дома блог страница 35

На денешен ден пред 26 години во Македонија гостуваа Буфон, Канаваро, Турам, Аморосо, Ди Вајо… а играа со Победа, ама онаа шампионската

14 септември 2000 година и ден денеска е еден од најголемите датуми кога фудбалот во Прилеп е во прашање.

Во рамките на првото коло од Купот на УЕФА, Победа се соочи со ѕвездениот тим на калчолигашот Парма. Иако црвено-белите беа поразени во двата дуели, љубителите на фудбалот и денес се сеќаваат кој се гостуваше тогаш во Македонија.

Во редовите на Парма тогаш беа: Џиџи Буфон, Фабио Канаваро, Лилијан Турам, Серџо Консисао, Аморосо, Саво Милошевиќ, Жуниор и Марко Ди Вајо.

Оваа ѕвездена екипа против себе го имаше тимот кој на Прилеп му го донесе првиот трофеј во натпреварувачката 2000/2001 година освојувајќи го Купот на Македонија.

Во редовите на црвено-белите тогаш беа: Боби Тенев, Панче Ќумбев, Игор Николаевски, Благојче Нацев, Жилсон, Раде Каранфиловски, Панче Ристовски, Тони Наумоски, Николче Здравески, Дарко Диниќ, Сашко Крстев, Тони Мегленски, Горанчо Тодоровски и Влатко Стојчевски.

Натпреварот кој тогаш се одигра на Градски стадион во Скопје пред 9.500 публика, заврши со триумф на Италијанците од 0:2.

Стрелци на головите беа: Серџо Консисао во 23-та минута и Марко Ди Вајо во 74-та.

Парма на својата официјална Фејсбук страна денеска потсети на дуелот против прилепчани, а во преден план на фотографијата се легендата на ФК Победа и македонскиот фудбал, Панче Ќумбев со Саво Милошевиќ.

Како ли само моќно изгледале “Мајмуните”… морници по цела кожа….

(ВИДЕО) Анкета, знаат ли младите што се случило на 8. Септември 1991год? За некои тоа е ден на мајката

Штипската телевизија МНЕТ објавува анкета во која младите Штипјани се прашани што се слави на 8 Септември.

Простор за надеж се уште има, но има и сериозна причина за загриженост.

Прилепскиот рубин добива целосна институционална заштита и систем за сертификација

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го продолжува процесот за целосна институционална заштита, уредување и афирмација на македонскиот рубин.

Во Министерството денеска се одржа работна средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска со новоформираната Комисија за македонскиот рубин, претставници на Државниот завод за индустриска сопственост, претставници од надлежните сектори за геологија и рударство во Министерството и директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов, институцијата под чија стручна надлежност ќе функционира Комисијата.

Формирањето на Комисијата претставува нова фаза во процесот што започна со институционалното признавање и заштита на македонскиот рубин. Целта е заштитата да не остане само на ниво на правен статус, туку да се воспостави целосен и функционален систем со кој ќе се знае што се ископува, кој има право да го произведува и обработува, од каде потекнува рубинот и под кои услови може да се пласира на пазарот, регулирано со правилникот кој го донесе комисијата.

На работната средба беа дефинирани првичните приоритети на Комисијата, меѓу кои се:

-воспоставување систем за сертифицирање на македонскиот рубин;
-подготовка на каталог и регистар на овластени производители и обработувачи;
-воспоставување механизам за евиденција на количините и движењето на рубинот;
-гарантирање на автентичното потекло и следливоста на рубинот;
-утврдување стандарди за неговата обработка, презентација и означување;
-спречување на злоупотреби и лажно претставување на други минерали како македонски рубин;
-системско поврзување на геолошката, рударската и индустриско-правната заштита;
-подготовка на активности за меѓународна афирмација и признавање на македонскиот рубин.

„Со заштитата на македонскиот рубин направивме историски чекор, но со тоа работата не завршува. Напротив, сега започнува следната, многу важна фаза – да воспоставиме систем кој ќе гарантира дека кога некој ќе купи македонски рубин, навистина знае дека станува збор за рубин со потекло од Македонија, кој е сертифициран, евидентиран и заштитен. Нашата цел е од природно богатство да создадеме препознатлива национална вредност и бренд со јасни правила и стандарди“, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Особено значајна е соработката со Државниот завод за индустриска сопственост, кој е надлежен за системот на индустриска сопственост и има надлежности поврзани со географските називи и меѓународната соработка во областа на индустриската сопственост.

Со вклучувањето на ДЗИС, Геолошкиот завод и стручните служби на Министерството се воспоставува институционален механизам кој треба да ги поврзе геолошката експертиза, рударската регулатива и правната заштита, со крајна цел македонскиот рубин да добие јасно дефиниран статус, препознатливост и контролиран пазарен настап.

