“ЛИНИЈА, ФОРМА И ПРОСТОР” е изложбата од уметникот Филип Перески , отворена синоќа во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп.
Поставката содржи слики и скулптури преку кои, како што вели м-р Викторија Димеска, уметникот ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и формата во тродимензионалниот простор.
-Неговото сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата….Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции-посочува Димеска, историчар на уметност.
Филип Перески е академски уметник, работи како наставник по ликовно образование во Прилеп и има реализирано повеќе самостојни и групни изложби и учествувано на колонии.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.






























