дома блог страница 47

По 72 часа непрекината борба: БИТКАТА ЗА ПЕЛИСТЕР Е ДОБИЕНА

По 72 часа непрекината активност на терен и три непроспиени ноќи на линијата на огнот, битката со пожарот на Пелистер е добиена.

Ова го соопшти Националниот парк „Пелистер“ преку објава на социјалните мрежи, посочувајќи дека станувало збор за еден од најкомплексните пожари на отворен простор оваа сезона во Македонија.

Пожарот зафатил шумски предел во кој доминираат црн и бел бор, што дополнително ја отежнувало интервенцијата и ја наметнало потребата од сложена и координирана акција на копно и од воздух.

„И покрај неповолните временски услови на терен, акцијата беше успешна благодарение на перфектната и совршена координација на терен помеѓу сите институции кои беа вклучени“, стои во објавата на НП „Пелистер“.

Во гаснењето на пожарот непрекинато учествувале единиците на НП „Пелистер“, ТППЕ Битола и ТППЕ Ресен, механизација на јавните претпријатија од Општина Битола, ЈП „Стрежево“, силите на Дирекцијата за заштита и спасување, ДПД „Архангел“, ДПД Кочани, ППЕ на РЕК Битола, хеликоптери на Воздухопловниот ВИНГ на Армијата, ер-трактори на ДЗС, како и голем број приватни стопанственици и доброволци.

Од Националниот парк посочуваат дека координацијата на толкав број сили на релативно мал простор, на непристапен терен, додека истовремено се интервенирало од земја и од воздух, претставувала исклучително сериозен предизвик.

Добар дел од екипите во „битката за Пелистер“ останале будни и повеќе од 48 часа, без прекин, борејќи се пожарот да биде ставен под контрола и да се спречи неговото понатамошно ширење.

Од НП „Пелистер“ упатија огромна благодарност до сите институции, екипи, стопанственици и доброволци кои се вклучиле во гаснењето, како и до сите оние кои од различни делови на Македонија обезбедувале поддршка и помош.

„Невозможното стана возможно“, порачуваат од Националниот парк, упатувајќи благодарност до сите кои несебично се вложија и дадоа свој придонес во гаснењето на пожарот.

Концерт на класична музика „Гласилки“, во четврток во ликовниот салон на ЦК “Марко Цепенков”

Концерт на класична музика „Гласилки“ ќе се одржи на 3.09.2026/ четврток/ од 19.00 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“. Ќе настапат: СОФИЈА НИКОСКА МАЏАРОСКА – ВИОЛИНА и ЕЛЕНА ЃОРГИЕВСКА – ВИОЛИНА.

Програма:

Јохан Себастијан Бах:
Двогласна инвенција – 1 BWV 772
Двогласна инвенција – 15 BWV 786
Двогласна инвенција – 2 BWV 773
Двогласна инвенција – 8 BWV 779
Двогласна инвенција – 13 BWV 784
Двогласна инвенција – 9 BWV 780
Двогласна инвенција – 4 BWV 775
Марјан Јанкоски:
Пастирско (за две виолини)
Р. Е. Глиер:
Дуети за две виолини (оп. 49)
Дует 11 – Cantabile
Дует 10 – Con moto
Дует 5 – Vivace
Дует 9 – Andante
Марјан Јанкоски:
Два цвета
Г. Ф. Хендл / Ј. Халворсен:
Пасакаља

Податоци за уметниците:

Виолинистката Софија Никоска Маџароска е родена 1991 година во Прилеп. Своето музичко образование го започнува во родниот град, средното музичко образование го заокружува во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј” во Скопје, и на 15 годишна возраст станува најмладиот бруцош на ФМУ во Скопје, каде дипломира со највисока оценка CUM LAUDE во класата на проф. Олег Кондратенко, а покасно таму и магистрира. Своето понатамошно усовршување го продолжува како студент на Кралската школа „Queen Sofia College of Music ” во Мадрид, каде шест години студира во класата на светски реномираниот проф. Захар Брон. Како стипендист на фондацијата “Albeniz”, студирајќи во оваа високо реномирана музичка школа, успешно реализира бројни настапи низ Шпанија-како солистички, така и како дел од камерни состави под менторство на професорите Хајме Мулер и Марта Гулијаш.