Паралелно со воспоставувањето на домашниот систем на сертификација и следливост, започнат е и процесот за меѓународна афирмација на македонскиот рубин, со амбиција неговата автентичност и потекло да бидат препознатливи и надвор од земјата.

„Македонскиот рубин не треба да биде само минерал кој го знаеме ние. Треба да стане препознатливо име поврзано со Македонија. Затоа работиме на систем кој ќе овозможи неговата вредност да се гради на автентичност, потекло, квалитет и доверба. Само така можеме да создадеме производ кој има и економска и национална вредност“, посочи Божиновска.

Македонскиот рубин е геолошки уникат, познат по специфичната малиново-розева боја, поврзана со присуството на хром во неговата кристална структура. Неговата појава во регионот на Прилеп и Мариово му дава посебна геолошка и препознатлива вредност, а неговата заштита отвора можност за создавање нова додадена вредност преку контролирано искористување, сертификација, брендирање и промоција.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, заедно со Геолошкиот завод и Државниот завод за индустриска сопственост, продолжува со реализација на конкретните активности на Комисијата.

Целта е јасна – македонскиот рубин да има свој систем, свој стандард и гарантирано потекло, а Македонија да го препознае и заштити она што природата ѝ го дала како уникатно богатство.

Татко ја нападнал ќерка си со дрвен предмет во Прилеп

-На 13.09.2026 во 01.00 часот во ОВР-Прилеп, 22-годишна прилепчанка пријави дека во семејниот дом во Прилеп била физички нападната од нејзиниот татко У.О., кој употребил и дрвен предмет. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок, информираат од МВР.

Од отпад до нова вредност: Учениците во Прилеп и Кривогаштани ќе ја раскажат својата зелена приказна на хепенинг во паркот кај судот

Ученици од Прилеп и Кривогаштани преку уметност, ракотворби и практични активности ќе покажат како отпадот може да добие нова вредност.

Во Паркот кај Судот во Прилеп на 16 септември ќе се одржи арт хепенингот „Од отпад до нова вредност – мојата зелена приказна“, настан посветен на креативноста, рециклирањето и подигнувањето на свеста за заштита на животната средина.

Настанот го организира Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп, во соработка со СОУ „Орде Чопела“ Прилеп, а ќе се одржи од 10:00 до 13:00 часот.

Во рамките на арт хепенингот ќе учествуваат ученици од ООУ „Блаже Конески“, ОУ „Климент Охридски“ и СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп, како и ученици од училиштето „Манчу Матак“ од Кривогаштани. На настанот се очекува присуство и на претставници од невладиниот сектор, родители, наставници, стручни предавачи и организацијата People in Need.

Посетителите ќе имаат можност да разгледаат штандови со ракотворби изработени од отпад, производи создадени во рамките на проектот, зеленчук од училишната градина, биокомпост и други содржини кои го претставуваат значењето на повторната употреба на материјалите и одржливото живеење.

Преку креативните изработки и практичните примери, учениците ќе покажат дека отпадот не мора да биде само нешто што се фрла, туку може да се претвори во корисен, убав и вреден производ. На тој начин, уметноста станува средство за промовирање на еколошките навики и одговорниот однос кон природата.

Арт хепенингот е проектна активност во рамките на проектот „Млади за зелена транзиција – од урбана градина до екопроизвод“, кој го спроведува People in Need, со поддршка од Европската Унија.

Организаторите упатуваат покана до граѓаните да го посетат настанот и да ги поддржат младите учесници, кои преку своите идеи и изработки испраќаат порака дека зелената иднина се гради со знаење, креативност и заедничко делување.

За медиумите се предвидени изјави во 09:45 часот од претседателот на ЗОКУМ, Филип Димкоски, координаторот на проектот Ѓорѓија Гагалески и претставник од People in Need, доколку биде присутен.

Мицкоски: Оваа Влада за две години ја зголеми просечната старосна пензија за над 6.800 денари, 12,6 пати е разликата со Владата на СДСМ и ДУИ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на одлуката дека ќе се прави пресметката согласно закон, она линеарно, се повлекува и критиките од опозицијата дека пензионерите се заборавени, изјави:

-Опозицијата преку свои експерти праќаше дописи и претставки до Уставниот суд за тоа што оваа Влада го зголеми за пензионерите, да им го одземе, да го враќаат назад. Тоа е лицемерието на денешната опозиција којашто преку свои експерти до пред некоја недела се трудеше тоа што оваа Влада им го овозможи на пензионерите, да им го одземе.

