дома блог страница 37

Во Ликовната галерија на ЦК “Марко Цепенков”, отворена изложбата “Линија, форма и простор” од прилепскиот уметник Филип Перески

“ЛИНИЈА, ФОРМА И ПРОСТОР” е изложбата од уметникот Филип Перески , отворена синоќа во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп.

Поставката содржи слики и скулптури преку кои, како што вели м-р Викторија Димеска, уметникот ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и формата во тродимензионалниот простор.

-Неговото сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата….Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции-посочува Димеска, историчар на уметност.

Филип Перески е академски уметник, работи како наставник по ликовно образование во Прилеп и има реализирано повеќе самостојни и групни изложби и учествувано на колонии.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Лукароска по долга пауза докажа дека СДСМ постои во Прилеп

Претседателката на ОО СДСМ Прилеп, Петра Лукароска, после подолго време одржа прес конференција на која обвини дека локалната власт предводена од градоначалникот Проданоски не направила ништо за Прилеп во изминатите 10 месеци раководење со општината.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

“Како послушник и беспоговорен извршител на политиките на Мицкоски, Проданоски не почека отчетот за своето работење да го даде на крајот на првата година од 4-годишниот мандат, туку тоа го направи два месеца порано. И тоа не таму каде што единствено треба – во општинската зграда, пред своите сограѓани, туку во Скопје, од партискиот штаб во арамиската „Бела палата“.

Немајќи со што да се пофали, Проданоски посегна по туѓи проекти невешто обидувајќи се да ги прикаже како свои.
Граѓаните на општина Прилеп ги интересира каде се најавените обиколници „Исток“ и „Запад“, што се случува со најавениот спортско-рекреативен парк од 30.000 квадратни метри кај Волково, зошто во населбата Градина нема никакви градежни активности, што е со ветеното уредување на Градска река по целата нејзина должина, кога ќе биде готова новата градинка во населбата Рид?

Прилепчани сакаат да знаат кога ќе добијат нов театар, кога ќе бидат одиграни првите натпревари во двете спортски сали „Универзална“ и „Македонија“, зошто преку ноќ двојно се зголеми цената на мостот „Табана“, што се случува со улицата „Победа“, кој ги доведе во колапс јавните претпријатија, кој го загадува воздухот во Прилеп, зошто граѓаните плаќаат улично осветлување а прилепските улици со месеци се во мрак, зошто одбивате да ги наградите пожарникарите…?

За недоличниот настап на седницата на Совет и навредливите зборови кои градоначалникот Проданоски ги упати кон опозициските советници, пошироката јавност на социјалните мрежи веќе го искажа своето мислење.
Се’ на се’, за 10-те месеци на Дејан Проданоски во градоначалничката фотелја, една голема НУЛА!”

Прилепската болница покажа како треба да функционира здравството: Итно повикан и обезбеден тим од Скопје и изведена тешка операција

Кога здравствената состојба на пациентот бара итна реакција, навремената координација и достапноста на стручна медицинска помош можат да бидат од особено значење. Токму таков пример доаѓа од Прилеп, каде што по влошување на состојбата на пациент со повреда на ’рбетот, веднаш била започната организација за оперативна интервенција.

Како што информира директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп, д-р Кире Јоноски, по појавата на невролошки испади на долните екстремитети, тој стапил во контакт со директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, трауматологот и спинален хирург д-р Игор Мерџаноски.

Реакцијата, според директорот, била непосредна и професионална. Денеска, во сабота, д-р Мерџаноски пристигнува во прилепската болница, заедно со анестезиологот д-р Александар Димитровски и тим од ТОАРИЛУЦ, со цел заеднички да ја изведат оперативната интервенција и да му биде обезбедена најсоодветна здравствена грижа на пациентот.

„Ова е пример како треба да функционира здравствениот систем – со брза координација, меѓуинституционална соработка и достапност на специјализирани медицински тимови таму каде што се најпотребни“, наведува д-р Јоноски.

Тој упатува посебна благодарност до д-р Игор Мерџаноски, д-р Александар Димитровски и целиот тим на ТОАРИЛУЦ за професионалноста, одговорноста и подготвеноста веднаш да одговорат на потребите на пациентот.