Софија е добитник на бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Учесник е на многубројни семинари на врвни музички уметници. Моментално живее и делува во Македонија. Со педагошката дејност се занимава реализирајќи семинари по виолина, и како професор по виолина, камерна музика, методика на наставата по виолина на УГД – Музичка Академија во Штип во периодот од 2018-2024 година.

************************

Елена Ѓоргиевска е родена 1991 година во Пробиштип. Своето основно музичко образование го стекнува во родниот Пробиштип (кај наст. Јулијана Заовска) и Гевгелија (кај наст. Марија Спасовска). Средно музичко училиште завршува во Штип во класата на наст. Борјанка Трајкова, а дипломира на ФМУ при УГД-Штип (во класата на проф. м-р Олег Кондратенко и Владимир Крстев). Своите магистерски студии по виолина ги завршува исто на МА во Штип (во класата на проф. м-р Софија Никоска Маџароска).

Од 2010 година станува редовен член на музичкиот состав „Портал“ (2002)

како изведувач на виолина и вокал, со кој има снимено: две ЦД изданија „Песни на вевчанската душа“ и „Рожба (во издание на DDQ Production); видео изданието „Радост моја Христос воскресе!“ (во продукција на МРТВ), како и многу други засебни студиски аудио композиции со родољубива, филмска, фолклорна, класична и духовна православна тематика кои се присутни постојано во музичкиот етер. Со овој состав, настапувала скоро на сите домашни значајни музички манифестации.

Работното искуство како наставник по виолина го има стекнато во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип (2014-2018), а во моментов работи како наставник во ООМУ „Стефан Гајдов“ во Велес каде што се истакнува со високи резултати во педагошката дејност со учениците од нејзината класа.

3.000 денари за секое прваче во Битола – Коњановски ги посети најмладите ученици на првиот училишен ден

Со насмевки, возбуда и многу радост, денеска започна новата учебна година за најмладите ученици. Првиот училишен ден е посебен за секое дете, а токму радоста на првачињата денеска ја сподели и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој ги посети основните училишта „Елпида Караманди“, „Коле Канински“ и „Даме Груев“.

Во сите основни училишта во Битола беа организирани пригодни приредби за добредојде на најмладите ученици, кои за првпат седнаа во училишните клупи и го направија својот прв чекор во едно ново и возбудливо поглавје од животот.

„Драги ученици првоодделенци, голема е радоста што ја имам приликата да Ви го честитам почетокот на вашето училишно патување. Денеска е голем ден за вас, влегувате во светот на знаењето, пријателството и новите предизвици. Во училишните клупи ќе научите да читате и пишувате, да се дружите и да ја откривате убавината на знаењето“, порача градоначалникот Коњановски, посакувајќи им успешна и исполнета учебна година на сите ученици.

Во рамки на одбележувањето на почетокот на учебната година, во петок, 4 септември, во Градскиот парк во Битола ќе се одржи и настанот „Училишна приказна“.

Како и минатата година, настанот ќе биде посветен на првите училишни чекори, новите пријателства и големата желба за знаење, со што на најмладите ученици ќе им биде приреден уште еден убав почеток на нивното училишно патување.

Општина Битола и оваа година продолжува со поддршката за најмладите и за секое прваче доделува еднократна парична помош во висина од 3.000 денари.

Мицкоски: Во сите училишта се обезбедени бесплатни учебници

Во сите училишта во државата се обезбедени бесплатни учебници, информира денес, на првиот училишен ден, премиерот Христијан Мицкоски.

-Тоа е нешто што до пред три години претставуваше мисловна именка. Нешто што беше невозможно. На учениците им се диктираше до пола учебна година, а некои и цела година не го добиваа учебникот. И сега овие од талогот како да ги заборавија тие времиња на предизвици кога немавме учебници, па ги гледам таа мала група од талогот како денеска се дрзнува да спомнува и дури би рекол, во одредена мерка да навредува. Ние како Влада продолжуваме и понатаму да вложуваме за нашите најмили, тоа се децата, истакна премиерот.

Мицкоски посочи дека продолжуваат вложувањата во реконструкција на училиштата.

-Се градат базени, се градат спортски сали, се градат нови училишта, се доградуваат училишта, се реновираат. Над 50 објекти се реконструираат. Дали е тоа доволно? Не е. Дали треба повеќе? Треба. Но ние за две години не можеме да направиме нешто што 35 години системски било уништувано, порача премиерот.

