дома блог страница 36

1.500 тркачи од 18 земји од светот беа дел од 8. издание на “ТРЧАЈ БЕ” во Битола

Над 1.500 тркачи од 18 земји вчера во Битола беа дел од 8-мото издание на ТРЧАЈ БЕ 2026, спортска манифестација која од година во година расте и ја зацврстува позицијата на градот на конзулите како значајна дестинација за спортски туризам во регионот.

Свежото утро создаде одлични услови за трчање, а годинешното издание донесе и исклучителни спортски резултати. На битолската патека беа постигнати најбрзите времиња досега и соборени рекордите на ТРЧАЈ БЕ.

Низ улиците на Битола денес трчаа натпреварувачи од различни земји, бодрени од бројна публика, волонтери и сите оние кои беа дел од организацијата и реализацијата на трката.

ТРЧАЈ БЕ е спортски настан, но и приказна за Битола како отворен и активен град кој преку спортот привлекува гости, создава дополнителна вредност за локалната економија и се промовира надвор од границите на државата.

Општина Битола упатува честитки до организаторите на ТРЧАЈ БЕ, до сите институции, партнери, волонтери и служби вклучени во реализацијата, како и до граѓаните кои со својата поддршка придонесоа за атмосферата долж патеката.

Посебни честитки до победниците и до сите над 1.500 учесници кои денес ја истрчаа Битола.

Уште едно успешно издание на ТРЧАЈ БЕ, уште еден голем спортски ден за Битола.

Ристески: Во тек се два јавни повици на Министерството за економија и труд за македонските производни компании

До вторник, 15 септември е последниот рок за двата повици на Министерството за економија и труд на кои компаниите може да се пријават и да добијат субвенции за да ги подобрат квалитетот на работењето и конкуретноста на фирмите, посебно на производните капацитети. Од едниот, компаниите може да добијат до 500 000 денари, а од другиот до 200.000 денари. Трошоците во 70 проценти ги покрива Министерството.

-Едниот јавен повик се однесува на продлабочување на односот помеѓу производствените капацитети и универзитетите со што се овозможува подобрување на технологијата и технолошките процеси во фирмите за одредени иновативни методи во воведувањето на циркуларната економија, дигитализацијата, паметната специјализација. Овој повик е во вредност од 5 милиони денари, конкурсот трае до понеделник, 15 септември. Може да учествуваат сите преработувачки капацитети заедно со универзитетите и вредноста која би ја добиле е до 500 000 денари, а 70 проценти од трошоците ги покрива министерството за економија и труд. Вториот јавен повик, исто така, се однесува на домашните компании со цел имплементирање и стандардизирање на општествените процеси и подобрување на конкурентноста на компаниите. И овој повик трае до понеделник, 15 септември. Вкупната вредност е 2 милиона денари. Компаниите најмногу може да добијат до 200 000 денари, аминистерството за економија и труд покрива 70 проценти од трошоците во тековната година, објаснува Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.

Преку овие два повици се овозможувааат многу иновативни методи во компаниите: подобрување на нивната конкурентност на домашниот и на странскиот пазар, поврзување со странски компании, а сето тоа резултира и на подобрување на економијата и на целокупнат економска состојба во Македонија.

-Интересот е голем, бидејќи секоја компанија сака да го унапредува своето производство, да го зголемува својот квалитет, да воведува европски стандарди во работењето, дигитализација, паметна специјализација. Тоа многу значи за развојот на компаниите, а тоа индиректно значи, не само подобрување на економската состојба, туку и нови капацитети, отворање на нови работни места, што е приоритет на Владата и на министерството за економија и труд, вели Ристески.

Според Ристески, преку вакви позитивни мерки денес имаме зголемување на индустриското производство, зголемување на инвестициите во домашните компании, нови инвестиции, нови капацитети во постојните компании, зголемување на странските инвестиции.

-Сето тоа резултира со подобрување на БДП, на отворање нови работни места, а индиректно влијае на подобрување на животниот стандард, смета заеменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Владата има и ќе креира мерки за поддршка на процесот на циркуларна економија. Неодамна во прилепската индустриска зона беше отворен нов погон со 300 вработени на компанијата „Вик“ кој фунцкионира врз принципите на циркуларната економија и е меѓу првите во Пелагонискиот регион.

