дома блог страница 459

Како злато вредни три бода! Победа на Велигден триумфираше над САСА, на трибините се вратија и “Мајмуни”

Фудбалерите на Победа запишаа вредни три бода, откако вчера на домашен терен ја совладаа САСА со 1:0. Стрелец на единствениот погодок беше Филип Димоски во 47-та минута, погодок кој ги оддалечи црвено-белите од бараж зоната за испаѓање на цели 8 бода.

На задоволство на фудбалските вљубеници и фудбалерите, на трибините почнаа да се враќаат и членовите на навивачката група “Мајмуни”.

Со овој триумф победашите сега имаат 27 бода, а во наредното играат на гости против “фенерџијата” на табелата, екипата на Вардарски.

(ФОТО) “Велигденски кули” и “Покрсти” – вековна традиција во Македонски Брод за Втор ден Велигден, со која броѓани ги надмудриле Османлиите

Велигденските кули претставуваат традиционална културна манифестација, а воедно и обичај кој се негува во Македонски Брод и датира уште од Османлиското ропство.

Maкедонскиот православен народ за време на Османлиското ропоство бил доста угнетуван и не му се дозволувало да ги слави своите православни празници, ниту пак да ги извршува своите вообичаени обреди и обичаи за време на празниците.

Длабоко исфрустрирани од овој начин на однесување, најугледните броѓани одлучиле да одат во Цариград кај Султанот и со злато да откупат еден празник во годината кога ќе смеат слободно да празнуваат и најпосле да се почувствуваат гордо и среќно поради тоа што се Христијани.

Како таков празник и голем ден тие го избрале вториот ден од големиот празник Велигден.

Начинот на кој тие сакале да му покажат на поробителот колку се среќни на тој ден претставува една фантастична отслика на духовната сила која ја поседувале на овој нивен ден.

Броѓани одлучиле да прават кули од луѓе кои се состојат од два реда со кои јасно ќе им покажат каде се наоѓаат на тој ден и буквално ќе стапнат врз вратот на поробителите (Османлиите).

Покрсти како дел од Велигденските кули

Пред да се прават кулите, рано наутро се носат Покрсти, кои започнуваат со литургија во градската црква (нешто пред 8 часот), а потоа се прави поворка на чело со свештеникот позади кого доброволните верници носат религиски обележја и икони, додека пак учесник во покрстите може да биде секој што ќе посака без никаква посебна одговорност (носење на икони и сл.) и така собраната поворка го заобиколува целиот бродски атар на сите четири страни.

Веднаш по тргнувањето на покрстите се излегува по ридот до местото викано Топола, каде што се врши првото заклинување.

Заклинувањето се врши така што еден од верниците зема секира и на еден даб (каде што порано се наоѓала црква) се формира крст во кората и се отвора отвор во кој свештеникот за време на своето пеење го полни со нафора (свето лепче) и вино и ги пее стиховите кои им се добро познати на сите дотогашни учесници на покрстите, а тие звучат:

“Христос воскресна од мртвите, Со смртта смртта ја победи и на тие во гробвите животи им даде”.

Овој обичај симболично го демонстрира трнливиот пат на Исус Христос од фаќањето во Гетсиманската градина, па се до Голгота, каде што е распнат.

Крстот на кората го симболизира крстот на кој е распнат Исус, отворот (дупката) е гробот Исусов, додека пак лебот и виното се телото и крвта Исусова и на крајот дупката се запечатува со клин.

Како што во пролет ќе оживее дрвото и на некој начин ќе даде нов живот, така и Христос со воскресението од гробот дава нов живот.

Ова заклинување се врши на сите четири страни од Македонски Брод на различни дабови (кои се точно одредени) и некаде на пладне повторно групата стигнува во градската црква.

Веднаш по враќањето назад, почнува подготовката за Велигденските кули, каде пред издигнувањето на истите се извршува обичајот Каленчицa.

Во извршувањето на овој обичај кој според горенаведеното е предвесник на почетокот на правењето на кулите учествуваат девојчиња облечени во народна носија, кои прават шпалир и пожелно е сите кои сакаат да бидат дел од Велигденските кули (без разлика дали ќе земат активно учество) да поминат под тој шпалир, додека пак најхрабрите момчиња кои веќе поминале под шпалирот веќе почнуваат да ги прават кулите.

