дома блог страница 468

Браво! Кој друг ако не “Витаминка” – Нова вредна донација, овојпат во Центарот за јавно здравје – Прилеп

Изразувам голема благодарност до менаџерскиот тим на ПИ Витаминка АД Прилеп за донираната компјутерска опрема.

Донацијата се состои од:

-5 деск топ компјутери
-1 сервер
-3 печатачи и
-надворешни SSD мемории.

-Донираната компјутерска опрема ни е потребна за воспоставување на напреден здравствен информатички и комуникациски систем како и надградба на постоечките електронски евиденции, а со цел побрза и поефикасна размена на информации и соработка меѓу пациентите, Центарот за
јавно здравје и останатите здравствени установи
– информираат од ЦЈЗ Прилеп.

Пожар утрово во Основниот суд во Прилеп – откажани денешните судења

Утрово избувнал пожар во оџакот од котларата во зградата на Основниот суд во Прилеп – дознава Маркукуле.

Брзата интервенција на пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Прилеп, била клучна за пожарот да биде навремено изгаснат и да се спречи предизвикување на поголема материјална штета.

За среќа нема повредени, а според информациите од судот не е предизвикана штета врз архивата и предметите.

Според информациите, денешните судења се откажани, а од судот преземаат мерки за проверка на системот на греење, за да се спречат слични несакани незгоди во иднина.

Изложбата „Бисерите на Мал Битолски Монмартр“ денеска во Ликовниот салон на ЦК “Марко Цепенков”

Денеска / четврток/ од 12.30 часот во Ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена 11-та по ред изложбата „Бисерите на Мал Битолски Монмартр“. Ќе бидат претставени дела од светската детска ликовна колонија “Мал Битолски Монмартр” во Прилеп во соработка со НУ “Марко Цепенков”. Изложбата на дела од „Мал Битолски Монмартр“ е последна од програмата за ликовна дејност, односно визулени ументости на Центарот за 2024 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Податоци:

Детското ликовно студио Свети Кирил и Методиј Битола кое работи 57 години низ последните 44 без прекин ја реализира најстарата и најголема светска детска ликовна колонија “Мал Битолски Монмартр” на која само на конкурсот “Битола” за 2О24 година пристигнаа над 8ОО пратки од исто толку државни и приватни школи од над 85 држави кои генерираат фонд од над 6О.ООО детски ликовни цртежи. Тоа беше и основ во периодот од 23 – 31 мај во Битола да бидат поканети 25 делегации од 22 држави кои учествуваат со над 18О учесници на 43то издание на “Мал Битолски Монмартр” на кој традиционално 7 дена се твореше на темата староградска битолска архитектурата а беа реализирани и еднодневни работни посети на Охрид и 1.ООО годишниот манастир Свети Јован Битолски. Колонијата генерираше над 6ОО дела со што збирот на цртежи од колонијата и конкурсот ја надмина цифрата од 1.5ОО.ООО цртежи за 44 години.

Ќе виде ли и Прилеп конечно аир од мермерот? Фирмите кои експлоатираат природни богатства од Нова година ќе плаќаат многу повеќе!

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со цел воведување ред во користењето на националните богатства и фер наплата, од 1 јануари 2025 година започнува со наплата на до 100% зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси.

Со измените во Тарифник за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците за минерални суровини се зголемуваат до 100%, што ќе значи и значајно зголемување на приходите за државата. Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари.

Клучните измени вклучуваат:

За користење на просторот за експлоатација: Надоместокот се зголемува за околу 30%.
За експлоатација на мермер: Надоместокот ќе изнесува 5% од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена.
Металични минерални суровини: Зголемување од досегашните 2% на 4%.
Неметалични минерални суровини: Зголемување во просек над 100%.
Измените не ги засегаат надоместоците за енергетски минерални суровини, како јаглен, со цел да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија.

Со оваа мерка, годишниот приход од концесиските надоместоци, кој моментално изнесува околу 10 милиони евра, значително ќе се зголеми. Овие средства ќе бидат насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој.

„Со новите измени обезбедуваме фер наплата за користење на нашите национални богатства, штитиме одржлив развој и гарантираме придобивки за сите – и за државата, и за приватниот сектор“, изјави министерката Сања Божиновска.

Министерството се раководеше од детална анализа на регионалните и светските практики, како и препораките од Државниот завод за ревизија. Извештајот од април 2024 година потенцира дека концесиските надоместоци во Македонија се најниски во регионот, што ја поттикна потребата за измени.

