформираат во сеќавања врежани во просторно-временски континуум.
Во творештвото на Јовески е воочлива потрагата по исконска заоравена мудрост, преточена во ингениозно смислен ликовно-симболичен јазик сочуван во колективната меморија на претците.

Судирајќи се со одамна заборавените традиционални „генетски” кодови, индивидуата остварува комуникација и однос со минатото. Интеракцијата меѓу „живите артефакти” на минатото и современиот човек се одвива преку временско-просторен портал. Низ овој портал се среќаваат колективната меморија на групата—отуѓена и заборавена во минатото—и индивидуалната свест на поединецот. Симплифицираните геометриски облици добиваат мистична димензија, трансформирајќи се во дигитални ентитети со изменет визуелен идентитет. Од колоритни форми насликани на дводимензионална површина, тие еволуираат во тридимензионални дигитални скулптури.

Во своето ликовно творештво Јовески го вградува културниот генетски код на македонскиот народен идентитет, издвојувајќи разновидни симболи кои се вткаени во народното македонско творештво. Интеграцијата на овие „генетски” кодови истовремено претставува и продолжеток и иновација на традиционалната култура и фолклор -рече на отворањето на изложбата м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.

Со оваа изложба Филип Јовески претходно се претстави во КИЦ во Белград, Србија.

Ветено, сторено! Затоа е омилен кај битолската публика – Тренерот Соколески ги тетовираше трите шампионски титули на Еурофарм Пелистер (ФОТО)

Тренерот на голманите на Еурофарм Пелистер – прилепчанецот Ице Соколески, го исполни ветувањето кон навивачите и играчите.

Трите шампионски титули на “зелено-белите” ги тетовираше на неговата рака, како вечен паметник за најдобрите ракометни години во Битола.

Соколески важи за еден од омилените членови на стручниот штаб кај “Чкембари”, човек кој е посветен до најситен детал во работата и важна алка во шампионскиот тим на битолчани.

Неодамна Соколески се врати од кампот за ракометни голмани во хрватскиот град Омиш, кој се одржа по 15. пат, а прилепчанецот третпат во низа беше дел од тренерскиот штаб на кампот.

Таму нашиот тренер беше во друштво на: Примож Прошт, Харис Поробиќ, како и Дино Шпиранец и Драган Јерковиќ, кои работат во Магдебург и Рајн Некар Левен.

Николоски: Продолжуваме да ја градиме Македонија (ВИДЕО)

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави видео за изградбата на експресниот пат Градско- Прилеп и неговите придобивки.

” Го изградивме експресниот пат Градско – Дреново – Фариш (Прилеп)

Ветивме пред граѓаните на Прилеп, Битола, Ресен, Крушево, Могила, Новаци, Кривогаштани и цел Тиквешки регион дека ќе изградиме модерно и безбедно патно решение и овој експресен пат е одговор на тоа што го ветувавме.

Го завршивме патот од Дреново до Фариш кој е дел од патот Градско – Прилеп. Во должина од 25 километри овој пат значително ја подобрува безбедноста и го намалува времето на патување од Скопје до Прилеп и Битола.

Продолжуваме да ја градиме Македонија ” напиша вицепремиерот Николоски.

Жота нема да биде заборавен: Голем гест на Ливерпул и кон неговото семејство

Управата на англискиот фудбалски великан Ливерпул ќе направи голем гест и на семејството на трагично починатиот Диого Жота ќе му биде исплатен целиот преостанат износ од неговиот двегодишен договор. Веста ја пренесе португалскиот весник „Рекорд“, потенцирајќи ја големината на гестот на клубот од „Енфилд“.

Со оваа постапка, Ливерпул испраќа силна порака на поддршка и сочувство кон семејството на Жота, кој зад себе остави сопруга и три деца. Трагичната несреќа во која животот го загубија Диого и неговиот брат Андре Силва предизвика длабока тага и неверување низ целиот свет, а многумина трагедијата ја споредуваат со смртта на кошаркарската икона Коби Брајант и неговата ќерка Џиана.

