дома блог страница 409

Кога инфлацијата ти чука на врата, а Excel табелите ти изгледаат како хиероглифи (ФОТО)

P2P.mk нуди поедноставен – и попаметен – начин да се зборува за вложување

 

Во време кога цените растат побрзо од платите, а штедењето изгледа како навика од друго време, се случи нешто освежувачки поразлично – на еден афтерворк во Битола.

Под насловот „Во што да вложиш кога животот ти е инфлација?“, платформата P2P.mk и коворкинг просторот QworkinGo организираа настан кој не наликуваше на класичен финансиски семинар – туку на вистински разговор што можеше да го разбереш и без диплома од економски факултет.

Главниот говорник – Теодор Тодоровски, од P2P.mk, зборуваше искрено, без доза на елитизам:

„Повеќето луѓе мислат дека инвестирањето е за некој друг – не за нив. А вистината е дека токму тие што мислат така, имаат најмногу да добијат ако се информираат.“

Од тоа што всушност претставува peer-to-peer моделот, до законските рамки, финтек трендовите и реалната примена на алтернативно финансирање – публиката доби брз, концизен crash-course без конфузен финансиски жаргон.

Зошто ова е важно?

Македонскиот финтек пазар е уште во рана фаза – но токму вакви иницијативи ја поместуваат границата.

P2P.mk не само што нуди дигитална алтернатива на класичните начини на вложување, туку и се труди да го исчекори надвор од меурот – директно до луѓето кои ретко се сметаат за „инвеститори“.

А можеби токму тие треба да бидат првите што ќе го сменат тоа.

📍 Настанот се одржа на 11 јуни во QworkinGo – Битола. Ова е првиот од низата едукативни формати планирани од страна на P2P.mk во 2025.

Жири комисијата одлучи: Ова се наградените на 59. издание на МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп

Жири-комисијата на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп во состав од: Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ ги доделува следните награди:

1.Награда за рекламен материјал со мнозинство на гласови доделува на Медина Хоџа за рекламниот материјал од претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар  – Скопје.

2.Награда за кореографија и сценски движења со мнозинство на гласови се доделува на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.

3.Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.

4.Награда за костимографија едногласно се доделува на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.

5.Награда за сценографија едногласно се доделува на Валентин Светозарев       за сценографија во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.

6.Награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за драматизација и адаптација на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен Театар – Битола.

7.Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови се доделува на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.

8.Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ Театар Комедија Скопје.

9.Награда за млада актерка едногласно се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски Театар – Скопје.

  1. Награда за женска епизодна улога со мнозинство на гласови се доделува на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на НУ НТ Комедија.

11.Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови се доделува на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на  НУ МНТ Скопје.

12.Награда за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата  „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

13.Награда за главна машка улога едногласно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар Битола.

14.Награда за режија со мнозинство гласови се доделува на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.

15.Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „12“.

– Специјална награда за колективна актерска игра едногласно се доделува на ансамблот на НУ МНТ – Скопје за претставата „12“.

Награда од публика „Слепци“, со просечна оценка 5.

Далматинска музика во Битола по повод Денот на државноста на Република Хрватска (Фото галерија)

По повод Денот на државноста на Република Хрватска, во Културно-информативниот центар (Офицерски дом) во Битола се одржa свечен настан во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола. На почеток после хрватската и македонската химна, гостите ги поздравија др.спец. Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскиот културен центар, Стјепан Домјанчиќ, воено аташе при Хрватската амбасада во Скопје.

„ Ги поздравувам сите присутни и гости на оваа манифестација, ден кога се одбележува еден датум значаен за хрватската историја“, изјави Маретиќ, и додаде: „Ден кога хрватскиот Парламент донесе одлука во 1991 година да се одвои од бивша Југославија и да се започне процесот на самостојна република Хрватска и ден кога е конституиран првиот демократски повеќе партиски Парламент на Хрватска. Денес ги славиме првите 35 години суверенитет на модерна демократска Хрватска, земја членка на ОН, Европа и НАТО. Oваа година ја одбележуваме и 1100-годишнината од Хрватското Кралство. Без познавање на сопствената историја и корени, ниеден самосвесен народ не можел да преживее на историската сцена, и затоа посебно им оддаваме чест на бранителите и на првиот претседател, д-р Фрањо Туџман.

