дома блог страница 394

Кривични пријави за четворица прилепчани кои нападнале полициски службеници

-СВР Битола поднесе кривична пријава против А.С.(22), Д.М.(25), А.М.(18), К.Р.(22) и М.М.(48), сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 14.06.2025 во угостителски објект во населбата “Точилa” во Прилеп, тие нападнале полициски службеници – информираат од МВР.

Концерт на женскиот камерен хор „Керамија“ на летната сцена од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп

На 4 јули 2025 /петок/ од 19.30 часот на летната сцена од ЦК „Марко Цепенков“  ќе се одржи концерт на женскиот камерен хор „Керамија“. Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам. Гости на концертот се КУД „Стив Наумов“ од Битола и Градскиот камерен хор „Астибо“ од Штип.

Програма:

Женски Камерен хор „ Керамија “

1.Ave Maria – Vitorio соло Катерина Попоска

2.Ubi Caritas – Ola Gjelo

3.Zum Gali Gali – Israel Folk Song *Инструментална придружба Магдалена Ковилоска флејта Андреј Димоски бонгоси

4.Mamma Mia – ABBA соло Ане Чесноска

5.Ли ду ду – муз. Григор Копров -Васил Хаџиманов. арр. за хор Бурим Хидри

Куд. Стив Наумов Битола

  1. Тајно моја-Д. Темков
  2. Кољо гидија – А. Лековски
  3. Голем чечкалица – Д. Величкович
  4. Bullerengue – J. Antonio
  5. We will rock you – M. Brymer

Градски камерен хор “Астибо” Штип:

  1. Химна на Св. Климент Охридски – Кирил Македонски;
  2. Кумановка 5 – Трајко Прокопиев;
  3. Го пратиле дедо… – народна, арр. Ивана Ѓурѓевиќ – Јанков;
  4. El Condor pasa – Daniel Alomia Robles;
  5. Historia de un amor – Carlos Almaran;
  6. The Lion sleeps tonight – Solomon Popoli Linda.

 

 Биографија на хорот: Женски камерен хор „Керамија“

Женскиот камерен хорот „Керамија“ е формиран на 11.01.2023година во Прилеп под иницијатива и диригентска палка на Катерина Попоска од Прилеп, дипломиран музичар теоретичар педагог.

Во хорот членуваат ентузијасти и вљубенци во хорската уметеност.
Специфично е името „Керамија“ но тоа го означува античкот град Керамија, кој се простирал на задниот дел и ѕидините од Марковите Кули, кој е синоним на градот Прилеп.

Жкх.„Керамија“ е единствениот еднороден женски хор во Прилеп, во него членуваат и аматери  и девојки со музичко образование, но со голем стаж во хорската уметност, кој во многу кратко време покажа дека можи да се носи со тежина на материјал, обемна работа и професионалност на рамниште со професинални хорови. Хорот со досегашната работа има обработено композиции од духовен карактер, комерцијални англиски и божиќни хитови и македонски староградски и народни песни.

Целите на хорот е да се негува хорското пеење и традиција како дисциплина. Афирмација како единствен женски хор од Прилеп за афирмација во Македонија и за афирмација и надвор од границите на државата.

Женскиот камерен хор „Керамија“изминати настапувања од ревијален карактер:

  • 24-25 Јуни 2023 – Интернационалниот фестивал на хорска музика „ТеХо“ 2023 во Тетово, поддржан од министерство за култура за на Р.С.Македонија.
  • 16 Септември 2023 – Фестивалот за камерни хорови „Астибо“ Штип, поддржан од министерство за култура на Р.С.Македонија.
  • 12.2023 „Божиќен базар“ Шумски фенери – Битола.
  • 12.2023 „ Зимска приказна “ во Битола, поддржан од општина Битола.
  • 12.2023 „ Новогодишен базар “ во Прилеп, поддржан од општина Прилеп.
  • Специјална награда на Интернационалниот фестивал „Арт Ин“ Кавадарци
    (30.05-03.06.2024 год.)
  • Прво место во Камерна музика на Интернационалниот Пијано Фест во Битола
    (7-9.06.2024 год.)
  • Интернационален хорски фестивал „ТеХо“ 2024, жкх. „Керамија“ од стручната јавност е избран за најдобар фестивалски перформанс.
    (30.06.2025 год.)
  • Староградски средби во Прилеп „Звуците на градот“ (18.07.2024)
  • Хуманитарен настап во „Св.Петка“ Прилеп (24.07.2024)
  • Фествал за камерни хорови „Астибо “ Штип , освоена 1 награда (06.10.2024)
  • Гости на Годишен концерт на КУД„Пере Тошев“ од Прилеп (20.10.2024)
  • Целовечерен концерт на ЖКХ.„Керамија“ , (11.11.2024 ) Поддржан од министерство за култура.
  • „Пелистерски базар“ (16.12.2024)
  • Номинација за 12 Величествени – Доделување на наградите (12.02.2025)
  • Вклучување во проект на проф. Димитрије Бужаровски (02.03.2025)
  • Интернационален фестивал „ТеХо“ 2025 (27-29.06.2025)

Предвидени идни активност:

  • Октомври 2025 предвиден е настап во Молдавија.

30 години Кожувчанка – Јубилеј на успех, партнерство и визија (ФОТО)

Компанијата Кожувчанка денес го одбележа својот голем јубилеј – 30 години постоење со ПР настан на кој присуствуваа партнери, пријатели, новинари, претставници од институции и деловни соработници од земјата и странство.

Настанот се одржа по повод три децении успешна работа на Кожувчанка -компанија која од 1995 година израсна од локален производител во бренд со национално и меѓународно признание. Присутните имаа можност да слушнат инспиративни обраќања од водечките луѓе од компанијата, нејзини долгогодишни партнери, како и претставници од институциите.

Г-дин Бранко Азески, Претседател на Стопанската комора на Македонија

Г-динот Азески ја имаше таа чест прв да се обрати. Тој ја потенцираше улогата на компанијата Кожувчанка како пример за успешно македонско претпријатие. Исто, говореше и се осврна на одличната соработка помеѓу Комората и Кожувчанка низ годините, потенцирајќи ја нивната заедничка заложба за подобрување на деловната клима и охрабрување на другите домашни брендови.

Г-ѓа Јанинка Чупаркоска, Генерален менаџер на Компанијата Кожувчанка

Во своето обраќање, г-ѓа Чупаркоска ја истакна благодарноста кон сите кои се дел од 30-годишната приказна на Кожувчанка – вработените, потрошувачите и партнерите:

Тоа што не’ прави посебни и истрајни сето ова време пред сè се луѓето нашите верни потрошувачи, посветеноста на нашите вработени, како и поддршката од нашите партнери и соработници.“

Таа се осврна на почетоците од 1995 година, кога Кожувчанка започнала со неколку вработени и еден производ, а денес брои преку 70 производи, присутни во секојдневието на македонските семејства и пошироко.

Исто, зборуваше за постојаните инвестиции во производство, квалитет и одржливост, како и за извозните успеси на компанијата.

Г-дин Марио Маис, Маркетинг менаџер на Sinalco International Brands

Г-дин Маис, долгогодишен стратешки партнер на Компанијата преку брендот Sinalco, зборуваше за исклучителната доверба и професионалната соработка која трае веќе две децении.

Тој ја истакна Кожувчанка како пример за лојалност, квалитет и стабилен развој на локалниот пазар:

„Соработката со Кожувчанка не е само деловен однос тоа е долгорочно партнерство засновано на доверба, визија и заеднички успеси. Вашата истрајност и интегритет се инспирација.“

На крај од говорот кажа за важноста на синергијата помеѓу локалните производители и глобалните брендови, и ја најави подготвеноста од Sinalco International Brands за нови, заеднички проекти со компанијата Кожувчанка.

