дома блог страница 411

Семејна драма во крушевско, полицијата ги бара младите

-На 10.06.2025 во 12.00 часот во Полициската станица Крушево, М.Р.(46) од с.Норово, крушевско, пријавил дека неговата ќерка С.Р. (15) од с.Норово, се оддалечила од семејниот дом и заминала во домот на С.А.(19) од с.Пресил, за што бил известен од неговиот татко С.А. од с.Пресил.

Според пријавеното, набргу потоа тие заминале од домот со патничко возило.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата – информираат од МВР.

Oсвојувачот на ЕХФ Купот се засили од играч од Прилеп

По сагата со финалниот дуел против грчки АЕК и освојувањето на шампионската титула, во РК Алкалоид веднаш се фатија за работа и донесоа дури 7 засилувања за новата сезона.

РК Алкалоид и во новата сезона ќе се потпира на македонски ракометари, кои ќе имаат вистинска шанса да се докажат и на домашната и на европската сцена, а еден од нив ќе биде и талентирано лево крило, Давид Тајкоски, кој досега ги бранеше боите на РК Прилеп.

Во објавата на социјалните мрежи, од Алкалоид го опишуваат Трајкоски како: “еден од најдобрите младински играчи”.

Да му посакаме среќа во новата средина и многу постигнати погодоци, како на домашна, така и на меѓународна сцена.

Ристески е вистински пример во Владата: Прилеп, Кавадарци, денеска пред полна сала во Струмица (ФОТО)

Пред голем број на граѓани, претставниците од стопанските комори, здруженија на млади и голем број на заинтересирани граѓани, пратеници и претставници на локалните самоуправи од струмичкиот регион, денес се одржа информативен ден за запознавање на јавноста со мерките од Оперативниот план за вработување.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески ги повика сите заинтересирани да аплицираат на некој од трите објавени јавни повици од мерката Поддршка за самовработување (претприемништво), со која се нуди висока финансиска поддршка, а во овогодинешните мерки посебен акцент е ставена на поддршката на младите лица.

– Со историски висок буџет за Оперативниот план, кој е зголемен за 7,5 милиони евра и годинава е во вредност од преку 40 милиони евра, како никогаш досега Владата дава поддршка за младите да започнат бизнис или преку практикантство и обуки да се стекнат со разни вештини со што би се зголемила нивната вработливост и тие би биле поконкурентни на пазарот на труд. Наша цел е да ги задржиме младите во Македонија, имаат пријател и партнер во Владата која ги поддржува, а најдобар доказ за тоа е овој Оперативен план, каде покрај бројните нови мерки наменети само за нив, во сите останати мерки е предвидено најмалку 40% од средствата да бидат наменети за младите лица – кажа Ристески.

Весна Пешова, заменик-директорот на Агенцијата за вработување на пред присутните говореше за постапките поврзани со аплицирањето за користење на некоја од мерките на Оперативниот план и ги повика сите заинтересирани да аплицираат во некоја од 30-те Центри за вработување низ државата. Таа информира дека интересот за мерката самовработување (претприемништво) е голем и во првите два дена од објавата на огласите досега се доставени околу 1400 пријави.

Директорот за поддршка на претприемаштвото, Даниела Димовска се осврна за поддршката која ќе биде дадена на сите лица кои ќе добијат средства од мерките, како што се стручното советување во креирањето на бизнис план, како и обуките за претприемништво и менторството.

Јавните повици траат до 20 јуни, а во наредниот период ќе се објават јавни повици и за другите мерки од Оперативниот план.

Во сабота концерт на „Чалгија саунд систем“ во ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп, велзот е слободен

На 14 јуни 2025/ сабота/ од 20.00 ч. во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи групата „Чалгија саунд систем“. Влезот за концертот е слободен.

