Претседателката на ОО СДСМ Прилеп, Петра Лукароска, после подолго време одржа прес конференција на која обвини дека локалната власт предводена од градоначалникот Проданоски не направила ништо за Прилеп во изминатите 10 месеци раководење со општината.
Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:
“Како послушник и беспоговорен извршител на политиките на Мицкоски, Проданоски не почека отчетот за своето работење да го даде на крајот на првата година од 4-годишниот мандат, туку тоа го направи два месеца порано. И тоа не таму каде што единствено треба – во општинската зграда, пред своите сограѓани, туку во Скопје, од партискиот штаб во арамиската „Бела палата“.
Немајќи со што да се пофали, Проданоски посегна по туѓи проекти невешто обидувајќи се да ги прикаже како свои.
Граѓаните на општина Прилеп ги интересира каде се најавените обиколници „Исток“ и „Запад“, што се случува со најавениот спортско-рекреативен парк од 30.000 квадратни метри кај Волково, зошто во населбата Градина нема никакви градежни активности, што е со ветеното уредување на Градска река по целата нејзина должина, кога ќе биде готова новата градинка во населбата Рид?
Прилепчани сакаат да знаат кога ќе добијат нов театар, кога ќе бидат одиграни првите натпревари во двете спортски сали „Универзална“ и „Македонија“, зошто преку ноќ двојно се зголеми цената на мостот „Табана“, што се случува со улицата „Победа“, кој ги доведе во колапс јавните претпријатија, кој го загадува воздухот во Прилеп, зошто граѓаните плаќаат улично осветлување а прилепските улици со месеци се во мрак, зошто одбивате да ги наградите пожарникарите…?
За недоличниот настап на седницата на Совет и навредливите зборови кои градоначалникот Проданоски ги упати кон опозициските советници, пошироката јавност на социјалните мрежи веќе го искажа своето мислење.
Се’ на се’, за 10-те месеци на Дејан Проданоски во градоначалничката фотелја, една голема НУЛА!”
