Г-дин Митко Јанчев, Градоначалник на Општина Кавадарци

Митко Јанчев со голема емоција зборуваше за почетоците на компанијата, визијата на неговите татко и чичко и патот до денешниот успех:

„Со голема чест и особена гордост ви се обраќам денес, на денот кој е од голема важност за мене и мојата фамилија – 30 години од постоењето на Кожувчанка.“

Тој го  најави и новиот бренд – Aqua Mila, природна изворска вода која го носи името на неговата ќерка:

  „Со ова претставување на нашиот нов производ пред вас, сакам да ѝ го честитам роденденот и на мојата ќерка Мила по која е крстен овој бренд.“

Јанчев објави и планирана соработка со СОС Детското село, со цел поддршка на децата и вложување во нивната иднина:

  „Тоа е она на кое сум најмногу горд – на моето семејство, на компанијата и на луѓето-партнери со кои секојдневно учествуваме во градење на подобро општество за сите.“

На крај, изрази благодарност кон сите потрошувачи, соработници и пријатели на компанијата:

„Се гордеам и сум благодарен на сите вас наши пријатели и соработници, на нашите верни потрошувачи и на сите што веруваат во оваа наша приказна.“

За Кожувчанка

Основана во 1995 година, Кожувчанка денес е еден од лидерите во македонската индустрија за производство на вода, алкохолни и безалкохолни пијалаци, со портфолио од над 70 производи и присуство на повеќе странски пазари. Компанијата е позната по квалитет, иновации и општествена одговорност, како и по своите долгорочни партнерства – како со Sinalco, така и со многу локални дистрибутери и институции.

Марјан Ристески со одлична објава за најважниот проект за Прилеп (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Од денеска пуштен во употреба е експресниот пат од Дреново до Фариш во должина од 10,2 километри. Оваа делница е дел од експресниот пат Градско-Прилеп, односно првата делница од Градско до Фариш во должина од 16,5 километри беше пуштена во јануари годинава, а сега делот од Дреново до Фариш. Изградбата чини 44,7 милиони евра, средства кои се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Со изградбата на оваа делница Од Скопје до Прилеп ќе се патува за околу 1 час и 15 до 20 минути, а до Битола за час и 40-тина минути.

Своја ретроспектива за изградбата на експресниот пат, кој патем е еден од најзначајните проекти за Прилеп и Пелагонија досега, даде актуелниот заменик министер за економија и труд, Марјан Ристески, чија објава на социјалните мрежи во целост ја пренесуваме во продолжение:

Хронологија на изградбата на патниот правец Плетвар и експресниот пат Градско – Прилеп (Фариш – Дреново II Фаза):

▪️Вековен сон на прилепчани и битолчани (Пелагонија), како единствено поврзување со останатиот дел од Македонија и светот… “слепо црево” со бројни жртви, сообраќајни несреќи, губење време, високи транспортни трошоци, неатрактивност за инвестиции…

▪️Иницијативата започна за време на мандатот на тогашниот градоначалник г-дин Глигор Иваноски (ВМРО-ДПМНЕ), кога беа собрани потписи од вкупно 49 тогашни градоначалници и општини во Македонија, за давање на итност и приоритет за изградба на патот Плетвар

▪️Во време на тогашната Влада на ВМРО – ДПМНЕ започна изградбата на третата лента на превојот Плетвар

▪️ Наредната Влада на ВМРО – ДПМНЕ продолжи со изградба на делови од третата лента Плетвар

▪️ Проектирањето за изградба на експресниот пат Градско – Фариш започна во 2009 година за време на Владата на ВМРО – ДПМНЕ

▪️ Во 2016 година започна изградбата на овој експресен пат повторно од страна на Владата на ВМРО – ДПМНЕ, подоцна стопиран и забавен од страна на Владата на ДУИ И СДСМ

▪️ Денес, 30.06.2025 година пуштен во употреба од новата Влада на ВМРО – ДПМНЕ која работеше со засилено темпо во текот на оваа година за конечната реализација на овој патен правец, но и реализацијата на подобрување на комплетната инфраструктура во целата држава

🔸️Големо благодарам од целата Пелагонија, до Премиерот Hristijan Mickoski , Министерот за транспорт Aleksandar Nikoloski , Директорот на ЈПДП Коце Трајановски и сите инволвирани во реализација на овој вечен сон на сите нас кои живееме во овој дел на Македонија. ПРОДОЛЖУВАМЕ ПОНАТАМУ! – напиша Ристески.