Бендот Чалгија саунд систем постои од 2008 година со една цел: да истражува низ оставнината на македонската музика, да ги открие нејзините скриени тајни и звуци и да се вложи одржувајќи ја во добра форма македонската чалгија без да се изневери традицијата. Во таквото музицирање и растење, Чалгија саунд систем како да ја откри најважаната тајна која ја носи во себе чалгијата – а таа е одлепувањето од индивидуализмот и залепувањето за заедничкото убаво и добро.

Бендот првиот албум го објави во 2010 година со истоимен албум во кој беа без никакво двоумење отсвирени и отпеaни некои од најубавите македонски чалгиски песни.

Созревајќи, во 2019 год, бендот го издаде својот втор албум именувајќи го „Тихувај“ како провокација за авторски поглед на нова чалгија во која беа вметнати современи звуци.

Летото 2023 Чалгија саунд систем направи омаж на еден од последните охридски трубадури – Климе Садило изведувајќи ги неговите незаборавни виолински делници без никакви додавки или преаранжирања положувајќи го тестот на строгата охридска публика.

Чалгија саунд систем е бенд кој уште од почетокот наиде на одличен прием во Македонија остварувајќи со тоа огромен број концертни настапи насекаде.

Но Чалгија саунд систем ги пренесува звуците на чалгијата и низ светот одржувајќи концерти во Турција, Грција, Србија, како и на еден од најголемите фестивали на музика на светот во Рудлштад, Германија каде во 2022 година ја делеше сцената со најголемите ѕвезди на балканските и светските простори, што од жанрот ворлд музика, што од рокенрол фелата.

(ФОТО) Дивеењето продолжува на 50 метри од МВР Прилеп

Прилепските липи и оваа сезона го дочекаа својот “масакр”. Само што процутеа и ги раширија своите големи зелени крошни, како по обичај овие дрва се уништуваат заради цветот кој го “берат” одредени наши сограѓани, ако ова воопшто може да се нарече берење.

Овие дрва кои ги има на многу локации низ Прилеп, секоја пролет се уништуваат до последно, а нивните крошни го губат целиот раскош.

Сликата е иста во сите паркови и низ градските булевари. Апел до граѓаните кои го собираат плодот на овие дрва, да го прават тоа на начин на кој доликува и да не им ја одземаат ладовината на останатите своите сограѓани. Ваквата слика е срамна и дава неубав изглед на целиот град.

Апел и до МВР, да водат повеќе сметка и да го заштитат општественото добро од ваквите несовесни берачи…

Николоски: Формирано e Координативно тело за реализација на договорот со Велика Британија – работата на терен за брзата пруга ќе започнат наесен

Владата на вчерашната седница ги отпочна првите чекори за реализација на Договорот со Велика Британија и веќе е формирано Координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, информираше денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

-Членови на координативното тело покрај мене се: Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Министерот за дигитална трансформација, Министерот за здравство, директорот на Македонски железници-Инфраструктура, Генералниот секретар на Владата и Државниот првобранител, а телото може да кани и други гости по потреба, кои што ќе ја следат реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, истакна вицепремиерот Николоски.

Николоски додаде дека на вчерашната владина седница е направен и првиот чекор, за отпочнување на проектот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, од границата со Грција до границата со Србија.

-Имено Владата на предлог на Министерството за транспорт, донесе Одлука, со која што се задолжува Министерството за финансии, на меѓународниот финансиски пазар, низ една отворена и транспарентна процедура, да изнајде финансии за спроведување на овој проект. Должината на пругата треба да се некаде над 200км., истата треба да е двоколосечна, во патничкиот сообраќај треба да има брзина од 160км/ч, а во карго сообраќајот треба да има брзина од најмалку 120км/ч и рокот за реализација треба да е некаде 5 години. Очекуваме во текот на летните месеци да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот, и секако да одиме кон фаза на избор на изведувач, кој што би почнал уште од оваа есен да работи на теренот. Ќе работиме во заеднички проект, каде што и проектирањето и изведбата ќе бидат од еден изведувач и најверојатно ќе се оди според FIDIC правилата или според така наречен жолт FIDIC или според така наречен среден FIDIC, изјави вицепремиерот Николоски.