Нашето здружение „Марко Марулиќ“ е основано кратко по тие историски 1990-ти, во 1994 година, фокусирајќи се првенствено на културни активности и зачувување на националниот идентитет, јазикот, културата, уметноста, фолклорот, музиката, но и на духовните вредности на хрватската нација, негувајќи ги и развивајќи ги хрватско-македонските врски и меѓусебните односи меѓу двата пријателски народи“. Военото аташе на РХ истакна дека му е мило што Маретиќ секогаш подготвува вакви манифестации за важни хрватски датуми, со уметничка програма.„Мислам дека нема подобар начин од тоа еден народ да се претстави преку уметноста, нема подобар начин како луѓе да се изразиме како преку уметноста“.

„Културните посети и соработки на Хрватскиот културен центар траат повеќе години, односно над 30 години организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција. Оваа година покрај многубројните проекти, горди сме на двата потпишани Меморандуми на соработка и тоа со Битолскиот театар и Битолската библиотека, институции важни за македонската култура, а кои одбележаа 80 години постоење“, речемНеда Маретиќ, одговорна за односи со јавноста на Хрватскиот културен центар и информираше дека „Клапското пеење е заштитено од Унеско, како нематеријално културно наследство на Хрватска, па затоа се одлучивме за претстацување на Клапа во Битола“.

Програмата понуди богата уметничка содржина. Препознатливиот далматински мелос, во Битола го пренесе далматинската женска клапа „Виоле“ од Дрвеник и женскиот хор „Градац“ од Општина Градац, Хрватска, настапија учениците од Државното музичко училиште – Битола како специјални гости и тоа: Лина Димовска и Мила Нечовска, а гостите ги пречекуваа девојки од КУД. Илинден во хрватски народни носии. Како дел од програмата беше и рецитацијата за Далмација на Ивана Пудар Пеќар.

Клапата Виоле е основана во 2001 година и оваа година одбележуваат 24 години непрекидна работа.  Ја негуваат изворната и компонираната клапска песна. Женскиот хор Градац е основан во 2007 та година .

Репертоарот им е составен од класични композиции, духовни и световни од сите музички периоди, со посебен акцент на хрватската изворна музика и домашните композитори, односно далматинските народни и концертни песни како и обработките на песни на познатите хрватски композитори. И двата состави се под раководство на Ивана Андријашевиќ.

„ Нашата соработка со Хрватскиот културен центар трае од 2016 година, веќе по трет пат сме во Битола, и со голема радост доаѓаме, од срце му заблагодарувам на господинот Маретиќ на поканата и гостопримството. Секаде каде гостуваме се трудиме да ја презентираме нашата музичка култура, традицијата на клапското пеење. Доста се трудиме околу програмата посебно кога гостуваме надвор од Хрватска, бидејќи сакаме нашите домаќини да го доживеат тој медитерански, далматински мелос, кој е близок до македонската култура, бидејќи Македонците како и Далматинците се доста музикални, емотивни“.

Во своето долгогодишно делување и клапата и хорот реализираа бројни настапи на поважни манифестации и фестивали, концерти, смотри, меѓународни натпревари во Хрватска и странство.

На крај заедно и подарија на публиката македонска песна „Брала мома капини“.

Публиката имаше можност да ја проследи и изложбата на фотографии „Хоризонти“ од авторката др.сц. Блага Петрески од Сплит. Таа е професорка, односно советник по ликовна уметност и култура, но и раководител на Агенцијата за образование и воспитување, подружница Сплит, излагала на повеќе самостојни и групни изложби во Хрватска и надвор од неа. Цела оваа програма беше заокружена со гастрономската понуда на гостите од Хрватска, кои за присутните подготвија препознатливи хрватски ликери, домашни колачиња, специјалитети карактеристични за Далмација, а потоа дружењето продолжи во ресторанот Премиер Центар.

Во текот на изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови, ги одбележа сите позначајни празници и датуми на РХ, организираше гостувања на актери, музичари, КУД-ови, групи, делегации од Македонија во Хрватска и обратно, се со цел збогатување на културниот мозаик на Битола, како и поголема соработка на двете пријателски земји. Настанот беше организиран во соработка со Културно-информативниот центар Битола, Општина Битола, Државното музичко училиште, Сплитско Далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Република Хрватска.

