дома блог страница 424

Има само 12 години, а е еден од најголемите промотори на Македонија: Анастасија разговараше со директорот за извоз на Витаминка, на најголемиот саем во Европа (ВИДЕО)

Македонското царство на вкусови, Витаминка и оваа година ги претстави своите производи на реномираниот саем ISM 2025 во Келн, Германија, кој се одржа од 2 до 5 февруари. Целосниот асортиман од слатката програма на Витаминка, кондиторски производи, солени и крцкави закуски беа изложени на најголемиот саем кој претставува центар на иновациите и најновите трендови во кондиторската индустрија.

Витаминка беше една од 1500-те компании од 70 држави кои учествуваа на саемот ISM 2025. Со учеството на овој саем се отвора можност за запознавање со најголемите технолошки иновации и трендови во кондиторската индустрија, со главен фокус врз потребите на потрошувачите и стимулирање на компаниите за проширување на својот спектар со нови и иновативни производи што ќе одговорат на барањата на консументите.

На саемот беше и Анастасија, 12-годишно нашинче кое е родено во Скопје, а на свои 3 години со нејзините родители се преселиле во Хамбург.

Анастасија е вистински промотор на Македонија и досега има повеќе видеа на својот јутјуб канал Mit Anastasija, со кои ги промовира убавините на Македонија и македонските брендови.

Нејзин соговорник во видеото во продолжение е Велески Љупчо, директор на извоз во Витаминка. Со него разговараат за самите почетоци на компанијата, за развојот и новите брендови.

Проследете го видеото во продолжение:

Снимање и монтажа:
Дејан Анастасов
2025 Келн, Германија

Изречени казни од 82.000 евра за големите ланци на маркети

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), неделава ( 10-12.02.2025 година), на целата територија во државава, спроведоа 124 вонредни контроли кај големите маркети кои имаат ланци на супермаркети, дисконти и хипер маркети.

Целта на контролите беше проверка дали операторите се регистрирани во АХВ за сите дејности и активности во секој од објектите, дали и колку се исполнети општите и посебните хигиенски услови за храна, со акцент на спроведување на контроли во деликатес одделите и месарниците, како и во месарниците кои изработуваат свежи подготовки од месо.

Покрај ова се контролираше и исполнетоста на процедурите за чистење и дезинфекција на опремата, приборот за работа и спречување на вкрстена контаминација, снабдувањето со безбедна вода, поседувањето на санитарни книшки и сертификати за стручна подготовка на вработените лица кај операторите, чувањето и складирањето на храната, нејзиното потекло, следливоста (проверка на комерцијалните документи), како и почитувањето на температурниот режим за храната од нејзиниот прием до ладилник. Контролирано беше и водењето на записи за НАССР и Добра производствена и Добра хигиенска пракса, означувањето на храната, плановите за сопствено мострирање на операторите, спроведувањето на операциите за пакување/препакување, дезинфекција, контрола на штетници, а со вонредните контроли опфатени беа и магацините на операторите.

Донесени се 47 решенија за утврдени недоследности, изречени се 29 парични казни во вкупна вредност од 82 илјади евра во денарска противвредност. Кај 15 оператори утврдени се незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 најдена е храна со поминат рок на употреба, а кај 5 храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана и сл. Тројца од контролираните оператори не извршиле задолжителни здравствени прегледи за вработените, 10 не воделе записи за HACCP, Дора хигиенска и Добра производствена пракса. Кај 4 оператори најдени се несоодветно означени производи, а еден објект не бил регистриран.

Нештетно се уништени 22,3 тони небезбедна храна, од кои најголем дел месо.

И тоа дочекавме: Миле Талевски да соли памет за судството

Она што го гледаме од страна на ВМРО-ДПМНЕ е класична партизација од аспект на целокупното нивно владеење, нема ниакви реформи. И во правосудството, не гледаме никакви реформи, освен враќање на режимот на голема врата и сешто се случува сега се само рецидиви од минатото. Какви се тие реформи, и враќање на довербата кај граѓаните, кога претседателот на владата, излегува со Фејсбук статус во кој вика ‘ треба да се удри во чело‘. Па на кого да удриме во чело? Со тоа што ќе го партизираат судството? рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, во вчерашната дебатна емисија „Објектив“ на МРТВ.

Тој се осврна на моменталната состојба која се случува во правосудството, велејќи дека власта најбезобразно и најлицемерно прави упад и при изборот на членови на судскиот совет, како и со државниот јавен обвинител.