Овој случај е позитивен пример за тоа колку е важно здравствените установи да соработуваат и специјализираната помош да биде достапна навреме, без оглед на денот, времето или околностите.

Грижата за пациентот не завршува со работното време. Напротив, токму во најтешките моменти се покажува значењето на одговорноста, стручноста и координираното функционирање на здравствениот систем.

Од ламинати до врати, и тоа врвен квалитет и широк избор – LTP подови Прилеп за комплетно уредување на домот

Кога се уредува домот, секој детал има свое значење. Од бојата на ѕидовите и мебелот, па сè до подот и вратите, токму правилниот избор може да направи просторот да изгледа топло, современо и целосно усогласено. За оние кои бараат квалитет, разновиден избор и практични решенија, LTP подови во Прилеп е адреса на која вреди да се погледне.

Сместен на улица „Прилепски Бранители“, во непосредна близина на Здравствен Дом Прилеп кон гимназијата, LTP подови нуди богата палета на материјали за уредување на подови и ентериери, со можност за избор од комплетниот асортиман на Flooring AGT и KAINDL.

Во понудата се достапни ламинати со дебелина од 8, 10 и 12 mm, во различни декори, нијанси и стилови, што овозможува секој купувач да пронајде решение според својот вкус и карактерот на просторот.

Без разлика дали станува збор за дневна соба, спална, детска соба, ходник или деловен простор, изборот на вистинскиот ламинат може значително да го промени изгледот на ентериерот.

Во LTP подови купувачите можат директно во изложбениот салон да ги разгледаат моделите и материјалите, да ги споредат различните декори и полесно да го изберат подот кој најдобро ќе се вклопи во нивниот простор.

Покрај самиот ламинат, LTP подови располага и со подлоги, лајсни и дополнителни материјали, со што купувачите можат да го комплетираат потребното за поставување на подот на едно место.

За оние кои сакаат професионална завршница, достапна е и услуга за монтажа, со што целиот процес, од изборот на материјал до поставувањето, може да биде поедноставен и поефикасен.

Посебно внимание заслужува понудата на Vinyl подови, кои се интересна и практична опција за различни видови простори. Тие се одличен избор и за летни бавчи, каде што со соодветниот избор на модел може да се создаде уреден, модерен и пријатен амбиент за престој и уживање во топлите денови.

Во LTP подови се достапни и врати, со избор на модели кои можат лесно да се вклопат во различни стилови на ентериер. Бидејќи вратата е еден од првите детали што се забележуваат при влегување во просторијата, правилниот избор може да придонесе целиот дом да изгледа поусогласено. Од посовремени до покласични решенија, понудата е прилагодена на различни вкусови и потреби.

LTP подови работи со цени на големо и мало, што значи дека понудата е достапна и за оние кои уредуваат една просторија, но и за купувачи на кои им се потребни поголеми количини материјал.

Со богата понуда, продажно место каде што производите можат да се видат во живо и можност за монтажа, идејата е купувачот да има едно место каде што може да го направи својот избор и да го реализира целиот процес на уредување.

LTP подови – подот не е само основа на просторот, тој е дел од неговиот стил!

Посетете ги, или контактирајте на телефонскиот број: 077 600 113

Нова визија на РК Преспа 2025: Ракометот како амбасадор на Ресен и Преспа

Смелите чекори отсекогаш биле дел од спортскиот Ресен, особено од ракометот. Од формирањето на ракометниот спорт во градот па сè до денес, љубителите на спортот, клубските управи, а пред сè играчите, имаат голема улога во развојот и промоцијата на ракометот, но и во афирмацијата на градот Ресен и прекрасното Преспанско Езеро.

Еден од најзначајните моменти на храброст и одлучност во историјата на ресенскиот ракомет беше историскиот настап на РК Јафа Промет – Ресен, клубот кој во сезоната 1997/98 испиша нова страница во македонскиот ракомет, станувајќи првиот македонски клуб што заигра во групната фаза на Лигата на шампионите.