Извонреден успех! Гимназијалец од Прилеп освои злато и сребро на Олимпијада по геонауки во Торино

Злато и сребро за нашиот Никола Здравески на Олимпијадата во Торино!

Во периодот од 20 до 27 август во Торино, Италија, се одржа XIX Меѓународна олимпијада по геонауки 2026 (IESO 2026)

На олимпијадата во македонскиот тим натпреварувачи беше и гимназијалецот од Прилеп, Никола Здравески, кој постигна извонреден успех.

Никола освои златен и сребрен медал!

Златниот медал го освои во категоријата „Earth System Project (ESP)“ (Истражување на системот на Земјата во меѓународни тимови), а сребрен медал во категоријата „International Field Team Investigation (IFTI)“ (Теренско истражување во меѓународни тимови).

До ова големо меѓународно признание Никола стигна по претходно освоеното трето место на Државниот натпревар по географија, учеството на Европското првенство и високиот пласман на селекциониот натпревар.

Училишен ментор на Никола му е професорката по географија Александра Ристеска.

Ова е веќе втор ваков голем успех на ученик од прилепската гимназија. Во 2024 година, на тогашната Олимпијада по геонауки, ученичката Ивана Атанасоска во Пекинг, Кина, освои два бронзени медала.

Честитки и едно големо БРАВО за нашиот гимназијалец Никола Здравески кој ја искачи Македонија, нашиот град и Гимназијата „Мирче Ацев“ на светскиот врв по геонауки.

На олимпијадата во Торино, во силна конкуренција се натпреваруваа 160 средношколци од 40 држави. Натпреварувањето беше на англиски јазик.

Македонскиот национален тим постигна брилијантен резултат враќајќи се со дури девет медали во различни категории.
Покрај Никола, огромен успех покажаа и останатите учесници во тимот. Стефанија Димовска од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Битола освои еден златен и еден бронзен медал, Трајче Шатков од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ од Кавадарци се закити со три бронзени медали, додека Борче Кузманоски од СОУ „Цар Самоил“ од Ресен освои два бронзени медали.

Македонската делегација на олимпијадата беше предводена од искусните ментори д-р Горан Китевски, вонреден професор на Институтот за географија при ПМФ и претседател на Македонското географско друштво и д-р Ивица Милевски, редовен професор на Институтот за географија при ПМФ.

Огромно браво за сите талентирани натпреварувачи и нивните посветени ментори за овој историски успех.

Со овој успех уште еднаш се докажа дека Гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп е вистински расадник на успешни ученици и идни интелектуалци и дека професорите умеат да ги препознаат и развијат талентот и вистинските животни вредности кај младите.

Koнцерт на Драган и Ратко Даутовски на летната сцена во ЦК “Марко Цепенков”

На 2.09.2026г. /среда/ од 20.00 часот на летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи концерт на Драган и Ратко Даутовски. Влезот е слободен. Концертот е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Податоци за изведувачите:

Проф. д-р Драган Даутовски е роден на 21.11.1957 година во с.Русиново.Потекнува од работничко семејство, кое на негова петгодишна возраст се преселува во Берово, каде што го завршува основното образование. Средно музичко училиште учи во Штип, за веднаш по звршувањето да се запише на Факултетот за Музичка уметност во Скопје, отсек музичка теорија и педагогија. За време на студиите пројавува голем интерес за Македонскиот музички фолклор, а веднаш по дипломирањето се вработува како професор по музичка култура. Како резултат на неговата работа на полето на фолклорот настанува детското фолклорно студио “Детелинки”, кое едно време активно работи и во ансамблот “Танец”. Во 1992 год. го оформува ансамболт од народни инструменти “Миле Коларовски” со кој настапува на голем број фестивали и манифестации во земјата и надвор од неа. Со неговата работата со овој ансабл и пошироко на полето на фолклорот, отпочнува големата ренесанса на изворната музика во Р. Македонија. Даутовски учествува во голем број проекти. Партиципира во изработката на музиката за филмот “Пред дождот”, значаен е неговиот авторски проект “DDSynthesis”,пишува музика за театарски претстави (“Македонска приказна”, ”Јонадаб”, ”Писание”,Зверињак” и др.), музика за кореографски постановки во ансаблот “Танец” (“Џамала” и “Старо тешко”).Музика за Филм (“Ноќ спроти Василица”). Неговиот творечки опус изнесува над 600-тини композиции. Последната деценија со неговиот квартет е неуморен промотор на Македонската музичка култура на бројни фестивалски сцени насекаде во светот: Холандија, Русија, Италија, Франција, Португалија, Германија, Полска, Белгија, Грција, Црна гора, Словенија, Бугарија, Франција, Австрија, Африка, Куба, Украина, Америка, Кина и др. Во својата долгогодишна кариера проф. д-р Драган Даутовски настапувал и со голем број музичари и аасамбли од целиот свет.