Прилепчанец “развивал бизнис” во Љубаништа – Полицијата му пронајде повеќе пакувања со дpoга

На 12.09.2026 во 22:20 часот, полициски службеници од мобилниот тим „Task Force“ при Регионалниот центар за гранични работи Запад-Охрид, во рамки на преземените мерки и активности во врска со недозволена трговија со дрога, кај Автокамп „Љубаништа“ извршиле контрола и преглед над А.Ш.(43) од Прилеп.

При извршениот преглед кај лицето биле пронајдени повеќе пакувања со марихуана, како и една сина таблета.

Лицето било лишено од слобода, а за настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид. По целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

Од -7 разлика до триумф – РК Прилеп во последна секунда ја доби драмата во Богданци

Ракометарите на Прилеп приредија вистинска драма во Богданци, откако со гол во последната секунда го совладаа домашниот Младост со 29-30. Прилепчани во еден момент имаа негатива од седум гола, но со феноменална завршница успеаја да направат целосен пресврт и да стигнат до втора победа во првите две кола од сезоната.

Главниот јунак на гостите беше Димитар Димитриоски. Тој постигна три од последните четири гола на Прилеп, вклучувајќи го и решавачкиот погодок со кој гостите ја однесоа победата од Богданци.

Младост имаше одлична позиција за триумф. Домаќините на полувреме заминаа со предност од 15-10, откако со серија од 4-0 направија пресврт од 11-10 и се одлепија на плус пет. По паузата богданчани продолжија во ист ритам и во 35. минута стигнаа до највисоката предност од 19-12.

Но, Прилеп не се предаде. Гостите одговорија со серија од четири гола и намалија на 19-16, со што повторно ја вратија неизвесноста. Младост успеваше да ја одржува предноста, а во 55. минута имаше 29-26, по погодокот на Андоновски.

Од тој момент започна неверојатната завршница. Младост не постигна ниту еден гол до крајот, а Прилеп со три последователни погодоци стигна до целосен пресврт. Димитриоски намали на 29-27, Кастратовиќ погоди за 29-28, а потоа и за израмнување на 29-29.

Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши нерешено, Димитриоски во последната секунда го постигна победничкиот гол за 29-30 и донесе голема радост за прилепскиот состав.

Со овој пораз, Младост остана без првата суперлигашка победа по враќањето во елитното друштво. Последниот триумф во Суперлигата богданчани го остварија на 24 април 2021 година, кога ја совладаа Астраион со 30-19. По повеќе од пет години чекање, Младост беше на чекор до нова победа, но Прилеп им ја одзеде во драматичната завршница.

Најефикасен кај Прилеп беше Димитар Димитриоски со 10 гола, додека Петар Маркоски постигна 6. Кај Младост, Владимир Бојаниќ реализираше 7 пати, а по 6 гола постигнаа Андоновски, Јанковски и Ѓуриќ.

Прилеп по две кола има максимален учинок, откако на стартот славеше и против Куманово.

Лажни кутии за донации за цркви и манастири низ Прилеп – Архиерејското намесништво вели, ова не е со благослов од МПЦ

Прилепското архиерејско намесништво ги предупреди верниците за појава на стаклени кутии со икони преку кои, наводно, се собираат донации за изградба и помош на цркви и манастири.

Од намесништвото велат дека ваквиот начин на собирање средства не е со благослов на Македонската православна црква и се оградуваат од овие активности.

Тие апелираат до граѓаните да бидат внимателни, бидејќи, според нив, средствата оставени во ваквите кутии не се наменети за црковни потреби.

За легитимни донации и помош за верските објекти, граѓаните се повикуваат да се обратат директно во храмовите или да користат официјални жиро-сметки на Црквата.

Владата го намали ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 отсто

Владата донесе нова одлука за намалување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизелот, која од досегашните 18 отсто се намалува на 10 отсто. Ова претходно го најави премиерот Христијан Мицкоски.

Информацијата ја соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која посочи дека мерката е донесена како одговор на ризиците и актуелните движења на меѓународните пазари.

Според неа, со намалувањето на ДДВ директно ќе се влијае врз малопродажните цени на горивата, а истовремено ќе се ограничи можноста надворешните ценовни притисоци да се пренесат врз цените на останатите производи и услуги.

„Продолжуваме со навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија“, порача Димитриеска-Кочоска.