Велешката „Рацин“, минијатурата „Вампири“ и дипломска на ФДУ на 6. ден на МТФ „Војдан Чернодрински“

Три претстави со полни гледалишта беа одиграни на петтиот фестивалски ден во Прилеп. Драмски театар со „Парови“ ја наполни големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ до последно столче, „Бура“ на прилепскиот театар, прв пат се изведе на сцената на „Цепенков“ откако е ставен клуч на театарот, а во алтернативен простор во кафе-бар „Тротоар“ настапи актерот Хакан Даци со монодрамата „Ла Макбет“ во режија на Хакан Даци.

Тркалезните маси предзивикуваат внимание на фестивалот. Вчера простор беше одвоен за претставата „Ричард Трети“ од Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши. Класичното дело на Шекспир е негово препрочитување, осоременување за да биде поблиско до денешната публика, нагласи модераторот Звонко Димоски. Претставата длабоко навлегува во најтемните слоеви на главниот лик, Ричард Трети.

-Претставата беше долга, комплексна, всушност, како што е и текстот на Шекспир. Се разбира, не беше едноставно да се следи истовремено и преводот. Режисерот Бектеши овој класичен текст го направил со многу современи изрази и некако филмски. Прашање е колку се инспирирал од филмот од 1955 година. Пренесувањето на „Ричард Трети“ во денешно време во популистички, фашистички контекст, слично на филмот, беше голем предизвик и одлично дело поставено на театарската сцена, рече Димоски.

Главниот актер, Адем Карага, кој и, буквално, го презеде најголемиот товар, и физички и психички, на улогата на сцена беше фасцинантен. Карага, во име на режисерот и во сопствено име како актер ги пренесе согледувањата за сценскиот израз.

-Секоја година сум на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и ми е посебно задоволство. Работата на претставата беше напорна полни три месеци. Мене ми требаше време да се „одлепам“ од таа класика за да дојдам до денешново време. Шекспир е Шекспир. Режисерот имаше јасна визија. Неговата визија е да го донесе Шекспир во денешно време. Идејата беше да ја претставиме денешницата и каде таа нѐ води, рече актерот Адем Карага кој го толкува ликот на Ричард Трети.

Карага одговори отворено како се спротивставил на физичката и психолошката тежина на ликот.

-Ние сите, како чисти битија, доаѓаме на светов. Околностите нѐ прават зли. Ричард има физички мани, а конфликтот со околината го прави трагичен лик. Јас сочувствував со него, одговори Карага.

Актерот Шкумбин Истрефи од Приштина имаше прва соработка со режисерот и оствари двојна улога во првата своја претстава.

-Ги играв двајцата браќа на Ричард Трети. Чест ми беше што сум првпат на Фестивалот. Адем е актер кој влегува во длабочината на ликот и мене потоа ми беше лесно. Концептот на режисерот дека сите ние, браќата, сме Ричард, рече Истрефи.

Впечатливи, доминантни улоги имаа и трите женски актерки во претставата. Едната од нив, Сабина Мемиши Асланај која имаше двојна улога, на војводата од Јорк и граѓанин смета дека претставата ја вратила во детството и желбите за актерството.

-Улогите беа лесни, но за улогата на принцот, требаше да „излезам“ од себе и да се трансформирам, рече Мемиши Асланај.

Претставата доби многу честитки од присутните на разговорите. Уметничкиот директор Ана Стојаноска нагласи дека музиката бил моќна.

-„Ричард Трети“ е многу тешка драма. Во театар треба сѐ да се замисли. Претставата нуди многу сериозна анализа на Ричард Трети. Мора да кажам дека Албански театар, како колектив, е најорганизираниот театар и сте пример како тоа се прави во една театарска куќа, рече Стојаноска.