-Е сега да направиме споредба со тоа што е направено од оваа Влада во првите две години, бидејќи толку е оваа Влада 26-7 месеци. И тоа што е направено од претходната Влада во првите две години. Во првите две години Владата на СДСМ и ДУИ, пензиите на пензионерите ги зголеми за отприлика 540 денари. Оваа Влада за повеќе од 6.800, просечно зборувам. Просечната старосна пензија за над 6.800 денари. Јас пред некој ден дадов изјава и реков 16 пати е разликата, направив грешка се извинувам, 12,6 пати е разликата. Да бидеме сега попрецизни. Или тоа што го направивме ние за овие 25-6 месеци е повеќе отколку што тие го направија за 7 години додека беа Влада. А да не зборувам за тоа што им го укинуваа законот, па потоа измислуваа некои швајцарски модел и така натаму. Или па да не се враќаме во минатото кога им беше на пензионерите ускратен оној процент од нивната пензија во времето на претходните Влади на СДСМ.

Така што, да сумирам од една страна испраќаат свои експерти коишто ги фалат на социјалните медиуми да ги пред Уставниот суд предизвикуваат одлуките на оваа Влада за линеарното зголемување на пензиите, а од друга страна лицемерно излегуваат без никаков аргумент, се обидуваат да испратат критика. Но, нашите сограѓани се свесни за тоа што го направи оваа Влада и претходната. Така што можат да направат јасна разлика. Јас не велам дека тоа е доволно, не велам дека тоа ќе ги реши сите проблеми, но е многу подобро од тоа што беше во времето на СДСМ и ДУИ, рече премиерот на Македонија Христијан Мицкоски.

Дизелот од полноќ после подолго време поевтин од бензините

Новата одлука на Регулаторната комисија повторно го менува односот меѓу цените на бензинот и дизелот – ЕУРОСУПЕР БС-95 од полноќ ќе чини 100,50 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ 99 денари за литар. Ако се споредува БС-95 со дизелот, бензинот повторно станува поскап, што со години беше вообичаена состојба на пумпите, пред енергетската криза и силните осцилации на дизелот.

Од почетокот на годинава и двата деривати бележат огромен раст. На 30 декември 2025 година, цените со кои практично влеговме во 2026 година беа 70,50 денари за БС-95 и 65 денари за дизел. Со новите цени, бензинот е поскап за 30 денари или околу 42,6 проценти, додека дизелот, и покрај денешното намалување, е повисок за 34 денари или околу 52,3 проценти.

Најсилниот пресврт се случи во март. На почетокот на тој месец БС-95 чинеше 74,50, а дизелот 71 денар, но само една недела подоцна дизелот скокна на 85,50 денари, додека бензинот достигна 79,50. Во април разликата дополнително се прошири и во еден период дизелот се продаваше по 98 денари, а БС-95 по 83,50 денари.

Во јуни цените повторно се приближија, а дизелот кратко падна и под бензинот. Последен пат пред денешната одлука ЕУРОСУПЕР БС-95 бил поскап од дизелот во периодот од 7 до 13 јули, кога бензинот чинел 85,50 денари, а дизелот 82,50 денари за литар. Од 14 јули дизелот повторно го презеде приматот и во поголемиот дел од летото беше поскап.

Кон крајот на август дизелот достигна 101,50 денари за литар, додека БС-95 беше 93 денари. Минатата недела разликата повторно изнесуваше четири денари во корист на бензинот – БС-95 чинеше 97, а дизелот 101 денар.

Денешниот пресврт, сепак, не е последица на поевтинување на дизелот на светските пазари. Референтната берзанска цена на дизелот во новата пресметка на РКЕ е повисока за 6,67 проценти, но Владата го намали ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти и ја продолжи намалената акциза, па наместо очекувано поскапување, дизелот поевтинува на 99 денари.

Без даночната интервенција, според владините пресметки, дизелот би се движел околу 106 денари за литар и повторно би бил значително поскап од бензинот. Така, бензинот сега формално е поскап од дизелот за 1,50 денари, но тоа е резултат пред сè на привремената државна мерка, а не на пресврт на светските пазари.

Соларен саем на плоштадот во Прилеп: Како сончевата енергија може да стане дел од секојдневието

Како функционираат фотонапонските системи, кои се можностите за нивно поставување во домаќинствата и како граѓаните можат од потрошувачи да станат и производители на електрична енергија? Одговори на овие и на низа други прашања ќе се бараат на „Соларниот саем“ што ќе се одржи утре, во среда, на Градскиот плоштад во Прилеп, од 11:00 до 14:00 часот.