Кулите се состојат од два реда на луѓе од кои во секој ред има по петмина. Пет момчиња од долниот дел се фаќаат рамо за рамо и врз нивните рамена стапнуваат уште пет други момчиња кои исто така се држат рамо за рамо, кои го формираат горниот дел на кулата.

Кулите исто така мора да бидат 5 на број, симболизирајќи го петвековното турско ропство кое владеело во нашата татковина.

Долниот дел од кулата го претставуваат поробителите- Османлиите, а пак горниот ред ги претставува македонските христијани кои носени од помислата дека ќе дојде денот кога буквално ќе стапнат врз вратот на непријателот (поробителот) и гордо издигнувајќи се јасно им покажуваат на сите присутни дека ќе светне сонцето на слободата и сите празници ќе може да се прославуваат со голема среќа, слобода и бескрајна радост.

Додека кулите го изминуваат патот од пред градската црква до местото на поранешното сретсело, оние кои се на горниот ред пеат црковни и македонски патриотски песни и повеќе од јасно ни укажуваат дека храброста и издржливоста на Македонецот е непокорна дури и во денови кога бил под туѓо ропство и непрекинати угнетувања.

Секоја година на вториот ден од празникот Велигден, овие кули ни потенцираат дека треба нескротливо да ја сакаме и чуваме нашата света православна вера и да ги негуваме сопствените обичаи и празници кои се од непроценлива културна вредност, а од друга страна и му покажуваме на целиот свет дека сме единствени и свои-православни христијани.

Трет ден Воскресение Христово: Денот кој се смета дека е најдобар во целата година

Денеска е Воскресение Христово – Трет ден. Во Водената седмица, како што се нарекува првата недела по Велигден, особено се признаваат, и по важност се издвојуваат Водениот вторник и Водената сабота.

Според старото народно верување вторниците важат за баксузни денови.

Но, не и овој! Во народот Светлиот (или Воден) вторник се смета за најдобар вторник во целата календарска година. Старите велат дека овој ден, како и Велигден, на сите им донесува радост и веселба. Исто така, ако на овој ден се роди дете, ќе биде среќно и долговечно.

Поради тоа, по некаде во селата, токму на Трет ден Велигден се одржуваат свадби, бидејќи времето на Христијанската пасха се смета за посебна благодет, па токму таа благодет сака да се пренесе и на новите сопружници и нивното новоосновано семејство.

Старите велат дека утре е добро да се оди во посета или на пат. Ако планирате токму утре да тргнете, обичајот налага да помислите и желба. Таа ќе се оствари, а на патувањето ќе ве следи среќа.

Поради сето тоа, единствената работа која православните верници на Третиот ден Велигден треба да ја испочитуваат е да се веселат и радуваат и таа радост да ја споделат со своите најдраги и најблиски. Поради тоа, знаете што треба да правите, бидејќи според народното верување на секој кој „се оглуши“ од Бога нема да му оди најдобро во животот.

Резултати од анкетата: Народот сака проверено!

Проследете ги коментарите на линкот во продолжение и донесете заклучок:

Прилеп секој втор ден “избира папа”, така беше и денеска на Велигден (ФОТО)

Кабли, гуми и разноразен друг отпад се гори на потегот кај Дабница во Прилеп, за пуст бакар… и така со години. Црни облаци од чад уште рано наутро се креваат над градот под Марковите Кули, прилепчани си дишат саѓи, а проблемот не е ниту на повидок да се реши.

Така беше и денеска на Велигден, така е и речиси секој втор ден…. Како Прилеп секој втор ден да “избира” Папа…

Детали за пожарот во Прилеп во кој изгоре стан: Две жени пренесени во прилепската болница поради вдишување на чад

-На 20.04.2025 околу 13.00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во населба „Точила“ во Прилеп настанал пожар во стан сопственост на Т.Ј., во кој престојувала неговата неговата сестра Ц.С.(51) и неговиот зет Д.П.(40), двајцата од Скопје.

Од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот бил изгаснат, а поради вдишување чад Ц.С. и сосетката С.П.(73) од Прилеп биле пренесени во болницата во Прилеп за укажување лекарска помош.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп – информираат од МВР.