Во саботата, делегација на Ливерпул составена од дел од фудбалерите допатува во португалскиот Гондомар за да му оддаде последна почит на својот соиграч и неговиот брат. Клубот исто така веќе потврди и дека дресот со број 20 ќе биде повлечен од употреба, а во план е и формирање на фондација или меморијален проект кој ќе го носи неговото име.

“Како бе ви текна да удрите по џебот на немажени и неженети, а не и по сопствениот џеб?”

Фејсбук статус на Пале Печијареска Матеска

“Како на власта и текнало да плаќаат данок немажени и неженети, а не им текнало на прогресивен данок како шо е во другите држави?

Како бе ви текнува на удрите по џебовите на младите, а не ви текнува да си удрите по сопствениот џеб и да плаќате повеќе?

Како секогаш ви текнува да собирате данок од обичниот човек работникот, а не ви текнува да удрите по џебот на богатите?

Како не ви текне да плаќате прогресивен данок за имот кој го имате за втор стан 10% за трет стан 20% па буџетот да го полните од богатите а не од сиромасите ?

Еве пример во Германија Како се плаќа данок на примања.
Во 2025:
14–42 % прогресивна на доход до €68.429
42 % за €68.430–€277.825
45 % над €277.825
Дополнително: 5,5 % Солидарност (само за високи приходи) и
8‑9 % Црквен данок (ако сте член)
Придонеси ~20 % од бруто

Да очекуваме за брзо време да воведете данок за црква ако не, само вие да не плаќате ..како тоа вие со примања над 1.000 евра да плаќате данок исто со некој шонзема минимална плата од 396евра ??

Со ова мислите ќе го зголемите наталитетот??

Дајте им на младите станови, дајте им пари за склучување на брак, дајте им пари за родено дете… ама не вие изгледа мислите само како младите да си заминат побрзо од државава и не само младите туку и фамилии си заминуваат оти им се збоктиса од политиките кои ги терате 35 години”

Во мариовско Витолиште пронајдени опасни артилериски гранати (ФОТО)

Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), во овој период постојано работи на отстанување на неексплодирани убојни средства (НУС) на линијата на Македонскиот фронт од минатите војни, но и од последниот конфликт од 2001-та.

Конкретно, во с.Витолиште Мариово, Општина Прилеп по пријава до Граничната полиција на МВР, беа пронајдени и безбедно отстранети артилериски гранати од Првата светска војна (артилериска граната 105mm и минофрлачка граната 75mm).

По пријава во СВР Тетово, во атарот на с.Непроштено беше отрането НУС, проектил 40mm од рачен фрлач на противпешадиски гранати, што потекнува од конфликтот во 2001.

Инаку, ДЗС дејствуваше со ограничените човечки ресурси за НУС. Поточно, пиротехничарот од Дирекција за заштита и спасување, Ѓорги Стефанов, безбедно ги подигна и ги транспортираше на сигурно и безбедно место, се до нивното уништување на воениот полигон Криволак.

Не е само да се појавиш и да притискаш тастер: Еве кои пратеници се најактивни во Собранието

Бојан Стојаноски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Ѓорче Петров најмногу зборувал на говорницата во првите 6 месеци од новиот собраниски состав, покажува мерењето за собраниската активност. Стојаноски на говорница се задржал дури 467 минути.

По него е Сали Мурати од Демократското движење на Турците во Македонија со 319 минути, па Фатмир Битиќи и Јованка Тренчевска од СДСМ.