Министерката нагласи дека Владата реагира навремено и одговорно, со цел да го амортизира влијанието на надворешните фактори врз домашната економија.

Намалувањето на даночното оптоварување, според најавата, треба да придонесе за ублажување на ефектите од евентуалните ценовни шокови на глобалниот пазар на енергенси и да обезбеди дополнителна заштита на стандардот на граѓаните.

Државниот инспекторат за земјоделство и Slow Food Прилеп воспоставуваат соработка за поддршка на домашните производители

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, денеска престојуваше во Прилеп, каде што присуствуваше на традиционалниот настан „Корени и трпеза – Руралната жена денес“, организиран од здружението Slow Food Прилеп, во рамки на манифестацијата „МЛЕКО 2026“.

Настанот, кој по петти пат се одржа на платото кај Градскиот Саат, повторно ги собра домашните производители, љубителите на традиционалните вкусови и сите оние кои се залагаат за зачувување на македонското кулинарско и земјоделско наследство.

На покана на здружението Slow Food Прилеп, Ангеловски се обрати со поздравен говор, при што ја истакна важноста на руралната жена како чувар на традицијата, носител на семејните вредности и значаен фактор во развојот на локалното земјоделско производство.

„Ваквите манифестации имаат суштинско значење за зачувување на автентичните вкусови и традиционалните рецепти кои се пренесуваат со генерации, додека истовремено овозможуваат економско зајакнување и поголема јавна видливост за трудот на руралните жени“, посочи Ангеловски.

Во рамки на настанот, Aнгеловски учествуваше и на панел-дискусијата „Агро-екологија, зелени иновации и женско претприемништво“, на која се разговараше за контролата на пестицидите, безбедноста на храната и женското лидерство во руралните средини.

Покрај присуството на манифестацијата, Ангеловски оствари и средба со претседателот на здружението Slow Food Прилеп, Филип Петкоски. На средбата била разгледана можноста за продлабочување на соработката и воспоставување заеднички активности во насока на поддршка на домашните производители, промоција на локалните производи и унапредување на ваквите настани и во иднина.

Од Slow Food Прилеп посочуваат дека ваквата соработка претставува значаен чекор кон поголема институционална поддршка за производителите, зачувување на традиционалните вредности и создавање можности за нивна поголема видливост и пласман.

„МЛЕКО 2026“ и годинава го потврди значењето на Прилеп како место каде што се среќаваат традицијата, домашните вкусови и современите идеи за одржливо земјоделство, со посебен акцент на луѓето кои секојдневно придонесуваат за зачувување на локалното производство.

Тешка сообраќајка во Прилеп – 72-годишник со “пежо” удрил во велосипедист

-На 11.09.2026 во 08.25 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на крстосница од ул. „Мирче Ацев“ со ул. „Трајко Тарцан“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа во која патничко возило „пежо” со прилепски регистарски ознаки управувано од В.Т.(72) од Прилеп удрило во велосипедист К.Д.(51) од Прилеп. По несреќата велосипедистката била пренесена во Градска болница Прилеп каде од страна на доктор констатирани и биле тешки телесни повреди. Увидот го извршила увидната екипа на ОВР Прилеп, информираат од МВР.

Прилепчани дегустираа, купуваа и уживаа – Македонската традиција живееше денеска кај Градскиот Саат во Прилеп

Платото кај Градскиот Саат, денеска беше исполнето со мириси, вкусови, традиција и бројни посетители, каде што прилепчани имаа можност на едно место да се запознаат со домашни производители и да уживаат во богатата понуда на традиционални и локални производи.

По петти пат во Прилеп се одржа настанот „МЛЕКО 2026“, кој е во организација на Slow Food, a оваа година мотото на настанот беше „Корени и трпеза – Руралната жена денес“.

Настанот уште еднаш ја стави во фокусот вредноста на домашното производство, традиционалните рецепти и трудот на луѓето кои со своите раце и знаење ги зачувуваат вкусовите кои се дел од македонската традиција.

Од раните утрински часови, па во текот на целиот настан, кај Градскиот Саат се менуваа посетители. Прилепчани разгледуваа, дегустираа, разговараа со производителите, а голем дел од нив си заминаа и со производи кои можеа директно да ги купат од изложувачите.