Фотографии: Ивона Кочов

Вечер за уживање! Трио Џентлемен ќе одржат целовечерен концерт во Прилеп

На 16 јуни 2025 /понеделник/ од 20.00 ч. во фоајето од НУЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи Трио Џентлемен.

Под слоганот „Македонска рапсодија“ на концертот ќе бидат исполнети следните композиции:

  1. Тајно моја
  2. Кога те нема
  3. Чукни во дрво
  4. Штом се сака
  5. Che sara
  6. L’Italianovero
  7. Mamma son tanto felice
  8. O sole mio
  9. Се посврши сербез Донка
  10. Мајка на Марика думаше
  11. Јовано Јованке
  12. Не стој Доне, Донке

Биографија на Трио Џентлемен

Трио Џентлeмен е составено од тројца професионални оперски  пеjачи: Дејан Стоев-тенор, Кристијан Антовски-баритон и Јане  Дунимаглоски-тенор.

По урнекот на светските поп-класични состави се трудат тој жанр на пеење за прв пат да го презентираат и на  нашите простори. На нивниот репертоар освен класичните композиции се наоѓаат и најголемите светски поп хитови изведени во поп-класичен манир, наполитански канцони, шпански песни, руски романси и секако македонското творештво. За ова кратко време колку што постојат (9 години) имаат настапувано низ цела Македонија и надвор од нејзините граници (со свои целовечерни концерт како и дел од големи манифестации и музички фестивали во Македонија и странство.) Нивните настапи се познати по тоа што секогаш нудат нешто ново нешто не видено на нашите простори.Различни ги прави тоа што прават спој на операта, оперското пеење со различни жанрови како поп, латино, џез, рок композиции и сето тоа во еден нов и специфичен звук, тризвук интрепетиран од тројца оперски пејачи.

26-годишна девојка од Битола со нож ги избодила своите баба и дедо

-На 11.06.2025 во 13.40 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола ја лишиле од слобода Е.Т.(26) од Битола. Според пријавеното, околу 13.00 часот во семејниот дом, таа со остар предмет им нанела убодни рани на својата баба Н.С.(70) и својот дедо П.С(78).

Тие биле пренесени во Клиничка болница Битола за укажување помош, а Е.А. била задржана во полициска станица, по што била спроведена во здравствена установа за понатамошна постапка.

Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.

44 студенти од Универзитетот “Св. Климент Охридски” ќе реализираат летна универзитетска пракса во Општина Битола и јавните претпријатија

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес им посака успешна работа на 44 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, избрани на јавниот повик за универзитетска летна пракса, објавен од Општина Битола во соработка со Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО.

Овој проект, која се реализира по трет пат, годинава привлече најголем интерес досега, со рекорден број на избрани практиканти.

Летната пракса ќе се одвива во одделенијата на Општината и во јавните претпријатија, во текот на месеците јули, август и септември. За време на праксата, секој студент ќе има можност да работи еден месец и за тоа ќе добива месечен нето надоместок од 10.000 денари, обезбеден од буџетот на Општина Битола.

Целта на оваа иницијатива е стекнување практични вештини и искуство во реалниот сектор, што ќе им биде од значење на студентите во нивниот понатамошен професионален развој.

Градоначалникот Коњановски им се заблагодари на студентите за покажаниот интерес и им посака успешна работа, нагласувајќи дека со своето ангажирање тие не само што ќе придонесат кон работата на институциите, туку и ќе добијат вредни практични знаења.

„Преку директно вклучување во работните процеси, студентите ќе имаат можност полесно да го применат теоретското знаење, но и да се соочат со реалните предизвици што произлегуваат од реализацијата на проекти и административни активности. Со воведувањето на универзитетската летна пракса, правиме значаен чекор напред – им даваме шанса на младите да бидат активни чинители во планирањето и спроведувањето на иницијативи. Ова не само што носи нови идеи и свежа енергија, туку создава и простор за напредок и заедничко градење на подобра иднина. Верувам дека токму преку знаењето, посветеноста и ентузијазмот на студентите, можеме заедно да придонесеме Битола да стане уште поубаво и попривлечно место за живеење. Ви посакувам многу успех во работата“, рече градоначалникот Тони Коњановски, во своето обраќање пред студентите.

