дома блог страница 457

Како страв немаат ваквите!? Маскирано лице краде во манастирот Успение на Пресвета Богородица кај Обршани (ВИДЕО)

Маскирано лице во текот на ноќта помеѓу вторникот и средата, извршило кражба во манастирот Успение на Пресвета Богородица кај населеното место Обршани, општина Кривогаштани.

Лицето е снимено на камерите од манастирот и се гледа како зема пари од касата и бега од храмот носејќи ја со себе фиоката.

Грозна слика која предизвика гнев кај илјадници корисници на социјалните мрежи…

БРАВО ДЕЧКИ! Прилепските гимназијалци вицешампиони на Државното првенство во ракомет (ФОТО)

Во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, на Државното првенство во ракомет во машка конкуренција за средни училишта, кое се одржа во Прилеп, екипата на гимназијата “Мирче Ацев” го освои второто место.

До успехот гимназијалците стигнаа преку двомесечни напорни тренинзи и интензивни подготовки, а активностите не запреа ниту за Велигденските празници.

Пожртвувано, гимназиските ракометари даваа сè од себе поразувајќи далеку пофаворизирани екипи од нашата и во тешки натпревари победуваа и стигнаа во финалето. На финалните натпревари кои се одржаа денес, силите си ги одмерија четири училишни екипи, од Битола, Скопје, Куманово и екипата од нашето училиште. Во полуфиналниот натпревар нашите ракометари направија вистинска пресвртница поразувајќи ја екипата на „Михајло Пупин“ од Скопје со што обезбедија пласман во финалето каде го освоија второто место.

Спортските херои кои беспоштедно се вложија и се надминаа себеси во овој голем успек се: Дамјан Талески, Леонид Богданоски, Бобан Вренцоски, Марко Граороски, Давид Ристески, Бојан Стојкоски, Божидар Тодороски, Матеј Зердески, Јован Соколоски, Христијан Црвенкоски, Трајан Дивјакоски, Андреј Бошкоски, Јордан Ангелески, Леонид Качкиноски, Антонио Крстески и Иван Кузманоски.

Тренер на машката ракометна екипа е професорот по спорт Даниел Василески.

Му се отвараат вратите за Олимписки игри: Светски резултат на прилепчанецот Ангелески

На ден 12.04.2025 година во воздушното стрелиште во Битола во организација на МССФ, а како домаќини С.К РЕК Битола и С.К Пелистер се одржа II -от Куп во спортско стрелаштво со воздушно оружје – пушка и пиштол на 10 метри, во категорија на мажи и жени, јуниори и сениори. Се натпреваруваа 13-тина клубови и околу 70-тина стрелци во сите дисциплини и категории.

Во дисциплината воздушна пушка мажи, а воопшто и во апсолутна конкуренција во дисциплината воздушна пушка најуспешен беше Мартин Ангелески од Прилеп, кој настапува за СК Стрелец Скопје. Мартин постигна личен и државен рекорд со испукан светски резултат од 630,5 кругови кој ветува финале на било кој меѓународен натпревар, Европско или Светско првенство. Мартин Ангелески ја започнува натпреварувачката сезона за 2025 со доста висок резултат и добра форма која ветува во наредниот период резултатот да се повтори и подобри со континуиран тренинг, што му отвара нови врати за веќе започнатиот олимписки циклус до Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.

По натпреварот Претседателот на МССФ Јордан Тасевски се заблагодари на сите клубови, тренери и стрелци за заедничкиот придонес и развој на резултатите и стрелаштвото во изминатите 5 години кои се резултат на новонабавената во континуитет опрема и оружје како и целосно електронизирани стрелишта во Битола, а наскоро и во Скопје во новиот Национален Стрелачки Центар во спортската сала Партизан во Општина Карпош каде воедно ќе се одржува и Европскиот Олимписки Фестивал за млади во Период од 18-26.07.2025 година.

Високите резултати кај Македонските стрелци се резултат на поддршката од МССФ на клубовите и спортистите како и макотрпната секојдневна работа во клубовите кои и во лоши и во добри услови не се откажуваа од работа и тренинзи во своите клубови со своите Претседатели и тренери.

Во развојот на МССФ и клубовите од големо значење се и субвенциите од Министерството за Спорт кои се користат за основни потреби на клубовите како и за набавка на софистицирана опрема за квалитетно функционирање и добар тренажен процес во клубовите и националниот тим.

ИЗВОР И ФОТО: mssf.org.mk

Уапсени двајца прилепчани – ја запалиле депонијата во Демир Хисар

-На 22.04.2025 во 13.30 часот полициски службеници од ОВР Демир Хисар ги лишиле од слобода С.Ф.(28) и А.С.(48), двајцата од Прилеп, поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност” по член 288 од Кривичниот законик.

Тие се сомничат дека предизвикале пожар на градската депонија во Демир Хисар, а при преглед кај нив се пронајдени предмети со кои го предизвикале пожарот.

По документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна пријава – информираат од МВР.

