3.000 денари за секое прваче во Битола – Коњановски ги посети најмладите ученици на првиот училишен ден

Со насмевки, возбуда и многу радост, денеска започна новата учебна година за најмладите ученици. Првиот училишен ден е посебен за секое дете, а токму радоста на првачињата денеска ја сподели и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој ги посети основните училишта „Елпида Караманди“, „Коле Канински“ и „Даме Груев“.

Во сите основни училишта во Битола беа организирани пригодни приредби за добредојде на најмладите ученици, кои за првпат седнаа во училишните клупи и го направија својот прв чекор во едно ново и возбудливо поглавје од животот.

„Драги ученици првоодделенци, голема е радоста што ја имам приликата да Ви го честитам почетокот на вашето училишно патување. Денеска е голем ден за вас, влегувате во светот на знаењето, пријателството и новите предизвици. Во училишните клупи ќе научите да читате и пишувате, да се дружите и да ја откривате убавината на знаењето“, порача градоначалникот Коњановски, посакувајќи им успешна и исполнета учебна година на сите ученици.

Во рамки на одбележувањето на почетокот на учебната година, во петок, 4 септември, во Градскиот парк во Битола ќе се одржи и настанот „Училишна приказна“.

Како и минатата година, настанот ќе биде посветен на првите училишни чекори, новите пријателства и големата желба за знаење, со што на најмладите ученици ќе им биде приреден уште еден убав почеток на нивното училишно патување.

Општина Битола и оваа година продолжува со поддршката за најмладите и за секое прваче доделува еднократна парична помош во висина од 3.000 денари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.