По ерата на РК Јафа Промет, ресенскиот ракомет продолжи да се гради преку една нова генерација деца и млади играчи, кои повторно го донесоа градот до европската сцена. Тоа беше генерација составена исклучиво од играчи од Преспа, деца кои без финансиски примања, туку пред сè водени од љубовта кон ракометот, посветеноста и желбата за успех, успеаја да стигнат до историски настап во европскиот Челинџ куп.

Тие млади ракометари беа производ на школата и традицијата на ресенскиот ракомет. Како пионери, кадети и младинци, освојуваа титули и се искачуваа на врвот на македонскиот младински ракомет, докажувајќи дека и од еден мал град може да се создаваат големи спортски вредности.

Нивната приказна подоцна продолжи и надвор од Ресен. Дел од овие играчи станаа интернационалци, настапуваа во некои од најсилните европски ракометни лиги, а дел од нив ги бранеа и боите на македонската ракометна репрезентација.

Тогаш, како и денес, успехот е заедничка работа на сите чинители – од ракометната управа, спортските работници и играчите, до пошироката општествена заедница во Ресен. Тоа покажува дека преку ракометот може да се направи многу повеќе за спортот, за градот и за неговиот развој.

Денес, ГРК Преспа 2025 прави нов чекор напред, соочувајќи се со новите предизвици што ги носи современиот ракомет. Ракометот денес не е само нов начин на натпреварување, нови стилови на игра и современи спортски стратегии, туку и можност за поголема општествена и спортска одговорност.

Една од задачите и целите на новата управа е во новото време и со новите можности, преку ракометот да отвори нови перспективи за промоција на Преспанското Езеро, кое претставува голема туристичка атракција не само во Македонија, туку и надвор од нејзините граници.

Паралелно со тоа, ваквата спортска промоција може да придонесе и за создавање нови економски можности за градот Ресен, како и за афирмација на препознатливиот ресенски производ – јаболкото. Ресенското јаболко, едно од најпознатите и најквалитетни македонски производи, со години се пласира на различни пазари ширум светот.

Во тек е и подготовката на меѓународна документација за идното визуелно решение на нова ракометна маскота, која ќе има и улога на спортски амбасадор на градот Ресен.

Како клуб, ГРК Преспа 2025 е меѓу првите што реализира ваква иницијатива, со која преку спортското натпреварување и клубскиот идентитет сака да стави дополнителен акцент на промоцијата на ракометот, создавањето нов туристички препознатлив симбол и отворањето можности за позитивен економски импакт врз градот.

Со оваа иницијатива сакаме да дадеме нов придонес кон ракометот, градот Ресен и Преспа, но и кон нашата верна публика и поддржувачи, кои ги очекуваме да бидат со нас на натпреварите, и дома и на гостувањата.

Ракометот во Ресен има традиција. Сега е време таа традиција да добие нова, модерна и препознатлива визија.

Општина Битола го објави конкурсот за доделување на наградата „4-ТИ НОЕМВРИ“ за 2026 година

Наградата „4-ти Ноември” на Општината Битола се доделува на физички и правни лица како знак на општествено признание за значајни остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и други сегменти од животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на Општината, Република Македонија и светот.
Наградата се доделува во две категории:
а) едногодишна за достигнувања во периодот од 01.08.2025 до 31.07.2026 година;
б) за животно дело што претставува заокружена, континуирана творечка целина.
Наградата за првата категорија се доделува на правни и физички лица, додека, пак, наградата за животно дело се доделува само на едно физичко лице.
Право на предлагање кандидати за наградата имаат правни лица, здруженија на граѓани, група граѓани и поединци.
Конкурсот трае од 11.09.2026 година до 12.10.2026 година, до 15:30 часот.
Предлозите се поднесуваат до Управниот одбор на Фондот за Наградата „4-ти Ноември” на Општина Битола, ул.„Булевар 1-ви Мај”бр.61 Битола – канцеларија бр.10, зграда на општинскиот инспекторат.
Повеќе информации на линкот: https://www.bitola.gov.mk/4-noemvri-2026-godina/

Шест години без Нина Спирова – прилепчанката со кадифен глас

На денешен ден, 11 септември, се навршуваат шест години од смртта на легендарната македонска пејачка Нина Спирова, една од најпознатите интерпретаторки на староградската и народната музика.