Д-р Драган Даутовски е редовен професор на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, каде што предава народни инструменти, музички фолклор и изведувачка техника на орфов и народен инструментариум. Како педагог во изминатите години има остварено голем број настапи со студентите од неговата класа и иницијатор е за отварање на отсек за народни инструменти во средните музички училишта во Скопје и Штип и во основните музички ушилишта во Струмица, Штип, Прилеп, Кавадарци, каде што предаваат професори дипломирани во неговата класа. Се поголемиот интерес кај студентите за овој отсек, говори дека проф. Даутовски во изминативе 25 години на педагошки и уметнички план, мошне успешно ја актуелизира и промовира уметничката вредност на македонскиот фолклор.

Научни трудови и истражувања : ”Формално-ритмичките карактеристики на изворната песна Маце Мариче”, ”Орнаментите во традиционалната музика во Р.Македонија”, ”Тамбурата во Македонија”, ”Кавалот во Македонија”-магистерска тема. “Топчестата глинена флејта од Македонија, праисториски музички инструмент”-докторска дисертација.

Ратко Дaутовски, rоден 05.12.1981 година во Скопје е еден од најдобрите и најактивните македонски перкусионисти, познат по неговата изградена естетика, богат репертоар и изведувачка техника. Како музичар, уште од најрана возраст целосно е посветен на истражувањето на богатата мело-ритмичка структура пред се на Македонската традиционална музика, но и богатството од ритми кои се белег на светското културно наследство. Неговите родители кои се професионални музичари го охрабруваат и имат голем придонес за рагањето на неговата страст кон музиката. Ратко го започнува своето музичко образование на возраст од седум години во Музичко- балетскиот училишен центар “Илија Николовски Луј”, (1988-1999) и продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек традиционални инструменти и музичка теорија и педагогија. Покрај редовното музичко образование тој добива континуирана обука од неговиот татко проф. д-р Драган Даутовски, кој се смета за важна фигура на македонската и балканската музичка сцена. Ратко Даутовски од 1999год. е редовен член на Драган Даутовски квартет, една од најдобрите и интернационално признати групи.

Има настапувано во Холандија, Германија, Португалија, Израел, Русија, Полска, Турција, Украина, Шведска, Австралија, Белгија, Црна Гора, Грција, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Велика Британија и т.н.

Денес соработува со многу светски музичари, ансамбли, а како автор и изведувач учествува и во голем број театарски и филмски проекти во Македонија и надвор од неа.

Ратко Даутовски е редовно вработен како музичар-изведувач во оркестарот при НУ “Танец”,а од 2023 е редовен член на интернационално реномираниот “Васил Хаџиманов Бенд“.

Почетокот на есента е идеално време за ваков чекор – Еве зошто голем број девојки од Прилеп блескаат од убавина

По летните денови, сонцето и долгите периоди поминати на отворено, есента носи нова рутина и нови можности за нега на кожата. Токму затоа, со намалувањето на изложеноста на сончевите зраци, есенските месеци се одличен период да започнете со ласерска епилација и навреме да се подготвите за следната сезона.

Во салонот „Ласер и Убавина“ во Прилеп, негата на кожата се темели на современ пристап, напредна технологија и индивидуално прилагодени третмани. Целта е едноставна – долготрајно мазна кожа и поголем комфор во секојдневието, без постојаното бричење, депилирање и справување со несаканите влакна.

Ласерската епилација не е само прашање на естетика. За многумина таа значи повеќе слободно време, помалку секојдневни обврски и поголема самодоверба. А бидејќи резултатите се постигнуваат постепено, започнувањето во есенскиот период овозможува третманите да се одвиваат навреме, со цел следното лето да го дочекате со значително помалку грижи околу отстранувањето на несаканите влакна.

Во „Ласер и Убавина“ секој третман започнува со професионален пристап и консултација, со цел да се проценат индивидуалните потреби на кожата и да се избере соодветен пристап. Посветеноста на деталите, удобноста на клиентите и стремежот кон ефикасни резултати се дел од целокупното искуство што го нуди салонот.