Министерството продолжува со залагањата за фер управување со природните ресурси и зајакнување на економските придобивки од нивната експлоатација, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Кривична за малолетничка, крадела автомобили

Секторот за внатрешни работи во Тетово поднесе кривична пријава против 16-годишна малолетничка од село Мала Речица, за која постои сомнение дека сторила кривични дела „одземање на моторно возило“ и „тешка кражба во обид“.

Според соопштението на полицијата, на 7. ноември, во централниот дел на Тетово, осомничената го одзела патничкото возило „Рено“, сопственост на лицето А.С. Следниот ден, со употреба на сила, влегла во друг автомобил, „цитроен берлинго“, кој бил во сопственост на Е.С.

Иако успеала да го стартува второто возило, го оставила по кратко време и заминала.

Делови од Македонија под снег: Воведена забрана за сообраќај на неколку патни правци

Од денеска од 7:00 часот се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато, соопшти АМСМ.

Оттаму потсетуваат дека се уште е активна забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка.

Од 6:00 часот на патниот правец Гостивар-Маврово-Дебар и обратно се укинува забраната за движење на тешки товарни возила.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Мицкоски: Цените на одредени продукти зголемени и до 25%, тоа не е етички – ќе следува одговор од институциите!

Институциите од денеска ќе реагираат во однос на цените во маркетите, а доколку трговците продолжат со зголемување на цените на одредени производи реакцијата ќе биде уште по робусна во периодот што следи, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по отпочнувањето на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода, претседателот на Владата не откри со какви мерки ќе се соочат трговците, туку нагласи дека граѓаните ќе бидат сведоци на тоа во периодот што следи.

Мицкоски посочи дека вчера во Владата разговарале со сопствениците на сите големи супермаркети и оти оставиле добра воља да не биде со пристап кој ќе значи ограничување на цени и.т.н, за кои тие велеле дека е непопуларна мерка.

– Сакавме да слушнеме од нив на добра воља да се поразговара и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некој од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури, трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани, рече Мицкоски.

Смета дека не е добро што си играат со трпението на граѓаните и оти во периодот пред празници на одредени производи цените биле зголемени и за 25 отсто.

-Тоа што тие мислеа дека ќе не надмудрат на овој начин и си играат со трпението на граѓаните и на Владата мислам дека не е добро и треба да си го преиспитаат однесувањето. Ова не е коректно однесување, посебно пред празници на ваков начин не треба да се прават големи профити. Затоа што граѓаните очекуваат од нивна страна разбирање и во најмала мерка да биде така како што било, а не наеднаш да се зголемуваат цените на одредени продукти. На одредени продукти за 25% се зголемени цените на производите. Тоа не е етичко однесување, туку би рекол нечовечно однесување, подвлече Мицкоски.

Премиерот вчера апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи и најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.

Избрана компанија за доизградба на фабриката за отпад кај прилепско Алинци

Друштво за производство, промет и услуги ИБО ПОД увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп, е компанијата која е избрана за најповолен понудувач, за доизградба на фабриката за отпад кај прилепско Алинци.

Општина Прилеп одлуката за избор на оваа компанија ја донесе денеска, а сумата на тендерот е нешто под 30 милиони денари, или околу 500.000 евра.

Тендерот за избор на изведувач на овој проект се спроведуваше по втор пат, откако при првиот обид заинтересираните компании дали повисоки понуди.

Фабриката за отпад кај Алинци беше проект чија реализација започна за време на мандатот на поранешниот градоначалник, Марјан Ристески. Реализацијата на проектот беше стопиран за време на мандатот на градоначалникот од СДСМ, Илија Јованоски, а оваа година со доделени пари од државата, проектот одново доби шанса за реализација.

Ристески: Казни и до 20.000 евра, по Нова година стартува Законот за нефер трговски практики

Законот за нефер трговски практики официјално стартува од 1 јануари 2025 година, а овој Закон треба да ги среди односите меѓу производителите, добавувачите и трговците. Досега во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики, а спрема тарифникот се внесени 2.546 префрлени земјоделски производи во овој Закон, изјави денеска заменик министерот за економија, Марјан Ристески во Штип.

Тој посочи дека на подолг рок со овој Закон ќе имаме поголемо регулирање на цените на производите како краен ефект, односно во интерес на потрошувачите, купувачите и граѓаните, заштита на животниот стандард.