– Првата одлука која ја донесе ДПМНЕ и со која се гледа дека директно прави упад и партизација во судскиот систем е одлуката за членот на судскиот совет, да се стави сопругата на градоначалникот од ДПМНЕ. Со оваа реторика власта не може да излезе од матрицата дека не треба да се меша во законодавната власт. Да биде поголем парадоксот, ДПМНЕ изјавува дека во судството сите се корумпирани и дека треба да има конкретна промена, за денес ДПМНЕ во собрание да предлага продолжување на мандатот на судиите. Па каков е тој парадокс. Тоа ли е таа реторика, за удар во чело што Мицковски ја пишува на својот Фејсбук профил, рече Талевски.

Талевски потенцираше дека нема ни Р од реформите кои ги најавува власта освен лицемерие и враќање на режимот на голема врата, како и на тефтерчето, по кое беа познати ДПМНЕ. Исто сега се случува и со изборот на јавниот обвинител.

– На граѓаните треба да им биде јасно дека потегот кој го прави Мицковски и ДПМНЕ е да си постави сопствен човек за јавен обвинител. Ние не гледаме никакви реформи или враќање на довербата во правосудниот систем, освен што имаме директен упад на власта во изборот на членовите на судскиот совет, нивно разрешување, а сега и упад во изборот на државниот јавен обвинител, рече Талевски.

-СДСМ секогаш е поборник да има реформи во правосудството. Нашиот конкретен став е Работната група, која е формирана од министерството за правда, да го предложи законското решение за комплетна реформа во правосудниот систем и врз основа на сите препораки доставени од страна на Оценската мисија, тој предлог ќе го дискутираат на маса сите релевантни фактори, за да усогласиме едно законско решение кое ќе го прифатиме сите, за комплетна реформа на правосудниот систем и тоа да се достави до Венецијанската комисија на одобривање. И ако добиеме одобрение од венецијанската комисија, ние да го донесеме во Собрание. Само така ќе ја вратиме довербата кај граѓаните во правосудството. Бараме процедура врз основа на закон кој ќе биде почитуван и ќе може да се направи темелна реформа. А не ваков упад класичен од ДПМНЕ, со кој не се враќа довербата на граѓаните, ниту пак имаат желба за некакви реформи, освен за партизација и враќање на режимот, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски.

Шест месеци без плата, една година без редовно здравствено осигурување – Вработените во прилепскиот “Терминал” денеска излегоа на ШТРАЈК!

Шест месеци без плата, вработените во прилепскиот Терминал, кој е под капа на ЈКП Комуналец Прилеп се оставени на милост и немилост. Тие денеска излегоа на ШТРАЈК и побараа раководството на јавното претпријатие нивниот проблем под итно да се реши.

Бараат исплата на барем 4 плати, за да можат да добијат здравствено осигурување. Според вработените во текот на вчерашниот ден им била исплатена една од заостанатите плати, но тоа според нив е премалку и е невозможно да издржат со животните трошоци.

Терминалот во моментов има 8 вработени, чии семејства мака мачат да обезбедат егзистенција. Во моментов не работи ниту кујната на новите градски гробишта, која е во состав на Терминалот.

Претходно вработените во оваа филијала на Комуналец излегоа на предупредувачки протест во ноември минатата година, но досега нивниот проблем не е решен.

Од ЈКП Комуналец велат дека пред неколку недели бил назначен нов раководител на Терминалот и дека проблемот ќе биде решен во скоро време.

Viber воведе функција за запознавање: Новина во пресрет на празникот на љубовта

Како што е наведено, со Viber dating, корисниците ќе можат со самодоверба да започнат потрага по својата сродна душа.

Апликацијата Rakuten Viber од вчера постепено воведува нова функција за запознавање внатре во апликацијата која ќе им овозможи на корисниците да запознаат нови луѓе.

Функцијата Viber dating, која се воведува во чест на претстојниот празник на љубовта, претставува пионерски потег меѓу апликациите за размена на пораки, бидејќи им овозможува на корисниците иновативно и интуитивно решение за запознавање и поврзување во безбедно опкружување, соопшти Rakuten Viber.

Само верификувани корисници на Вибер можат да креираат профили, а бројот останува целосно сокриен, со што се спречува било какво несакано споделување на лични податоци.

Како што е наведено, со Viber dating, корисниците ќе можат со самодоверба да започнат потрага по својата сродна душа. Напредната контрола на комуникацијата – комбинација на човечка модерација и технологија на вештачка интелигенција – обезбедува позитивно корисничко искуство.

Профилот за запознавање е одвоен од главниот Вибер налог, што обезбедува приватност во однос на примарните контакти.

За разлика од другите апликации за запознавање, корисниците лесно можат да ја префрлат комуникацијата од Viber dating на главната Вибер апликација и да продолжат со градење на односите во безбедно опкружување, со end-to-end енкрипција и без чување пораки на Виберовите сервери.

Првиот чекор кон наоѓање на сродната душа е креирање на профил за запознавање.

Kривична за 57-годишен прилепчанец – се сомничи дека извршил нacилство врз дете

-СВР Битола поднесе кривична пријава против С.А.(57) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“.