Не чекајте повторно да дојде летото за да започнете да се грижите за изгледот на Вашата кожа. Времето за прв чекор е токму сега.

Дозволете си оваа есен да започнете нешто што ќе Ви донесе повеќе комфор во текот на целата година.

Ќе ги најдете на булевар „Гоце Делчев“, зградите спроти „Палма Шоп“ (влез 1, стан 7), Прилеп.

За информации и резервации: 070 287 842 или преку директна порака на нивните профили на ФЕЈСБУК и ИНСТАГРАМ.

„Ласер и Убавина“ – Прилеп – Современа нега! Професионален пристап! Поголема самодоверба!

Наместо бомбониера и букет – гостите носеа училишен прибор: Фронтменот на „Марифет“ и неговата избраничка со хуман гест на нивната свадба

Наместо бомбониери и букети, Христијан Ангелкоски, инаку фронтмен на музичката група „Марифет“, и неговата избраничка Симона Тодорчевска Ангелкоска, одлучија нивната свадба да добие и една хумана и благородна порака.

На својата свадба тие избраа да собираат училишен прибор за деца од социјално загрозени семејства.

„Наместо бомбониера и букет, на нашата свадба избравме да собираме училишен прибор за деца од социјално загрозени семејства“, напиша Симона на социјалните мрежи.

Идејата на младоженците била поддржана од нивните гости, кои со своите донации помогнаа да се собере училишен прибор, кој на почетокот на новата учебна година беше дониран во Клубот на млади на Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Крушево.

Со овој гест, Христијан и Симона покажаа дека најубавите свадбени спомени можат да бидат уште повредни кога во нив има и грижа за другите.

Мал гест, големо значење!

Битола: Запишани 665 првачиња, две подарчни училишта ќе работат со само 1 ученик, три се затвораат

Три подрачни училишта во битолските села Породин, Канино и Дихово во новата учебна година ќе бидат ставени во мирување поради недостиг на ученици, соопшти градоначалникот Тони Коњановски. Истовремено, ќе се оптимизираат и 13 паралелки во осум основни училишта во прво и шесто одделение.

Учениците од училиштата што се ставаат во мирување ќе продолжат со настава во најблиските училишта, а Општината ќе обезбеди превоз. Коњановски нагласи дека училиштата формално не се затвораат и можат повторно да профункционираат доколку има ученици.

Во Поешево и Кременица, пак, подрачните училишта ќе продолжат да работат иако во секое од нив има само по еден ученик, по барање на родителите. Во уште пет подрачни училишта нема запишани првачиња, но наставата продолжува бидејќи има ученици во повисоките одделенија.

Во Општина Битола годинава се запишани 665 првачиња, четири повеќе од лани. Вкупно во основното образование има 6.903 ученици, а во средните училишта 2.914. Од Општината велат дека со оптимизацијата ниту еден наставник нема да остане без работа.

Осмо издание на поетскиот пеформанс „Љубење со стихови“, во четврток на платото пред Саат Кулата во Прилеп

На трети септември, в четврток од 20.00 часот на платото пред Градскиот саат во Прилеп, ќе се одржи осмото издание на поетскиот пеформанс „Љубење со стихови“ на поетите Филип Димкоски и Лина Димоска.

Како што веќе е навикната прилепската публика, и овојпат од грлата на нашите сограѓани ќе прозвучат нивните авторски стихови, но и избор поезија од македонски поети од повеќе генерации како Кочо Рацин, Блаже Конески, Светлана Христова Јоциќ, Анте Поповски, Славко Јаневски, Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај, Јован Котески, Петре М. Андреевски, Трајан Петровски, Тихомир Јанчовски и Вања Изова Велева.

– Поезијата, а особено нејзиното сценско изведување, малку и ретко е застапена на домашната уметничка сцена. Тој факт, како и нашата страст кон јавното интерпретирање на стиховите беше иницијална каписла за создавањето на „Љубење со стихови“ кое еве три години подоцна, го доживува своето осмо издание. Секое нов настан за нас е предизвик, одговорност, но и радост заради позитивната повратна реакција од публиката-велат поетите Димкоски и Димоска.

Настанот е во организација на Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп, а се реализира со поддршка на Општина Прилеп и кафулињата Чоше и Носталија.