дома блог страница 46

Прилеп против Куманово го започнува походот кон Европа

Ракометарите на РК Прилеп ја започнуваат новата натпреварувачка сезона со амбиции за висок пласман и борба за место кое следната сезона би можело да ги однесе на европската сцена. Првиот предизвик за прилепчани е домашниот натпревар против РК Куманово во рамките на првото коло од Супер лигата.

Натпреварот ќе се одигра во сабота, 5 септември, со почеток во 18:30 часот во спортската сала „Ристе Ристески – Ричко“. За двете екипи ова ќе биде прв сезонски натпревар и можност со победа да го започнат шампионатот.

Од РК Прилеп велат дека тимот во новата сезона влегува со јасна цел, борба за секој бод и максимален ангажман на теренот. Поддршката од прилепската публика ќе биде особено важна уште на стартот од сезоната, па од клубот ги повикуваат навивачите да ги исполнат трибините и да бидат дополнителен мотив за ракометарите.

„Сите во сала! Напред Прилеп!“ е пораката од клубот пред првиот сезонски предизвик, со кој започнува новата ракометна приказна и походот кон европските позиции.

Николоски: Градскиот воз е реалност, огромна предност за учениците, студентите, пензиониерите и за сите граѓани за побрз, поевтин и поефикасен јавен превоз

Со симболичното патување на релацијата Зелениково – Нова железничка станица Скопје денеска официјално беше пуштена во функција првата фаза од проектот „Градски воз“, со кој периферните населени места и општини се поврзуваат со централното подрачје на Скопје. На промоцијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“, градоначалникот на Град Скопје и дел од скопските градоначалници.

Вицепремиерот Александар Николоски истакна дека ова е почеток на реализацијата на визија за поефикасен јавен превоз, поголема мобилност и подобра заштита на животната средина.

“Реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат проекти и е уште поголем доказ, дека нешто што пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, еве после две години се враќа во превоз. Ако пред две години имавме напуштени и девастирани пруги, железнички станици кои што беа затворени и се распаѓаа, возови кои што не работеа и бројни композиции лежеа на македонските пруги, еве денеска после две години имаме јасен и активен карго превоз, а од вчера веќе имаме и градски воз”- истакна Николоски.

Тој посочи дека Владата го исполни ветувањето дека првата фаза од градскиот воз ќе започне на 1. септември и порача што повеќе граѓани и млади да го користат во секојдневието.

“Ветивме дека првата линија ќе почне на 1 септември и така се случи, се надевам дека ќе ја користат многумина, се надевам дека многу ќе помогне и на учениците и на средношколците, на сите оние кои што сакаат навреме да стигнат на своите работни места, пензионерите и ќе ја користиме сите ние”- рече заменик претседателот на Владата.

Николоски на крајот упати благодарност до премиерот Мицкоски, посочувајќи дека реализацијата на вакви проекти значи и реализација на идејата на првиот човек на државата, а тоа е Македонија да стане инфраструктурна крстосница на Балканот.

“Со реализацијата на Коридорите 8 и 10 и со реализацијата на вакви проекти, Македонија навистина станува раскрница на Балканот”- потенцираше вицепремиерот Александар Николоски.

ОГРОМНА РАДОСТ! Прилепчанец освои злато за Македонија на Медитеранските игри во Таранто, Италија

Прилеп повторно има причина за гордост! Младиот прилепчанец Матеј Билистојаноски освои златен медал за Македонија на Медитеранските игри Таранто 2026, станувајќи првиот македонски освојувач на злато на овогодинешните Игри.

Билистојаноски триумфираше во карате, во категоријата до 67 килограми, каде со одлични настапи, борбеност и шампионски карактер стигна до највисокото место на пиедесталот.

За големиот успех стојат години посветена работа, дисциплина, безброј тренинзи и огромна желба за успех. На татамито, Матеј покажа дека со упорност и верба во сопствените можности може да се стигне до најголемите спортски достигнувања.

Ова е особено значаен момент и за Прилеп, бидејќи уште еден наш сограѓанин го впиша своето име меѓу македонските спортисти кои ја бранат честа на државата на големите меѓународни натпреварувања.

Браво, Матеј! Прилеп се гордее со тебе!

Нафтата „лета” кон 100 долари за барел: Се стравува од нов удар врз цените на горивата

Цената на нафтата денеска продолжи да расте на светските берзи, поттикната од зголемените стравувања за нарушување на снабдувањето по новата ескалација меѓу САД и Иран.

На лондонската берза, цената на суровата нафта „Брент“ утрово се движи околу 95,5 долари за барел, додека американскиот WTI се тргува за околу 90,8 долари за барел.

Цените нагло пораснаа и во вторникот, кога и двата главни репери забележаа раст од повеќе од четири долари за барел. Новиот раст е поврзан со стравувањата дека продолжувањето на конфликтот би можело дополнително да го наруши транспортот на нафта, особено преку Ормускиот Теснец, една од клучните светски рути за транспорт на енергенси.

Брентот во текот на утрото накратко достигна и над 97 долари за барел, највисоко ниво во последните пет недели, пред дел од добивките да бидат намалени.

Пазарите внимателно ги следат случувањата на Блискиот Исток, бидејќи секое дополнително нарушување на снабдувањето може да изврши нов притисок врз цените на нафтата и горивата ширум светот.

24-годишен прилепчанец ќе одговара за семејно насилство, ја нападнал својата вонбрачна партнерка од Битола

-На 31.08.2026 во 13:45 часот во СВР Битола, 21-годишна битолчанка пријави дека била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Е.А.(24) од Прилеп. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, информираат од МВР.