Еве како Прилеп пред 12 години се претстави пред 1.5 милјарди народ – Време е оваа соработка да се возобнови (ВИДЕО)

Деновиве пред 12 години, делегација на Општина Прилеп, предводена од тогашниот градоначалник Марјан Ристески престојуваше во 4-милионскиот кинески град Дејанг. Ристески со себе предводеше и голема бизнис делегација која беше претставувана од најголемите прилепски компании, а во Кина беа дочекани на највисоко ниво, со големи почести и со пренос на национална телевизија.

Беа тоа златни денови за Прилеп со големи можности кои се отвараа за прилепската економија. Ристески и градоначалникот на Дејанг тогаш потпишаа и Меморандум за воспоставување на пријателска соработка помеѓу Општина Прилеп и Општина Дејанг, во кој меѓу другото се вели:

„Двете страни, по официјалните состаноци помеѓу лидерите на двете општини, по посетата на компании во Општина Дејанг како и по разговорите помеѓу претставниците од бизнис секторот од двете страни планираат да воспостават мултилатерална размена и соработка на полето на економијата, трговијата, наука и технологија, туризам, образование и др”.

Oва соработка се негуваше и ветуваше да прерасне во нешто многу поголемо, но се’ престана со промената на локалната власт во 2017 година.

И покрај тоа, “старите” пријатели се сетија на Прилеп за време на Ковид кризата и испратија донација во материјали за заштита од епидемијата.

Посетата на прилепската делегација подоцна беше возвратена, па Кинезите го посетија Прилеп и беа гости во најрепрезентативните прилепски компании.

Ако се има во предвид фактот дека збратимениот со Прилеп, Дејанг има четири милиони жители, двапати повеќе од Македонија, а провинцијата Ченг Ду преставува огромен пазар и економски потенцијал, редно време оваа соработка да се возобнови и да се направат обиди за да се направи нешто повеќе за Прилеп.

Општина Прилеп објави јавен повик за избор на најдобар воспитувач, најдобар неговател и најдобри наставници по одделенска и предметна настава

Општина Прилеп објави јавен повик за избор на најдобар воспитувач, најдобар неговател и најдобри наставници по одделенска и предметна настава.

Јавните повици ќе траат по 5 денови, а висината на наградата ќе изнесува 20.000 денари поединечно.

Јавните повици со начинот и условите за аплицирање можете да ги погледнете на следните линкови:

ЈАВЕН ПОВИК за доделување награди за најдобар воспитувач и најдобар неговател

ЈАВЕН ПОВИК за доделување награди за најдобар наставник во одделенска и предметна настава

Излетал од патот со товарно возило: Жител од Кривогаштани заврши со тешки повреди

-На 11.06.2025 во 17.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Велес-Скопје, во близина на наплатната станица Петровец, товарно возило „опел комбо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.М.(43) од с.Кривогаштани, прилепско, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје – информираат од МВР.

Крушевчани се мобилизираат, гневот ќе го истурат пред општината: Цела недела чад и смрдеа ги труе! (ФОТО)

Деновиве одново гори депонијата во Крушево, крушевчани се гушат и со денови дишат тосичен чад, а во градот се шири неподнослива миризба.

Пожарот е активен од 5. јуни, а крушевчани веќе се мобилизираат на социјалните мрежи за да го искажат својот гнев пред општинската зграда.

-Време е крушевчани сите заедно да го блокираме влезот на општинската зграда, сега е во прашање здравјето на граѓаните, а во ваков случај нема наши ваши…Сите пред општинската зграда, градоначалникот да даде одговор пред граѓаните – напиша на ФБ, Билјана Проеска.

Градоначалникот пред една недела напиша, дека вклучена е целата механизација со која располага општината и комуналното претпријатие и дека состојбата е под контрола.

-Свесни сме за сериозноста на ситуацијата, последиците по животната средина и здравјето на граѓаните, и Ви уверуваме дека веќе се преземаат сите потребни мерки. Првичните анализи укажуваат дека пожарот бил предизвикан од високи температури во комбинација со несоодветно складиран отпад и самозапалување на гасови. Апелирам до граѓаните да избегнуваат движење во близина на депонијата и да ги затвораат прозорците додека трае интервенцијата. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира итната потреба од системско решавање на проблемот со дивите депонии. Општината веќе работи на план за целосна санација на ваквите локации и имплементација на одржливи решенија за управување со отпадот. Ќе продолжиме со транспарентно информирање на јавноста и преземање на сите неопходни мерки за заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните – напиша Христоски на социјалните мрежи.