По 72 часа непрекината борба: БИТКАТА ЗА ПЕЛИСТЕР Е ДОБИЕНА

По 72 часа непрекината активност на терен и три непроспиени ноќи на линијата на огнот, битката со пожарот на Пелистер е добиена.

Ова го соопшти Националниот парк „Пелистер“ преку објава на социјалните мрежи, посочувајќи дека станувало збор за еден од најкомплексните пожари на отворен простор оваа сезона во Македонија.

Пожарот зафатил шумски предел во кој доминираат црн и бел бор, што дополнително ја отежнувало интервенцијата и ја наметнало потребата од сложена и координирана акција на копно и од воздух.

„И покрај неповолните временски услови на терен, акцијата беше успешна благодарение на перфектната и совршена координација на терен помеѓу сите институции кои беа вклучени“, стои во објавата на НП „Пелистер“.

Во гаснењето на пожарот непрекинато учествувале единиците на НП „Пелистер“, ТППЕ Битола и ТППЕ Ресен, механизација на јавните претпријатија од Општина Битола, ЈП „Стрежево“, силите на Дирекцијата за заштита и спасување, ДПД „Архангел“, ДПД Кочани, ППЕ на РЕК Битола, хеликоптери на Воздухопловниот ВИНГ на Армијата, ер-трактори на ДЗС, како и голем број приватни стопанственици и доброволци.

Од Националниот парк посочуваат дека координацијата на толкав број сили на релативно мал простор, на непристапен терен, додека истовремено се интервенирало од земја и од воздух, претставувала исклучително сериозен предизвик.

Добар дел од екипите во „битката за Пелистер“ останале будни и повеќе од 48 часа, без прекин, борејќи се пожарот да биде ставен под контрола и да се спречи неговото понатамошно ширење.

Од НП „Пелистер“ упатија огромна благодарност до сите институции, екипи, стопанственици и доброволци кои се вклучиле во гаснењето, како и до сите оние кои од различни делови на Македонија обезбедувале поддршка и помош.

„Невозможното стана возможно“, порачуваат од Националниот парк, упатувајќи благодарност до сите кои несебично се вложија и дадоа свој придонес во гаснењето на пожарот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.