Спирова е родена на 26 октомври 1938 година во Прилеп, а почина на 11 септември 2020 година во Коштуниќи.

Со својот препознатлив глас, Нина Спирова остави зад себе богато музичко наследство кое и денес има посебно место во македонската култура. Нејзините интерпретации на македонски народни и староградски песни, но и на забавни мелодии, со текот на годините прераснаа во вистински евергрини.

Спирова беше една од пејачките кои умееле на секоја песна да ѝ дадат сопствен печат. Нејзиниот глас носеше и топлина и сила, а начинот на кој ги интерпретираше песните ги правеше препознатливи уште од првите стихови.

И по шест децении од нејзините најзначајни музички настапи, песните на Нина Спирова продолжуваат да живеат меѓу публиката. Нејзиниот вокален израз и интерпретативен стил остануваат дел од македонското музичко наследство, а споменот на легендарната пејачка продолжува да се чува преку нејзините песни.

Уапсен прилепчанец кој физички го нападнал и повредил својот син

-На 11.09.2026 во 01:30 часот во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода А.Т.(39) од Прилеп, бидејќи физички го нападнал неговиот син и му нанел повреди. По целосно расчистување и документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР.

„Запознај го локалниот пчелар“ во Битола (Фото галерија)

Денес и утре на плоштадот „Магнолија“’ во Битола се одржува манифестацијата „Запознај го локалниот пчелар“.

Целта на манифестацијата е промоција на пчеларството во регионот, преку изложба и дегустација на мед и производи од локалните пчелари, како и со учество на гости од други пчеларски здруженија.

Поддршка на настанот даде Општина Битола, а пчеларите денеска ги посети градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој беше запознат со предизвиците со кои се соочуваат пчеларите.

Ова е трета година по ред како се организира, а како што велат од пчеларското здружение „Мариовско Пелагониски Пчелари“ Битола, целта е манифестацијата да се одржува традиционално секоја година, промовирајќи и осветлувајќи ја улогата на пчеларството во Општина Битола.

„Мајмуни“ се оградуваат од новата ГФК Победа 2026: „Без политика во спортот, за вистинската Победа“

Навивачката група „Мајмуни Прилеп 1997“ преку соопштение објавено на социјалните мрежи информира дека се оградува од новоформираниот клуб ГФК Победа 2026 и дека нема да присуствува на неговите натпревари.

Како што наведуваат од групата, по разгледување на ситуацијата, дошле до сознанија дека и во новиот клуб има вмешаност на луѓе од политичката фела. Од „Мајмуни“ велат дека нивниот став отсекогаш бил дека спортот треба да биде спорт, а не место за политички интереси и влијанија.

Во соопштението посочуваат и дека биле целосно игнорирани во процесот на активирање и формирање на новиот клуб, односно дека не биле информирани, консултирани или прашани за својот став.

„Не бараме никој да одлучува според нашите желби, но не прифаќаме да бидеме игнорирани кога се носат одлуки поврзани со клубот и името за кое сме стоеле со години“, наведуваат од навивачката група.

„Мајмуни“ потсетуваат и на, како што велат, разочарувањата и ситуациите со кои се соочувале во минатото, порачувајќи дека нема повторно да дозволат името, љубовта и вербата кон Победа да бидат искористени за лични или политички интереси.

Во продолжение од групата изразуваат задоволство поради информациите дека „Старата Победа“, клубот со историја и традиција, повторно е вратен и дека би можел да започне со натпревари во Четвртата лига. Сепак, нагласуваат дека ова не можат да го потврдат со сигурност сè додека не биде објавено официјално соопштение.

„Доколку информациите се потврдат, тоа за нас ќе биде голема радост и надеж дека вистинската Победа повторно ќе застане на своите нозе“, стои во соопштението.

Навивачката група дополнително појаснува дека секој нејзин член има право како поединец да присуствува на кој било натпревар и да даде поддршка кому смета дека треба, но без да ја претставува групата или да го користи нејзиното име и обележја без заедничка одлука.

Соопштението го завршуваат со пораката:

„БЕЗ ПОЛИТИКА ВО СПОРТОТ!
ЗА ВИСТИНСКАТА ПОБЕДА!“