Приведено лице во Македонски Брод, управувал возило со 2,04 промили алкохол во крвта и предизвикал сообраќаjка

-Денеска (21.04.2025) во 02.04 часот во Македонски Брод, полициски службеници го лишиле од слобода М.С.(25) од Македонски Брод поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување на моторно возило “ по член 297-А од Кривичниот законик.

Во 01.30 часот на ул.„Крушевска Република“ во Македонски Брод, со патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во паркирано патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.Т.(28) од Скопје, при што причинил само материјална штета, а повредени лица нема.

По преземени мерки и извршено алкотестирање било констатирано дека возилото го управувал под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2.04 промили алкохол во крвта.

По документирање на слуачјот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Откриен антички град кај битолско Црнобуки – Се верува дека станува збор за Линкус – родното место на Евридика, бабата на Александар Македонски!

Археолози открија остатоци од изгубен антички град близу селото Црнобуки. Пронајдените артефакти го датираат од времето на Александар Велики. Некои експерти веруваат дека градот постоел уште во бронзеното доба. Ова може да биде Линкус, престолнината на кралството Линкестида. Таму е родена Евридика, бабата на Александар Македонски.

Локалитетот Градиште досега беше познат како воена станица од 3 век п.н.е. Тоа било утврдување на кралот Филип V. Новите истражувања го менуваат ова гледиште. Тим од НУ Завод и музеј-Битола и Универзитетот Кал Поли Хумболт откри подлабока историја. Користеле Лидар радар за скенирање под земја.

Ископувањата покажуваат урбан центар од бронзеното доба (3.300–1.200 п.н.е.). Пронајдени се камени секири и керамика. Има и алатки за текстил и глинена карта за театар. Овие предмети укажуваат на софистицирано општество. Првите наоди се регистрирани пред 15 години. Тогаш местото беше идентификувано како утврдување на Филип V. Лидар скенирањето откри цел град под земја.

Меѓу пронајдоците се монети од времето на Александар Велики. Тоа ја поместува хронологијата на 325–323 п.н.е. Акрополата зафаќа 28.000 квадратни метри. Професорот Ник Ангелоф од Кал Поли Хумболт има теорија. Градот можеби бил престолнина на Линкус. Таму можела да се роди кралицата Евридика I. Откритието открива мрежи на моќ и трговија.

„Ова е ретко откритие“, вели Ангелоф. „Градот бил на трговски патишта кон Константинопол. Можеле да поминат Октавијан и Агрипа. Тие оделе кон битката кај Акциум против Клеопатра.“ Енгин Насух, кустос од Битола, го нарекува мозаик. „Секое истражување додава камче во сликата. Ова е дел од европските цивилизации.“

Линкус бил главен град на Линкестида во 7 век п.н.е. Областа се протегала покрај реката Еригон. Живеело племето Линкести. Филип II го освоил Линкус во 4 век п.н.е. Тој ја приклучил државата кон Македонија. Откритието фрла светло на античка Македонија. Истражувањата продолжуваат за целосна слика.

Втор ден Велигден: Тајната на осмиот ден, идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши

Велигден, или празникот на Христовото воскресение е најголемиот христијански празник.

Страдалната седмица заврши со новиот ден денот на воскресението. Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена. Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време.

Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно.

И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар, економист, кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е моќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта.

Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.

Ристески: Благодатта на Христовото воскресение нека биде извор на трпение и надеж

Честитка по повод Христовото Воскресение – Велигден од заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески:

-На сите верници од православна вероисповед им го честитам најблагословениот ден, најголемиот христијански празник Велигден – Денот на Христовото Воскресение!

Посакувам овој голем ден да го исполни сечиј дом со здравје, радост и неизмерна среќа.

Светлината на овој празник нека биде инспирација да живееме со делата на љубовта.

Преку пораката на љубов и разбирање која ја носи овој величествен христијански празник, да го избереме патот на почитувањето и помагањето… патот кој ќе донесе Божји благослов и благодат за секој од нас.

Да ја празнуваме Велигденската радост на најголемиот настан, да ја негуваме безусловната милост и да чекориме по патот на духовниот мир.
Молитвено да посакаме благодатта на Христовото воскресение да биде извор на трпение и надеж, а нашите срца да ги исполни со истрајност и хармонија.

За многу години!

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!