Настанот ќе им овозможи на прилепчани одблизу да се запознаат со практичните решенија за користење на сончевата енергија во своите домови. Преку штандови, демонстрации и разговори со компании и организации, посетителите ќе можат да добијат информации за различните технологии, можностите за поставување фотонапонски системи и начините на користење на произведената електрична енергија.

Во фокусот ќе биде и концептот на просумер – граѓанин кој истовремено произведува и користи сопствена електрична енергија. Наместо домаќинствата да бидат само потрошувачи, идејата е тие да можат активно да учествуваат во енергетската транзиција преку производство на електрична енергија од обновливи извори.

На саемот ќе бидат претставени конкретни решенија и практични примери преку кои граѓаните полесно ќе можат да разберат како функционираат соларните системи, како се произведува електрична енергија од сонцето и како таа може да се користи за потребите на едно домаќинство.

За најмладите се предвидени интерактивни работилници, преку кои низ игра и практични активности ќе се запознаат со обновливите извори на енергија и со значењето на сончевата енергија за иднината.

Соларниот саем го организира Центарот за климатски промени, со цел темата за обновливите извори на енергија да стане поблиска и поразбирлива за граѓаните. Посетителите ќе имаат можност директно да разговараат со претставници на компании и организации, да поставуваат прашања и да добијат практични информации за можностите што ги нуди сончевата енергија.

Настанот се реализира во рамките на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, кој е дел од иницијативата „Финансирање на поправедни иднини: проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“.

Проектот е координиран од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија, а една од неговите цели е да се зголеми информираноста и да се поттикне вклучувањето на граѓаните во процесите што водат кон почист и поодржлив енергетски систем.

Од Центарот за климатски промени ги повикуваат прилепчани да го посетат саемот, да се информираат и да дознаат повеќе за можностите сончевата енергија да стане дел од нивното секојдневие.

Од 14 септември ќе започне превентивна систематска дератизација на канализацискиот систем на територијата на Општина Прилеп

Општина Прилеп ги информира граѓаните дека од 14 септември 2026 година ќе започне спроведувањето на превентивна систематска дератизација на канализацискиот систем на територијата на Општина Прилеп.

Дератизацијата ќе се спроведува согласно договорот за изведување со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје и со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Прилеп како надзорен орган, а ќе опфати вкупно 3.750 шахти од канализационата мрежа.
Во рамки на активностите ќе бидат поставени статички и стативни мамци од по 200 грама со родентицид, со цел навремена превенција и контрола на појавата на глодари во канализациониот систем.

Активностите на терен ќе се спроведуваат по работни групи, согласно утврдената динамика. Во случај на обилни врнежи, дератизацијата ќе биде одложена и ќе продолжи во првиот нареден поволен ден за безбедно и непречено спроведување на активностите.

Општина Прилеп апелира до граѓаните за разбирање и соработка во текот на реализацијата на превентивната мерка, информираат од Општина Прилеп.

Наградата „Ристо Шишков“ за прилепскиот актер Александар Степанулески

Александар Степенулески ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, што вечерва заврши во Струмица. Наградата ја доби за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, во изведба на Прилепскиот народен театар, која ја спушти завесата на годинашното издание.

Одлуката на фестивалското жири ја образложи претседателката, ланската лауретка, Билјана Драгичевиќ Пројковска, во кое, покрај неа, играта на актерите ја оценуваа Иван Додовски, универзитетски професор и драмски автор и Билјана Ѓуровиќ, актерка и професор од Белград.

-Александар Степанулески го гради Луков како фигура на привидна неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа и ги открива стравот, зависноста и моралната разграденост на ликот. Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување, тој ја разоткрива противречноста на човекот што манипулира, заплашува и организира политичко убиство, а истовремено останува заробеник на системот на кој му служи, стои во образложението за наградата на жири комисијата.

Годинашниов лауреат, Александар Степенулески, не ја очекувал наградата, а радоста најпрвин ја сподели со своите колеги од Прилепскиот театар.

-Не ја очекував наградата, морам да бидам искрен. Одлично ја изигравме претставата, која помина така како што е направена. Наградата ја доживувам многу лично, многу драго, многу убаво, многу важно затоа што „Ристо Шишков“ е еден од двата наши најголеми фестивали и е признание кое секој актер може само да го посака, изјави Степанулески по добивањето на наградата.

Наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета на најдобриот актер му ја врачи директорот на Фестивалот, Ванчо Ристов Патриков.

Во име на Фестивалот медалјони со ликот на Шишков им беа доделени на писателот Јордан Плевнеш,членовите на жири комисијата, селекторот Љупчо Ѓоргиевски и на водителот на Фестивалот, Ѓорги Калајџиев.