Изложбата “поВРЗИНО” од уметникот Стефан Анчевски во петок пред прилепчани

На 25 април 2025 /петок/ од 19.00 часот во Ликовната галерија од НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „поВРЗИНО“ од уметникот Стефан Анчевски.

Текст за изложбата

Стефан Анчевски поставува и создава сопствен концепт на дела, создавајќи јасна и специфична уметничка визија. Познавајќи различни медиуми и знаковни симболи, уметникот ги материјализира своите идеи низ низа технолошки процеси, овозможувајќи му да експериментира со различни визуелни и уметнички средства. Работи на принципот точка – права, полно – празно, геометрија и нејзино слободно толкување, движење, динамично групирање на нештата.

Стефан Анчевски со својата поетика и своите слики открива дека му е близок графолошкиот пристап кој се потпира на ликовните искуства на сликарството од ХХ век и ехото на колористичките исходи на Климт и неговите следбеници. Неговиот визуелен јазик како облик на комуникација е универзален и единствен.

Експериментирајќи со најразлични техники и материјали, авторот го создава циклусот „ВРЗИНО“ кој беше изложен во 2024 година во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Втората изложба со наслов „преВРЗИНО“ реализиран во Ликовниот салон на ДЛУБ во Битола ги покажува нештата кои довеле до создавање на овој проект, односно се она што е работено пред. Додека пак ова претставување „поВРЗИНО“ ги поврзува сите три излагања. Во третиот, развоен ликовен циклус на авторот Стефан Анчевски се поврзуваат сите заедно.

Податоци за уметникот

Стефан Анчевски (Куманово, 1993) е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Има реализирано свои 11 самостојни изложби, учествува на преку 150 групни изложби и прикажувања во земјава и странство. Член на ДЛУБ (2022), ДЛУМ (2023) и ДЛУП (2024). Во 2014 г. и 2023 г. добитник е на прва награда „TrashForArt“ и прва награда „Let’s bring justice closer to citizens“ во 2023 г. – COE – Национална галерија Мала Станица – Скопје.

Најавите на Николоски стануваат реалност: Постапката е започната, Македонија наскоро добива трет мобилен оператор

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја започна постапката за влез на унгарската телекомуникациска компанија „4iG како трет мобилен оператор на македонскиот пазар. Компанијата веќе е присутна на пазарите во Албанија и Црна Гора под брендот „ONE“, а сега преку македонската фирма „Оне Македонија Телекомуникации“, има намера да им конкурира на А1 Македонија и Македонски Телеком.

АЕК објави намера за организирање јавен тендер со јавно наддавање за издавање одобренија за користење на радиофреквенции. Барањето е на новата македонска компанија во сопственост на 4iG. Постапката ќе трае еден месец, до 16 мај, кога заинтересираните компании ќе може да достават писма за интерес. На тендерот нема да можат да учествуваат постојните два мрежни оператори, со цел да се овозможи влез на нов играч на пазарот.

Ќе бидат понудени три фреквенциски опсези со вкупна почетна вредност од над 8 милиони евра. Министерот за транспорт Александар Николоски претходно потврди дека е потпишан меморандум за разбирање со унгарската компанија.

Иако во земјава постојат и четири виртуелни оператори, пазарот останува доминиран од А1 и Македонски Телеком со над 96% учество. Влезот на трет мрежен оператор се смета за клучен чекор кон подобра конкуренција, поевтини услуги и поголем избор за граѓаните.

Новиот оператор ќе донесе поголема конкуренција, поевтини цени и повисок квалитет на услугите. Според најавите, 4иГ планира да инвестира 100 милиони евра во следните 10 години.

Настан кој вреди да се проследи: Концерт на камерниот хор „Cappella musicae antiquae orientals“ од Полска во црквата Параклис во Прилеп

Институтот за старословенска култура – Прилеп, од самото основање негува добра соработка со Р Полска, а со самото тоа и долгогодишни пријателства со наставно-научни работници од различни провиниенции. Оваа година имаме чест да ни биде гостин еминентниот Камерен хор од Познањ, Chór Kameralny Cappella Musicae Antiquae Orientalis, кој изведува само православни партитури, во рамките на нашиот проект посветен на Културната рута на св. Кирил и Методиј, одобрен од Министерство за култура на РС Македонија. Предвидени се одржувања на два концерти, на 29 април 2025 г. во Прилеп, во црквата Св. Кирил и Методиј – Прилеп, и на 30 април 2025 г. во с. Враништа, Струшко, во црквата св. Никола, каде како коорганизатор се јавува Парохијата Вранишка со м-р отец Ристе Наумоски.

„Cappella Musicae Antiquae Orientalis“ е камерен хор, основан во 1984 година и обединува претставници од различни средини и генерации, специјализирани за изведба на православна црковна музика. Има остварено преку 550 концерти во Полска и во странство, 48 странски турнеи во 20 европски земји (Русија, Италија, Ватикан, Австрија, Латвија, Германија, Холандија, Шпанија, Франција, Чешка, Грција, Данска, Луксембург, Белгија, Естонија, Литванија, Украина, Словенија, Белорусија, Словачка); Шесткратен лауреат (1985, 1986, 1991, 1994, 2001, 2021), вклучително и двократен добитник на првата награда (1986, 1991) на Меѓународниот фестивал за православна црковна музика „Хајнувка“ (Hajnówka). Важен настан во историјата на хорот е учеството во продукцијата на операта „Борис Годунов“ (Borys Godunow) од Мусоргски во Големиот театар во Лоѓ.