Мицкоски и Николоски со воз од Зелениково до Скопје, официјална промоција на проектот „Градски воз“

Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Александар Николоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“ и дел од скопските градоначалници денеска ќе патуваат со воз од железничката станица Зелениково до Нова железничка станица Скопје со што официјално ќе го промовираат проектот „Градски воз”, што стартуваше со ставањето во функција на оваа железничка линија.

Симболичното патување за „Градски воз“ се реализира на првата од трите предвидени линии: Зелениково- Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче и Нова железничка станица Скопје.

Железници Инфраструктура за потребите на проектот „Градски воз” изврши целосна реконструкција на пругата за да го подигне нивото и капацитетот на брзина на оваа релација.

Сообраќајот на линијата Зелениково-Нова железничка станица Скопје ќе се реализира со три возови според точно утврден ред на возење од страна на МЖ „Транспорт“.

Проектот „Градски воз” е идеја на оваа Влада со цел граѓаните на Скопје како од приградските места, така и од централниот дел да добијат побрз, поефикасен и подостапен јавен градски превоз.

Целта е периферните делови на Скопје да се поврзат со централното подрачје на градот, што ќе значи поевтино патување, пократко патување, помалку чекање и побрз јавен транспорт.

– Особено значајно е што проектот „Градски воз” се интегрира и со сообраќајниот ред на возење на ЈСП и на тој начин се добива квалитетен, интегриран и ефикасен јавен превоз за граѓаните, студентите и учениците – велат од Министерството за транспорт.

Во тек се работи и на проектирање на втората и третата линија од „Градски воз“, едната од Нова железничка станица преку Бутел – Скопје-Север до Ѓорче Петров и другата од Нова железничка станица преку Автокоманда- Маџари до Илинден.

Две населби и повеќе улици, неколку часа без струја во четврток во Прилеп

Регионалниот центар за управување со кризи известува за планиран прекин на електрична енергија на 03.09.2026 г., и тоа од 04.00 до 08.00 ч. на следните улици и делови од општина Прилеп:

ул. „5-та Прилепска“, ул. „Октомвриска“, ул. „Ножот“, ул. „Славеј Планина“, ул. „11-ти Октомври“, типска населба и населба “Рид”.

Скопска Пивара пушти во употреба гаража за своите вработени вредна 2,8 милиони евра

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на новата катна гаража во Пивара Скопје, реализирана на покана на генералниот директор на компанијата, Огњен Лазиќ.

Станува збор за инвестиција вредна 2,8 милиони евра со која се обезбедуваат повеќе од 400 паркинг места за вработените, со што се унапредуваат пристапноста, безбедноста и сообраќајната организација во производствениот комплекс.

Стефковски истакна дека од почетокот на мандатот застапува став дека големите индустриски капацитети во Автокоманда треба да обезбедат сопствен паркинг-простор за своите вработени.

„Со години наназад голем број возила се паркираа низ улиците и јавните површини во населбата Автокоманда, што дополнително го оптоваруваше сообраќајот и го отежнуваше секојдневното живеење на граѓаните. Затоа сум особено задоволен што оваа инвестиција на Пивара Скопје значи конкретно решение – вработените добиваат обезбеден паркинг, а населбата добива помал сообраќаен притисок“, изјави Стефковски.

Тој потенцираше дека и останатите индустриски капацитети во Автокоманда треба да го следат овој пример и да инвестираат во сопствени паркиралишта.

„Но, ова е само почеток. Останувам на ставот дека и останатите индустриски капацитети во Автокоманда треба да инвестираат во сопствени паркинг-простори. Тоа не е само прашање на комфор, туку и прашање на одговорност кон граѓаните и средината во која работат“, додаде градоначалникот.

За време на посетата, Стефковски разгледа повеќе објекти на Пивара Скопје и се запозна со производствените процеси и историјата на компанијата.

„Ваквите инвестиции се доказ дека успешниот бизнис и успешната локална самоуправа треба да се движат во иста насока – со инвестиции, одговорност и партнерство. Бизнис-заедницата е исклучително важен партнер за локалниот економски развој. Кога компаниите инвестираат, се развиваат и ги унапредуваат условите за работа, придобивка има целата општина“, истакна Стефковски.

Тој порача дека Општина Гази Баба ќе продолжи да гради отворен и партнерски однос со бизнис-секторот, но и ќе инсистира на одговорно работење во корист на заедницата.

„Општина Гази Баба и во иднина ќе продолжи да гради отворен, партнерски и конструктивен однос со бизнис-заедницата, но и да инсистира на одговорно работење и решенија кои носат корист за граѓаните. Инвестициите на компаниите треба да значат подобри услови не само за вработените, туку и за заедницата во која функционираат“, заклучи Стефковски.

Teшка сообраќајка кај прилепско Тополчани, 19-годишник од Прилеп заврши со тешки повреди

-На 31.08.2026 во 04:46 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп-Битола, во атар на с.Тополчани, прилепско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(19) од Прилеп и патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Г.П.(48) од с.Росоман, кавадаречко. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот С.Ј. , а со телесни повреди се здобиле возачот Г.П. и неговите сопатници Д.П.(39) од с.Корешница, неготинско и Т.Т.(55) од с.Рибарци, кавадаречко, констатирани во Општа болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп, информираат од МВР.

39 годишник пронајден починат во дворот на битолската болница

39-годишен маж од Струмица бил пронајден починат во дворот на Клиничката болница во Битола, информира Министерството за внатрешни работи.

Случајот бил пријавен во СВР Битола на 31 август, околу 12:15 часот. Смртта на Ј.И. ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот ќе биде предадено на обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.

Од МВР засега не соопштуваат дополнителни детали за околностите под кои дошло до смртта.