Николоски: Од Скопје до Прилеп ќе се патува за околу 1 час и 15 до 20 минути, а до Битола 1 час и 40-тина минути

Од Скопје до Прилеп ќе се патува за околу 1 час и 15 до 20 минути, а до Битола за час и 40-тина минути, истакна денеска во своето обраќање при пушањето на делницата Дреново – Фариш до Прилеп вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Владата претходно не помислила ако цела не карпа туку планина виси над патот, дека е возможно во дадени временски услови недај боже истата може да се сруши на патот и затоа на крајот од минатат година заедно со премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем и еве го денес решен, ќе можете да го извозите овој пат и да видите дека таа планина не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбеден начин за комуникација, што ќе значи од Прилеп за Скопје ќе може да се доаѓа од некаде за за 1 час и 15 до 20 минути, од Скопје до Битола да се патува од некаде за 1 час и 40тина минути, а секако после реализацијата на проектот Прилеп-Битола каде што доста интензивно се работи, за многу многу пократко, истакна Николоски при пуштањето на овој дел од оваа делница.

Николоски: За изградба на делницата Дреново – Фариш до Прилеп буквално е преместена планина, граѓаните добија максимално безбеден пат

-Навистина е големо задоволство што ова лето граѓаните од тиквешкиот регион, од Прилеп, од Битола, од Ресен, од Могила, од Новаци, од Кривогаштани и оние кој што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да поминат дел од одморот ќе можат да го користат овој експресен пат, рече Николоски.

Николоски потенцираше дека токму за оваа делница е поместена планина со цел граѓаните да добијат безбеден пат.

-Сакам да честитам на сите оние кои што беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите оние кои што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг, после автопатот Кичево-Охрид ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Буквално планина се премести за да се изгради овој пат и да биде безбеден што е многу значајно, појасни Николоски.

Николоски појасни дека пуштањето на патот беше одложено неколку месеци за да бидат отстранети сите пречки и граѓаните безбедно да патуваат.

ВО ЖИВО: Се отвара за сообраќај делницата со тунелите на експресниот пат Прилеп-Градско

Во употреба денеска напладне ќе биде пуштена делницата Дреново – Фариш до Прилеп.

На пуштањето на делницата ќе присуствува претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, кој ќе има свое обраќање.

Ново поевтинување на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,30 % во однос на одлуката од 27.06.2025 година.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,00 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,605 ден/кг и сега ќе изнесува 39,583 ден/кг.

Од 1.7.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,583 (денари/килограм)

ИТНО ПРЕНЕСЕНИ ВО БОЛНИЦА: 41-годишна прилепчанка и малолетник паднаа од мопед на ул.”Васко Карангелески”

-На 28.06.2025 во 11.30 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул. “Васко Карангелески“ во Прилеп, 41-годишната А.С.М. управувајќи мопед со прилепски регистарски ознаки, изгубила контрола и паднала на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.С.М., а со телесни повреди се здобил нејзиниот малолетен сопатник, констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Прилеп – информираат од МВР.

Воодушевена публика после премиерата на „Едмонд“ во Битолскиот театар (ФОТО)

Долготрајни аплаузи и воодушевена публика беа само дел од најновата премиера во Битолскиот театар, и тоа на претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Мицевски е дипломиран режисер во класата на Слободан Унковски, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, со специјализација по Ибзен во Центарот Ибзен на Универзитетот во Осло, Норвешка. Во изминатите години, работеше во Данска, Унгарија, Франција и неговите претстави со голем успех се играат на сцените на најзначајните европски театри. Па така минатата година по втор пат беше дел од CPH STAGE фестивалот во Копенхаген, најголемиот театарски фестивал во Данска што ги собира најдобрите претстави од тековната сезона. Тој се претстави со неговата претстава “4.48 PSYCHOSIS” работена по текстот на најзначајниот современ англиски драмски автор, Сара Кејн. Во 2012 во Будимепшта го основал својот приватен театар Oliver Micevski’s Theatre Company, своевремено единствен театар на англиски јазик во Будимепшта. Последните неколку години живее и работи во Лондон.