Проф. Д-р Леон Заборовски, основач и диригент на хорот, дипломирал на Конзерваториумот „Петар Чајковски“ во Москва (со диплома magna cum laude по хорско диригирање). Во 1985 година го стекнал своето докторско звање на Музичкиот конзерваториум во Москва. Работел на Музичката академија „Игнат Јан Падеревски“ во Познањ од 1978 година. Од 2007 до 2012 година проф. д-р. Заборовски бил раководител на Одделот за хорско диригирање. Од 2012 година е раководител на Одделот за музичко образование. Од 1978 до 1986 година бил диригент на Мешаниот хор на Музичката академија „Игнат Јан Падеревски“ во Познањ. Од 1987 до 1989 година проф. д-р. Заборовски бил и директор на Оперскиот хор во Лоѓ. Со овој хор подготвил неколку премиери како „Борис Годунов“ од М. Мусоргски, „Травијата“, „Набуко“ од Џ. Верди и други. Проф. д-р. Заборовски е иницијатор и уметнички директор на фестивалот „Денови на православната музика“ во Риѕина (2004, 2006, 2008, 2010), како и иницијатор и уметнички директор на фестивалот „Меѓународна средба со православната црковна музика“ во Гроѕиск Виелкополски (2013, 2015, 2017, 2019). Основaњето на камерниот хор за исклучиво православна музика „Cappella Musicae Antiquae Orientalis“ е резултат на неговата фасцинација и многу длабоките студии за оваа прекрасна музика.

Двајца млади прилепчани ќе одговараат за изнуда

-СВР Битола поднесе кривична пријава против М.М.(24) и Д.С.(21), двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,изнуда“.

На 05.04.2025 во Прилеп, поради нерасчистени должничко-доверителски односи, пријавените физички го нападнале С.С. од Прилеп – информираат во билтенот на МВР.

Кога културата зборува – брендот расте: Mint FinTech со награда од Vrabotuvanje.com

Компанијата Mint FinTech Group е добитник на наградата „Компанија со највисок ребрендинг раст во 2024 година“, признание што го доделува Vrabotuvanje.com на годишниот настан посветен на иновации во човечки ресурси и организациска култура.

Оваа награда доаѓа како потврда за успешно спроведената стратегија на ребрендирање, која вклучи нов визуелен идентитет, современ тон на комуникација и, најважно – трансформација на корпоративната култура.

„Логото се менува со клик. Културата – со доверба, време и луѓе што веруваат во новото,“ изјави Бујар Драла, HR менаџер на Mint FinTech Group.

Ребрендирањето на Mint FinTech не беше само дизајнерски потег. Напротив, процесот беше резултат на внатрешна еволуција – иницирана од тимот, поддржана од вработените и водена од вредности кои ја рефлектираат современата енергија на fintech секторот.

Особена заслуга се упатува кон маркетинг тимот на компанијата, кој ја водеше промената од концепт до имплементација, обезбедувајќи конзистентност во сите комуникациски канали и изградувајќи визуелен и емоционален идентитет што ги одразува новите цели на компанијата.
Со ова признание, Mint FinTech Group уште еднаш се позиционира како компанија што инвестира не само во технологија, туку и во луѓето, културата и визијата што стои зад секоја успешна трансформација.

Собранието ќе го менува логото, не чинело сегашното, требало тројазично

Објавен е Јавен конкурс за изработка на заштитен знак (лого) на Собранието на Република Северна Македонија со цел законодавниот дом да го модернизира и изедначи својот институционален, визуелен идентитет преку изработка на заштитен знак, кој треба да ги одразува националните вредности и вредностите, мисијата и визијата на институцијата, соопшти денеска собраниската прес – служба.

Во Јавниот конкурс се посочени главните елементи што треба да ги содржат понудите за идејно решение за изработка на логото и критериумите што треба да бидат задоволени – визуелен идентитет, да биде придружено со детално објаснување на симболиката, вклучувајќи го значењето на секој елемент, боја и форма, како и логото да биде на македонски јазик и неговото кирилско писмо, на албански јазик и неговото писмо и на англиски јазик и неговото писмо.

Меѓу другото, дизајнот на логото треба да биде уникатен и неупотребуван досега, така што авторот треба да обезбеди ексклузивност на дизајнот и да гарантира дека конечниот труд нема да повредува какви било интелектални права.

Секој учесник на конкурсот, се додава во соопштението, има право да поднесе најмногу до три идејни решенија за лого на Собранието.

Предлозите што ќе пристигнат во Собранието ќе ги разгледува посебна комисија формирана од претседателот на Собранието. Рокот за доставување на предлозите е 45 дена од денот на објавување на Јавниот конкурс.