-Од друга страна оној хаос кој постоел претходно и форсирање на странски производи во однос на домашните производи, тука ќе имаме изедначување во однос и пред се на маркетите. Деновиве се докомплетира КЗК со пет нови членови, коишто беа изгласани во Собранието на Република Македонија. Тие ќе бидат главниот контрол на сите овие договори. Договорите завршија до 28 септември, дадовме еден мониторинг период до 1 јануари, каде што ги пратиме сите случувања, кои се случуваат имаме различни дојави и одредени проблеми околу поврат на роба во маркетите, некаде дури се појавуваат и двојни ценовници имаме како информација, вели Ристески.

Тој истакна дека укажуваат по Нова година казнените мерки се големи и треба да внимаваат трговците и сите оние коишто ги склучуваат овие договори.

-Казните се некаде околу 20.000 евра, што не е малку како да речеме за нефер трговски практики, изјави Ристески.

Прашан за зголемените цени на производите во супер маркетите и новата потрошувачка кошничка, Ристески истакна дека трговците, производителите, супер маркетите, бизнис заедницата ветија пред целата јавност дека ќе ја поддржат акцијата, која произлегува од нив, со што ќе има намалување најмалку 10% на основните прехрамбени производи во Новогодишната кошничка. Заменик министерот за економија, Ристески истакна дека најголем мониторинг за оваа мерка се граѓаните, кои доколку забележат неправилности можат да се јават и реагираат.

-Јас би порачал до трговците, но и до производителите кошничката има 1.100 производи, меѓутоа имаат време и период до крајот на неделата, доколку има неправилности да ги исправат, да ја намалат цената на прехрамбените производи, пред се за граѓаните. Сметаме дека се се уште општествено одговорни фирми, кои го ветија тоа пред народот, посебно во одредени производи, како што се маслото за јадење, шеќерот, млечните производи, како што е кашкавал, сирење, месните производи, месото, како што е јунишкото свинското месо, јајцата и тоа да го направат и имаат време до крајот на неделата, рече Ристески.

Тој додаде дека доколку тоа не го сторат во тој случај Владата во наредниот период ќе донесе уште подрастични мерки, а главната цел им е штитење на стандардот на граѓаните.

Бигорскиот манастир со повик до трговците: Во пресрет на празниците да постапат милосрдно и општествено одговорно и да ги намалат цените!

По повод двата најголеми христијански празници, Рождество Христово-Божиќ и Христовото воскресение – Велигден, Свештената бигорска Обител, секоја година се обраќа до јавноста и повикува на солидарност, милостивост и автентично прославување на празниците.

За таа цел и сега апелира до сите правни субјекти, односно до сите трговци и сопственици на маркети и на големопродажни објекти, да се вклучат конструктивно и сеопфатно во иницијативите за намалување и непоскапување на цените на производите, со што „милосрдно и општествено одговорно ќе се пристапи кон посиромашните категории и ќе се овозможи и тие да ги почувствуваат празничните денови во радост, заедништво и барем помала безгрижност“.

-Намалувањето на цените на основните производи од потрошувачката кошница е древна, но и современа практика насекаде во светот, но за жал, не и во македонското општество. Трендот на поскапување на цените во пресрет на големите христијански празници, го наследивме од претходниот атеистички општествен систем, кога верата била ставена на маргините од општеството. Пред овој, лишен од вистинско човекољубие режим, нашите предци постојано се грижеле за сиромашните, трудејќи се на секаков начин да им го олеснат бремето на животот, помагајќи им достоинствено да си ги прослават празниците, со што и автентично ја сведочеле верата, која според апостолот, е непостоечка без добри дела, стои во апелот на Свештената бигорска Обител.

Се посочува дека имајќи предвид дека ваквите апели може да повлијаат на економските придобивки на трговците, сепак, сметаме дека многу важна компонента на празникот Божиќ е засилување на добродетелноста на давањето од своето и од себе, и затоа на оваа доблест гледаме како на жртва, чиј најсовршен облик го имаме во Христовите личност и дела.

-Дополнително, ја изразуваме нашата поддршка и за иницијативите на претседателот на Владата, Христијан Мицковски, кој преку јавните гласила директно им се обрати на трговците, барајќи оваа кампања да се сфати како општествена кауза – прекупотребна за нашето сенародно единство, која се темели врз добродетелните вредности на верата и врз моралот, како вредносен општествен систем, се нагласува во апелот на Бигорскиот манастир.