„Мене ми е чест и задоволство што после 14 години, режисерот имаше шанса да ја презентира својата работа, токму во како што самиот истакнува „неговиот омилен театар“, Народен театар Битола. „Едмонд“ е многу различна претстава од се она што досега сум продуцирал како директор, нова, свежа, остра критичка претстава која отвора многу прашања. Авторот е добитник на Пулицерова награда, а неколку пати е номиниран за Оскар“, ни изјави директорот Васко Мавровски.

Тој додаде дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07. на Ротинското езеро.

„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле
25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава. Оваа година ќе биде запишана како рекордна година“.

„Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, истакнува режисерот Оливер Мицевски.

ЕДМОНД го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто ЕДМОНД го отвора е прашањето на слободата.

„Не случајно, мотото на ЕДМОНД е : “Внимавај што посакуваш.” Иронично, тој изјавува дека е конечно слободен и среќен дури на крајот, по сите перипетии, во затвор, со крајно лимитирана слобода на движење … Во времето во коешто живееме, каде што многу лесно може да имаме се, кога се ни е достапно, кога нашето “силување” на слободата не направи најнесреќни луѓе во историјата на човештвото, ЕДМОНД на Дејвид Мемет е повеќе од потребен. Не како лекција, бидејќи не верувам во дидактичен театар / театар што испраќа пораки, туку како можност за рефлексија на сите нас, да се запрашаме кои сме, каде одиме и какви сакаме да бидеме“, додава режисерот Мицевски.

Дранговски ни изјави дека навистина било предизвик да се работи оваа претстава со оглед на тоа што режисерот не сакал да прави театар кој сака да учи, кој сака да проповеда, кој сака да се преправа.

„Неговиот пристап кон театарот е рефлективен, и за еден таков театар во кој сте оставени да реагирате на околината каква и да е, дали би била сценографска, музичка, светлосна, актерска од останатите партнери на сцената. Авторот многу конкретно ги сместува ликовите во одредена перспектива и самиот режисер не смести нас, посебно мене, во одредени рамки. Рамки во кои има помалку реалистични движења, скоро и да немам никакви движења во претставата“.

Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.

„Ова беше едно интензивно, едно интересно, поинакво патување за сите нас. Претстава во која што сите се наоѓаме, еден текст кој зборува за тоа што го очекува човекот на патот во моментот кога ќе одлучи да си го промени својот живот, затоа што му е доста од секојдневието. Мислам дека повеќе или помалку сите сме се нашле во таа ситуација. Процесот беше, пак ќе речам, многу интересен, она што Оливер го побара од сите од нас да биде така, но да биде малку поинаку, е многу и едноставно и тешко“, вели костимографот Мицевски.

Тој сподели еден емотивен момент.

„Утрово проверив кога беше нашата прва средба со Мемет. Беше пред точно 30 години, кога американскиот режисер Роберт Еган постави три одночинки од Мемет на нашата сцена во септември 1995. година. Мислам дека тој автор заслужува почесто да биде на сцената со глед на тоа дека текстот навистина нуди асоцијации на современиот живот, на луѓето, на што сакаме, што можеме, што не можеме да промениме во животот“.

Битолскиот театар во големиот број на награди ги додаде и последните две значајни на последното издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, награда за драматизација и за главна машка улога. Следуваат гостувања и тоа со претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на јубилејното Македонско културно лето во Албанија. Во септември со оваа претстава се отвора театарскиот детски фестивал во Штип, „Силјан штркот“ во Прилеп, тука е и учеството со претставата „Ричард трети“ на фестивалот „Ристо Шишков“, на 25.септември на Денови на комедијата со „Рибарски караници“. Веќе е избрана новата програма за 2026 година, планирани се 9 премиери за кои три режисери ќе бидат од надвор.

„Ја поддржуваме македонската драматургија, македонските уметници, младите режисери, младите автори и акцентот бидејќи од 9 премиери 4 ќе бидат комедии, ќе биде на тој жанр и на претставите за деца, доаѓа и режисер од Белорусија“, додава на крај директорот Мавровски.

Фотографии Ивона Кочов