Денес на програмата на фестивалот се исто така три претстави. Од официјалната селекција во 19 часот на големата сцена на „Марко Цепенков“ ќе биде изведена „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Улогите ги толкуваат: Исидор Јованоски, Васил Зафирчев, Талија Настова, Славица Манаскова, Весна Димитровска, Јордан Витанов, Кети Борисовска, Кристина Зафирова, Благојчо Стојанов, Илин Јовановски и др.

Од независната сцена денес ќе ја видиме претставата „Вампири“ на режисерот Милош Б. Андоновски, што ќе биде изведена во киното „Мис Стон“ во 21.30 часот. Во оваа претстава учествуваат Ангела Стојановска, Филарета Атанасова и Марина Поп Панкова.

На полноќ, на сцената на „Марко Цепенков“ ќе биде изведена „Тука ќе ни биде крајот“, дипломска претстава на студентите на Драмскиот факултет во Скопје од класата на професорите Сузана Киранџиска и Кристина Леловац.

Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп. И оваа година фестивалот има предзнак екофестивал и има соработка со „Пакомак“. Спонзори се: Витаминка, Прилепска пивара и Diners Club International.

Ова се првенците на генерација во основните и средните училишта во Прилеп (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Со традиционалната “Палачинкијада” вчера на Камената бина во центарот на Прилеп, беше означен крајот на школската година и беа прогласени првенците на генерација во прилепските основни и средни училишта.

Од градоначалникот на општина Прилеп, најдобрите ученици добија ДИПЛОМИ и пригодни подароци од општина Прилеп.

Честитки за сите ученици, им посакуваме да имаат прекрасен летен распуст и уште многу успеси во иднина!

Немаше ученик без знаме! Полуматурантите од Кичево се деца за пофалба (ВИДЕО)

Денес низ улиците на Кичево на секој чекор можеше да се видат млади момчиња и девојчиња, кои гордо ги носеа македонските знамиња, славејќи ја својата полуматура со песна и музика – стои во објавата на ФБ страната “BELICA – БЕЛИЦА”

Eдна прекрасна глетка која ги освои погледите на сите минувачи.

Сите заедно да им посакаме многу здравје, среќа и уште повеќе успеси во иднина на секое животно поле! Едно огромно БРАВО!

Мицкоски: Од септември студентите ќе добиваат по 250 евра за набавка на електронски уреди

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денес изјави дека Владата планира ученички стипендии за наредната година, а во однос на новинарското прашање за најавата на Владата за помош на студентите за набавка на електронски уреди, изјави дека во Буџетот се предвидени по 250 евра за електронски уреди

-250 евра за електронски уреди. Тие пари се предвидени во буџетот. Процедурата во рамките на Владата, односно Генералниот секретаријат е отпочната. Се дефинираат критериумите и нормално е дека чекаме да отпочне новата студентска година затоа што еден од критериумите е да студентите имаат заверен семестар. И ги чекаме овие бруцоши коишто сега ќе се запишат за да го заверат семестарот и да може да ги добијат тие 250 евра помош од државата за купување на електронски уреди.Така што веќе во септември месец, јас сум сигурен дека тоа ќе се случи. Така што еве, сите оние коишто, политички партии коишто во паузата од некрофилија, рефлектираат и ваков тип на дилеми во јавноста, еве ја користам оваа прилика да ги разубедам и да им кажам да бидат спокојни. Тоа што ВМРО и оваа Влада ветуваат, во којашто се политичките партии ВРЕДИ, коалицијата ВРЕДИ, политичката партија ЗНАМ и нашата коалиција, тоа што ние го ветуваме, тоа го испорачуваме, но се разбира во зависност од приоритетите, бидејќи многу приоритети има, мора многу дупки и многу лоши работи од минатото да се санираат коишто ги наследивме. За овие година дена мислам дека успеавме многу од тие лоши работи, еден од тие е и овој објект, да ги санираме. Така што мислам дека последната бројка е на приватните и државните универзитети, некаде околу 55 илјади студенти, со заверка на семестар ќе може да ги користат овие 250 евра за набавка на електронски уреди од септември – изјави Мицкоски.