На 24.12.2024 во Прилеп, пријавениот физички нападнал малолетник.

Прилепската полиција уапси двајца 18-годишници од Дебреште – им пронашле мapиxyaна во автомобилот

-На 12.02.2025 во 00.30 часот во близина на с. Дебреште, прилепско, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Р.Ј.(18) и Е.Ш.(18), двајцата од с.Дебреште.

При преглед на патничко возило „фолксваген голф” со велешки регистарски ознаки, кое го управувал Р.Ј., а сопатник бил Е.Ш., била пронајдена марихуана.

По документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна пријава – информираат од ОВР Прилеп.

Виктор добро закрепнува и денеска се враќа во Прилеп!

26-годишниот Виктор Николоски, кој во хуманост го обедини цел Прилеп, успешно ја помина операцијата во Турција и успешно закрепнува, а сега на својот Фејсбук профил објави и дека се враќа во Македонија.

-Драги мои хумани луѓе, сограѓани и сите вие кои бевте со мене во најтешките моменти сакам да ви соопштам дека денес се враќам дома во Македонија. Сакам да ја изразам мојата благодарност на Vesna Dojchinova Andreeva и на Медикал Караџи Турс Македонија што ми овозможија за многу кратко време да дојдам во Турција и да се оперирам и на докторот Prof. Dr. Sait Ozturk за успешната операција и грижата за мене. Јас во моментов сум добро и закрепнувам, но ги чекам резултатите од патологија за да го продолжам моето лекување на соодветен начин – напиша Виктор.

Седница на Советот на општина Прилеп: По 10.000 денари субвенции за клима уреди, се воведуваат и хуманитарни паркинг места во градот

Советот на Општина Прилеп денeс ја одржа 56-тата седница на Советот на Општина Прилеп.

Предлог-одлука за измена и дополнување на одлуката за извршување на Буџетот на Општина Прилеп, за 2025 година, предлог-одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Прилеп, за 2025 година и предлог-квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Прилеп, за четврт квартал, беа првите точки на дневен ред, за кои дискутираа советниците и ги изгласаа со мнозинство гласови, како и дополнителната точка Предлог-Одлука за проширување на средствата на Буџетот на Општина Прилеп за 2025 година.

Советниците дадоа согласност на одлуката за определување на максимален износ од 10.000 денари за доделување на поединечна субвенција/надомест на дел од трошоци на граѓани на подрачјето на Општина Прилеп за набавка на грејни тела со инвертор, за 2025 година.
Едногласно беше прифатен и предлогот за воспоставување на меѓуопштинска соработка меѓу општините: Новаци, Прилеп, Битола, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод како дел од процесот за отворање на Регионалната депонија во Новаци.

На оваа седница беа именувани и прифатени членовите во заедничката комисија за подготовка на предлог актите за воспоставување на меѓуопштинска соработка, беше дадена и согласност за годишниот план за измена и дополнување на годишниот план за вработување за 2025 година на ЕЛС Општина Прилеп, согласност за измена и дополнување на годишниот план за вработување во 2025 година на ООУ “Климент Охридски” – Прилеп, согласност за програмата за реализација на дејноста на ЈОУ Градска Библиотека „Борка Талески“ Прилеп за 2025 година со предложениот финансиски план, а беше усвоен и финансискиот план на СОУ„Ѓорче Петров“- Прилеп, за 2025 година, како и одлуките за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите во ЈОУ Дом за стари лица ,,Киро Крстески-Платник’’-Прилеп. Воедно, советниците едногласно дадоа согласност и за отпис на расипаните и неупотребливи компјутерски системи, на ООУ ,,Блаже Конески’’-Прилеп.

Одлуката за хуманитарни паркинг места на ЈП за ПУП –Прилеп, каде собраните средства од овие простори за паркинг ќе бидат наменети за хуманитарни цели, беше исто така едногласно прифатена од советниците при Советот на Општина Прилеп.

На 56 -тата Седница на Советот на општина Прилеп советниците усвоија и неколку предлог – одлуки за донесување урбанистички проетки со план за парцелизација за ГП од ДУП на Општина Прилеп и одлуки за урбанистичко планска документација со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправно изградени објекти, по барање на физички лица.

Компанијата “Комфи Ангел” донираше црева за прилепските пожарникари (ФОТО)

Компанијата “Комфи Ангел” која важи за гигант во Прилеп, донираше противпожарни црева за потребите на Територијалната противпожарна единица.

Од ТППЕ Прилеп упатија благодарност до компанијата за покажаната општествена одговорност.

-Голема благодарност од ТППЕ – Прилеп до општествено одговорната компанија КОМФИ-АНГЕЛ ДОО, Прилеп за донацијата на професионални противпожарни црева – напишаа од ТППЕ Прилеп.