На едно место беа собрани различни вкусови и производи – од домашни млечни производи и сирења, до мед и пчелни производи, месни специјалитети, вина и ракии, рачно изработени производи и домашна козметика.

Посебно внимание привлекоа производите од овчо млеко од мандрите на падините на Пелистер, домашните млечни производи од Фарма Дихово, како и производите од козарската фарма на семејството Мирчески од Прилеп.

Својата понуда ја претставија и прилепските пчелари и производители на мед, меѓу кои Пчеларник Гвероски, Пчеларник Талевски, Пчеларник Ѓорѓиоски, како и семејството Талески со производите „Здравје од пчела“.

Љубителите на традиционалните месни производи имаа можност да ги пробаат и производите на Гаврилоски, додека љубителите на виното и домашните дестилати можеа да уживаат во понудата на винарија „Сарика“, Дестилерија Лезет и „Љубовна Ракија“.

Но, „МЛЕКО“ не беше само приказна за храна.

Посетителите имаа можност да разгледаат и да купат рачно изработени производи и уникатен декор од „Рачни изработки Кока“ и „Рачно изработен декор Лола“, како и производи од домашна козметика „Мона“.

Токму ова шаренило му даде посебен карактер на денешниот настан. Различни производи, различни приказни и различни луѓе, но една заедничка нишка, љубовта кон домашното и желбата традицијата да продолжи да живее.

А мотото „Корени и трпеза – Руралната жена денес“ беше присутно во секој дел од настанот.

Зашто зад секој производ што денес можеше да се проба или купи стои труд, стои семејство, знаење, искуство и желба од традицијата да се создаде нешто што ќе трае и во иднина.

„МЛЕКО 2026“ уште еднаш покажа дека кога домашните производители ќе ги добијат своето место и вниманието што го заслужуваат, граѓаните знаат да го препознаат квалитетот.

Денешната слика од Градскиот Саат беше токму таква, многу посетители, дегустации, разговори, пазарување и прекрасна атмосфера во срцето на Прилеп.

И можеби најубавата порака од целиот настан е едноставна: “Кога купуваме домашно, не купуваме само производ. Поддржуваме човек, семејство, традиција и иднинa.”

Прилепчанката Благица Чатлеска прогласена за просветен работник на годината

Наставничката по англиски јазик Благица Чатлеска од ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп е меѓу добитниците на признанието „Просветен работник на годината за учебната 2025/2026 година“, кое го доделува Сојузот на просветните работници на Македонија.

Одлуката за доделување на признанијата е донесена на седницата на Сојузот одржана минатиот четврток, по спроведениот конкурс распишан во јуни годинава. Признанието ги опфаќа просветните работници од повеќе степени на образованието, како потврда за нивниот професионален ангажман и придонес во воспитно-образовниот процес.

Во категоријата предметна настава, покрај Благица Чатлеска од Прилеп, наградени се и Томе Китановски од ООУ „Гоце Делчев“ – Василево, Струмица, Бојанка Ципунова Ташова од ООУ „Васил Главинов“ – Велес, Вера Зороска од ООУ „Христо Узунов“ – Охрид и Оливера Шиклевска Грозданова од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола.

Признанија се доделени и во другите образовни категории. Од одделенската настава наградени се Соња Трифуновска од ООУ „Гоце Делчев“ – Тетово, Виолета Поповска од ООУ „Вера Јоциќ“ – Скопје, Габриела Мерчаноска од ООУ „Гоце Делчев“ – Гостивар, Ксенија Николова од ООУ „Гоце Делчев“ – Босилово и Весна Тодоровска Унковска од ООУ „Партение Зографски“ – Кисела Вода, Скопје.

Од предучилишното воспитание, признанието ѝ припадна на воспитувачката Климентина Петрушевска од градинката „Весели цветови“ во Општина Кисела Вода, Скопје. Во категоријата средни училишта, пак, награден е професорот Никола Делевски од Регионалниот центар за стручно образование „Никола Карев“ од Струмица.

Постхумно признанието ќе му биде доделено и на професорот Слаѓан Станковиќ Битрак од СОУ „Наце Буѓони“ – Куманово.

Свеченото врачување на признанијата е предвидено на посебен настан по повод Денот на учителот.

Од Маркукуле упатуваме честитки до Благица Чатлеска и до сите наградени просветни работници за ова значајно признание.