Во првите 10 најактивни пратеници во Собранието се и:

Драгана Бојковска – ВМРО-ДПМНЕ
Благој Бочварски – СДСМ
Благица Ласовска -ВМРО ДПМНЕ
Љупчо Пренџов – ВМРО-ДПМНЕ
Халил Снопче – ВЛЕН
Амар Мециновиќ – ЛЕВИЦА

Момчето со ангелски глас од Прилеп ве кани на одлично освежување и добра забава oваа сабота во Brunch Box Café

Вашето омилено место за разладување во тропските летни денови – Brunch Box Прилеп повторно подготвува незаборавна саботна вечер!

Оваа сабота уживајте во опуштена атмосфера, разладувачки коктели, свежи цедени сокови, неодоливи закуски и – настап во живо на момчето со прекрасен глас од Прилеп, Филип Николоски.

Со својот препознатлив глас и харизма, Филип ќе ве понесе низ незаборавен музички репертоар под отворено небо во прекрасната летна бавча на Brunch Box.

Очекувајте врвна услуга, промотивни пијалаци и позитивна енергија до доцна во ноќта!

Новина им е менито со богати и вкусни печени сендвичи и бургери, по цени кои одговараат за сечиј џеб. Тука се и неодоливите коктели, со еден збор има богат избор на храна и пијалоци за сечиј вкус.

Резервирајте навреме на тел.бр.: 078 845 442 Почеток: 21 часот!

Не пропуштај – оваа сабота, Brunch Box е твојата дестинација!

Прилепчанец тргна пеш на пат долг 600км до Острошкиот манастир: Целта е благородна и секој може да помогне (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Антонио Пандовски од Прилеп, во средата (02.07) од пред Соборниот храм во Скопје, тргна на своето неверојатно патување – 600 километри до манастирот Острог, Црна Гора. Целта е благородна и хумана, а за да ја оствари на Антонио ќе му треба поддршка од сите нас. Секој чекор што го прави е за децата во Универзитетската детска клиника – Скопје.

Младиот прилепчанец за овој подвиг се подготвуваше неколку месеци, а за остварување на подвигот му беше потребна финансиска поддршка.

Фондација “ИЦЕ БЕГОВ” oбјави дека со гордост ќе го поддржи овој подвиг, кој младиот прилепчанец сака да го реализира во чест на неговите родители.

Повеќе граѓани го испратија утрово Антонио и му посакаа успешно, здраво и безбедно да стигне до целта.

Да му посакаме среќа, истрајност и успешно завршување на овој подвиг!

Во меѓувреме можете да го поддржите неговиот подвиг, преку донации за набавка на неопходна медицинска опрема за најмалите херои на следниот ЛИНК: https://fondacijaicebegov.org.mk/za-nashite-mali-heroi/?fbclid=IwY2xjawLUnidleHRuA2FlbQIxMABicmlkETFOUXA4QWRVYVpGYjZ4TUlGAR4ajFkKXLDP3C3snHMEWoLDvfw9x16SG45KfJLq1XknNgdO_pM7yL2zbJy8rQ_aem_ZvilWH9-G8r8DhfbzQq64A

или со повик на донаторските броеви: 143-460 (А1) и 143-403 (Телеком)

Се’ уште беснее пожарот кај прилепско Бешиште, гори шума, одново активен и пожарот кај Градешница

На територијата на државата активни се вкупно 3 пожари, а 1 е ставен под контрола – информираат попладнево од Центарот за управување со кризи.

Активни пожари:

Општина Прилеп: с. Бешиште (приземен пожар во квалитетна мешана шума); обновен е и кракот кај с. Градешница (Опш. Новаци)

Општина Македонски Брод: с. Црешнево (пожар во деградирана дабова шума и грмушки)

Општина Илинден: Ајватовски рид (пожар на површини со лозје)

Под контрола:

Општина Кочани: населба Трајаново Трло (сува трева и ниска стеблеста деградирана шума)

Од ЦУК информираат и дека пожарот кој во текот на вчерашниот ден беше активен во областа Три Багреми во Прилеп, каде гореше ниска вегетација, е целосно изгаснат.